09 Затвореник за вистината
9. лекција – 31. август 2013.
Затвореник за вистината
“Не радувај се на мојата мака, непријателко моја! Иако сум паднат, јас ќе станам; макар што сум сега во мрак – Господ е мојата светлина.“ – Михеј, 7,8.
“Кога ќе здогледате зрак на небесна вистина, не свртувајте се од неа. Не бидете непокорни кон небесното видение. Живејте според светлината која ја имате и вашата патека ќе биде посветла и посветла. Во светлината која блеска од Голгота, ќе ја видите одвратноста на гревот, како и Божјата подготвеност да ве спаси од гревот.“ – Знаци на времето, 27. мај, 1903.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 302-311.
Недела 25. август
1. СТРАДАЛНИК КАКО И НЕГОВИОТ УЧИТЕЛ
а. Откако, како познат поборник на христијанството во странски земји со почит влегол во внатрешното предворје на Ерусалимскиот храм, на каква опасност Павле се изложил? Дела 21,27.28.
“Оние што му советувале на Павле да преземе таков чекор не размислувале доволно ниту воопшто сфатиле на каква голема опасност ќе го изложат со тоа. Во тие празнични денови Ерусалим бил полн со поклоници од многу земји. Исполнувајќи ја должноста што му ја наменил Бог, додека им го проповедал евангелието на незнабошците, Павле посетил многу од најголемите градови на светот и така станал добро познат за илјадници луѓе кои сега од други земји дошле во Ерусалим да присуствуваат на свеченостите на празникот. Меѓу нив имало и такви чиишто срца биле полни со горчина и омраза кон Павле, и неговото влегување во храмот за време на празникот значело ризикување на животот.“ – Дел. на апост., 302.
б. Какво лажно обвинение Евреите му подметнале на Павле додека насилно го извлекувале од просториите на храмот? Дела 21,29.
ц. Прераскажи го бурниот метеж кој уследил? Дела 21,30-36. На кој настан оваа сцена не потсетува? Марко 15,12-14.
Понеделник 26. август
2. БОЖЈИОТ СЛУГА СОЧУВАН
а. Што барал Павле (на грчки јазик) од Римскиот офицер кој го држел во притвор? Дела 21,37. Како Павле погрешно му бил прикажан на овој човек и зошто тој бргу го задоволил неговото следно барање? Дела 21,38-40. Што можеме да научиме од подготвеноста на Павле секогаш да ја искористи можноста за сведочење? 2 Тим. 4,2.
“Не мешајте се со светот според својот избор; но ако имате збор на предупредување, повик, молба, не плашете се да зборувате. Не пропуштајте ја можноста да сведочите за Христа. Тој е извор на секоја благодат и Тој своите претставници – снабдувајќи ги со скапоценото златно масло – ќе ги оспособи смело да сведочат за Него. Кога ќе се посветите на Бога, Светиот Дух ќе ве снабди со свето масло, на тој начин светилниците секогаш можат да се држат запалени.“ – РХ, 16. мај, 1899.
б. Зошто Павловото уводно излагање мнозина од Евреите кои го слушале релативно добро го примиле? Дела 22,1-5. Зошто Павле можел дури и да го продолжи своето сведочење се додека во своето излагање не дошол до точка кога Евреите повеќе не можеле да го толерираат? Дела 22,6-22.
“Кога (Павле) би се обидел да влезе во расправија со своите противници, тие тврдоглаво би одбивале да ги слушаат неговите зборови. Меѓутоа, тој со убедлива моќ ги изложувал своите доживувања, така што за извесно време се чинело како да ги омекнал и освоил нивните срца.
“Потоа се обидел да објасни дека неговата работа за незнабошците не била според негов сопствен избор. Тој сакал да работи за својот народ, но токму тука, во истиот тој храм, Божјиот глас му проговорил во света визија, насочувајќи го неговиот пат ’далеку кај незнабошците‘ (Дела 22,21).
“Се до тој миг народот мошне внимателно слушал; но кога Павле во излагањето на настаните од својот живот спомнал подробност дека како Христов претставник бил пратен при незнабошците, гневот на народот повторно се разгорел. Навикнати себеси да се сметаат за единствен народ кој ужива Божја наклоност, тие не сакале да дозволат презрените незнабошци да учествуваат во благодатите за кои до тогаш сметале дека им припаѓаат исклучиво ним.“ – Делата на апостолите, 305.
Вторник 27. август
3. ПРЕД СИНЕДРИОНОТ
а. Што презел главниот заповедник, бидејќи не можел да ги разбере Евреите, против неговиот затвореник само врз основа на разјарената толпа против него? Дела 22,23.24. Како Павле мирно ја спречил тортурата на која сакале да го изложат и што одлучиле да направат со него? Дела 22,25-30.
б. Колку силни биле шансите на Павле откако му било овозможено да сведочи пред еврејскиот Синедрион? Дела 23,1-5. Согледувајќи ја бесмислената ситуација, кој остроумен чекор Павле го презел – и зошто Бог го употребил незнабожечкиот властодржец за да го заштити животот на својот слуга? Дела 23,6-10. На што ова искуство не потсетува?
“Сатаната со сите сили се трудел да ја засолни божествената светлина од светот и го употребил сето свое лукавство за да го уништи Спасителот. Меѓутоа, Оној, кој никогаш не дреме и не спие, будно стражарел над својот сакан Син. Оној, кој на Израелците им испраќал мана, од небото го хранел Илија во времето на глад, сега се погрижил за прибежиште на Марија и на малиот Исус во една незнабожечка земја.“ – Копнежот на вековите, 46.
ц. Од која перспектива ние треба да ги посматраме Павловите судења, како тој тоа самиот го објаснува во своите записи? 2 Кор. 4,17.18.
“За христијанинот овој живот во најдобар случај е само студена зима и студените зимски ветрови – загубите, разочарувањата, болките и страдањата – овде се само дел од нашата судбина; но нашите надежи досегаат напред, кон летото на христијанинот, кога ќе се промени климата; затоа да ги оставиме сите зимски ветрови и жестоките бури зад себе и да размислуваме за дворовите кои Исус отишол да ги подготви за оние кои Г о љубат…
“Кога нашите околности ќе ги споредиме со оние на апостол Павле ние треба секогаш да се чувствуваме укорени и никогаш да не се жалиме. Ние многу малку знаеме од лично искуство што значи самоодрекување, прогонство и болка заради Христа. Ние сме тука на проверка и мораме да поминуваме низ искушенија.“ – РХ, 7. ноември, 1878.
Среда 28. август
4. СВЕТЛИНА ВО НОЌТА
а. Додека Павле бил осамен таа ноќ, осрамотен од своите сонародници и горко прогонуван заради неговиот Спасител, на што Господ го потсетил? Дела 23,11.
“Подоцна, кога размислувал за тоа мачно доживување, Павле почнал да стравува дека неговото тогашно однесување можеби не било по Божја волја. Можеби згрешил што воопшто и дошол во Ерусалим? Можеби неговата голема желба да биде во единство со своите браќа резултирала со вакви несреќни последици?
“Ставот на Евреите како таканаречен Божји народ пред незнабожечкиот свет предизвикал голема загриженост и болка во душата на апостолот. Какво мислење за нив ќе имаат тие незнабожечки војници? Евреите тврдат дека се поклоници на Јехова, а проникнати со слеп и неразумен гнев се нафрлаат да ги уништат дури и сопствените браќа кои не се согласуваат со нив по прашањето на верата и својот најсвечен верски собор го претвораат во сцена на судири и дивјачка конфузија. Павле чувствувал дека на Божјото име му е нанесен срам во очите на незнабошците.
“Сега се наоѓал во затвор и знаел дека неговите непријатели со очајна злоба ќе се послужат со сите средства да го убијат. Дали е можно неговата работа и неговите заложби за црквата да завршиле и сега ќе се појават бесни волци? На Павле на срце му лежело Христовото дело и тој со длабока вознемиреност размислувал за опасностите во кои се наоѓаат расеаните цркви, изложени на прогони од исти такви луѓе на какви што наишол во Синедрионот. Вознемирен и обесхрабрен, Павле плачел и се молел на Бога.
“Во тој мрачен час Господ не го занемарил својот слуга. Тој го заштитил од бесот на убиствено расположената толпа во предворјето на храмот; Тој бил со него пред Синедрионот; Тој бил со него и во тврдината; Тој и сега му се открил на својот верен сведок, одговарајќи на неговата искрена молитва да му го покаже патот. ’Ноќта му се јави Господ и му рече: „Не плаши се, Павле! И како што сведочеше за Мене во Ерусалим, така ќе треба да сведочиш и во Рим.“ – Делата на апостолите, 307.
б. Што Павле можел да сфати во тој момент? Псалм 63,5-9; 5 Мојс. 31,6.
Четврток 29. август
5. ЗРАЦИ НА СВЕТЛИНА СРЕДЕ СУДЕЊЕТО
а. На кои мудри одлуки и ветувања, чие ехо низ вековите допира и до нас, треба да се потсетиме секогаш кога се наоѓаме во тешки, збунувачки ситуации слично на оние што Павле ги претрпел? Михеј 7,7.8; 2 Кор. 4,8-10.
“Кога водачите на црквата (христијанска) во Ерусалим целосно би се ослободиле од своите чувства на огорченост кон апостолот, и кога би го прифатиле како човек посебно повикан од Бога да им го однесе евангелието на незнабошците, Господ би го поштедил Павла. Бог не одредил работата на Павле толку бргу да се заврши, но не сторил ниту чудо за да го запре текот на настаните што ги предизвикале раководните луѓе на црквата во Ерусалим.“ – Делата на апостолите, 310.
б. Додека Павле бил во затвор, каква чудна завера била направена против него и како Бог се погрижил главниот заповедник да биде информиран за тоа што се случува и да преземе акција во корист на Павле? Дела 23,12-30. Како Господ гледа на таквото постење? Ис. 58,2-5.
ц. Што направиле војниците со Павле и каква одлука донел намесникот? Дела 23,31-35. Како Христос прорекол дека тоа ќе им се случува на Неговите следбеници – и зошто Павле на ова судење гледал како на привилегија? Лука 21,12; Псалм 119,46; Изреки 22,29.
Петок 30. август
ЛИЧЕНПРЕГЛЕДНА ПРАШАЊАТА
1. Како можеме да ја избегнеме ситуацијата каква што Павле имал во храмот?
2. На што Павле давал приоритет во оваа криза?
3. Како апостолот ја опишува својата перспектива среде големиот судски процес?
4. На кој начин Христос во текот на ноќта ја покажал својата милост и грижа за својот прогонет слуга?
5. На кои начела треба да се научиме од ова поглавје од Павловото искуство ?