03 Реформација во времето на Илија

Сподели го ова:

3. лекција – 19. јули 2014.

Реформација во времето на Илија

“Илија беше човек смртен, како и ние, и со молитва Му се помоли на Бога да нема дожд, и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. И пак се помоли, па небото даде дожд и земјата го даде својот плод.“ – Јаков 5,17.18.

“Бог се обидувал да го ослободи народот (на Израел) од нивните заблуди, наведувајќи ги да ја разберат нивната одговорност кон Оној на кого му должат благодарност и за својот живот и за сите нешта.“ – РХ, 21. август, 1913.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 81-105.

Недела 13. јули

1. ПОВИК ЗА ПОКАЈАНИЕ И РЕФОРМА

а. Каква задача Бог му доверил на Илија кога Израел бил под контрола од свештениците на Ваал и Астарта? Што тој му кажал на царот Ахав? 1 Цареви 17,1.

“Божјата вест упатена кон Ахав ѝ дала можност на Језавела и нејзините свештеници, како и на сите следбеници на Ваал и Астарта да ја проверат силата на нивните богови, и ако е можно, да ја докажат неточноста на Илиевите зборови.“ – Пророци и цареви, 83.

б. Додека Бог со посредство на казни најавени на царот, водачите и народот настојувал да ги повика на покајание и реформа, со што паганските свештеници се обидувале да го задржат народот во заблуда?

“Водачите и понатаму го повикувале народот да има доверба во Ваал, а пророштвото на Илија да го отфрлат како празни зборови. Свештениците сѐ уште тврделе дека дождовите паѓаат благодарение на силата на Ваал. ‘Не плашете се од Илиевиот Бог, не треперете од неговите зборови‘, зборувале, ‘Ваал донесува жетва кога ѝ е време и се грижи и за луѓето и за животните.“ – Пророци и цареви, 83.
Понеделник 14. јули

2. МИРИС НА ЖИВОТ ИЛИ НА СМРТ

а. Кога тие се сретнале лице в лице, со кое прашање царот се обидел да го укори Илија? 1 Цареви 18,17. Што Божјиот гласник треба да очекува од оние кои одбиваат да ја примат вистината?

“Божјите пророци биле омразени од отпаднатиот Израел, бидејќи преку нив нивните скриени гревови биле обелоденети. Ахав го сметал Илија како негов непријател, затоа што пророкот верно го укорувал тајното беззаконие на царот. Така и денес Христовиот слуга, кој го укорува гревот, наидува на презир и одбивање.“ – Копнежот на вековите, 563.
“Увидувајќи дека своите ставови не можат да ги поткрепат со Светото писмо, многумина одлучуваат сепак да ги подржуваат својот став ставајќи на коцка сѐ, и најзлобно го напаѓаат карактерот и мотивите на оние што застануваат во одбрана на непопуларните вистини. Таквата политика се водела наспроти вистината и нејзините поборници во сите времиња. Илија бил обвинет дека на Израел му донесува несреќа и немир, Еремија дека е предавник на нацијата, Павле дека го обесчестува храмот. Од нивните денови па се до денес, оние што сакаат да останат верни на вистината, се жигосани како бунтовници, еретици, расколници и отпадници.“ – Големата борба, 408.

б. Што можеме да очекуваме од огромното мнозинство, дури и кога им се изнесува вистината? Исаија 59,14.15; 2 Тимотеј 3,10-12. Како тоа влијае на нас?

“… Многумина чијашто вера е премногу слаба за да го прифатат најсигурниот пророчки збор, лековерно и без никакви докази го прифаќаат обвинувањето против оние што се осмелуваат да ги жигосаат омилените гревови. Тој дух ќе се манифестира сѐ повеќе и повеќе… Имајќи го во предвид сето тоа, која е должноста на гласникот на вистината? Зарем да заклучи дека вистината не смее да се проповеда само затоа што нејзиното објавување луѓето често ги поттикнува да ја избегнуваат и да се противат на нејзините барања? Не; причините Божјото Слово да се премолчува затоа што неговото објавување предизвикува отпор не се денес ништо поубедливи отколку што биле во деновите на реформаторите… Големата пречка за прифаќањето и објавувањето на вистината е фактот дека тоа е поврзано со неугодности и подбивања… Но тоа вистинските Христови следбеници нема ниту да ги застраши ниту да ги одврати. Тие не чекаат вистината да стане популарна. Свесни за својата должност, тие промислено и доброволно го прифаќаат крстот.“ – Големата борба, 408.409.
Вторник 15. јули

3. ОПАСНОСТ ОД МИЛОЗВУЧНИ ПРОПОВЕДИ

а. Кога царот Ахав го обвинил Илија дека донесува несреќа на Израел, како пророкот одговорил? 1 Цареви 18,18.

“Стоејќи пред Ахав, свесен за својата невиност, Илија не се обидувал да се правда ниту да му ласка на царот. Ниту, пак, тој се обидувал да го избегне гневот на царот со добрата вест дека набргу ќе дојде крај на сушата. Тој не се извинувал. Достоинствен и полн со ревност за Божјата слава, тој го отфрлил Ахавовото обвинување.“¬ – Пророци и цареви, 95.

б. Какви проповеди се потребни во повикот за покајание и реформација? Исаија 58,1. Што не е во ред со милозвучните проповеди?

“…Милозвучните проповеди кои толку често се проповедаат, не оставаат траен впечаток на слушателите; трубата не дава одреден звук. Острите вистини на Божјото Слово не допираат до срцата на луѓето.“¬ – Пророци и цареви, 95.
“Оние проповедници кои на луѓето им се додворуваат, кои викаат мир, мир, кога тоа Бог не го рекол, треба да излезат со покајнички срца пред Бога, барајќи опростување заради нивната неискреност и недостаток на морална храброст. Тие не ја ублажуваат веста која им е доверена, поради љубов кон своите ближни, туку затоа што сакаат лесно и угодно да живеат.“¬ – Пророци и цареви, 96.
“Бог повикува луѓе како Илија, Натан и Јован Крстител, луѓе кои верно ќе ја објавуваат Неговата порака, без оглед на последиците; луѓе кои храбро ќе ја кажуваат вистината, дури ако поради тоа би морале да жртвуваат сѐ што имаат.“¬ – Пророци и цареви, 97.

ц. Кога обвинувањата на Ахав против Божјите слуги ќе се повторат? Откровение 13,15-17.

“Кога лажните обвинувања ќе го распалат гневот на народот, тие против Божјите амбасадори ќе го следат курсот мошне сличен на оној кој отпаднатиот Израел го применил кон Илија.“¬ – Големата борба, 522.
Среда 16. јули

4. СУДИР ПОМЕЃУ ДВЕ СИЛИ

а. После обвинувањето на Ахав, што Илија побарал? 1 Цареви 18,19.20.

“(1 Цар. 18,19). Ахав сфатил дека ова го заповеда човек кој говори во име на Бога и поради тоа веднаш се покорил, како пророкот да е цар а царот слуга. Тој веднаш испратил гласници низ целото царство со повик да излезат пред Илија и пророците на Ваал и Астарта.“ – Пророци и цареви, 98.

б. Каков предизвик Илија ставил пред народот? 1 Цареви 18,21 (прв дел).

“Пред царот Ахав и лажните пророци, опкружен со мноштво на Израелци стоел и Илија кој единствен се појавил да ја одбрани Божјата чест. Пред нив се наоѓал човек кого целото царство го обвинувало за страшните неволји, навидум беспомошен во присуство на израелскиот владетел, Вааловите пророци, војниците и илјадниците насобрани луѓе. Но Илија не бил сам. Над него и секаде наоколу се наоѓале заштитнички сили на небото – ангели, со исклучителна сила.“ – Пророци и цареви, 98.

ц. Каков одговор добил Илија од насобраното мноштво? 1 Цареви 18,21 (втор дел).

“Господ се гнаси поради рамнодушност и нелојалност во времето на криза за Неговото дело. Целиот универзум со неискажлив интерес ги гледа завршните сцени на големата борба помеѓу доброто и злото. Божјиот народ се приближува кон границите на вечниот свет; што може да биде од поголемо значење за нив од лојалноста на Небесниот Бог? Во сите векови Бог имал морални херои, а и денес има такви кои, како Јосиф, Илија и Даниел, не се срамат од својата припадност на Неговиот особен народ.“ – Пророци и цареви, 101.

Четврток 17. јули

5. ПРИВРЕМЕНАТА ЗАШТИТА НА ИЗРАЕЛ

а. Кога Илија предложил во претстојниот натпревар ‘Бог кој ќе одговори со оган, нека биде Бог’, што народот рекол? 1 Цареви 18,22-24.

б. Кога народот видел дека паганските свештеници биле измамници, што Илија направил? 1 Цареви 18,30-34. Што потоа се случило кога тој му се помолил на Господ да ја покаже својата сила? 1 Цареви 18,36-38.

ц. На крајот од натпреварот, кога народот видел како оган од небото ја спалува жртвата и водата, што тие направиле и кого го признале за вистински и единствен Бог? 1 Цареви 18,39. Каков налог Илија дал во врска со лажните учители? 1 Цареви 18,40.

“Вааловите свештеници… дури и по својот пораз, во присуство на божествената сила, одбивале да се покаат за своите зли дела. Сакале всушност и покрај сѐ да останат Ваалови пророци. Со тоа покажале дека созреале за уништување. Господ му наредил на Илија да ги уништи овие лажни учители, за да се заштитат покајничките Израелци од влијанието на оние кои ги учеле да се поклонуваат на Ваал.“ – Пророци и цареви, 105.

Петок 18. јули

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Опишете го функционирањето на големата борба, прикажана како натпревар помеѓу Ахав и Илија.
2. Објаснете ја нашата должност кога се соочуваме со неверен народ?
3. Зошто милозвучните пораки се особено опасни денес?
4. Кога, во блиска иднина, обвинувањата на Ахав ќе се повторат против Божјите следбеници?
5. Какво предупредување имаме против лажните вероучители?

Сподели го ова:

Слични објави