10 Разликување меѓу свето и обично

Сподели го ова:

10. лекција – 8. септември 2012.

Разликување меѓу свето и обично

“Тие треба да го учат Мојот народ да разликува свето од несвето и да им објаснуваат што е нечисто, а што е чисто.“ – Езек. 44,23.

“Со цел луѓето да можат да го слават Бога на најдобар начин, тие треба да бараат друштво на такви кои разликата меѓу она што е свето и обично постојано ќе ја имаат во нивните умови.“ – 5 Сведоштво, 464.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Свед. за проп., 337.356.

Недела 2. септември

1. ПОУКИ ОД БИБЛИСКАТА ИСТОРИЈА

а. Кое експлицитно предупредување и укор Бог им упатил на свештениците? 3 Мојс. 22,15; Ерем. 23,11; Езек. 22,26.

б. Како Господ се обидувал да го убеди својот народ од потребата да ја избегнува дрскоста? 1 Сам. 6,19.20; 2 Сам. 6,1-11.

“Колку повеќе дознаваме кој е Бог, и што сме ние во Неговите очи, толку повеќе ќе се плашиме и ќе трепериме пред Него.
“На денешните луѓе нека им послужи како опомена судбината на оние кои во дамнешни времиња се дрзнале слободно да постапуваат со она што Бог го прогласил за свето. Кога Израелците се осмелиле да го отворат ковчегот за време на неговото враќање од филистејската земја, нивната дрскост била страшно казнета ( 1 Сам. 6,19.20).
“Размислете исто така и за казната која го снашла Уз. Кога за време на Давидовото владеење го пренесувале ковчегот во Ерусалим, Уз ја испружил својата рака за да го придржи. Него веднаш го снашла смрт затоа што се дрзнал да го допре симболот на Божјото присуство.“ – 8 Сведоштво, 306.
Понеделник 3. септември

2. БОЖЈИ ТАЈНИ

а. Кои се некои од најголемите Божји тајни и каков треба да биде нашиот однос кон нив? 2 Мојс. 33,17-23; Псалм 33,8.

“Видов престол на кој што седеа Отецот и Синот. Го посматрав Исусовото лице и се восхитував на Неговата прекрасна појава. До Отецот не можев да допрам со погледот затоа што го засолнуваше облак на светлина и слава. Го прашав Исуса дали надворешноста на Отецот е слична како Неговата. Одговори дека е иста, меѓутоа јас не можам да ја видам затоа што Тој рече: ’Кога би ја видела славата на Неговото лице, ти ќе престанеш да постоиш‘“ – Рани списи, 57.
“’Она што е тајно, Му припаѓа на Господ, нашиот Бог, а она што е јавно – нам и на синовите наши довека‘“ (5 Мојс. 29,29). Откровението кое самиот Бог го дал за себе во својата Реч ни е наменето нам и треба да го проучуваме. Тоа можеме да настојуваме да го разбереме. Но подалеку од тоа не можеме да продреме. Највисокиот интелект може да се напрега додека не се умори, создавајќи разни претпоставки за Божјата природа, но неговите напори ќе останат напразни. Нам не ни е дадено да го решаваме овој проблем. Ниеден човечки ум не може целосно да го разбере Бога. Човекот во својата ограниченост нека не се напрега да го толкува Него. Никој нека не се впушта да нагодува за Неговата природа. Молчењето овде значи речитост. За Сезнајниот не може да се расправа.
“Дури ни на ангелите не им било дозволено да учествуваат во советувањето помеѓу Отецот и Синот кога е создаван планот на спасението. Оние човечки суштества кои се трудат да продрат во тајните на Севишниот покажуваат дека не ги познаваат духовните и вечни вистини.“ – 8 Сведоштво, 300.301.

б. Која голема тајна Бог сака ние да ја разбереме, и која е нашата света обврска поради тоа? 1 Тим. 3,16; 2 Кор. 7,1. Опиши како првите адвентисти ги проучувале Светите списи? Ис. 28,10.13.

“Се собиравме заедно, со бреме во душата, молејќи се да бидеме едно во верата и доктрината; знаевме дека Христос не е поделен. Една по една точка беше предмет на нашето истражување. Писмото беше отворано со чувство на страхопочит. Често постевме за да се оспособиме за разбирање на вистината. Ако некоја точка не беше јасна, дискутиравме за неа после искрена молитва и секој можеше слободно да го изрази своето мислење, а потоа повторно ќе клекневме во молитва, и искрени молитви се дигаа кон небото за Бог да ни помогне да гледаме со исти очи, за да можеме да бидеме едно како што Христос и Отецот се едно. Многу солзи се пролеаја.“ – Сведоштво за проповедници, 24.25.

Вторник 4. септември

3. ТАЈНИТЕ НА МРАЧНИТЕ СИЛИ

а. Наведи некои од маските со кои непријателот на душите мистериозно ја крие својата сила во овие последни денови. Откр. 17,1-5; 13,11-14; 16,13.14; 2 Кор. 11,14.

“Една од главните причини за менталната неефикасност и моралната слабост е недоволната насоченост кон вредните цели. Ние се гордееме со широката распространетост на литературата; но умножувањето на книгите, дури и на оние кои сами по себе не се штетни, може да стане вистинско зло. Изложени на страшен наплив од печатен материјал, кој постојано излегува од печат, старите и младите стекнуваат навика да читаат брзо и површно, а умот ја губи способноста да мисли поврзано и енергично. Исто така, голем дел од списанијата и книгите кои, како жабите во Египет, ја преплавуваат земјата, не се само банални, празни и штетни, туку и порочни и унижувачки. Нивната цел не е само да го отрујат и упропастат умот туку и да ја расипат и упропастат душата. Умот и срцето кои се немарни и бесцелни, паѓаат како лесен плен на злото. Габите растат токму врз болните, безживотни организми. И токму невработениот ум е работилница на сатаната. Нека умот биде насочен кон високи и свети идеали, нека животот има благородна цел, смисла со која ќе биде сосема окупиран, па злото тешко ќе се пробие.“ – Воспитување, 189.190.

б. На кој начин безгрижниот став може да ги одвлече таканаречените верници и нивните деца директно во канџите на непријателот? Ефес. 5,3.4.

“Против нас сведочат нашите навики и обичаи кои му нанесуваат срам на Бога и на светите и небесни нешта ги сведуваат на степен на земни. Ние имаме света, испитувачка вистина која посветува, и ако нашите навики и нашите постапки не се во согласност со таа вистина, тогаш грешиме против големата светлина и нашата вина е во сразмер со истата. Во денот на Божјите одмазднички судови ќе им биде многу полесно на безбожниците отколку на нас.“ – 5 Сведоштво, 468.
“Мнозина глави на семејствата, службата ја прават предмет на критика; мал дел одобруваат, а сето останато го критикуваат. И така веста од Бога упатена на луѓето се критикува, се става на разгледување и станува предмет на лекомислени разговори. Само небесните книги ќе откријат како влијаат на децата овие лекомислени и невнимателни забелешки. Децата ги гледаат и разбираат овие нешта многу побрзо отколку што мислат родителите.“ – 5 Сведоштво, 470.
Среда 5. септември

4. СВЕТ ИЛИ ОБИЧЕН ОГАН?

а. како Господ настојувал светоста на службата во храмот впечатливо да ја втисне во свеста на својот народ? 3 Мојс. 6,8-13; 10,1.2.8-10.

“Бог сакал да го поучи народот да му пристапува со најголема страхопочит и тоа само на начин што Тој го утврдил. Тој не може да прифати само делумна послушност. Не било доволно при тоа свечено богослужение ’речиси‘ сѐ да се направи онака како што Тој одредил. Тој изрекол проклетство над оние кои отстапуваат од Неговите заповеди, не правејќи разлика меѓу обичните и светите нешта.“ – Патријарси и пророци, 370.
“Надав и Авијуд никогаш не би го сториле тој фатален грев кога пред тоа не би биле делумно опиени со слободна употреба на вино. Тие знаеле дека за влегување во светињата била потребна најгрижлива и најсвечена подготовка, зашто тука се покажувало Божјо присуство. Меѓутоа, со својата неумереност тие се дисквалификувале за таа света служба. Мислите им биле поматени, а сфаќањето на моралот отапено така што не биле веќе во состојба да ја спознаат разлика меѓу светото и обичното.“ – Патријарси и пророци, 372.

б. На кои опасности, според ова начело, и ние треба да обрнеме внимание денес? Исаија 50,11.

“Мнозина ќе застанат зад нашата проповедалница со факелот на лажно пророштво во своите раце, запален од пеколниот оган на сатаната. Ако сомнежот и неверието се негуваат, верните проповедници ќе бидат отстранети од народот кој мисли дека толку многу знае.“ – Сведоштво за проповедниците, 409.
“Не е точно дека брилијантните млади луѓе секогаш постигаат најголеми успеси. Колку често талентираните и образованите луѓе, кои биле ставени на доверливи позиции, се покажале неуспешни. Нивните способности блескаат како злато, но кога ќе дојдат во искушение, се покажуваат како лажен сјај и троска. Причина за неуспех во нивната работа е неверувањето. Тие не се вредни, истрајни и темелни и не заронуваат во длабината на работите. Не се подготвени да тргнат од почеток, и по скалите на успехот трпеливо и напорно да се искачуваат чекор по чекор до врвот. Тие одат во искрите (моментален блесок на нивните мисли) кои самите ги запалиле. Не се чувствуваат зависни од мудроста која само Бог може да ја даде.“ – Темели на христијанско воспитување, 193.
Четврток 6. септември

5. ОДДЕЛУВАЊЕ ОД ГРЕВОТ И ГРЕШНИЦИТЕ

а. Наведи еден од трендовите кој моментално се промовира во општеството и објасни како Бог очекува Неговиот народ да одговори на тоа? Ис. 8,12.13; јаков 4,4; Езек. 44,23.

“Знаете ли што е конфедерација (сојуз) – тоа е здружување на луѓе во дело кое не носи печат на чистота, искреност и непоколеблива чесност.“ – Библиски коментари, 318.
“Ние можеме себеси да си дозволиме да го изгубиме пријателството на световните луѓе. Оние кои се здружуваат со световните луѓе, за да можат да ги остварат своите несвети цели, прават страшна грешка; бидејќи ќе го изгубат Божјото одобрување и Неговиот благослов… Не постои такво нешто како што е одржување на слога меѓу светото и несвето. Не може да има слога помеѓу Христа и Велијар.“ – Денес со Бога, 354.

б. Што Господ секогаш барал од своите избраници да направат? 1 Мојс. 12,1.4; 2 Кор. 6,17.18. Зошто е ова особено важно во времето на запечатувањето кое што сега се случува? Откр. 18,4.5.

“Самиот Господ поставил ѕид на поделба помеѓу светот и она што Тој го воспоставил на земјата. Божјиот народ треба да му служи Нему, бидејќи Христос ги повикува од овој свет, и ги посветува и облагородува, за да можат да му служат само Нему.“ – Денес со Бога, 354.
“Родителите биле должни да ги соберат своите деца околу себе. Истата должност ја имаме и ти и јас и сите мајки што веруваат во вистината. Ангелот става знак на челата на сите оние кои се одвојуваат од гревот и од грешниците, а по него доаѓаат ангели кои целосно ги уништуваат и старите и младите.“ – 5 Сведоштво, 478.

Петок 7. септември

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква поука можеме да извлечеме од судбината на Уз?
2. Истакни ја разликата помеѓу божествените тајни и оние вистини кои ни се откриени?
3. Откриј некои од замките на сатаната насочени кон оние кои ја празнуваат саботата?
4. Објасни во што е разликата помеѓу светиот и обичен оган?
5. Што не е во ред со екуменизмот?

Сподели го ова:

Слични објави