11 Честа на семејството

Сподели го ова:

11. лекција – 15. септември 2012.

Честа на семејството

“Одберете си сега, кому да му служите… а, пак, јас и домот мој ќе му служиме на Господ.“ – Исус Навин 24,15.

“Оние кои на вистински начин управуваат со своите семејства, со своето влијание ќе донесат ред и страхопочит и во црквата.“ – Мојот живот денес, 311.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Адвентистичко семејство, 114-120.

Недела 9. септември

1. ПРВИОТ ОСНОВЕН ЧЕКОР

а. Опишете што сѐ е опфатено со петтата Божја заповед и благословите ветени на послушните. Ефес. 6,1-3. Зошто сатаната толку многу сака да ја поткопа оваа заповед?

“Родителите имаат право на извесен степен на љубов и почит повеќе од кој и да е друг. Самиот Бог, кој ги задолжил за душите доверени на нивна надлежност, одредил родителите во првите години од детскиот живот пред децата да бидат Негови претставници. Затоа, секој што го отфрла законитиот авторитет на родителите, го отфрла Божјиот авторитет. Петтата заповед бара од децата не само на родителите да им укажуваат почит, покорност и послушност, но исто така да им пружат љубов и нежност, да ги олеснат нивните грижи, да го заштитат нивниот углед и во староста да им пружат потпора и утеха.“ – Патријарси и пророци, 313.
“Непочитувањето на родителскиот авторитет наскоро ќе доведе и до презир на Божјиот авторитет.“ – Патријарси и пороци, 346.

б. Кој друг е вклучен во оваа заповед? 1 Пет. 5,5 (прв дел); 3 Мојс. 19,32.

“Оваа заповед бара да се почитуваат и службениците во црквата и органите на власта и сите оние на кои Бог им дал авторитет.“ – Патријарси и пророци, 314.
Понеделник 10. септември

2. БОГОБОЈАЗЛИВИ СОПРУЖНИЦИ

а. Опиши го Божјиот план за сопружниците. Ефес. 5,22.25.33; 1 Петр. 3,1-7: Кол. 3,18.19. На кој начин овој план често се нарушува?

“Колку внимателен треба да биде сопругот и таткото за да ја одржи верноста на својот брачен завет. Колку треба да биде внимателен во неговата служба, за да не поттикнува мисли кај младите девојки и омажените жени кои не се во согласност со возвишените и свети мерила – Божјите заповеди!“ – 5 Свед., 561.
“Наложено ми е да им кажам на оженетите луѓе: вашата почит и наклонетост должни сте да им ја укажувате на своите сопруги – мајки на вашите деца. Вашето внимание треба ним да им го посветите. Нека плановите како да ги усреќите секогаш ги обземаат вашите мисли.“ – Писмо 231, 1903.
“Покажани ми се семејства каде што сопругот и таткото не ја сочувал онаа резерва, она достоинство, на Бога слична машкост каква што му прилега на Христовиот следбеник. Не се трудел кон својата жена да биде нежен, љубезен, како што му налага должноста. Тој ветил пред Бога и ангелите дека ќе ја љуби, почитува сѐ додека двајцата ќе бидат живи. Вработената девојка кога била во негова близина била слободна да му укажува внимание, дури и малку претерано. Му ја чешлала косата и тоа му годело, страшно му годело. Тој сега не ја покажувал кон својата жена онаа љубов и внимание која некогаш ѝ ја укажувал. Бидете уверени дека овде веќе сатаната е на дело…“ – 2 Сведоштво, 514.
“О, колку животи се загорчени со рушење на ѕидовите кои го оградуваат приватниот живот на едно семејство и кои се подигнати за да се сочува неговата чистота и светост! Жената ја подарува довербата на некое трето лице и му ги открива своите семејни тешкотии. Тоа е сатанско лукавство за да ја отуѓи жената од мажот! Колку неволји би се избегнале кога би престанало со ова! Заклучете го во своето срце сознанието за маните на другиот. Само на Бога кажете му ги своите проблеми. Тој може да ви даде вистински совет и сигурна утеха која ќе биде чиста и нема да има никаква горчина во неа.“ – 2 Сведоштво, 515.
“Кога некоја жена раскажува за своите семејни проблеми, или на друг човек му се жали за својот сопруг, таа со тоа ја крши брачната заклетва, го срамоти својот сопруг и го руши ѕидот којшто е подигнат за да ја чува светоста на брачната врска; таа со тоа широко ја отвора вратата и го повикува сатаната да влезе со своите подмолни искушенија. Тоа е токму она што сатаната го сака. Ако една жена дојде кај брат христијанин со приказна за своите страдања, разочарувања и проблеми, тој брат мора да ја советува, ако мора некому да ги довери своите проблеми, треба да избере сестри за свои доверители.“ – 2 Сведоштво, 338.
Вторник 11. септември

3. ПРЕДИЗВИК ЗА НАШИТЕ ДЕНОВИ

а. Какво семејство му е по волја на Бога? Исус Навин 24,15 (посл. дел).

“Ангелите уживаат во домот во којшто Бог има највисока власт, а децата се учат да ја почитуваат религијата, Библијата и нивниот Создател.“ – 5 Сведоштво, 400.
“Оние што го љубат Бога и ги почитуваат Неговите заповеди имаат света привилегија со постојано одржување на врска со Бога да ја изострат нивната претстава за светоста и славата на сето она што е божествено. Ние треба да внесуваме страхопочит во нашиот секојдневен живот.“ – Мојот живот денес, 311.

б. Кој сериозен проблем сѐ повеќе зема замав во овие последни денови? 2 Тим. 3,2. Како ние треба да се соочиме со овој предизвик? Ефес. 6,13.

“Во дамнешни времиња авторитетот на родителите бил почитуван и уважуван; децата биле потчинети на своите родители слушајќи ги со страхопочит; меѓутоа, во ова последно време работите наопаку се поставени. Мнозина родители се потполно потчинети на своите деца. Тие не се осмелуваат да се спротивстават на волјата на своите деца, и затоа им се потчинуваат. Меѓутоа, додека се под кровот на своите родители и зависат од нив, децата се должни да се потчинуваат на контролата на родителите. Родителите мораат да бидат одлучни, барајќи нивните гледишта и расудување да се уважуваат.
“Родителите мораат совршено да владеат со своите чувства, и благо, но одлучно да ја насочуваат волјата на детето сѐ додека тоа не навикне дека не може да очекува ништо друго освен да се потчини на вашата волја.“ – 1 Сведоштво, 203.

ц. Кое сериозно предупредување мора да се земе во предвид од страна на возрасните во поглед на нивниот однос кон децата и младите? Лука 17,1.2.

“Спасението на децата многу зависи од правецот по кој одат нивните родители. Во својата погрешно сфатена љубов и во приврзаноста кон децата родителите честопати се премногу попустливи и тоа на штета на самите деца…“ – 1 Сведоштво, 201.
“Некои деца, како што стануваат постари, сметаат дека е сосема природно да имаат своја сопствена волја и дека родителите мораат да се покоруваат на нивните желби. Тие очекуваат нивните родители да им служат. Не поднесуваат никакво ограничување, и кога доволно ќе пораснат за да им бидат од помош на своите родители, не ги прифаќаат должните обврски. Таквите деца биле ослободувани од секоја одговорност, и кога ќе пораснат не се од никаква корист ниту во куќата ниту надвор од неа. Обично немаат ниту сила, ниту издржливост.“ – 1 Сведоштво, 203.
Среда 12. септември

4. ВИСТИНСКА СЕМЕЈНА ДИСЦИПЛИНА

а. На кого најпрвин се однесува пораката на пророкот Илија за последните денови? Мал. 4,5.6 (прв дел); 5 Мојс. 6,6-8; Изреки 23,13.14. На кој начин црквата страда кога родителите не одговараат на овој повик?

“Тие деца не се навикнати на самоодрекување, бидејќи им се попушта во сѐ, се задоволуваат сите нивни желби и затоа се со мошне слабо здравје. Нивните постапки и однесувањето не се прифатливи. Тие се незадоволни и сите околу себе ги прават несреќни. И додека децата се сѐ уште деца, додека треба да бидат строго потчинети на дисциплината на родителите, им се дозволува да одат во друштво, да се дружат со оние што се слични на нив, и така еден на друг вршат негативно влијание што го изопачува карактерот.
“Божјо проклетство неизбежно ќе почива врз неверните родители. Со таквиот свој однос кон децата тие не само што сеат трње што ќе ги ранува во овој живот, туку со своето неверство ќе мора да се соочат и на Божјиот суд. Многу деца тогаш ќе ги осудуваат своите родители што не ги ограничувале и ќе ги обвинуваат за својата пропаст. Лажното сочувство и слепата љубов ги наведува родителите да изнаоѓаат изговори за грешките на своите деца и молчешкум да преминуваат преку тоа, и како последица на тоа децата се загубени, и крвта на нивните души ќе почива на неверните родители.
“Децата на кои им е така дозволено да пораснат недисциплинирани, мораат сето тоа што го пропуштиле дополнително да го научат, ако сакаат да бидат Христови следбеници. Целиот нивен верски живот е под влијание на она што го научиле во детството. Самоволие, недостаток на самоодрекување, неподнесување на укори, неприфаќање на совети и мислења на другите, немарност, избегнување на товар и недостиг на одговорност, и многу други негативни особини од детството, многу често во подоцнежниот живот доаѓаат до израз. Сето тоа се одразува и на нивните односи со браќата и сестрите во црквата. Можно е таквите сето тоа и да го победат, но колку тешка борба мораат да водат! Колку остри судири со самите себе! Колку е тежок патот на дисциплинирање по кој мораат да поминат за да се воздигнат на ниво на христијански карактер!“ – 1 Сведоштво, 203.

б. Опишете го потребниот баланс во воспитувањето на деца за Бога? Ефес. 6,4; Изреки 29,15; Кол. 3,21. Со што може ова да се олесни?

“Родителите не смеат да дозволат работните грижи, световните обичаи и девизи, како и модата да ги обземат до таа мера што ќе ги занемарат своите деца во најраното детство и да не им дадат соодветни упатства во текот на нивниот развој.“ – Знаци на времето, 17. септември, 1894.
Четврток 13. септември

5. ШИРЕЊЕ НА ПРАВИЛНО НАСОЧУВАЊЕ НА СЕМЕЈСТВОТО

а. Какви семејни доблести можеме да научиме од Авраам? 1 Мојс. 18,19.

“Должност на оние кои тврдат дека се христијани е пред светот да прикажат добро организирано и добро воспитано семејство – семејство кое ќе покаже сила на вистинско христијанство.“ – Водење на детето, 233.
“Добро дисциплинираното семејство, кое го сака и почитува Бога, ќе биде радосно и среќно. Таткото, кога се враќа од неговата секојдневна работа, нема во својот дом да донесе никаква збрканост. Тој чувствува дека домот и семејниот круг се премногу свети за да ги наруши со својата збрканост. Кога го напушта својот дом, тој не го остава својот Спасител и својата религија зад себе. Обата се негови придружници. Слаткото влијание на неговиот дом, благословот на неговата сопруга и љубовта на неговите деца, го прават неговото животно бреме полесно и тој се враќа со мир во своето срце и охрабрувачки зборови за својата жена и деца, кои радосно и со добредојде го очекуваат неговото враќање. Додека со членовите на семејството клечи покрај семејниот олтар упатувајќи му благодарност на Бога кој не престанува да го чува него и неговите сакани, Божјите ангели лебдат во собата, и ги носат срдечните молитви на богобојазливите родители на небото како сладок темјан, и како одговор на тоа им донесуваат благослови.“ – Од. пор. 2, 439.440.

б. Бог дава одредени ветувања за сите верници – вклучувајќи ги и оние кои не се благословени со привилегија на семејни врски. Какви се одговорностите на црквата кон таквите? Ис. 54,1-3; Јов 29,15.16.

“Поканувајте ги во вашите домови оние кои имаат потреба од гостопримство и љубезно внимание. Не правете парада, но кога ќе ја видите нивната потреба повикајте ги во својот дом и покажете им вистинско христијанско гостопримство.“ – 6 Сведоштво, 320.

Петок 14. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Објасни ја длабочината на петтата заповед во кругот на семејството.
2. Што претставува ’свет круг‘ со кој треба да биде оградено семејството?
3. Со кој сериозен предизвик мораат да се соочат родителите во овие последни денови на земната историја?
4. Што значи соодветна рамнотежа потребна за насочување на децата по правиот пат?
5. Во која смисла пророштвото во Исаија 54,1-3 може да се примени денес?

Сподели го ова:

Слични објави