07 Пророкот Јона
7. лекција – 16. август 2014.
Пророкот Јона
“Стани и оди во Ниневија, големиот град, и викај против него, зашто нивното зло дојде пред Мене .“ – Јона 1,2.
“Одговорноста која била ставена врз Јона, во задачата да ги предупреди жителите на Ниневија, била навистина голема; сепак Оној кој му ја дал таа задача можел да го одржи својот слуга и да му даде успех.“ – РХ, 4 декември, 1913.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 178-187.
Недела 10. август
1. “НИНЕВИЈА, ГОЛЕМИОТ ГРАД“
а. Каква била моралната состојба на Ниневија во времето кога Јона бил испратен таму? Наум 3,1.
“За време на тој материјален просперитет Ниневија била средиште на криминал и безбожништво…
“Сепак Ниневија, и покрај својата грешност, не била сосем потоната во зло. Оној кој ‘ги гледа сите човечки синови’ (Псалм 33,13) и ‘го гледа секое прекрасно нешто’ (Јов 28,10), видел во тој град многу луѓе кои тежнееле за нешто многу подобро и повозвишено; луѓе кои, ако добијат можност да го запознаат живиот Бог, би ги оставиле злите дела и би почнале Нему да му служат.“ – Пророци и цареви, 178.
б. Споредете ги градовите Содом и Ниневија во поглед на душите до кои влијанието на Светиот Дух сѐ уште можело да допре? 1 Мојс. 18,32; Јона 4,11. Како ова предупредување одекнува до нас денес?
“Гревовите на Содом се повторуваат и во денешно време, и земјата е осквернета под жителите свои; но најлоша црта на беззаконието во нашите денови е формата на побожност но лишена од нејзината сила. Оние кои тврдат дека имаат голема светлина се наоѓаат меѓу најбезгрижните и најрамнодушните, а на Христовото дело му се нанесува срам во домовите на оние кои тврдат дека се Негови пријатели. Нека оние кои сакаат да се спасат се разбудат од својата летаргија и на трубата нека и дадат одреден звук; бидејќи крајот на сите нешта е на дофат на раката.“ – Знаци на времето, 16. октомври, 1893.
Понеделник 11. август
2. ВЕРАТА НА ЈОНА СЕ ИСКУШУВА
а. Од кого е побарано да ги повика Ниневјаните на покајание, и како ѓаволот се обидел да ги наведе да се посомневаат, колебаат и конечно на обид да го отфрлат Божјиот закон? Јона 1,2.3.
“Размислувајќи за тешкотиите и навидум слабите изгледи за својата мисија Јона паднал во искушение да се посомнева дали е мудар овој повик. Од човечка гледна точка, се чинело дека нема ништо да се постигне со проповедање на ваква вест во тој горд град. Тој заборавил за момент дека Бог на кого му служи е сезнаен и семоќен. И додека се сомневал и колебал, сатаната ја искористил неговата малодушност и го совладал. Пророкот го обзел голем страв и ‘стана за да побегне во Тарсис’…
“Должноста која му била доверена на Јона претставувала голема одговорност, но Оној кој му наредил да оди бил во состојба да го подржи својот слуга и да му подари успех. Пророкот да се потчинил без приговор, тој би бил поштеден од многу горчливи искуства и би примил голем благослов.“ – Пророци и цареви, 178.179.
б. Што се случило додека Јона спиел под впечаток дека од Бога дадената одговорност може да ја избегне? Јона 1,4.5.
“Доколку Јона, кога добил повик, размислувал трезвено, би сфатил колкава неразумност е да се избегнува одговорноста која била ставена врз него. Меѓутоа, не за долго време му било дозволено непречено да оди по неговиот безумен бег.“ – Пророци и цареви, 179.
ц. Што сите треба да научиме од прекорот на капетанот со кој тој го разбудил заспаниот пророк? Јона 1,6. Што сториле морнарите како последно средство додека бурата сѐ уште беснеела? Јона 1,7.
“Но молитвите на човекот кој свртел од патот на должноста ништо не помогнале.“ – Пророци и цареви, 179.
Вторник 12. август
3. ЕВАНГЕЛИЗАМ ПРЕКУ ОКОЛНОСТИТЕ НА ПРОВИДЕНИЕТО
а. Кога екипажот на бродот го испрашувал Јона, како пророкот се претставил себеси? Јона 1,8.9.
б. Како овие морнари конечно го запознале вистинскиот Бог? Јона 1,10-16.
ц. Какви можности и привилегии за сведочење ние често пропуштаме и зошто? 1 Петрово 3,15.
“Ако потребите на Господовото дело се прикажат во соодветна светлина пред оние кои имаат средства и влијание, овие луѓе многу можат да направат за напредокот на сегашната вистина. Божјиот народ изгубил многу привилегии кои би можеле да ги искористат да не се држеле толку независно од светот.
Во своето провидение, Бог секојдневно не доведува во врска со необратените. Со својата десница Тој го подготвува патот пред нас, со цел Неговото дело побргу да напредува. Како Негови соработници, ние имаме света задача која треба да ја извршиме. Ние треба најсериозно да се трудиме за оние кои се наоѓаат на високи позиции; да настојуваме да допреме до нив со милостив повик да дојдат на свадбена свеченост.“ – Совети за управителите, 179.
“Мнозина сами на себе си ласкаат дека тие би можеле да направат големи работи, ако само би имале прилика, но нешто секогаш ги спречува; Божјото провидение им го заградува патот па не можат да го направат она што тие сакаат да го направат. Ние не очекуваме на патот да ни се пружи некоја голема прилика, но со брза и енергична акција мораме да ги искористиме приликите, да создаваме прилики и да ги совладаме тешкотиите.
Тебе ти е потребна животна енергија од небото. Во нашата работа не треба само да коваме железо додека е жешко, туку и да го загреваме со ковање. Бавните, безгрижни, мрзливи движења нема ништо да направат за нас во оваа работа. Ние мораме да настојуваме во добро време и во невреме. Ова време е од судбоносно значење за делото. Со двоумење и одложување губиме многу добри прилики…
Она што те издвојува најмногу во начинот на твоето извршување на должноста е неодлучноста и недоследноста.“ – Евангелизам, 647.
Среда 13. август
4. ПОУКИ ЗА БОЖЈИТЕ ГЛАСНИЦИ
а. Бидејќи Јона повторно бил повратен на копно, каква заповед тој примил од Господа по втор пат? Јона 3,1.2.
б. Што направил тој веднаш штом влегол во осудениот град? Јона 3,3. На кој начин Бог ја покажал својата милост кон Ниневија и зошто? Јона 3,5-10.
“Влегувајќи во градот почна да ја проповеда веста: ‘Уште четириесет денови и Ниневија ќе биде уништена’ (Јона 3,4). Одел од улица во улица и ја објавувал веста на предупредување…
Бидејќи царот и кнезовите, заедно со народот, големите и малите, ‘се покајаа од проповедта на Јона’ (Матеј 12,41), и заеднички се молеле на небесниот Бог, Неговата милост се излеала врз нив. Тој ‘ги виде нивните дела; дека се обратија од својот лош пат. И Господ се сожали заради несреќата со која им се беше заканил да ја направи, и не ја направи’ (Јона 3,10). Нивната пропаст била спречена. Целиот незнабожечки народ го возвишувал и го фалел Израеловиот Бог и го почитувал Неговиот закон. Дури многу години подоцна Ниневија станала плен на околните народи, затоа што го заборавила Бога и станала горда.“ – Пророци и цареви, 181.
ц. Каква споредба Исус направил помеѓу покајаните незнабожци и Евреите кои одбиле да се покајат? Матеј 12,41.
“Бог ги става луѓето извесно време на проба. Меѓутоа, постои граница каде што престанува божественото трпение и кога Божјата казна станува неизбежна. Господ, има многу трпение со луѓето во градовите. Тој милостиво ги предупредува за да ги спаси од Божјиот гнев. Но, ќе дојде време кога повиците за милост нема да бидат повеќе примани, кога бунтовните елементи кои упорно ја отфрлаат светлината на вистината, ќе бидат уништени, од милост кон самите нив и кон оние на кои би влијаел нивниот лош пример.“ – Пророци и цареви, 186.
“Ние нема да бидеме сметани за одговорни за светлината која не допрела до нашата свест, туку само за онаа на која сме и пружиле отпор и сме ја одбиле.“ – РХ, 25. април, 1893.
Четврток 14. август
5. ЈОНА ПОСТАПУВА СПРОТИВНО НА СОПСТВЕНИТЕ ЧУВСТВА
а. Наместо да се радува на покајанието на Ниневјаните, како Јона се жалел пред Господа, и која била причината за неговиот сомнеж и непослушноста? Јона 4,1-3.
б. Што ние треба да научиме од начинот на кој Господ се обидел да го освести Јона? Јона 4,5-11.
“Збунет, понижен и неспособен да разбере зошто Бог ја поштедил Ниневија, Јона сепак ја исполнил должноста која му била наменета. Иако она што било проречено не се случило, веста на предупредување сепак била од Бога; и таа ја постигнала својата цел за која Бог ја наменил. Меѓу незнабошците се открила славата на Неговата милост.“ – Пророци и цареви, 183.
“Нашиот Бог е Бог на милост. Тој е трпелив и благ кон оние кои го престапуваат Неговиот закон. Па сепак, во ова наше време, кога на луѓето им се даваат толку можности да се запознаат со Божјиот закон откриен во Светото Писмо, големиот Владетел на вселената не може а да не негодува кога ги посматра безбожните градови, во кои владеат насилство и злосторство.“ – Пророци и цареви, 185.
Петок 15. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Која била главната разлика помеѓу Содом и Ниневија?
2. Наведи некои од начините на кои можеме да бидеме во опасност да го имитираме Јона во двоумење, сомнеж и обид да побегнеме од Божјиот глас?
3. Како Бог може и нас да нѐ изненади како што го изненадил Јона откако ја исполнил својата должност во предупредувањето за претстојниот суд?
4. Како нашиот став е премногу чест како ставот на Јона после победата?
5. Каква илустрација Бог денес ни дава за да нѐ разбуди?