12 Во Рим

Сподели го ова:

12. лекција – 21. септември 2013.

Во Рим

“Затоа, што се однесува до мене, подготвен сум и вам во Рим да ви го проповедам Евангелието. Зашто јас не се срамам од Евангелието на Христос, бидејќи тоа е сила Божја која го спасува секого што верува, прво Јудеец, а потоа и Елин.“ – Рим. 1,15.16.

“Павле долго време копнеел да го посети Рим. Силно сакал и таму да сведочи за Христа, но чувствувал дека неговите намери биле осуетени од непријателството на Евреите. Тој малку мислел … дека во Рим ќе отиде како затвореник.“ – Записи од животот на Павле, 225.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апост., 336-351.361.362.
Недела 15. септември
1. ДОЛГО ПОСАКУВАНА ЦЕЛ
а. Колку долго Павле се надевал дека ќе се сретне со верниците во Рим? Дела 19,21. Кој ја потврдил оваа цел која апостолот ја имал во срцето? Дела 23,11.

б. Опишете го влијанието на посланието на Павле до Римјаните? Рим. 1,1-7.

“Додека им пишувал на христијаните во Рим, Павле имал намера тоа да бидат, исто така, инструкции и за другите цркви; но колку малку можел да го предвиди далекосежното влијание на неговите зборови! Големата вистина за оправдувањето со вера, како што е наведено во ова послание, стои низ сите векови како силен светилник упатувајќи го покајничкиот грешник на патот на животот.“ – Записи од животот на Павле, 187.

в. Зошто Павле сакал да дојде Рим? Рим. 1,8-17. Каква охрабрувачка препорака дава апостолот во своето послание до Римјаните? Рим. 16,19.20.

Понеделник 16. септември
2. СРДЕЧНО ДОБРЕДОЈДЕ
а. Опишете го пристигнувањето на Павле во градот Рим. Дела 28,15.

“Павле со тешко срце одел во пресрет на својата долго посакувана посета на метрополата на светот. Колку многу се разликувале околностите од оние што ги очекувал! Како, вака окован и жигосан, ќе го проповеда евангелието? Неговите надежи дека во Рим ќе придобие многу души за вистината изгледале осудени на целосно разочарување.

“Најпосле патниците пристигнале до Апиев Форум, околу шеесет и пет километри од Рим. Додека се пробивале низ густата толпа која се туркала на големата сообраќајница, на седиот старец, окован заедно со група, очигледно окоравени криминалци, му биле упатувани многу презриви погледи и многу груби, подбивни шеги.

“Одненадеж слушнал радосен извик, и еден човек се изделил од толпата поминувачи и паднал околу вратот на затвореникот, прегрнувајќи го со солзи радосници, како син кој го поздравува долго отсутниот татко. Таа сцена се повторувала, зашто желното очекување го изострило видот кај мнозина кои сфатиле дека окованиот затвореник е истиот оној кој некогаш во Коринт, во Филипа и Ефес им зборувал зборови на живот.

“Бидејќи воодушевените ученици желно се собирале околу својот татко во евангелието, групата запрела. Војниците станале нестрпливи поради таквите задржувања, но сепак, тие немале срце да ја прекинат оваа срдечна средба, зашто и самите научиле да го почитуваат и да го ценат нивниот затвореник. Во тоа истрошено и со болка погодено лице, учениците виделе отсјај на Христовиот лик. Тие го уверувале Павле дека не го заборавиле ниту пак престанале да го сакаат, свесни оти му должат благодарност за радосната надеж која ги бодри во животот и им дава мир во Бога. Кога би им се дала предност и кога би им се укажала чест, тие во својата топла љубов би го носеле на рамена се до Рим.

“Малку има такви кои го сфаќаат значењето на зборовите на Лука дека Павле, кога повторно ги видел своите браќа, ’му заблагодари на Бога и повторно се охрабри‘ (Дела 28,15). Наоѓајќи се така среде група верници кои плачеле, кои му укажувале љубов и не се срамеле од неговите окови, апостолот гласно му заблагодарил на Бога. Исчезнал облакот на тага кој заканувачки лебдел над неговиот дух. Неговата христијанска работа и неговиот живот претставувале низа тешкотии, страдања и разочарувања, но во тој миг почувствувал дека за сето тоа е богато награден. Со поцврст чекор и со радосно срце го продолжил својот пат. Не се жалел на минатото, ниту се плашел од иднината. Знаел дека го очекуваат окови и страдања, но исто така знаел дека должност му е да ги спасува душите оковани со неспоредливо потешки окови и се радувал во неговите страдања за Христа.“ – Делата на апостолите, 337.338.

Вторник 17. септември
3. АПЕЛ ДО НЕГОВИТЕ СОНАРОДНИЦИ
а. Со што некои од Павловите страдања биле олеснети во Рим? Дела 28,16.

“Во Рим капетанот Јулиј му ги предал своите затвореници на заповедникот на царската стража. Поволниот извештај што го дал за Павле, како и писмото упатено од Фест, придонеле апостолот да се здобие со благонаклоност кај главниот заповедник така што, наместо да оди во затвор, дозволено му е да живее во куќа што самиот ја најмил. Иако се уште бил врзан со окови за војник, тој можел слободно да ги прима своите пријатели и да се залага за напредок на Христовото дело.“ – Делата на апостолите, 338.

б. Третиот ден по доаѓањето во Рим, Павле нарочно побарал средба со еврејските старешини. Што можеме да научиме од ставот на Павле? Дела 28,17-20.

“Ништо не зборувал за неправдата што морал да ја поднесе од страна на Евреите ниту за нивните многубројни заговори да го убијат. Неговите зборови биле полни со внимание и добрина. Тој не се стремел да го придобие вниманието или наклоноста лично за себе, туку само да ја одбрани вистината и да ја одржи честа на Евангелието.“ – Делата на апостолите, 339.

в. Опишете ги постигнатите резултати? Дела 28,21-24. До каков заклучок апостолот конечно дошол? Дела 28,25-27.

“Им го изнел своето лично искуство и многу докази од старозаветните списи ги изложил едноставно, искрено и впечатливо.

“Апостолот покажал дека религијата не се состои од обреди и церемонии, од исповедање на верувањата и теории… Павле учел дека религијата е нешто практично, сила која спасува, начело кое целосно произлегува од Бога, лично доживување на дејството на Божјата сила врз душата…
“Да се прифати Христос со вера, да се запознае духовно, тоа значи далеку повеќе отколку лично, физичко познанство со Него додека бил на земјата. Оваа заедница со Христа што Павле сега ја имал, била поинтимна и поцврста од вообичаеното земно, човечко пријателство.“ – Делата на апостолите, 339.

“Додека Павле зборувал и сведочел за она што го видел и што го знаел во врска со Исуса Назареќанецот како надеж на Израел, сите кои искрено ја барале вистината биле осведочени. Неговите зборови во душата барем на некои од неговите слушатели оставиле впечаток кој никогаш нема да се избрише. Но други упорно одбивале да го примат јасно изложеното сведоштво на Светите списи.“ – Делата на апостолите, 340.

Среда 18. септември
4. СПАСЕНИЕ ЗА НЕЗНАБОШЦИТЕ
а. Која изјава на Павле очигледно се исполнува се до денешен ден? Дела 28,28. Каков бил резултатот од неговото излагање? Дела 28,29.

б. Опишете ги новите можности укажани на Павле, иако се уште бил со оковите врзан за римскиот стражар. Дела 28,30.31. Како Господ и оваа негова тешкотија ја искористил на добро? Фил. 1,12-14.

“И така апостолот, иако привидно изолиран од активната работа, всушност вршел пошироко и подалекосежно влијание отколку поранешните години кога можел слободно да ги посетува црквите. Како ’затвореник за Христа‘, тој чувствата и љубовта на своите браќа ги врзал за себе уште поцврсто, а неговите зборови, напишани од оној кој бил во окови заради Христа, привлекувале поголемо внимание и почит отколку сам да бил меѓу нив. Се додека Павле не бил отстранет од нив, верниците не сфатиле колку тешко било бремето што тој го носел за нив. До тој миг, тие во голема мера ги одбегнувале одговорностите и товарите, изговарајќи се дека им недостига неговата мудрост и тактичност при однесувањето со луѓето, како и неговата нескротлива енергија. Но сега, кога така неискусни морале да се навикнуваат на она што порано го одбегнувале, знаеле да ги ценат неговите совети, неговите опомени и поуки повеќе отколку некогаш што ја ценеле неговата лична работа. А извештајот за неговата храброст и вера за сето време на неговото долго заточение, ги поттикнувале на уште поголема преданост и ревност во Христовото дело.“ – Делата на апостолите, 341.

в. Иако Павле не се обидувал да го собори римскиот поредок со неговата робовладетелска политика, кои принципи тој сепак ги истакнувал во своето учење? Гал. 3,8; Ефес. 6,9; 2 Кор. 3,17. Наведи пример за тоа како тој видел надеж во безнадежното. Фил. 10-18.

“Во добрината на своето срце Павле сакал да му ја олесни бедата и неволјата на овој несреќен бегалец, а потоа се потрудил во неговиот затемнет ум да ја внесе светлината на вистината. Онисим ги слушал зборовите на животот, ги признал своите гревови, се преобратил и ја прифатил верата во Христа.“ – Делата на апостолите, 342.

Четврток 19. септември
5. ВО САМАТА ТВРДИНА НА НЕЗНАБОШТВОТО
а. Кои биле најзабележителните обратеници за време на Павловиот престој во Рим под владеењето на свирепиот цар Нерон? Фил. 4,22. Што ни кажува тоа кога се обидуваме да се изговараме за својата неповолна околина? Фил. 4,11-13.

“Секој кој се наоѓа во искушение да се оправдува со постојните околности зошто не сведочи за Христа, нека ја земе во предвид ситуацијата на учениците кои се наоѓале во домот на Цезарот – на изопаченоста и расипаноста на царот и сето расипништво во дворот. Ние тешко можеме да замислиме понеповолни околности за верскиот живот, поголеми жртви и противења од оние во кои се наоѓале тие обратени верници. Но тие, среде сите нивни тешкотии и опасности, ја сочувале својата верност.“ – Делата на апостолите, 350.

“Спасителот со личен пример покажал дека Неговите следбеници можат да бидат во светот, а сепак да не бидат од светот. Тој не дошол да земе учество во измамливите задоволства, не сакал да ги следи нивните обичаи и нивната пракса, туку да ја исполнува волјата на Отецот, да го бара и да го спаси изгубеното. Имајќи ја пред себе таа цел, христијанинот може да остане чист, неизвалкан во својата околина. Какви и да биле неговите животни околности, без оглед дали неговата општествена положба е висока или скромна – христијанинот ја покажува силата на вистинската вера со верно исполнување на својата должност.

“Христијанскиот карактер се развива не со ослободување од искушенијата и неволјите, туку среде нив. Изложеноста на отфрлање и на противење само му помага на Христовиот следбеник да биде уште попретпазлив и да упатува уште посрдечни молитви кон силниот Помошник. Тешките неволји, поднесени благодарение на Божјата милост, развиваат трпение, будност, постојаност и длабока и непоколеблива доверба во Бога. Триумфот на христијанската вера на Христовиот следбеник му овозможува да трпи и истовремено да биде силен, да се потчинува и со тоа да победува, да биде убиван цел ден, а сепак да живее, да носи крст и со тоа да добие венец на слава.“ – Делата на апостолите, 351.

Петок 20. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како можеме да бидеме инспирирани од Павловата копнежлива желба да дојде во Рим?
2. Како сцената на Павловото пристигнување во Рим не учи за приоритетите во животот?
3. Како можеме да бидеме во опасност да го изгубиме Христа од вид, како што тоа го направиле Евреите?
4. Објасни ја Божјата цел во поглед на Павловиот престој во Рим?
5. Зошто ние треба да се чувствуваме понижени од страна на преобратениците во Цезаровиот дом?

Сподели го ова:

Similar Posts