03 Работа со световно настроени луѓе

Сподели го ова:

3. лекција – 20. јули 2013.

Работа со световно настроени луѓе

“И, откако го проповедаа Евангелието во тој град и мнозина придобија за свои ученици, тие се вратија во Листра, Иконија и Антиохија. Тие ги зацврстуваа душите на учениците и, храбрејќи ги да бидат истрајни во верата, ги учеа дека во царството Божјо треба да влеземе преку многу маки.. “ – Дела 14,21.22.

“Никој не треба да се плаши на поразот од рацете на непријателот; бидејќи предност на евангелскиот работник е да се облече во ‘сила од висината‘ која ќе го оспособи да се спротивстави на секое сатанско влијание.“ – РХ, 18. мај, 1911

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 131-139.
Недела 14. јули
1. ПОЧЕТОК
а. Каде Павле и Варнава ја започнале својата мисија, и кој бил младиот човек кој им се придружил? Дела 13,4.5; 12,12.25.
б. На каков предизвик наишле мисионерите на островот Пафос? Дела 13,6-8.
“Сатаната не дозволува Божјото царство на земјата да се изгради без борби и мачни напори. Силите на злото постојано војуваат против оние кои како орудија во Божјите раце се назначени за ширење на Евангелието, и овие сили на темнината се особено активни кога вистината им се објавува на угледни и чесни луѓе. Така било кога намесникот на Кипар, Сергеј Павле, ја слушал пораката на евангелието. Намесникот ги повикал апостолите за да го запознаат со пораката што дошле да ја објават. Тогаш силите на злото, дејствувајќи преку маѓесникот Елим, се обиделе со своите убиствени сугестии да го одвратат од верата и со тоа да ги оневозможат Божјите намери.
“Така паднатиот непријател секогаш работи за да ги задржи во своите редови влијателните луѓе кои, ако се обратат, можат во голема мера да му послужат на Божјото дело.“ – Делата на апостолите, 123.

Понеделник 15. јули
2. ПОТРЕБА ОД ХРАБРОСТ
а. Како Господ ја благословил неверојатната храброст со која Павле му се спротивставил на маѓесникот Елим? Дела 13,9-12.
“Иако изложен на жестоки напади од сатаната, Павле имал храброст да го укори оној преку кого непријателот работел… “Маѓесникот ги затворил очите и покрај очигледните докази на евангелската вистина, а Господ, во својот праведен гнев, сторил да се затворат и неговите физички очи, лишувајќи го од дневната светлина. Ова слепило не било трајно, туку привремено, за да му послужи како опомена да се покае и да побара прошка од Бога кого толку тешко го навредил.“ – Делата на апостолите, 123.
“Елим не бил образован човек, но бил необично подесен да врши сатанско дело. Оние што ја проповедаат Божјата вистина, ќе наидат на препреден непријател во најразновидни облици.“ – Делата на апостолите, 124.
б. На кои следни места апостолите го посеале семето на Евангелието и што се случило се Јован Марко? Зошто овој млад човек, слично на многу славољубиви почетници во мисионерската работа, имал вакви потешкотии? 2 Тим. 2,3.
“Павле и Варнава навикнале со сигурност да се потпрат врз Божјата сила која секогаш ги избавувала. Срцата им биле исполнети со топла љубов кон душите што пропаѓаат. Како верни пастири кои ги бараат загубените овци, тие и не помислувале на некаква своја удобност. Заборавајќи на себе, тие не се колебале ниту пак губеле храброст кога биле уморни, гладни и настинати. Пред очи имале само една цел – спасување на оние што далеку заталкале од стадото.
“Така Марко, совладан од страв и малодушност, се поколебал извесно време во својата намера со сето срце да му се посвети на Господовото дело. Ненавикнат на тешкотии, се обесхрабрил од постојаните опасности и од оскудицата на патот. Тој работел со успех под поволни околности, но сега, соочен со постојаните противења и опасности што толку често ги опсипуваат работниците пионери, тој не успеал да ги издржи тешкотиите, како добар војник на крстот.“ – Делата на апостолите, 124.
“Марко не отпаднал од христијанската вера, но како мнозина млади проповедници, тој се повлекол пред тешкотиите и повеќе го преферирал комфорот и сигурноста на својот дом отколку патувањата, напорите и опасностите од мисионерската работа. Ова напуштање ја предизвикало Павловата неповолна и остра осуда за подолго време.“ – Записи од животот на Павле, 46.47.

Вторник 16. јули
3. НОВИ ПОЧИТУВАЧИ НА САБОТАТА ПРИСТАПУВААТ ВО РЕДОВИТЕ
а. Каде Павле и Варнава го започнале своето проповедање во Антиохија и кој најмногу го ценел сето она што тие го говореле? Дела 13, 14.42-45.
б. Опишете го однесувањето на верниците и покрај силното противење. Дела 13,46-52. Какви поуки треба да извлечеме од советот кој Христос им го дал на своите верни следбеници, однапред предвидувајќи ваков судир? Мат. 10,23.
“Кога ќе не изведат пред судовите, ние не треба да се повикуваме на своите права, освен ако постапувајќи така не дојдеме во судир со Бога. Не е наше да се залагаме за своите права, туку за Божјо право со кое Тој законито ја бара нашата служба. Наместо да пружиме отпор за казнувањето кое неправедно ни се наметнува, подобро е да го послушаме Христовиот совет: (Мат. 10,23).“ – Спалид и Меган колекција, 26.
ц. Како се нарекувало следното место во кое Павле и Варнава дошле, и на што тука наишле? Дела 14,1.2. Што можеме, покрај се, да научиме од нивниот успех? Дела 14,3.
“Пријателите на апостолите, иако неверни, ги предупредиле (Павле и Варнава) какви планови имаат злонамерните Евреи и ги повикале да не се излагаат непотребно на нивниот бес, туку со бегство да го спасуваат својот живот. Соодветно на тоа тие тајно ја напуштиле Иконија и ги оставиле верниците сами да се борат со противниците, верувајќи дека Бог ќе му даде победа на христијанското учење. Меѓутоа, намерата не им била засекогаш да ја напуштат Иконија туку – откако ќе се смири возбудата – повторно да се вратат и да ја завршат започнатата работа.
“Со оние кои учат дека барањата на Божјиот закон се задолжителни честопати, до одреден степен, се постапува како со апостолите во Иконија. Тие често се соочуваат со жестоко противење од страна на проповедниците и народот кои упорно ја одбиваат светлината испратена од Бога и со погрешна претстава и лага ја затвораат секоја врата преку која весниците на вистината би можеле да имаат пристап до народот…
“Во својата работа апостолите наидувале на секакви луѓе и на секакви верувања и религии. Се судирале со Еврејскиот фанатизам и нетолеранцијата, со маѓесниците, богохулниците, со неправедните судии кои сакале да ја искористат својата моќ, со лажните пастири, со суеверие и идолопоклонство. Иако на секој чекор наидувале на прогонство и противење, сепак нивните напори биле крунисани со успех и нови обратеници секојдневно пристапувале во христијанската вера.“ – Записи од животот на Павле, 54.55.

Среда 17. јули
4. ЛИСТРА И ДЕРВА
а. Зошто наскоро станало неопходно Павле и Варнава да ја напуштат Иконија и што било карактеристично за оваа нова област во која дошле? Дела 14,4-7.
“Листра и Дерва, градови на Лиаконија… биле населени од страна на незнабожечки, суеверни луѓе, но и меѓу нив имало души кои со задоволство го слушале и прифатиле Христовото учење. Апостолите одлучиле да работат во тие градови затоа што тука не наидувале на еврејските предрасуди и прогонства. Тие сега дошле во контакт со целосно нов елемент – незнабожечко суеверие и идолопоконство…
“Во Листра немало Еврејска синагога, иако во местото имало неколку Евреи. Упадлива и значајна положба заземал храмот на Јупитер.“ – Записи од животот на Павле, 55.
б. Наведете пример како нечија вера може значително да придонесе во ширење на евангелието? Дела 14,8-10. Каков бил одговорот на воодушевените, но сепак неуки луѓе кои го виделе тоа чудо? Дела 14,11-13.
“Павле и Варнава го проповедале учењето за Христа со голема сила и речитост, обајцата биле мошне забележливи во овој град. Лековерните луѓе поверувале дека тие се богови кои слегле од небото. Додека апостолите на луѓето кои се собирале околу нив им го објаснувале необичното верување, обожавателите на Јупитер се обиделе колку што тоа било во нивна можност да ги поврзат овие учења со своето суеверно верување.“ – Записи од жив. на Павле, 55.
ц. Зошто било толку важно да не се дозволи ова погрешно сфаќање да продолжи? Дела 14,14-18; Кол. 2,8; Откр.22,8.9.
“Не прифаќајте ласкање дури ниту во вашиот верски живот. Ласкањето е вештина која сатаната ја измислува за да го измами човечкото орудие наведувајќи го да има високо мислење за себе (Колосјаните 2,8). Пофалби, ласкање и одобрување придонесуваат за заведување на драгоцените души на погрешен пат повеќе од било која друга сатанска вештина.
“Ласкањето е дел од световната политика, но не и дел од Христовата политика. Преку ласкање бедните човечки суштества, полни со слабост и недостатоци, се наведуваат на заклучок дека се успешни и достојни за пофалба и стануваат надуени во својот телесен ум.“ – Темели на христијанско воспитување, 304.

Четврток 18. јули
5. БОГ УПРАВУВА СО СИТЕ НАСТАНИ
а. Кои биле актерите кои – разгневени од чудото во Листра – за многу кратко време пристигнале во овој град, и на какво зло дело ги наговарале разочараните незнабошци? Дела 14,19.
“Разочарувањето кое овие идолопоклоници го доживеале кога апостолите не им дозволиле да им принесат жртви ги навело против овие Божји слуги да се свртат со негодување побурно од ентузијазмот со кој тие биле поздравени како богови. Злонамерните Евреи не се двоумеле максимално да го искористат суеверието и лековерноста на овие незнабошци во остварувањето на своите свирепи намери. Ги поттикнувале против апостолите да употребат сила; препорачувајќи да не им дозволат да зборуваат, заколнувајќи се дека овие, ако тоа им се дозволи, ќе го маѓепсаат народот со своето излагање.
“Жителите на Листра се нафрлиле врз апостолите со голем гнев и бес; насилно ги гаѓале со камења; и Павле, во модринки, пребиен, губејќи свест, помислил дека му дошол крајот. Мачеништвото и свирепото каменување на Стефан живо му излегувало пред очи во кое и самиот учествувал во таа прилика. Паднал на земјата навидум мртов, а разбеснетата толпа го извлекла неговото тело низ градската капија и го фрлила надвор од градските ѕидини.“ – Записи од животот наПавле, 60.61.
6. Кое неверојатно чудо го потврдило Божјиот благослов? Дела
14,20- 23. Како овој чин на провидение во голема мера ги поттикнал апостолите да го продолжат делото? Дела 14,24-28; Малахија 3,16.17.
“Тимотеј бил обратен преку службата на Павле и бил очевидец на апостоловото страдање во оваа прилика. Стоејќи покрај неговото очигледно мртво тело, видел како станува изнаранет и облеан со крв, но од неговите усни не слушнал стенкање или негодување, туку одавање на благодарност на Исус Христос што дозволил да пострада за Неговото име.“ – Записи од животот на Павле, 62.
Петок 19. јули
ЛИЧЕНПРЕГЛЕДНА ПРАШАЊАТА
1. Зошто е важно да се молиме за нашите мисионери?
2. Кои лекции ги учиме од човечките слабости на Јован Марко?
3. Што можеме да очекуваме сите кога им го препорачуваме Божјиот закон на оние на кои беззаконието им е во срцето?
4. Како оваа лекција ја открива непостојаната природа на идолопоклониците?
5. Со што Бог потврдува дека го одобрува ставот и напорите на апостол Павле?

Сподели го ова:

Similar Posts