08 Опкружен со опасности

Сподели го ова:

8. лекција – 24. август 2013.

Опкружен со опасности

“Зашто нашата борба не е против крвта и телото, туку против началствата, против властите, против светските владетели на темнината на овој век: против духовните сили на злото во небесните места. “ – Ефес. 6,12.

“Во извршување на своите должности и здобивање на победа ние треба да бидеме како војници, и не смееме да бидеме неупатени во поглед на сатанските лукавства. Да се молиме и будно да стражариме за да сатаната не не заведе да заборавиме на нашата потреба за молитва.“ – Денес со Бога, 27.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 288-302.
Недела 18. август
1. ПРЕПОЗНАВАЊЕ НА НАТПРИРОДНИТЕ ДЕЛА
а. Објаснете ги необичните здравствено мисионерски постапки на Павле кои потсетуваат на некои од Христовите чуда? Дела 19,11.12; Мат. 14,35.36; Лука 8,43-48.
“Апостолите не биле секогаш во состојба да прават чуда. Оваа посебна сила Господ им ја давал на своите слуги кога тоа било потребно заради напредок на Неговото дело или честа на Неговото име… Во такви прилики делови од облеката претставувале лек за сите што верувале, ’и болестите ги напуштаа, а злите духови излегуваа од нив‘. Сепак овие чуда не давале никакво охрабрување за слепото суеверие. Кога Исус го почувствувал допирот на жената која страдала, Тој извикал: ’Некој се допре до Мене, зашто сетив дека излезе сила од Мене‘. Така Писмото кажува дека Господ ги чинел чудесата со рацете на Павле и дека е воздигано и славено името на Господ Исус, а не името на Павле.
“Манифестацијата на натприродната сила која ја пратила работата на апостолот имала за цел да остави длабок впечаток на оние кои се оддале на вражањето и гордо се фалеле дека одржуваат врска со невидливи суштества. Чудата на Павле биле далеку поубедливи од се што било видено во Ефес и биле од таков карактер така што тие не можеле да бидат имитирани од вештината на магионичарите или гатањето на вражачите. На тој начин Господ го воздигнал својот слуга така што дури и самите идолопоклоници го признале за немерливо повисок од нивните најпопуларни вражачи.“ – Записи од животот на Павле, 135.136.

Понеделник 19. август
2. ДРЕВНО И СОВРЕМЕНО ГАТАЊЕ
а. Како Христовото име било одбрането од срамното отпадништво на некои Евреи кои се спуштиле на ниво на магии? Дела 19,13-16. Како мнозина биле импресионирани од овој настан? Дела 19,17.18.
б. Што направиле мнозина новообратени верници кои некогаш практикувале магии? Дела 19,19.20. Зошто? Матеј 5,29.30; Ефес. 6,12.
“Кога Христовата благодат ќе изврши преобразба во срцето, душата на покајникот е обземена од оправдано негодување и згрозување над гревовите поради кои толку долго го занемарувал големото спасение кое Бог го обезбедил за него… Тој, како и Ефесјаните, ќе се откаже од вражањето и ги пресекува последните нишки кои го врзувале за сатаната. Тој ги напушта редовите на кнезот на темнината и доаѓа под крвавото знаме на Кнезот Емануел. Тој ќе ги изгори магичните книги.“ – Упатства за младите, 16. септември, 1893.
ц. Што мораме да сфатиме за многуте печатени, видео, ДВД, и интернет содржини? Проповедник 12,12.13; 1 Тим. 6,20.21.
“Отфрлете ги измислените приказни, кои се плод на нечија фантазија и го оставаат умот отворен за маѓепсувачката власт на сатаната; ваков вид на читање создава неприроден апетит за измислени приказни кои на умот на читателот не му даваат никаква морална сила. Измислените приказни го оставаат умот и срцето на читателите лишени од Божјата благодат како што ридовите на Гелвуја биле лишени од роса и дожд. Нека секој кој сака со право да се нарече и биде Божјо дете ги изгори тие магиски книги…
“Книгите од перата на неверниците не треба да најдат место во библиотеките на оние кои сакаат да му служат на Бога. Тие подобро ќе направат ако ги искористат како материјал за нивните шпорети, отколку како храна за умот. Атеистичките книги биле причина за пропаста на многу души. Луѓето кои проучуваат такви книги инспирирани од сатаната, остануваат збунети во поглед на она што е вистина. Сатаната стои покрај секого кој отвора таква книга и поттикнува навика на читање на таква литература маѓепсувајќи ја душата до таа мера така што ќе биде речиси невозможно да се раскине со таквиот занес.“ – Упатства за млад., 23. ноември, 1893.
“Сите оние кои ризикуваат впуштање во призори од развратно или безбожно задоволство или бараат друштво на сладострасник, скептик или богохулник, било со лични разговори или со посредство на јавни медиуми, печат и сето останато, сплеткарат со вражарството.“ – Записи од животот на Павле, 140.

Вторник 20. август
3. НОВО ДОБА, ОКУЛТИЗАМ, СПИРИТИЗАМ
а. Колку вражањето е сериозна одвратност во очите на Бога? 3 Мојс. 20,6.27; 5 Мојс. 18,9-12. Наведи некои од начините на кои овие древни гнусоби се практикуваат и денес под различни имиња и маски?
“Еден претставник на големиот измамник ќе каже и ќе направи се за да ја оствари целта на својот господар. Тој ретко кога ќе признае дека е спиритист, вражач или дека лекува со помош на таканаречениот ‘животински магнетизам’. Правејќи се дека многу знае, тој ја придобива довербата на невнимателните. Тој се прикажува како да ја чита историјата на животот и ги познава сите тешкотии и страдања на оние кои му се обраќаат за помош. Прикривајќи се во ангел на светлината, додека во срцето му е гробен мрак, тој покажува голем интерес кон жените кои копнеат по неговиот совет. Тој им кажува дека сите нивни проблеми се последица на несреќен брак. Ова може да биде исто така вистина, но ова нема да ја поправи нивната состојба. Тој им кажува дека им е потребна љубов и сочувство. Преправајќи се дека има голем интерес за нивната благосостојба, тој стекнува магиска моќ над своите жртви, и ги маѓепсува како што змијата ја маѓепсува затреперената птица. Набргу тие целосно паѓаат под негова власт; и гревот, срамот и пропаста претставуваат ужасен исход од сето тоа. Нашата единствена сигурност е во зачувувањето на ’старите меѓи‘.“ – Христијанска умереност, 155.
“Оние кои веруваат во спиритизам можеби со презир зборуваат за некогашните вражачи, но големиот измамник победоносно се исмејува кога тие запаѓаат во неговите лукави стапици во поинаков облик.
“Некои со ужас ја отфрлаат помислата да се обратат на спиритистички медиум, но ги привлекуваат некои попријатни облици на спиритизам. Други пак се заведени од учењата на култот ’Христијанската наука‘ и од страна на мистицизмот на Теозофијата и другите источни религии.
“Проповедниците на скоро сите облици на спиритизам тврдат дека имаат моќ да исцелуваат. Тие таа моќ ја припишуваат на електрицитетот, магнетизмот на т.н. ’симпатетични лекови‘ и скриените внатрешни сили на човековиот ум.“ – Пророци и цареви, 141.
“И во таканаречениот христијански свет, не е мал бројот на оние кои им се доверуваат на злите духови а не во силата на живиот Бог. Мајката која бдее над постелата на болното дете извикува: ’Повеќе не можам да направам ништо. Постои ли лекар кој може да го излечи моето дете? Некој ќе и раскаже за чудесното излекување на некој јасновидец или магнетен исцелител и таа своето дете го доверува на негова грижа, ставајќи го навистина во рацете на сатаната како тој да стои непосредно до неа. Во многу случаи идниот живот на детето е под контрола на сатанската моќ која е речиси невозможно да се совлада.“ – 5 Сведоштво, 179.
“Секој човек кој негува некоја позната заблуда, во вера или пракса, е под власта на магии.“ – Знаци на времето, 18. мај, 1882.

Среда 21. август
4. ПАВЛЕ ПРОДОЛЖУВА ЗА ЕРУСАЛИМ
а. Иако Павле секогаш имал намера да оди во Ерусалим за да ги отстрани предрасудите на неговите еврејски сонародници, на што неговите браќа го предупредиле? Дела 21,3.4. Зошто тој сепак продолжувал напред? Дела 21,5; 2 Кор. 5,7.
“Светиот Дух (на неколку ученици во Тир) открил нешто од опасностите кои го очекуваат Павле во Ерусалим, и тие настојувале да го одвратат од неговата намера. Но истиот Дух кој го предупредил за неволјите, оковите и затворот, се уште го гонел напред, во доброволно заробеништво.“ – Записи од животот на Павле, 203.
б. Кое додатно просветлување дошло до Павле во Кесарија, и зошто сите биле потчинети од неговиот трогателен одговор? Дела 21,8-15. Каква перспектива им нуди Христос на оние кои се спремни и на мачеништво? Лука 12,4.5.
“Апостолот бил длабоко потресен од молбите на неговите сакани браќа. Според човечко расудување тој имал доволно причини да се откаже од својот план како од нешто што не е разумно. Но тој чувствувал дека на тој пат бил поттикнат од послушноста на Божјата волја и не дозволувал да се одврати од советите на пријателите па дури и од предупредувањата на пророците. Тој не сакал да скршне од патот на должноста ниту надесно ниту налево. Морал да го следи Христа, ако затреба и во затвор и во смрт. Солзи му навирале на очи и заплакал не заради себе, туку во сочувство со своите браќа на кои неговата одлука им донела толку голема тага.“ – Записи од животот на Павле, 205.
ц. Опишете ги резултатите по пристигнувањето на Павле во Ерусалим? Дела 21,17.18.
“Павле и неговите придружници на одговорните за делото во Ерусалим уредно им ги предале прилозите што им ги пратиле верниците од незнабожечко потекло како помош за сиромашните меѓу нивните браќа во Ерусалим. При собирањето на тие прилози Павле и неговите соработници потрошиле многу време, грижливо планирање и вложиле големи напори. Сумата која далеку ги надминала очекувањата на старешините во Ерусалим претставувала плод на многу жртви, па дури и на строго самооткажување од страна на верниците од незнабожечко потекло.“ – Делата на апост., 297.
“На Павле и на неговите придружници им било јасно дека дури и меѓу оние пред кои сега стојат има луѓе кои не знаат да го ценат духот на братската љубов која била поттик за таквата дарежливост.“ – Делата на апостолите, 297.

Четврток 22. август
5. ИЗЛАГАЊЕ НА ОПАСНОСТИ
а. Објаснете колку, неочекувано создадениот план за Павле и човечката логика со која се раководеле старешините во Ерусалим, бил непромислен и непотребен. Дела 21,19-25.
“Браќата се надевале дека Павле, ако го послуша нивниот совет, решително ќе ги побие лажните гласови што се ширеле за него. Тие го уверувале дека одлуката на поранешниот собор во врска со обратениците од незнабожечко потекло и за церемонијалниот закон се уште е во сила. Меѓутоа, ваквиот совет не бил во согласност со таа одлука. Ова упатство не било поттикнато од Божјиот Дух, туку било плод на страшливост.“ – Делата на апостолите, 301.
6. Што презел Павле во врска со остварувањето на овој план? Дела 21,26. Зошто тој се согласил да изврши едно такво дело? 1 Кор. 9,22.23.
“Павле сфатил дека водечките луѓе во ерусалимската црква доколку продолжат да негуваат предрасуди против него ќе го попречуваат неговото влијание. Сметал дека, ако со некоја разумна постапка ги придобие за вистината, на тој начин ќе може да ја отстрани големата пречка за успех на евангелието и на други места. Меѓутоа, Бог не го овластил да признае се што тие во овој случај барале.
“Кога размислуваме за големата желба на Павле да биде во хармонија со неговите браќа, неговата нежност кон слабите во верата, неговата почит кон апостолите кои биле со Христос, и кон Јаков – братот Господов – негова цел е на сите да им биде се, а при тоа да не го жртвува начелото, тогаш не е толку чудно што тој бил принуден да отстапи од патот по кој одел до тогаш.“ – Делата на апостолите, 301.
Петок 23. август
ЛИЧЕНПРЕГЛЕДНА ПРАШАЊАТА
1. Под какви околности Бог ги вршел необичните чуда?
2. Кои се некои од ’магичните книги‘ кои треба веднаш да изгорат?
3. На кои форми на спиритизам можеби ќе бидеме во опасност да постанеме плен ако не сме доволно будни?
4. Зошто Павле одел во Ерусалим?
5. Што треба да научиме од заклучокот на Павле во Ерусалим?

Сподели го ова:

Слични објави