13 Крај на еден побожен живот
13. лекција – 28. септември 2013.
Крај на еден побожен живот
“Добро се борев, патот го завршив, верата ја запазив. Понатаму ме очекува венецот на правдата, што ќе ми го даде во оној ден Господ, праведниот Судија; но не само мене, туку и на сите кои се радуваат на Неговото појавување.“ – 2 Тим. 4,7.8.
“(Павловиот) личен живот претставувал жива илустрација на вистините што ги проповедал; и тука лежи неговата моќ со луѓето.“ – Записи од животот на Павле, 325.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апост., 363-378.382-385.
Недела 22. септември
1. АПСЕЊЕ ВО ТРОАДА
а. Спротивно на секое очекување, Павле е чудесно ослободен со указот на Нерон, најсвирепиот и најгрдиот тиранин од сите цезари. Како апостолот ја сметал својата повторно добиена слобода? Гал. 5,13.
б. Иако поштеден од прогонството на христијаните во Рим, што му се случило на Павле за време на патувањето при неговото враќање во Троада? 2 Тим. 4,14.15.
“Евреите ја зачнале идејата барајќи на Павле да му се припише злочинот, тврдејќи дека тој го поттикнал пожарот во Рим. Ниеден од нив ниту за миг не верувал дека тој е виновен; но знаеле дека едно такво обвинение, ако биде изнесено макар и со најмала веројатност, конечно ќе ја запечати неговата судбина. Наскоро им се укажала можност да ги остварат своите планови. Во куќата на еден ученик од Троада, Павле бил повторно уапсен и од тоа место набрзина бил пратен на своето последно заробеништво.
“Апсењето било извршено од страна на напорите на ковачот Александар, кој безуспешно се спротивставувал на работата на апостолот во Ефес и кој сега ја искористил можноста да му се одмазди на оној кого не можел да го победи.“ – Записи од животот на Павле, 304. 305.
в. Имајќи ги во предвид сите околности, каков апел Павле во второто послание до Тимотеј упатил до својот сакан син во верата? 2 Тим. 1,7-14; 4,9.
Понеделник 23. септември
2. ВЕРА ЕДНАКВА НА ХРИСТОВАТА
а. Зошто Павловото второ изведување пред судот во Рим било особено тешко, и каков бил неговиот однос кон оние кои можеле да му помогнат? 2 Тим. 4,16.
“Обвинет за поттикнување на едно од најниските и најужасните злосторства против градот и нацијата (Павле) бил предмет на сеопшто гнасење.
“Малобројните пријатели, кои го делеле товарот на апостолот, сега почнале да го напуштаат – некои го изневериле, а некои заминале на должност во разни цркви.“ – Делата на апост., 367.
б. И покрај сето тоа, каква сигурност Павле имал? 2 Тим. 4,17.18. Каква поддршка и утеха како човек очекувал?
“Никогаш на апостолот не му била потребна толку грижа од страна на неговите браќа како тогаш кога бил изнемоштен од староста, од неволјите и од затворот под влажните сводови на римската зандана…“ -Делата на апостолите, 367.
“Павле, иако навидум рамнодушен кон неволјите и страдањата, копнеел за сочувство и дружење. Посетата на Онисифор, сведочела за неговата преданост за време на осаменоста и напуштеноста, му носеле радост и ведрина на оној кој целиот свој живот го поминал во служба на другите.“ – Делата на апостолите, 368.
в. Зошто Павле, по сето она што доживеал, толку сакал да го види Тимотеја, и зошто неговото срце сега омекнало кон Марко, кој во меѓувреме станал позрел во верата? 2 Тим. 1,36; 4,9-11.
“Христијанското искуство на Марко станало значително подлабоко отколку во првите денови на неговото верување. Размислувајќи постудиозно за Христовиот живот и за Неговата смрт, тој се здобил со појасни погледи за мисијата на Спасителот, за Неговите маки и судири. Читајќи ги лузните што ги носи Христос на своите раце и нозе, обележјата на Неговата служба за човештвото, и сфаќајќи ја сета големина на самооткажувањето и спасувањето на загубените, Марко решил да го следи Учителот по патот на самопожртвуваноста. Сега, делејќи ја заедно со Павле судбината на затвореник, подобро од кога и да е порано сфатил дека е бесконечна добивка да се има Христос, а вечна загуба да се здобие сиот свет а да се загуби душата за чие спасение Христос ја пролеал својата крв. Изложен на тешки искушенија и неволји, Марко останал цврст, непоколеблив, мудар и сакан помошник на апостолот. “ – Делата на апостолите, 342.
Вторник 24. септември
3. ПРЕДАВАЊЕ НА ФАКЕЛОТ
а. Кога Павле го проповедал Евангелието и на закоравениот Нерон ги допрел срцата и на мнозина, што тој посакувал за својот син во верата? 2 Тим. 2,1-4; 4,1.2. На што апостолот се чувствувал принуден да го предупреди и охрабри овој млад проповедник? 2 Тим. 3,1-5.13.14; 4,3-5.
б. Што Павле можел да каже за Божјата видлива грижа за него и за многубројните искуства што ги стекнал проповедајќи го Евангелието? 2 Тим. 3,10.11. Што сите ние мора да сфатиме размислувајќи за животот на Павле? 2 Тим. 3,12; 2 Кор. 11,23.28.
“Вистината секогаш вклучува крст. Оние кои не веруваат им се спротивставуваат и потсмеваат на оние кои веруваат. Фактот дека изнесувањето на вистината предизвикува бура на противење не е никаков доказ против неа. Пророците и апостолите честопати својот живот го излагале на опасност затоа што совесно ја извршувале Божјата волја. И Христовиот апостол изјавува: ’А и сите, што сакаат да живеат побожно во Христос Исус ќе бидат гонети‘ (2 Тим. 3,12). Ова е наследство на христијаните.“ – Записи од жив. на Павле, 279.
“Потфатите на реформаторите секогаш се пратени со загуба, жртва и опасност. Тоа секогаш претставува прекор за лесен живот, себични интереси и похотливи амбиции. Оттука, кој презема или продолжува со такви дејства мора да наиде на противење, клевета и омраза од оние кои не сакаат да се реформираат. Не е лесно да се победат грешните навики и праксата. Тоа може да се оствари само со помош на божествената благодат, но мнозина забораваат да бараат таква помош и се обидуваат да го спуштат стандардот за да ги задоволат нивните недостатоци, наместо да се воздигнат за да го задоволат Божјиот стандард.“ – Записи од жив. на Павле, 305.306.
в. Како Павле се чувствувал пред крајот на својот живот окован во синџири? 2 Тим. 2,7-10. И покрај сите прогонства, што со сигурност мора да биде извор на секоја наша одлука? 2 Тим. 3,16.17; Јован 8,32-36.
“Кога верникот поради вистината е затворен во затворски ѕидови, самиот Христос му се јавува и го воодушевува неговото срце со својата љубов. Кога е осуден на смрт заради Христа, Христос му вели: ’Тие можат да го убијат телото, но душата не можат да ја повредат‘. ’Но не плаши се, зашто Јас го победив светот‘ (Јован 16,33).“ – Одбрани пораки 3, 420.421.
Среда 25. септември
4. СВЕДОЧЕЊЕТО НА ПАВЛЕ ПРЕД НЕГОВАТА СМРТ
а. На што Павле бил свесен пред крајот на својот живот и што можел да каже? 2 Тим. 4,6-8. Како го завршил својот живот?
“Злобата на царот против Павле додатно била зголемена со фактот дека членовите на царското семејство, како и други угледни личности, биле преобратени во христијанството за време на првата затворска казна. Поради таа причина (Нерон) неговата втора затворска казна ја направил значително потешка од првата не давајќи му ниту малку можност да го проповеда Евангелието; и затоа одлучил да го прати во смрт штом за тоа ќе се укаже прва згодна прилика. Умот на Нерон бил толку восхитен од силата на зборовите на апостолот при неговото последно судење така што ја одложил пресудата, ниту го ослободил, ниту го осудил. Меѓутоа, пресудата само била одложена. Набргу потоа изречена е пресуда со која Павле е осуден на маченичка смрт. Како римски граѓанин не можел да биде осуден на јавно мачење и затоа бил погубен со сечење на главата.
“Павле на губилиштето бил одведен тајно. Неговите гонители, вознемирени од степенот на неговото влијание, се плашеле дека сцената на неговата смрт би можела да привлече нови обратеници во христијанството. Оттука на неколку посматрачи им било дозволено да бидат присутни. Но, дури и закоравените војници, кои го придружувале до губилиштето, ги слушале неговите зборови со зачуденост биле сведоци на неговата ведрина, па дури и радост пред смртта. Духот на простување кон своите убијци и неговата непоколеблива доверба во Христа до самиот крај, за некои од нив, кои биле сведоци на неговото мачеништво, претставувале животен мирис за живот. Повеќемина од нив го примиле Спасителот што го проповедал Павле и храбро ја запечатиле својата вера со сопствената крв.“ – Записи од животот на Павле, 329.330.
б. Каква сигурност апостолот желно сака да прифатиме додека длабоко размислуваме за величествената порака на Евангелието? Рим. 8,31-34.
“За сето време на неговиот живот Павле ја носел со себе атмосфера на небото. Сите оние кои доаѓале во допир со него го чувствувале влијанието на неговата поврзаност со Христа и дружењето со ангелите. Тука лежи моќта на вистината. Спонтаното и несвесно влијание на светиот живот претставувале најубедлива проповед која може да се изнесе во корист на христијанството. Аргументите, дури и кога се необорливи, можат да предизвикаат само уште поголемо противење, но побожниот пример има сила на која не е можно целосно да се спротивстави.“ – Записи од животот на Павле, 331.
Четврток 26. септември
5. ПРИМЕНА НА ОВИЕ ПОУКИ ЗА НАШЕ ДОБРО
а. Зошто можеме да бидеме зајакнати во љубовта и делото додека со молитва размислуваме за животот на овој кроток човек на верата – за живот кој, ако тоа го сакаме, може на многу начини да се повтори и во нас? Рим. 8,35-39.
“Што ги одржувало христијаните во сите векови, среде срамотење, искушенија и страдања? Чистата, непоколеблива вера, постојаното настојување да се сфати што е вистина која ја посветува душата и постојано предавање на Бога под сите околности, како кон некој за кого знаат дека никогаш нема да ги изневери.“ – Погледот горе, 244.
“Во текот на долгиот период на служба, Павле никогаш не се поколебал во верноста на својот Спасител. Без разлика дали се наоѓа пред намрштените фарисеи или пред римските власти, пред разбеснетата толпа во Листра или пред осудените грешници во македонската зандана; додека настојувал да ги вразуми морнарите кои биле во паника на насуканиот брод или додека пред Нерон давал одговор за тужбата која го барала неговиот живот – никогаш не се посрамил од вистината за која се залагал. Единствената и голема цел на неговиот христијански живот била да му служи на Оној чие име некогаш го презирал и од таа цел никакво противење и никакво прогонство не можело да го одврати…
“Љубовта на Спасителот била бесмртен мотив кој го подржувал во борбата со самиот себе и во неговата борба против злото, и во службата за Христос продолжувал само напред против непријателско настроениот свет и противењето на неговите пријатели.
“Она што на црквата и е потребно во овие денови на опасност е војска на работници кои, како Павле, постојано учат да бидат корисни, кои имаат длабоко искуство со Бога и кои се полни со срдечност и ревност.“ – Храброст во борбата, 356.
Петок 27. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што ние треба да научиме од срамното неправедно лажно обвинение против Павле?
2. Објасни ја позитивната промена на Павле кон Марко?
3. Зошто реформацијата, иако го наградува оној што ќе ја прифати, секогаш претставува предизвик?
4. Опиши го однесувањето на Павле во мачеништво?
5. Каква претстава можеме да добиеме за апостол Павле проучувајќи го неговиот живот?