12 Понизност, верност и почит
12. лекција – 22. септември 2012.
Понизност, верност и почит
“Почитувајте го секого, браќата сакајте ги, имајте страхопочит кон Бога, царот почитувајте го.“ – 1 Петр. 2,17.
“Бидете љубезни и кон Бога и едни кон други. Запомнете дека Тој сака да ги имате најдобрите манири за да можете да го прославите пред светот.“ – Синови и ќерки Божји, 315.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 4 Сведоштво, 15-20.
6 Сведоштво, 365-371.
Недела 16. септември
1. ОЖИВУВАЊЕ НА ЕДНО ДАМНЕШНО НАЧЕЛО
а. Како треба да ги третираме остарените Божји слуги – и зошто? Изреки 16,31; 4 Мојс. 12,1-10; 2 Цар. 2,22-24.
“Страхопочит треба да се покаже и кон Божјите претставници – кон проповедниците, учителите и родителите кои се повикани да зборуваат и дејствуваат во Негово име. Почитувајќи ги нив, му укажуваме чест на Бога.“ – Воспитување, 219.
“Родителите се жалат дека нивните деца се со закоравени срца и дека во нив не можат да пробудат чувство на одговорност кон Божјите барања. Но, во небесните книги со перо кое не прави грешки е запишана вистинската причина за ова. Нивните ниски и површни претстави за светоста на проповедничкиот позив и на Божјото светилиште се вткаени во воспитувањето на нивните деца.
“Родители, внимавајте каков пример и какви идеи им давате на вашите деца. Нивниот ум мошне е подложен на влијание и лесно прифаќа. Ако говорникот за време на богослужението направи некоја грешка, не спомнувајте го тоа. Зборувајте само за неговите добри постапки и за добрите мисли што ги изнел, кои треба да ги цените како да доаѓаат преку Божји посредник. Многу е лесно да се види зошто работата на проповедниците има толку слабо дејство врз децата и зошто тие имаат толку мала страхопочит кон Божјиот дом. Нивното воспитување во тој поглед е неправилно.“ – 5 Свед., 470.
Понеделник 17. септември
2. ОД БОГА ВДАХНОВЕНА ЛОЈАЛНОСТ
а. Каква неверојатна лојалност Давид покажал дури и кон царот Саул кој нескриено се обидувал да го убие? 1 Сам. 24,4-6; 26,8.9. Каков бил резултатот? 1 Сам. 24,16-19; 26,21-25.
“Тоа што Давид и по вторпат му го поштедил животот на својот господар оставило уште подлабок впечаток врз Сауловиот дух и го поттикнало со уште поголема понизност да ја признае својата вина. Тој бил вчудоневиден и совладан од појавата на толкава добрина. Разделувајќи се со Давида, извикнал: ’Благословен да си, сине мој Давиде; ти ќе го извршиш она што си го започнал, и бездруго ќе победиш‘ (1 Сам. 26,21.22).“ – Патријарси и пророци, 709.
б. На кој начин ние покажуваме длабока почит кон телото Христово? 1 Тим. 5,17-19; Евр. 13,17; 1 Петр. 4,8.9; 5,5.
“Многумина не ја сфаќаат светоста на поврзаноста со црквата и неволно ѝ се потчинуваат на дисциплината и ограничувањето. Со своите постапки и живот тие покажуваат дека за нив личното мислење е покомпетентно од единствено прифатениот став на црквата и не се притеснуваат да поттикнуваат дух на спротивставување кон гласот на црквата. Оние кои се наоѓаат на одговорни положби во црквата можат да имаат свои недостатоци како и останатите луѓе, можат и да згрешат со своите одлуки; но, и покрај сето тоа, Христовата црква на Земјата им дала авторитет кој не смее да се потценува нити презира. По своето воскресение, Христос ја пренел власта на својата црква, велејќи: ’На кој ќе му ги простите гревовите, простени му се, а на кој ќе ги задржите, задржани се‘.
“Поврзаноста со црквата не треба лесно да се раскинува; па сепак некои кои тврдат дека се Христови следбеници, кога ќе им се застане на патот или кога нивниот глас го нема она влијание кое според нивно мислење го заслужува, тие се закануваат дека ќе ја напуштат црквата. Но, ако ја напуштат црквата, најголеми губитници ќе бидат токму самите тие; бидејќи – напуштајќи ја заштитната ограда на нејзиното влијание – потполно се изложуваат на сите можни искушенија во овој свет.
“Секој верник треба со сето срце да биде поврзан со црквата. Напредокот на црквата треба да му биде на прво место; но ако тој не чувствува света обврска со своето членство да биде на благослов на целината, а не да го гледа својот личен интерес, тогаш на црквата ќе и биде многу подобро без него.“ – 4 Сведоштво, 17.
Вторник 18. септември
3. ОДНОС КОН ВРАБОТЕНИТЕ
а. Каков апел апостол Павле му упатил на Филимон во поглед на неговиот своеволен слуга? Фил. 15,16. На кои принципи работодавците можат да се научат од ова? Мат. 5,7; Фил. 2,4; Кол. 4,1.
“Дали светлината на вистината која го осветлила вашиот пат ја пренесувате и на вашите работници, како би можела и тие да станат Божји соработници? Бог ви дал скапоцени привилегии и предности во испраќањето на светлината на Неговата вистина, и вие треба благословите кои сте ги примиле да ги поделите со другите.“ – Одблесок на Христовиот карактер, 206.
б. Што можеме да научиме од советот даден во врска со вработувањето на помошници во институционалните ресторани?
“Управителите на нашите ресторани треба да се залагаат за спасение на вработените. Тие не смеат да се преморуваат, така што ќе немаат ниту сила ниту волја духовно да им помагаат на работниците. Тие треба своите најдобри сили да ги посветат да ги подучат своите вработени во духовните вистини, објаснувајќи им ги Писмата и молејќи се со нив и за нив. “ – Објавени ракописи 4, 285.
“Во секој ресторан треба да бидат вклучени маж и неговата жена кои ќе бидат чувари на работниците, маж и жена кои го љубат Спасителот и душите за кои умрел, и кои ги пазат Господовите патишта.
“Младите жени треба да бидат под надзор на една мудра и разумна сестра, жена која е целосно обратена и која грижливо ќе внимава на работничките, особено на помладите.
“Работниците треба да чувствуваат дека тие имаат дом. Тие се Божја помошна рака и кон нив треба да се постапува исто толку грижливо и нежно како што Христос рекол дека треба да се постапува кон малото дете кое го поставил меѓу своите ученици. Тој рекол: ’Кој ќе соблазни едно од овие мали, кои веруваат во Мене, за него е подобро да му се обеси воденичен камен на вратот, и да потоне во морската длабочина‘. ‘Гледајте да не презрете едно од овие мали; зашто ви велам, дека нивните ангели во небесата, постојано го гледаат лицето на мојот Татко, кој е на небесата‘ (Матеј 18,6.10). Грижата која треба да им се посвети на овие вработени е една од причините поради кои во големите градови треба да постојат повеќе мали ресторани, наместо еден голем.“ – 7 Сведоштво, 106.
Среда 19. септември
4. РАБОТОДАВЦИТЕ И ГРАЃАНСКИТЕ ВЛАСТИ
а. Како Писмото нѐ учи да ги почитуваме сите видови на господари и работодавци? Кол. 3,22.23; 1 Тим. 6,1.2; 2 Петр. 2,18-20.
“Биди верен и темелен во работата, имајќи секогаш на ум дека врз тебе не само што лежи погледот на твоите работодавачи, туку и Божјото око, од кое не може да се сокрие ниеден твој чекор. Божјите ангели ги гледаат твоите постапки; затоа мораш да настојуваш секоја твоја работа да носи печат на вистината и побожноста, бидејќи и тоа е составен дел од религијата.“ – 2 Сведоштво, 82.
б. Каква остра спротивставеност постои меѓу непобожните и вистинските христијани во односот кон граѓанските власти и законите? Јуда 8; 1 Петр. 2,13.14.17; Рим. 13,1.2.
“Не е мудро постојано да се изнаоѓаат мани во она што го прават државните раководители. Не е наша работа да напаѓаме поединци или институции. Мораме многу да се чуваме од тоа, за да не бидеме сфатени како да се противиме на граѓанските власти…
“Не смееме да постапуваме така што ќе изгледа дека се застапуваме за предавство. Од нашите написи и говори мораме да го искорениме секој израз кој сам по себе може да биде погрешно разбран како спротивставување на законот и поредокот.
“Ќе дојде време кога нашите непријатели, за да можат да нѐ осудат, ќе ги искористат непромислените изрази, кои не размислувајќи, ги изговориле или напишале нашите браќа. Тие изрази нема да се користат само против оние кои ги изговориле, туку ќе се употребат за осуда на целата адвентистичка црква. Нашите тужители ќе кажат дека тој и тој ден еден од нашите одговорни браќа го кажал тоа и тоа против власта и законот на оваа држава. Мнозина ќе се зачудат кога ќе видат колку нешта биле негувани и на кои ќе се сетат нашите противници за да го поткрепат своето тврдење. Многумина ќе се зачудат кога ќе ги слушнат своите сопствени зборови на кои тогаш ќе им се изврти смислата која тие не им ја придавале. Според тоа, нашите работници мораат да се трудат внимателно да зборуваат секој момент и во сите околности. Тие мораат да се чуваат со непромислени изрази да не го донесат времето на неволја пред големата криза во која човечките души ќе бидат испробани.“ – 6 Сведоштво, 365.
Четврток 20. септември
5. ПРИМЕРЕН СТАВ
а. Каков став не треба да заземаме дури ниту кон оние за кои мислиме дека се во мракот на заблудата? Проповедник 7,9.
“Постојат некои кои уживаат во несериозност, сарказам, па дури и им се потсмеваат на оние кои се разликуваат од нив.“ – Сведоштво за проповедници, 108.
“Некои во говорот употребуваат преостри и некоректни изрази за да ги повредат чувствата на другите, а потоа се правдаат велејќи: ’Тоа е мојот начин; јас секогаш отворено го кажувам она што го мислам; и на тој начин таа одвратна црта на својот карактер ја воздигаат како доблест…
“Таков нељубезен збор треба да остане неизговорен, таквото себично непочитување кон среќата на другите треба да се замени со сочувство и промисленост.“ – Нашиот висок повик, 229.
б. Кој е вистинскиот став? 1 Сол. 5,14.15; 2 Тим. 2,24-26.
“Да се молиме, не само за нас самите, туку и за оние кои ни наштетиле и продолжуваат да нѐ повредуваат.“ – Библиски коментари, 244.
ц. Опишете го Христовиот став кон Неговите гонители? Мат. 5,44.45; Лука 23,34. Каков бил Неговиот став кон ѓаволот? Јуда 9.
“Спасителот со ниту еден збор не мрморел, ниту се жалел… Не им упатил клетва на војниците, кои толку свирепо постапувале со Него. Никаква одмазда не била повикана над свештениците и поглаварите кои ликувале затоа што ја оствариле својата цел. Исус ги сожалувал.“ – Копнежот на вековите, 579.
Петок 21. септември
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Каква почит без поговор должиме кон црковното тело и нејзините водачи?
2. Што можеме да научиме од Давидовиот став кон Саула?
3. Објасни ја сериозната одговорност на христијанинот на работното место?
4. Како треба да се избегне секаков вид на антагонизам против авторитетот?
5. Што можеме да научиме од Исусовиот став на крстот?