05 Повик на служба

Сподели го ова:

5. лекција – 2. август 2014.

Повик на служба

“Исус, пак, му рече: „Никој, што ја ставил раката своја на ралото и погледува назад, не е достоен за царството Божјо.” – Лука 9,62.

“На секој кој станува учесник во Неговата милост, Господ му одредува работа за другите.“ – Здравје и среќа, 125.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 146-153.
Недела 27. јули

1. “ВЕРЕН Е ОНОЈ КОЈ НĖ ПОВИКА“

а. Како на Божјите пророци им доаѓал божествениот повик? 1 Цареви 12,22; 1 Летописи 17,3; Лука 3,2. Објаснете ја разликата помеѓу вистинските и самопрогласените пророци? Еремија 14,14.15; 2,21.32.

б. Како пророчкиот повик дошол до Елисеј? 1 Цареви 19,16. Какви особини тој открил пред овој повик? 1 Цареви 19,19.

“Елисеј бил повикан додека со слугите на својот татко ја орал нивата. Тој се прифатил за најблиската работа. Тој ги поседувал и двете способности, како водач и кротост на оној кој е подготвен да служи. Иако смирен и со нежен дух, тој сепак бил енергичен и непоколеблив. Неговите особини биле почит и верност, како и љубов и Божји страв. Вршејќи ги доследно секојдневните должности, тој стекнал сила на намерата и благородност на карактерот, развивајќи се постојано во благодатта и знаењето. Додека соработувал со својот татко во должностите на домашниот живот, тој научил да соработува со Бога.“ – Пророци и цареви, 146.
“Покажувајќи верност во малите нешта, Елисеј се подготвувал за позначајни должности… Научил да служи, а со тоа да поучува и да води. Никој не може да знае каква е Божјата цел во Неговата дисциплина; но сите можат да бидат сигурни дека верноста во мали работи е доказ за подготвеноста за поголеми одговорности.“ – Пророци и цареви, 147.

Понеделник 28. јули

2. СИГУРНОСТА НА БОЖЈИОТ ПОВИК

а. Како и со секој Божји слуга, кои фактори Елисеј требало да ги разгледа кога божествениот повик дошол до него? 1 Цареви 19,20.21; Лука 14,28.

“Елисеј морал да размисли, морал самиот да одлучи дали ќе го прифати или одбие повикот.“ – Пророци и цареви, 148.
“На секој човек му се упатува повик сите нешта да ги стави на олтарот на службата. Од нас можеби не се бара да служиме како што Елисеј служел, ниту да продадеме сѐ што имаме; но Бог бара Неговата служба да биде на прво место во нашиот живот, да не пропуштиме ниту еден ден да направиме нешто за напредокот на Неговото дело на земјата… Бог ја прифаќа и едната и другата служба. Потребна е посветеност на животот и сите животни цели. Оние кои ќе се посветат на ваков начин, ќе го чујат и послушаат повикот од небото.“ – Пророци и цареви, 149.

б. Што Елисеј единствено побарал пред својата конечна разделба со Илија? 2 Цареви 2,9.

“Елисеј не сакал да стекне светска слава ниту висока положба меѓу големите луѓе на земјата. Копнеел да добие во што поголема мерка Дух, кој Бог така обилно му го подарил на човекот кој наскоро требало да ја доживее таа чест да биде вознесен. Знаел дека ништо освен Духот кој почивал над Илија нема да го оспособи да го изврши она дело во Израел за кое Бог го повикал, па така побарал: ‘Те молам нека двојно повеќе од Духот твој биде во мене’.“ – Пророци и цареви, 152.

ц. Што ние можеме да изгубиме ако ги занемариме нашите должности, нашите способности и дадените можности? Матеј 25,28.29 (посл. дел). Што, од друга страна, ќе се случи ако вредно, доследно и чесно го употребиме ‘капиталот’ кој Бог ни го доверил? Матеј 25,29 (прв дел).

“Исус јасно укажал на патот на животот. Тој ни ја открил светлината на вистината. Тој ни го дал дарот на Светиот Дух и богато нѐ надарил со сѐ што е битно за наше усовршување.“ – Темели на хр. воспитување, 218.

Вторник 29. јули

3. ПОДГОТВЕНОСТА НА ЕЛИСЕЈ ДА УЧИ

а. Што ние треба да научиме од подготвеноста на Елисеј да ги извршува помалку вредните должности? 2 Цареви 3,11 (посл. дел).

“Во почетокот од Елисеј не е барано никакво големо дело; тој извршувал обични животни должности. Запишано е дека на својот учител Илија му ги полевал рацете со вода. Бил подготвен да прави сѐ што Господ ќе му нареди и на секој чекор ги прифаќал поуките на понизност и служба. Како личен пророков следбеник тој и понатаму бил верен во малите работи, посветувајќи се секојдневно сѐ повеќе на мисијата која Бог му ја наменил.“ – Пророци и цареви, 149.

б. Што треба Божјиот слуга да покаже пред да биде промовиран да извршува поголеми одговорности? Лука 16,10-12.

“Никој не може да знае каква е Божјата цел во Неговата дисциплина; но сите можат да бидат сигурни дека верноста во мали работи е доказ за подготвеноста за поголеми одговорности.“ – Пророци и цареви, 147.

ц. Со какви мисли и постапки мнозина покажуваат сличност со мрзливиот слуга кој примил само еден талент? Матеј 25,14.18.24-38.

“Со оглед на тоа што не учествуваат непосредно во некоја верска работа, мнозина сметаат дека животот им е бескорисен, дека ништо не прават за напредокот на Божјото царство. Како ли тие со задоволство би се фатиле за некој голем потфат! Меѓутоа, бидејќи можат да послужат само во мали работи, сметаат дека се оправдани ако не работат ништо. Во тоа тие грешат. Човек може активно да му служи на Бога ако врши обични секојдневни должности – ако сече дрва, раскопува почва или ора со плуг. Мајката која ги одгледува своите деца за Христа работи за Бога токму како проповедникот од говорницата.“ – Пророци и цареви, 147.

Среда 30 јули

4. СЛУЖБА КОЈА ЈА ВКЛУЧУВА ОБУКАТА НА МЛАДИТЕ

а. Која е една од најважните задачи на способниот и верен слуга? 2 Тимотеј 2,1.2.

“Службата подразбира многу повеќе од проповедање на Речта. Таа значи обучување на млади луѓе – како Илија што го обучувал Елисеј – одвојувајќи ги од нивните секојдневни обврски, давајќи им одговорности во Божјото дело, – најнапред мали а потоа сѐ поголеми, како што се здобиваат со сила и искуство… Младите неискусни работници треба да бидат обучени учествувајќи во работата со тие искусни Божји слуги. Така ќе научат како да го носат товарот.
“Оние кои така ги обучуваат младите работници вршат благородна служба. Самиот Господ учествува во нивните напори. На младите луѓе на кои им е упатен светиот повик, кои имаат предност да соработуваат со ревни и побожни работници, мораат во најголема мерка да ја искористат можноста која им се дава. Бог им направил чест што ги избрал за своја служба и ставајќи ги во најповолна положба да се подготват за истата. Така, тие мораат да бидат понизни, верни, послушни и желни да поднесат жртви. Ако се потчинат на Божјата дисциплина, ако се држат до Неговите упатства, ако бараат совети од Неговите слуги, тие ќе се развијат во праведни, во начелата непоколебливи луѓе, на кои Бог може да им довери носење на одговорности.“ – Пророци и цареви, 150.
По повикувањето на Елисеј, Илија и тој работеле заедно повеќе години, и така Елисеј од ден на ден сѐ повеќе се оспособувал за својата задача“. – Пророци и цареви, 151.

б. На што апостол Павле придавал особено внимание во обучувањето на Тимотеј? 2 Тимотеј 1,5; 3,14-17.

“Неговата (Тимотиева) побожност и домашното влијание не биле производ на вообичаениот начин на надворешното префинето однесување, туку производ на чисти и неизвалкани чувства. Моралното влијание на неговиот дом било доверливо, не непостојано, импулсивно и променливо. Божјата Реч било правило со кое се раководел… Неговите домашни учители соработувале со Бога во едукацијата на овој млад човек да го понесе товарот на одговорностите уште во раната возраст“ – Библиски коментари, 784.

Четврток 31. јули

5. НАСТАВА И УЧЕЊЕ; УЧЕЊЕ И НАСТАВА

а. Како била проверувана верата на Елисеј додека патувал со Илија? 2 Цареви 2,5.6.

“Во текот на годините одбележани со отпадништво во Израел, дошло до распаѓање на пророчките училишта кои ги основал Самоил. Илија повторно ги обновил овие училишта, така што младите луѓе можеле во нив да стекнуваат образование кое ги оспособувало да го подигнат угледот на законот, и да му обезбедат почитување. Во историјата се споменуваат три вакви училишта – во Галгал, Ветил и Ерихон. Илија токму пред своето вознесување заедно со Елисеј ги посетил овие центри за обука. Пророкот во таа прилика ги повторил поуките кои им ги дал во претходните посети… Тој исто така втиснал во нивните умови дека важноста на нивното образование мора да носи печат на едноставност. Само на таков начин тие ќе можат да го примат небесниот карактер и да одат и да работат според Господовите патишта.“ – Пророци и цареви, 151.
“Додека го придружувал пророкот на неговото кружно патување од училиште во училиште, Елисеевата вера и одлучност неколку пати биле тестирани… А сега верниот слуга на Божјиот човек одлучил да не го напушти.“ – Пророци и цареви, 152.

б. Каква поука можеме да извлечеме од успешната соработка на овие двајца верни и вредни работници за Бога? 1 Коринтјаните 3,8.9.

“Божјите ангели ќе бидат многу позадоволни и ќе бидат привлечени кон нас кога слугите во полето повеќе ќе се приближат еден до друг и заедно во молитва ќе се поклонат со солзи и скрушени срца; кога зборуваат за работата, без оглед за која дејност станува збор.“ – Беседи и говори 2, 15.

Петок 1. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што Елисеј побарал од Илија непосредно пред неговото вознесение?
2. Објасни ги опасностите поради занемарување на приликите?
3. Колку повеќе можеме да добиеме кога ќе го употребиме она што го имаме?
4. Што мораме да откриеме пред да добиеме поголеми одговорности?
5. Што можеме да научиме од соработката на Илија и Елисеј?

Сподели го ова:

Слични објави