05 Солун, Верија и Атина
5. лекција – 3. август 2013.
Солун, Верија и Атина
“Туку, како што Бог не удостои да ни Го довери Евангелието, така и зборуваме – не за да им угодуваме на луѓето, туку на Бога, Кој ги испитува срцата наши.“ – 1 Сол. 2,4.
“Христовите гласници мора да се вооружат со будност и молитва и со вера да одат напред непоколебливо и храбро во името на Исус, продолжувајќи го своето дело како што тоа го чинеле апостолите. Тие мора на светот снажно да го објават предупредувањето учејќи ги припадниците на Божјиот народ што е грев, укажувајќи им на Исуса Христа како на голем и единствен лек против тоа.“ – Записи од животот на Павле, 86.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 172-182.
Недела 28. јули
1. ВИСТИНА И ПОСЛЕДИЦИ
а. Какви победи за Христа беа постигнати преку Павле по неговото прво пристигнување во Солун, уште еден град во Македонија? Дела 17,1-4.
б. Што ние треба да научиме од начинот на кој некои неверни Евреи им создавале проблеми на верниците? Какво обвинение тие изнесувале против апостолите? Дела 17,5-8; 1 Петр. 4,12-16.
“Оние кои ја проповедаат непопуларната вистина и во наши денови ќе мора да наидуваат на противење како и апостолите. Тие не треба да очекуваат поповолен прием од поголемиот дел на таканаречените христијани отколку Павле од своите еврејски браќа. Тие ќе се здружат со противничките елементи против нив; бидејќи колку и да се разликуваат едни од други во мислењето и вероисповедта, нивните сили се обединети во газење под нозе на четвртата заповед од Божјиот закон.
“Оние кои не ја прифаќаат вистината најревно се залагаат и другите да не ја примат; и тие се мошне истрајни во фабрикување на лаги и поттикнување на најниски страсти кај луѓето за да ја направат Божјата вистина неделотворна.“ – Записи од животот на Павле, 86.
Понеделник 29. јули
2. БЛАГОРОДНОСТА НА ВЕРИЈЦИТЕ
а. И покрај лажните тврдења против него, како Павле го опишува вистинскиот начин на своето проповедање на евангелието во Солун? 1 Сол. 2,1-8. Зошто Павле времето поминато во тој град го сметал за успешно? 1 Сол. 1,5-10.
“Павле бил вистински адвентист, тој значењето на второто Христово доаѓање го претставил со таква моќ и образложување, и тоа на умот на Солуњаните оставило длабок впечаток кој не можел никогаш да се избрише.“ – Записи од животот на Павле, 83.
б. Што било забележано за Евреите во Верија, градот во кој браќата ги испратиле Павле и Сила во текот на ноќта? Дела 17,10-12. Како може ставот на Веријците да биде инспирација за нас денес?
“Умот на Веријците не бил стеснет од предрасудите; тие биле подготвени да ги прифатат вистините проповедани од апостолите но и да истражуваат по Писмото. Кога луѓето од нашето време би го следеле примерот на благородните Веријци во секојдневното претражување на Писмото и во споредување на пораките кои им се изнесуваат со она што е напишано, ќе има илјадници лојални на Божјиот закон таму каде што денес има еден.“ – Записи од животот на Павле, 88.
“Слично на благородните Веријци, ние треба внимателно и со молитва да го истражуваме Писмото, за да се запознаеме со она што вели Господ. Ние треба да истражуваме, не она што проповедникот, црквата или некој наш личен пријател можат да кажат, туку што вели Господ.“ – Знаци на времето, 26. ноември, 1885.
ц. Откако слушнале дека Евреите од Верија биле длабоко импресионирани од вистината, која акција ја презеле неверните Евреи од Солун? Дела 17,13.
“Неверните Евреи од Солун, исполнети со завист и омраза кон апостолите, не се задоволиле само со тоа што ги протерале од нивната работа во Солун, туку тргнале по нив и во Верија и повторно ги разгореле возбудата и страстите на пониската класа за да ги малтретираат. Учителите на вистината повторно биле протерани од своето поле на работа. Прогонство ги следело од град во град.“ – Записи од животот на Павле, 88.
Вторник 30. јули
3. ВО РЕГИОНОТ НА АХАЈА
а. Поради прогонствата во Солун, што браќата одлучиле да направат со Павле? Дела 17,14.15.
“Овој верен апостол и покрај сите противења, конфликти и прогонства непоколебливо продолжил да ја остварува Божјата намера, како што му била откриена во визијата во Ерусалим: ’И ми рече: ,Оди! Јас те праќам далеку – кај незнабошците‘ (Дела 22,21).“ – Записи од животот на Павле, 88.89.
б. Какви чувства го обзеле Павле додека во Атина ги чекал Сила и Тимотеја? Дела 17,16.
“Градот Атина била метропола на многубошците. Тука Павле не се среќавал со неуко, лековерно население, како во Листра, туку доаѓал во судир со луѓе познати по нивната интелигенција и образование…
“Додека Павле ја посматрал убавината и величественоста околу него, и видел дека градот е преполн со идоли, неговиот дух се возбудил со ревност за Бога, кој очигледно бил обесчестен на сите страни.
“Неговото срце било трогнато со длабока жал за жителите на таа голема метропола кои, и покрај нивната интелектуална величина, биле целосно предадени на идолопоклонство…
“Додека ја посматрал величественоста на градот со неговите скапи изуми, сфатил каква заводлива моќ има сето тоа врз умот на љубителите на уметноста и науката. Неговиот ум бил длабоко импресиониран за важноста на делото кое се наоѓало пред него во Атина. Неговата осаменост во тој голем град каде што Бог не бил обожаван била неподнослива и тој копнежливо го очекувал доаѓањето и помошта на своите сонародници. Што се однесува до човечкото дружење и сочувство, тој се чувствувал целосно изолиран. Во неговото послание до Солуњаните ги искажал своите чувства со овие зборови: ’Не можејќи веќе да трпиме, сметавме дека ќе биде добро во Атина да останам сам‘ (1 Сол. 3,1).
“Задачата на Павле била да ја носи веста за спасението на луѓето кои немале вистинска претстава за Бога и Неговите планови. Целта на неговите патувања не била да ги разгледа знаменитостите ниту задоволување на нездравите желби за нешто што е ново и необично. Потиштеноста на неговиот ум била предизвикана од страна на привидно непремостливите пречки кои го спречувале да допре до умот на Атињаните.“ – Записи од животот на Павле, 89.90.
ц. Каков предизвик за Павле претставувала средбата со високо образованите грчки филозофи? 1 Кор. 1,22.
Среда 31. јули
4. ЛОГИКА И РАСУДУВАЊЕ НА ЗДРАВИОТ РАЗУМ
а. Зошто Павле за Атињаните претставувал извор на љубопитност? Дела 17,17-21.
“Религијата на Атињаните, со која тие толку се фалеле била безвредна, затоа што била лишена од познавањето на вистинскиот Бог. Во голем дел таа се состоела од обожавање на уметноста и била круг на расипнички забави и празнувања. Тука немало доблести на вистинска добрина. Вистинската религија им дава на луѓето сила да се победат самите себе, додека на религијата на интелектот и на вкусот и недостасуваат квалитети од суштинско значење за да ги подигне своите поклоници над злото кое се наоѓа во нив самите и да ги поврзе со Бога…
“Некои кои се гордееле на својата интелектуална култура стапиле во разговор со Павле. Ова набргу привлекло маса на љубопитни слушатели. Некои биле подготвени да го исмеваат апостолот како некој кој социјално и интелектуално далеку заостанува зад нив…
“Стоиците и епикурските филозофи се впуштиле во отворена препирка со него, но тие и сите останати кои дошле во контакт со него набргу виделе дека тој располага со знаење далеку поголемо од нивното.“ – Записи од животот на Павле, 91.92.
б. Какво резонирање користел Павле во обраќањето? Дела 17,22- 31.
“Вдахновението овде ни дава поглед во животот на Атињаните, кои и покрај сето нивно знаење, префинетост и уметност, сепак потонале во порок, за да можеме да видиме како Бог преку својот слуга го прекорил идолопоклонството, гордоста и гревовите на човечкото самозадоволство. Зборовите на Павле претставуваат споменик на правилно искористување на укажаната можност и на црквата и даваат богатство на знаење. Во позицијата во која што се нашол Павле лесно можел да каже нешто со што би ги раздразнил своите горди слушатели и би се изложил на опасности и тешкотии. Кога во својот говор директно би ги нападнал нивните лажни богови и великани кои се наоѓале околу него би се изложил на опасност да ја доживее судбината на Сократ. Но тој нивните мисли внимателно ги одвратил од нивните незнабожечки богови, откривајќи им го вистинскиот Бог на кого тие настојувале да му служат но Тој им бил непознат, како што самите признале преку еден јавен натпис.“ – Записи од животот на Павле, 97.
ц. Опишете ја реакцијата на речиси сите што слушале и резултатот? Дела 17,32.33. Кои две имиња се спомнуваат како исклучоци од сите останати? Дела 17,34.
Четврток 1. август
5. ИЗБЕГНУВАЊЕ НА ИНТЕЛЕКТУАЛНАТА СУЕТНОСТ
а. Зошто Атињаните не можеле да го разберат Павле? 1 Кор. 2,12-14. Кое нашело, во врска со ова, Исус го објаснил? Јован 7,17.
6. Бидејќи старогрчките вредности и филозофии и денес се уште ги проникнуваат социјалните и образовните системи, што ние треба да имаме на ум? 1 Кор. 3,18-20; 8,1; Ерем. 9,23.24.
“Христијанското знаење носи свој печат на немерлива супериорност во се што се однесува на подготовката за идниот, бесмртен живот. По тоа истражувачите на Библијата и верникот, кој го прифатил драгоценото благо на вистината, суштински се разликуваат од скептикот и оние кои веруваат во паганската филозофија.
“Држете се до правилото: ’Напишано е‘. Исфрлете ги од своите мисли опасно наметливите теории кои, ако се прифатат, целосно ќе го заробат умот, така што човекот нема да стане ново создание во Христа. Умот мора постојано да се ограничува и чува, хранејќи се само со она што го зајакнува верското искуство.“ – РХ, 10. ноем. 1904.
“Не проучувајте филозофија која се заснова на човечки претпоставки, туку филозофијата на Оној кој е извор на вистината. Секоја друга литература е од мала вредност кога ќе се спореди со оваа.
“Умот кој е непрепороден и земен не наоѓа задоволство во размислувањето за Речта Божја; но за умот обновен од страна на Светиот Дух, божествена убавина и небесна светлина блескаат од светите страници. Она што за земниот ум е ненаселена пустина, за духовниот ум станува земја на живи извори.“ – Знаци на времето, 10. октомври, 1906.
Петок 2. август
ЛИЧЕНПРЕГЛЕДНА ПРАШАЊАТА
1. Каков исход, за жал, мора да се очекува од страна на сите кои ја објавуваат непопуларната вистина?
2. Како ние денес треба да се угледаме на примерот на благородните Веријци?
3. На кој начин идеологијата на Атињаните се повторува и во нашите денови?
4. Објасни зошто Павле бил толку внимателен кога им се обраќал на идолски настроените Атињани?
5. Во што се наоѓа нашата заштита во денешната ера кога паганството е толку раширено ?