04 Искушение да се посомнева

Сподели го ова:

4. лекција – 25. јули 2014.

Искушение да се посомнева

“Доста е веќе, Господи, прибери ја душата моја, бидејќи јас не сум подобар од предците свои.“ – 1 Цареви 19,4.

“Како бегалец, далеку од секој човечки дом, неговиот дух уништен од горчливо разочарување, (Илија) посакал никогаш повеќе да не види ниедно човечко битие.“ ¬– РХ, 16. октомври, 1913.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 106-120.

Недела 20. јули

1. ВЕРАТА НА ИЛИЈА СЕРИОЗНО ТЕСТИРАНА

а. Кога идолопоклоничката царица Језавела слушнала за убиството на лажните пророци, каква порака таа испратила до Илија? 1 Цареви 19,1.2.

“Језавела ја обзел бес кога дознала од Ахав како Илија ги убил незнабожечките пророци. Не сакала да признае дека тоа што се случило на Кармил било доказ за Божјата сила и Неговото провидение, туку сѐ уште полна со пакост изјавила дека Илија мора да умре.“ – Пророци и цареви, 108.

б. После покажаната бестрашна храброст во натпреварот на планината Кармил, како Илија ја покажал човечката слабост? 1 Цареви 19,3.

“Илија не смеел да го напушти местото на својата должност. Требало да се обрати на Оној кој го пратил да ја освети честа на Господовото име, молејќи Го за заштита од гневот на Језавела. Требало да му каже на гласникот, дека Бог во кого се надева, ќе го спаси од нејзината омраза.“ – Пророци и цареви, 109.

Понеделник 21. јули

2. ОБЕСХРАБРЕНОСТ

а. Крајно обесхрабрен, што Илија во својата молитва побарал од Бога? 1 Цареви 19,4. Што секој сведок во Божјото дело треба да очекува и да биде подготвен да издржи? 2 Кор. 4,8.9.

“Во искуството на сите нас постојат периоди на големи разочарувања и крајна обесхрабреност, кога мора да ја испиеме чашата на болката, кога ни е тешко да поверуваме дека Бог сѐ уште е добротвор на Неговите земни деца, денови кога немир ја обзема душата и смртта ни изгледа поубава од животот. Во тие моменти мнозина губат вера во Бога и стануваат робови на сомнеж и неверие.“ – Пророци и цареви, 110.
“Божјите слуги мора да очекуваат секаков вид на обесхрабреност. Тие ќе бидат искушани не само од страна на лутината, презирот и суровоста на непријателите, туку и од страна на немарноста, недоследноста, млакоста и предавството на пријателите и помошниците… Дури и некои кои навидум сакаат напредок на Божјото дело, сепак ќе ги слабеат рацете на Неговите слуги преку слушање, пренесување и делумно верување во клевети, фалење и закани на противниците.“ – Христијанска служба, 239.240.

б. Што претставува лек против обесхрабреноста? Лука 21,36; 1 Солунјаните 5,8.17. Како апостол Павле се борел против обесхрабреноста? 2 Коринтјаните 12,10.

“Постои сигурен лек за малодушните а тоа се: вера, молитва и работа. Верата и активноста му даваат на човекот сигурност и задоволство кое се зголемува од ден во ден. Дали сте во искушение да подлегнувате на чувството на вознемиреност, лошо претчувство или крајна малодушност? Не плашете се ниту во најцрните денови кога сѐ изгледа изгубено. Имајте вера во Бога. Тој ги знае вашите потреби. Тој е семоќен. Неговата безгранична љубов и сочувство никогаш не се исцрпени. Не плашете се дека Тој никогаш нема да го исполни своето ветување.“ – Пророци и цареви, 112.

ц. Наместо да го прифати лекомисленото барање на својот слуга, како Господ му покажал дека неговата работа сѐ уште не е завршена? 1 Цареви 19,5-8.

Вторник 22. јули

3. УМЕСНО ПРАШАЊЕ

а. Што Господ го прашал Илија откако нашол прибежиште во пештерата? 1 Цареви 19,9. Каков прекор бил содржан во прашањето?

“’Што правиш тука Илија’? Те пратив на потокот Хорат а подоцна кај вдовицата во Сарепта. Ти наредив да се вратиш во Израел и да излезеш пред идолопоклоничките свештеници на Кармил. Ти подарив сила царевата кола да ја доведеш до капијата на Езраел. Но кој ти рече така брзо да побегнеш во пустината. Што правиш овде?“ – Пророци и цареви, 114.

б. Со огорченост во душата, како Илија му се пожалил на Господа? 1 Цареви 19,10. Што, според ваше мислење, Бог сакал да го поучи својот слуга преку ова искуство?

“(Бог) сакал да го поучи Илија дека делото кое најуспешно ги остварува Неговите цели не мора секогаш да биде со најголема демонстрација… Додека Илија чекал Господ да му се открие, поминала луња, светкале молњи и се појавил оган кој проголтува. Но во сето тоа не бил Бог. Најпосле дошол тивок, тенок глас и пророкот го покрил своето лице заради Господовото присуство. Неговата раздразливост се смирила, духот омекнал и се потчинил. Сега знаел дека мирната и цврста доверба во Бога секогаш ќе му дава помош кога ќе тоа му биде потребно.“ – Пророци и цареви, 115.

ц. Како Илија очекувал Господ да ја открие својата моќ? 1 Цареви 19,11.12. Што Илија конечно разбрал кога го разгледал начинот на кој Бог ја обраќа душата? Захарија 4,6.

“Божјата вистина не мора секогаш научно да се образложува за да се убедат и обратат души. На човечкото срце не може толку да се влијае со речитост или логика, колку со благото влијание на Светиот Дух, кој мирно но сигурно делува во смисла на преобразбата и развојот на карактерот. Тивкиот и тенок глас на Божјиот Дух има моќ да го промени срцето.“ – Пророци и цареви, 115.

Среда 23. јули

4. ПОЧЕТОК НА ОДЛУЧНА РЕФОРМА

а. Кое прашање Господ му го повторил на Илија, и како пророкот го повторил своето горко жалење? 1 Цареви 19,13.14. Како Бог го уверувал Илија дека непокајаните бунтовници во Израел ќе бидат казнети? 1 Цареви 19,15-17.

“Господ му одговорил на Илија дека престапниците во Израел нема да поминат неказнето. Требало да се изберат особени луѓе кои ќе ја остварат Божјата цел – казнување на едно идолопоклоничко царство. Одлучно мора да се постапи за да им се даде на сите можност да поминат на страната на вистинскиот Бог. Илија мора да се врати во Израел и да го сподели со другите товарот за спроведување на реформи.“ – Пророци и цареви, 115.

б. Кој, помеѓу останатите, бил избран да му помогне на Илија да ја продолжи започнатата реформација? 1 Цареви 19,19-21.

ц. Каква паралела можеме да извлечеме помеѓу отпадништвото кое преовладувало во деновите на Илија и отпадништвото кое денес се шири во светот? 2 Петрово 3,3-5.

“Јавно се проповеда дека дошло време кога човечкиот разум треба да се воздигне над учењето на Речта Божја. Се тврди дека Божјиот закон, Божјото мерило на праведноста, нема повеќе никакво значење. Непријателот на сета вистина делува со измамничка сила за да овозможи човечките одредби да се стават наместо Божјите и да се заборави она што е предвидено за среќа и спасение на човештвото.
Меѓутоа, широко распространетото отпадништво, сепак не ѐ сеопшто. Не се сите во овој свет беззаконици и грешници, ниту пак сите преминале на страната на непријателот. Бог има илјадници луѓе кои не ги свиткале колената пред Ваал, мнозина кои копнеат поцелосно да разберат сѐ што е во врска со Христа и законот, мнозина кои се надеваат дека Исус наскоро ќе дојде и ќе стави крај на владеењето на гревот и смртта. Постојат мнозина кои во незнаење го обожаваат Ваал, но за нив сѐ уште Божјиот Дух се бори.
На таквите им е потребна помош од оние кои веќе го познаваат Бога и силата на Неговата Реч. Во време какво што е денешното, секое Божјо дете треба активно да биде вклучено во помагање на другите.“ – Пророци и цареви, 116.

Четврток 24. јули

5. НАШАТА ОДГОВОРНОСТ КАКО ЕВАНГЕЛИСТИ ДЕНЕС

а. Кога Илија се жалел дека останал потполно осамен, што Господ му открил? 1 Цареви 19,18.

“Што би било кога Илија би го пребројувал Израел во времето кога Божјата казна се излеала на отпадничкиот народ! Тој би можел да изброи само еден на Господовата страна…“ – Пророци и цареви, 128.

б. Која е нашата должност во поглед на фактот дека ‘Бог има многу илјадници кои не ги свиткале колената пред Ваал’ и ‘со кои Божјиот Дух сѐ уште се бори’?

“Помеѓу жителите на земјата, растурени по сите краишта на светот, живеат луѓе кои не ги свиткале колената пред Ваал. Како небесните ѕвезди кои се појавуваат само ноќе, овие верници ќе блескаат кога мракот ќе ја покрие земјата и темнината народите… Бог има во резерва мноштво избрани ѕвезди кои ќе блескаат среде мракот и јасно ќе му покажат на отпадничкиот свет колкава моќ на преобразување има покорувањето на Неговиот закон… Колку ноќта е помрачна, толку тие појасно ќе блескаат…
Според тоа, нека никој денес не го пребројува Израел, туку нека настојува срцето да му биде ‘месно’ и полно со нежно сочувство, срце кое како Христовото ќе се залага за спасение на загубениот свет.“ – Пророци и цареви, 128.

Петок 25. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Како Илија покажал духовен кукавичлук после демонстрација на голема морална сила?
2. Која опомена треба сериозно да се сфати од страна на секој верник кога е повикан да сведочи за Христа?
3. Што претставува лек за обесхрабреноста?
4. Што му рекол Бог на Илија на неговата жалба дека останал сам?
5. Која е нашата должност кон сите оние кои никогаш не ги свиткале своите колена пред Ваал?

Сподели го ова:

Слични објави