06 Коринт

Сподели го ова:

6. лекција – 10. август 2013.

Коринт

“Зашто од многу грижи и од тага на срцето ви пишував со многу солзи, не за да ве ожалостам, туку за да ја познаете преголемата љубов што ја имам кон вас. “ — 2 Кор. 2,4.

“Ниеден човек кој некогаш живеел не бил посрдечен, поенергичен и посамопожртвуван Христов ученик отколку што тоа бил Павле… Тој горел од желба на луѓето кои пропаѓаат да им го пренесе знаењето за вистината преку Спасителовата љубов.“ – Записи од животот на Павле, 100.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апост., 183-191.222-229.
Недела 4. август
1. МИСИОНЕРСКИ ИЗРАБОТУВАЧ НА ШАТОРИ
а. Каков благослов Господ подготвил за Павле по неговото пристигнување во Коринт? Дела 18,1-3. Што треба да сфатиме за ситуацијата во која Павле се наоѓал?
“(Павле) со сета душа бил посветен во Божјото дело, но се прехранувал и со својот скромен занает за да не ги оптоварува црквите кои биле притиснати со сиромаштија. Иако основал многу цркви, тој одбил да биде помогнат од нив, плашејќи се дека неговата корисност и успех како Христов проповедник би можеле да бидат осуетени поради сомневањата дека тој Евангелието го проповеда заради добивка. Сакал од неговите непријатели да го отстрани секој повод погрешно да го прикажат и на тој начин да ја неутрализираат силата на неговата порака.
“Како работник во Евангелието, Павле имал право на поддршка, а не самиот да се издржува; но од ова право тој бил подготвен да се откаже. Иако со слабо здравје, тој по цел ден напорно работел во Христовото дело, а потоа мачно се напрегал до некое доба од ноќта, а често и по цела ноќ, за да може да ги обезбеди и своите и туѓите животни потреби. Апостолот исто така сакал да даде пример на христијанска служба, издигајќи го достоинството на марливата работа. Додека на таков начин проповедал и работел, тој ги прикажувал највозвишените обележја на христијанството.“ – Записи од животот на Павле, 101.
 
Понеделник 5. август
2. ДЕЛОТО СЕ ПРОШИРУВА…
а. Додека се наоѓал во Коринт, кого Павле убедувал во синагогата секоја сабота? Дела 18,4.5. Каква одлука донел тука, и како Господ го охрабрил својот слуга во тој тежок период? Дела 18,6-11.
б. Опишете ги следните тешкотии со кои Павле се соочувал, и како Бог ги благословил неговите напори? Дела 18,12-23.
ц. Што можеме да научиме од меѓусебната љубов и меѓусебното почитувањето на Павле, Акила и Прискила и начинот на кој Бог можел да ги искористи сите тројца на Негова слава? Дела 18,24-28; 1 Кор. 3,22.23; 4,6.
“Акила и Прискила, слушајќи ги излагањата на Аполос, забележале дека неговите учења биле неисправни. Тој не ја познавал темелно Христовата мисија, Неговото воскресение и вознесение, и работата на Неговиот Дух, Утешителот кој Тој го испратил долу да остане со Неговиот народ по Неговото отсуство. Затоа тие биле испратени да го поучат овој образован говорник; и Аполос како таков со задоволство и со изненадувачка благодарност и радост се согласил тие да го поучуваат. Благодарение на нивното учење тој добил појасно разбирање на Светите списи и станал еден од најспособните поборници на христијанската црква. На тој начин еден образован и брилијантен говорник посовршено го запознал патот Господов благодарение на поуките примени преку еден христијанин и христијанка чиешто скромно занимање било изработка на шатори.“ – Записи од животот на Павле, 119.
“Акила и Прискила не биле повикани сето свое време да го посветат на проповедање на Евангелието, но сепак Бог ги употребил овие понизни работници да му го покажат на Аполос патот на вистината. Господ употребува разни орудија за остварување на своите намери. Додека некои надарени луѓе се одбрани сите свои сили да ги посветат за ширење и проповедање на Евангелието, многу други, кои никогаш не биле ракоположени од страна на човечки раце, се повикани да одиграат значајна улога во спасувањето на душите.“ – Делата на апостолите, 263.
“Пред евангелските работници, кои сами се издржуваат, се отвора широко поле на работа. Мнозина можат да стекнат драгоцено искуство во службата на Евангелието, иако еден дел од времето го поминуваат во некоја физичка работа, и така тие стануваат добри работници во значајната служба на оние полиња каде што за тоа се чувствува потреба.“ – Делата на апостолите, 264.

Вторник 6. август
3. ДА НЕ СЕ ИЗГУБИ ФОКУСОТ
а. Откако талентираниот Аполос започнал верно да ја извршува својата работа како апостол во Коринт, што почнало да се случува меѓу верниците во тој град? 1 Кор. 1,10-13.
б. Кои точки Павле бил принуден да им ги разјасни на Коринтјаните во поглед на суетноста на човечките учења и ограниченото знаење? 1 Кор. 1,17-31.
ц. Иако Павле лесно можел да зборува на таков начин што ќе ги импресионира со својата ученост, како неговиот ограничен успех во Атина влијаел врз него да се обиде со поинаков метод на работа? 1 Кор. 2,1-5.
“Проповедајќи го евангелието во Коринт, апостолот (Павле) зазел став различен од оној што ја одбележал неговата работа во Атина. Додека бил во Атина се трудел неговиот стил на работа да го прилагоди кон карактерот на неговата публика. На логиката одговарал со логика, на науката со наука, на филозофијата со филозофија. Кога размислувал за времето што го поминал таму и кога сфатил дека неговото учење во Атина донело малку плодови, решил да го измени планот на работа во Коринт. Настојувајќи да го привлече вниманието на рамнодушните и безгрижните, тој решил да ги избегнува подробните аргументи и дискусии и меѓу Коринтјаните да не знае ништо друго ’освен за Исус Христос и тоа – Распнатиот‘. Неговото проповедање ’не се состоеше од уверливи зборови на човечка мудрост, туку во покажувањето на Духот и силата‘ (1 Кор. 2,2.4).“ – Делата на апостолите, 184.
“Павле бил мошне речит говорник. Пред своето обратување често се трудел со својот исклучителен говорнички дар да остави силен впечаток врз слушателите. Но сега сето тоа го оставил на страна. Наместо да се впушта во поетски описи и мечтаења, кои можат многу да им годат на сетилата и да ја потхрануваат мечтата, но кои не го ни допираат секојдневното искуство, Павле се обидел со едноставен јазик да ги втисне во срцата вистините кои се од клучно значење. Чудесното излагање на вистината може да ги восхити чувствата, но на тој начин изложената вистина речиси никогаш не дава неопходна храна која е потребна да се зајакнат и зацврстат верниците во животната борба.“ – Делата на апостолите, 189.

Среда 7. август
4. ОДБИВАЈТЕ ДА СТАНЕТЕ РИВАЛИ
а. Кои принципи Коринтјаните морале да ги научат во поглед на Божјите апостоли – и како тоа можеме да го примениме во нашата средина денес? 1 Кор. 3,1-10. Како мудро бил решен овој проблем? 1 Кор. 16,12.
“Нема посилен доказ дека библиската вистина не ги посветила припадниците на црквата од нивната слепа приврзаност кон некој омилен проповедник и нивната неподготвеност да ги прифатат напорите на некој друг учител, кои би можеле за нив да бидат мошне корисни. Господ на својата црква и праќа помош каква им е потребна, а не каква тие ќе изберат; бидејќи кратковидите смртници не можат да спознаат што е најдобро за нив. Ретко еден проповедник ги има сите квалификации потребни за усовршување на црквата во сите барања на христијанството, па затоа Бог праќа други проповедници, бидејќи секој поседува некои квалификации во кои останатите биле дефицитарни.
“Црквата со благодарност треба да ги прифати овие Христови слуги, како што би го прифатиле Него самиот. Тие треба да ги прифатат сите благодати од упатствата и поуките кои проповедниците можат да им ги понудат од Речта Божја. Но од проповедниците не треба да се создаваат идоли, ниту треба да се сметаат за некакви верски љубимци или миленици кај народот; вистината која тие ја изнесуваат треба да се прифати и цени во кротост и понизност.
“Во деновите на апостолите имало и такви кои тврделе дека веруваат во Христа, но одбиле да им дадат должна почит на Неговите амбасадори. Тие тврделе дека не им е потребен никаков човечки учител, бидејќи наводно директно се научени од Христа, без помош од евангелските проповедници. Тие биле со независен дух и не сакале да се потчинат на гласот на црквата. Другите барале Павле да им биде водач, правејќи споредба помеѓу него и Петар, кон кого не биле нималку наклонети. Друга партија тврдела дека Аполос далеку го надминува Павле во моќта на ораторството. Други тврделе дека Петар како нивен водач бил најинтимен со Христа кога Тој бил на земјата, додека Павле бил гонител на верниците. Постоела опасност овој партиски дух да ја уништи христијанската црква.
“Аполос и Павле биле во совршена хармонија; но подоцна бил разочаран и нажален поради раздорот во црквата. Тој не ја користел можноста за првенство која му е укажувана ниту пак го охрабрувал тоа, туку набрзина го напуштил теренот на расправиите. Кога Павле подоцна побарал од него да го посети Коринт, тој одбил и не работел повторно таму се додека црквата не постигнала подобра духовна состојба.“ – Записи од животот на Павле, 127.128.

Четврток 8. август
5. ПОДИГАЊЕ НА КРИТЕРИУМИТЕ
а. Какви апели Павле упатувал до совеста на Коринтјаните кои, по природа, во голема мера биле склони кон сладострасност? 1 Кор. 3,16.17; 6,13-20; 9,25-27.
б. Што често доживуваат искрените учители на реформацијата? 2 Кор. 11,29.30; 12,15. Кога Павле почувствувал дека на Коринтјаните во нивната борба неговата лична посета не би била од голема корист, што тој направил? 2 Кор. 2,4; 8,16.17.
“Кога Павле го пратил Тит во Коринт да ги зацврсти тамошните верници, тој го поучил црквата да ја изградува во благодатта на дарежливоста… Несебичната дарежливост предизвикала верижни изливи на радост во првата црква, зашто верниците знаеле дека нивните напори помагаат пораката на евангелието да им се упати на оние кои уште се наоѓаат во темнина. Нивното доброчинство сведочело дека не ја примиле напразно Божјата благодат. Што довело до таква дарежливост ако не посветувачкото влијание на Светиот Дух? Во очите на верниците и неверниците тоа било чудо на Божјата благодат.
“Духовниот напредок е тесно поврзан со христијанската великодушност. Христовите следбеници треба да се радуваат што со својот живот можат да го откриваат доброчинството на својот Откупител.“ – Делата на апостолите, 255.
ц. Какви упатства во поглед на ширењето на евангелието во нови области и одржување на неговата чистота, Павле му напишал на Тит? Тит 1,5-9.15.16; 2,1.11-15 3,9-11.
Петок 9. август
ЛИЧЕНПРЕГЛЕДНА ПРАШАЊАТА
1. Каква инспирација Павловиот пример претставува за сите кои работат со свои раце за живот?
2. Објасни како работата на скромниот брачен пар, Акила и Прискила, можел да донесе толку далекусежен плод?
3. Што можеме да научиме од Павловото настојување во стремежот да ги придобие интелектуалците во Коринт?
4. Со што може да се упропасти делотворноста на различните дарови во црквата?
5. Зошто е толку важно да се воздигаат библиските критериуми на однесување во црквата?

Сподели го ова:

Слични објави