02 Божји стражари
2. лекција – 12. јули 2014.
Божји стражари
“И тебе, сине човечки, Јас те поставив како стражар на домот Израелов: ти ќе слушаш слово од Мојата уста и ќе ги вразумуваш од Мене.“ – Езекиел 33,7.
“Овие управители на Божјите тајни треба да стојат како стражари на ѕидовите на Сион… Христовиот претставник треба да внимава поради своето неверство да не ја изгуби својата душа и душата на оние кои го слушаат.“ – 4 Сведоштво, 383.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 339-341.
Недела 6. јули
1. СТРАЖАРИ НА ЅИДОВИТЕ НА СИОН
а. Која е разликата помеѓу верниот и неверниот стражар? Езекиел 33,2-6.
“Во античко време стражарите често биле поставувани на градските ѕидови, каде најдобро можеле да ги посматраат значајните точки доверени на нивна грижа и да дадат предупредување за приближување на непријателот. Од нивната верност зависела безбедноста на сите оние кои се наоѓале во градот. Тие во одредени временски интервали морале да се јават едни на други, како би биле сигурни дека сите се будни и дека на некого не му се случило нешто. Викот на охрабрување или на предупредување се пренесувал од еден на друг, и секој го повторувал, додека не одекне низ целиот град.“ – Слуги на евангелието, 8.
б. Зошто ние како поединечни христијани треба да бидеме загрижени за душите на оние кои се без Бога и надеж за спасение? Езекиел 33,7-9.
ц. Дали Господ се стреми да ги уништи грешниците или да ги спаси? Езекиел 33,11.
Понеделник 7. јули
2. ЈАСНИ ИЛИ НЕЈАСНИ ЗВУЦИ
а. Што се случува кога стражарот ќе затруби, но на трубата не и дава одреден звук? 1 Коринтјаните 14,8.
“Нека стражарот внимава, поради неговото двоумење или одлагање, да не бидат душите оставени да загинат, бидејќи нивната крв ќе се бара од неговата рака.“ – 5 Сведоштво, 672.
б. Како Христос под симболот на лошиот слуга ја опишува големата класа на неверни стражари? Матеј 24,48-51.
“Лошиот слуга вели во своето срце: ‘Мојот господар нема да дојде скоро’ (Лука 12,45). Тој не вели дека Христос нема да дојде. Тој не ја исмева идејата за Неговото второ доаѓање. Меѓутоа, во своето срце и со своите постапки и зборови тој изјавува дека Господ нема уште долго да дојде. Во умовите на другите тој го уништува уверувањето дека Господ брзо ќе дојде. Неговото влијание ги наведува луѓето да станат дрски и безгрижни во доцнењето и тие се зацврстуваат во нивната световност и мртвило. Духот подлегнува на земните страсти и расипаните мисли. Лошиот слуга јаде и пие со пијаниците, се соединува со светот во барање на задоволства. Тој ги тепа другите слуги, обвинувајќи ги и осудувајќи ги оние кои се верни на својот Учител. Тој се меша со светот. Сличниот се обединува со сличните во престапот.“ – Копнежот на вековите, 612.
ц. Какво предупредување во поглед на таквите стражари ни дава апостол Павле? 1 Солунјаните 5,3.
“Христовото доаѓање ќе ги изненади лажните учители. Тие зборуваат: ‘Мир и сигурност’. Како и свештениците и учителите пред падот на Ерусалим, тие сакаат црквата да ужива во земен просперитет и слава. Тие ги толкуваат знаците на времето како токму тоа да го претскажуваат. Но, што вели Речта на Вдахновението? ‘Тогаш одненадеж врз нив ќе падне погибел’ (1 Сол. 5,3). Денот Господов ќе дојде како стапица за сите што живеат на Земјата, на сите што од овој свет прават свој дом, тој ќе дојде за нив како замка.“ – Копнежот на вековите, 612.
Вторник 8. јули
3. КАРАКТЕРИСТИКИ НА НЕКОПМЕТЕНТНИТЕ СТРАЖАРИ
а. Како можеме да се идентификуваме со дисквалификуваните стражари? Исаија 56,10-12.
“Некои кои се наоѓаат на положба на стражар, кои треба да ги предупредуваат луѓето на опасност, престанале да стражарат и задремале. Таквите луѓе се неверни стражари. Тие седат со скрстени раце, додека нивниот лукав непријател влегува во тврдината покрај нив и со успех го руши она што Бог заповедал да биде изградено. Тие гледаат дека сатаната ги мами неискусните и невините, но сепак сето тоа мирно го набљудуваат како тоа да не ги интересира. Тие не увидуваат никаква посебна опасност, не гледаат никаква посебна причина за вознемирување. Ним им се чини дека сѐ оди како што треба и не гледаат никаква потреба да подигнат глас на опомена која е дадена во јасните сведоштва, за да им ги објават на луѓето нивните престапи и на израеловиот дом неговите гревови. Овие укори и опомени го нарушуваат мирот на безгрижните стражари и тие негодуваат. Зборуваат во срцето, иако тоа не го чинат гласно: ‘Сето тоа е непотребно. Сето тоа е премногу строго, премногу остро. Овие луѓе непотребно се вознемируваат и возбудуваат и не ни даваат одмор и мир.“ – 2 Сведоштво, 489.
б. Какво предупредување треба да се има на ум во поглед на работата на духовно слепите стражари? Матеј 15,14. Како Господовата слугинка опишува еден таков стражар во историјата на Адвентизмот?
“Некои се толку заслепени од сопственото неверство, така што не увидуваат каков дух го води братот Б… Не само што одбива самиот да оди во светлината на вистината, која Бог му ја дал на својот народ, туку претставува сериозна пречка и за оние кои сакаат да одат во таа светлина… Тој смета дека е чест да се поттикнува сомнеж и неверство во поглед на утврдената вера на оние кои ги држат Божјите заповеди. Вистината на која некогаш се радувал сега за него претставува темнина, и ако не го промени својот курс тој ќе западне во мешавина на ставовите на разните деноминации, додека во целост нема да се согласува ниту со една од нив. Тој ќе претставува одвоена црква за себе…“ – 3 Сведоштво, 409.
“Сатаната добро знае дека патот на измамата и заблудата сигурно ќе го одвои од црквата, како што веќе многумина одвоил“ – 3 Сведоштво, 410.
Среда 9. јули
4. КАРАКТЕРИСТИКИ НА КВАЛИФИКУВАНИТЕ СТРАЖАРИ
а. Опишете ги карактеристиките на верниот Христов слуга? 1 Тимотеј 4,12-16; Тит 2,7.8.
“Стражарите на ѕидовите на Сион имаат привилегија да живеат во близина на Бога, и да бидат толку подложни на влијанието на Неговиот Дух, за да може да работи преку нив и да им укажат на грешниците на нивната опасност, и да им го покажат безбедното место. Избрани од Бога, запечатени со крвта на осветувањето, тие мораат да ги спасуваат мажите и жените од претстојното уништување. Тие верно ги предупредуваат своите ближни од сигурните последици на престапот, и верно го чуваат интересот на црквата. Во својата будност тие ниту еден миг не смеат да се олабават. Нивното дело ги бара сите способности на нивното битие. Нивниот глас мора да одекнува како труба, и на својата порака никогаш не смеат да и даваат нејасен и неодреден тон. Тие треба да работат не за платата која ја примаат, туку затоа што не можат поинаку, бидејќи се свесни дека ќе ги стигне проклетство ако не го проповедаат Евангелието.“ – Слуги на евангелието, 9.
б. Каква работа Христос ни доверил на секого од нас поединечно? Матеј 24,45; 2 Тимотеј 4,2.5.
“Меѓу жителите на земјата, расфрлани по сите краишта на светот, живеат луѓе кои не ги свиткале колената пред Ваал. Како небесни ѕвезди кои се појавуваат само ноќе, овие верници ќе блескаат кога мракот ќе ја покрие земјата и темнина народите. Во незнабожечка Африка, во католичките земји од Европа и Јужна Америка, во Кина и Индија, на морските острови, во сите мрачни делови на Земјината топка, Бог има во резерва на мноштво избрани ѕвезди кои ќе блескаат среде мракот и јасно ќе му покажат на отпадничкиот свет колкава моќ на преобразување има покорувањето на Неговиот закон. Дури и денес тие се појавуваат во секоја нација, јазик и народ… Колку ноќта е помрачна, толку тие појасно ќе блескаат.“ – Патријарси и пророци, 128.
“Според тоа, нека никој денес не го пребројува Израел, туку нека настојува срцето да му биде ‘месно’ и полно со нежно сочувство, срце кое како Христовото ќе се залага за спасение на изгубениот свет.“ – Патријарси и пророци, 128.
Четврток 10. јули
5. КАКВА РАДОСТ ЌЕ ИМА ТАМУ!
а. Кога спасените ќе стигнат во небото, дали тие ќе се препознаваат едни со други? 1 Кор. 13,12. Што ќе се слушне од устата на оние кои ги довеле до Христа?
“Откупените ќе ги сретнат и препознаат оние коишто го насочиле нивното внимание кон возвишениот Спасител. Каков благословен разговор тие ќе водат со овие души! ‘Бев грешник’, ќе каже еден, ‘без Бога и без надеж во светот, а ти дојде и го насочи моето внимание на драгоцениот Спасител како на моја единствена надеж… Друг ќе каже: ‘Бев незнабожец во незнабожечка земја. Ти ги напушти своите пријатели и топлиот дом и дојде да ме научиш како да го најдам Исуса и да верувам во Него како единствен вистински Бог. Јас ги уништив своите идоли, почнав да му служам на Бога и сега го гледам лице во лице. Спасен сум, вечно спасен, засекогаш да го гледам Оној, кого го љубам.“- 6 Сведоштво, 286.
б. Каква изјава ќе слушнат од Христовите усни? Матеј 25,34-40.
“Други ќе ја изразат својата благодарност кон оние кои ги нахраниле гладните и облекле голите со следниве зборови: ‘Кога очајот ја окова мојата душа со неверство, Господ те испрати кај мене да ми зборуваш зборови на надеж и утеха. Донесе храна за моите телесни потреби и ми ја отвори Божјата Реч, укажувајќи ми на моите духовни потреби. Постапуваше со мене како со брат.“- 6 Сведоштво, 287.
Петок 11. јули
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Наведи ја разликата помеѓу верните и неверните стражари?
2. Како Христос ги опишал неверните стражари?
3. Како мнозина се излагаат на опасност да упаднат во истата замка како ‘Братот Б’ спомнат во 3 Свед. 408-410?
4. Како можеме поубедливо да ги одразуваме особините на верата?
5. Прераскажете ја огромната награда со зборовите на благодарност кои ќе бидат изразени на Небото?