07 Божјо присуство
7. лекција – 18. август 2012.
Божјо присуство
“Нека се бои целата земја пред Господа, нека се бојат од Него сите жители на вселената!“ – Псалм 33,8.
“Вистинската страхопочит кон Бога е вдахновена од чувството за Неговата бесконечна величина и Неговата постојана присутност.“ – Божјата чудесна благодат, 93.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 219-225.
Недела 12. август
1. СВЕТА ЗЕМЈА
а. Што можеме да научиме од искуството на Мојсеј кога дошол во Божјо присуство? 2 Мојс. 3,1-5. Што направил Исус Навин кога се нашол во присуство на Христа? Исус Навин 5,13-15.
“Понизност и страхопочит треба да го карактеризираат однесувањето на сите оние што доаѓаат во присуство на Бога.“ – Патријарси и пророци, 254.
б. Како самиот опис на Божјата сила која се манифестирала на планината Синај, треба да нѐ поттикне на страхопочит. 2 Мојс. 19,20-24; Евр. 12,25.26.28.29. Дури и без надворешна манифестација на Божјо присуство, кога ние денес се наоѓаме на света земја?
“Бог сакал сцената при објавувањето на Неговиот закон да ја стори величествена и длабоко впечатлива за да ја истакне возвишеноста на Неговиот карактер и неговото значење. На народот требало живо и неизбришливо да му се предочи вистината дека сѐ што е во врска со служењето на Бога мора да биде примано со најголема страхопочит.“ – Патријарси и пророци, 309.
“Знаците на присуството на Јехова биле толку страшни, што народот се тресел од страв и паѓал ничкум пред Господ. Дури и Мојсеј извикал: ’Многу сум уплашен и се тресам‘ (Евр. 12,21).“ – Патријарси и пророци, 309.
“Кога ќе ја земете Библијата во своите раце, не заборавајте дека сте на света земја.“ – Темели на христијанското воспитување, 195.
Понеделник 13. август
2. БОЖЈОТО СЕЗНАЕЊЕ
а. Со кои едноставни објаснувања Библијата го опишува сезнаењето на Бога, особено во поглед на небесните записи собрани во овие последни денови? Псалм 11,4; 102,19.
б. Какви лудости открива менталитетот на мнозина луѓе, вклучувајќи и некои на кои им била доверена голема светлина? Пс. 73,11; 139,7-12; Езек. 8,12. На што треба ова да нѐ поттикне?
“Доаѓа време кога ќе биде премногу доцна да го бараме Бога, и јас размислував како ќе се чувствуваме кога времето на проба ќе заврши и животното дело дојде до крај. Со какви чувства ќе се осврнеме на минатото? Зарем нема да зажалиме што нашите напори да му служиме на Бога не биле посериозни. Зарем нема да зажалиме што не сме живееле во поголема хармонија со Неговата откриена волја? Зарем тогаш да не се најдеме како верни слуги? Што ако во тој момент го слушнеме гласот на Христа: ’Се сврши‘?
“Имав сон во кој видов едно големо мноштво собрано заедно. И одеднаш небото се затемни со густи облаци, почна да грми, да светкаат молњи, и преку целото небо и земјата одекнуваше еден глас, погласен од најсилен гром: ’Се сврши‘! Дел од присутните, со бледи лица, потрчаа напред лелекајќи во агонија: ’О, јас не сум подготвен!‘ Се слушна прашањето: ’Зошто не сте подготвени’? Зошто не ја искористивте драгоцената можност која великодушно ви ја дадов? И кога се разбудив во ушите ми одѕвонуваше страшен крик: ’Јас не сум подготвен; не сум спасен – изгубен сум! Изгубен! Вечно изгубен!’
“Со оглед на свечените одговорности кои почиваат врз нас, да размислуваме за иднината, за да можеме да разбереме што мора ние да направиме за да бидеме подготвени. Во тој ден ќе бидеме соочени со немарност и презир на Божјата милост, со отфрлање на Неговата вистина и љубов. Во свечениот собир на последниот ден, пред очите на целиот универзум ќе биде прочитана причината поради која грешникот е осуден. За првпат родителите ќе ги дознаат тајните од животот на нивните деца. Децата ќе увидат колку грешеле кон нивните родители. Ќе се откријат многу тајни и скриени побуди на срцето; бидејќи сѐ што било тајно ќе се открие. Оние кои лекомислено ги земаат сериозните вистини во врска со Божјиот суд ќе се отрезнат кога ќе се соочат со ужасната реалност.“ – Упатства за младите, 21. јули, 1892.
Вторник 14. август
3. ЖИВОТ ПРЕД НЕБЕСНИТЕ СВЕДОЦИ
а. Какво предупредување Јосифовото тешко искушение претставува за нас кога ќе се најдеме во ситуација кога никој од луѓето не нѐ гледа? 1 Мојс. 39,3-9; Изреки 7,7-10.18-20.
“Но Јосифовата вера и чесност морале да бидат проверени во огнот на искушенијата. Жената на неговиот господар се обидувала овој млад човек да го наведе да го прекрши Божјиот закон. До овој миг тој останал неизвалкан од расипаноста што цутела во таа незнабожечка земја; но како да му се спротивстави на ова искушение, толку неочекувано, толку силно и заводливо… Дали ќе триумфира начелото? Дали Јосиф и натаму ќе остане верен на Бога? Ангелите ја посматрале таа сцена со неопишана загриженост.“ – Патријарси и пророци, 212.
“Одговорот на Јосиф покажува колкава сила имаат основните верски начела. Тој не сакал да ја изневери довербата ниту на земниот господар, а решил да му остане верен на својот небесен Господар, без оглед на тоа какви ќе бидат последиците. Пред очите на сезнајниот Бог и на светите ангели, мнозина си дозволуваат себеси слобода да сторат нешто што никогаш не би го сториле пред своите ближни. Но Јосиф прво помислил на Бога. ’Како да сторам такво грдо зло и на Бога да му згрешам?‘ – биле неговите зборови.“ – Патријарси и пророци, 213.
б. Каков би бил резултатот од појасното разбирање на Божјото сезнаење и сеприсутноста? Евр. 4,13; Пс. 33,8.14.15.
“Кога секогаш би мислеле на тоа дека Бог гледа и слуша сѐ што ние правиме, дека за нашите зборови и постапки се води точен извештај и дека еден ден за сето тоа ќе одговараме – тогаш би се плашеле да грешиме. Младите секогаш нека имаат на ум дека Бог ги гледа секаде каде што се наоѓаат и што било да работат. Нему не може да му побегне ниту една наша постапка. Не можеме да ги сокриеме нашите патишта од Сезнајниот. Човечките закони, колку и да се строги, често се престапуваат, а за престапот да не се дознае, и затоа останува неказнет. Но тоа не е случај со Божјите закони. Ниту најтемната ноќ не може да го засолни виновникот. Тој може да мисли дека е сам, но на секоја негова постапка присутен е невидлив сведок. Пред Божјиот поглед дури ни побудите на нашето срце не се скриени. Секоја постапка, секој збор, секоја помисла, сѐ – точно се бележи, како на светот да постои само тоа единствено лице, и како сето небесно внимание да е насочено само кон него.“ – Патријарси и пророци, 213.
Среда 15. август
4. БОЖЈО ПОСТОЈАНО ПРИСУСТВО
а. Како свеста за Божјото предзнаење и сеприсутност ги теши нашите срца? 1 Мојс. 16,13; 2 Лет. 16,9 (прв дел); Мат. 6,4.
“Единствено свеста за Божјото присуство може да го протера стравот кој на плашливото дете од животот би му направил товар. Тоа во својот ум треба да го вреже ветувањето: ’Господов ангел се настанува околу оние што се бојат од Него, и ги избавува‘ (Пс. 34,7).“ – Воспитување, 255.
б. Со кои зборови апостол Павле ги поттикнува верниците да му угодат на Бога, а не само на Павле? Фил. 2,12.13. Зошто постојано треба да ја имаме на ум реалноста на големиот суд?
“Разните гревови кои ги негувале и практикувале и оние кои за себе тврдат дека се христијани го навлекуваат Божјиот гнев на црквата. Во денот кога небесните книги ќе се отворат, Судијата нема да мора со зборови да ја изразува вината на престапникот, туку ќе биде доволно само да упати еден продорен поглед и секое дело и секоја зделка во животот ќе оживее во сеќавањето на сторителот. За престапникот нема да мора, како во деновите на Исус Навин, да се трага од племе до семејство, туку тој со сопствени усни ќе го признае својот срам, својата себичност, алчност, нечесност, лага и измама. Гревовите на секој поединец, сокриени од луѓето, тогаш ќе бидат објавени како од ’покрив‘.“ – 4 Сведоштво, 469.
“Ниту едно друго влијание, како штит против искушенијата и како поттик на непорочност и вистина, не може да се мери со свеста за Божјото присуство.“ – Воспитување, 228.
“Оние кои ја презираат Божјата Реч, тогаш ќе се соочат со Авторот на тие вдахновени пророштва. Ние не смееме да бидеме така безгрижни како да не доаѓа денот на судот; бидејќи иако се одложува, тој е во близина, дури пред вратата и доаѓа мошне брзо…
“Окото на Оној кој сѐ види е врз нас; ниту најтајните мисли на нашето срце не се скриени. На секого од нас ќе му биде судено во согласност со делата направени во телото. Запрашајте се сериозно: како стоите пред Бога? Како Оној кој може да ја разбере секоја побуда, да ја види секоја мисла, да го слушне секој збор, ја посматра секоја активност во вашиот живот, се однесува кон вашиот случај? Упатства за младите, 21. јули, 1892.
Четврток 16. август
5. ПОСЕБНИ МОМЕНТИ НА БОЖЈО ПРИСУСТВО
а. Објасни ги придобивките на тајната молитва. Псалм 4,4; 62,8; 63,1.2.5.6.
“Треба да се молиме во семејниот круг, но над сѐ не смееме да ја занемариме тајната молитва; бидејќи таа е живот на душата. Не може душата да се развива ако ја запоставиме молитвата. Семејната или јавната молитва сама по себе не е доволна. Нека во самотија, душата се отвори пред испитувачкото Божјо око. Тајната молитва треба да ја чуе само Бог, кој ги слуша молитвите. Ниедно љубопитно уво не треба да ја слушне содржината на таквите молитви. Во тајната молитва душата е слободна од влијанието на околината; слободна од вознемирување. Спокојно, но сепак сесрдно, душата го бара Бога. Пријатно и трајно ќе биде влијанието кое произлегува од Оној, кој го гледа она што е тајно, чие уво е отворено да ја чуе молитвата што излегува од срцето.“ – Патот кон Христа, 89.
б. Колку поради својата вознемиреност и брзање, често губиме во духовен поглед? Опишете го светото задоволство на времето посветено единствено на Бога. Псалм 84,4-8.12.
“Сите ние многу губиме од слаткото општење со Бога заради нашата вознемиреност и неискористување на миговите за размислување и молитва.“ – 5 Сведоштво, 465.
“Мнозина, дури ни во миговите на посветеност, не го примаат благословот на вистинска заедница со Бога. Тие премногу брзаат. Со брзи чекори минуваат низ кругот на Христовата возљубена присутност, застанувајќи можеби само за миг во нејзините свети граници, но не чекаат совет. Тие немаат време да останат со божествениот Учител, и заедно со своите товари ѝ се враќаат на својата работа.“ – Воспитување, 261.
“Наша потреба не е кусо застанување во Негова близина, туку лична врска со Христа.“ – Воспитување, 262.
Петок 17. август
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што треба да сфатиме под изразот ’света земја‘?
2. Кога ќе се најдеме во искушение на што треба да се потсетиме од искуството на Јосиф?
3. Какво охрабрување свеста за Божјо присуство им донесува утеха на верниците?
4. Како свеста за Божјо присуство нѐ потсетува на големиот суд?
5. Наведи еден фактор кој може да ги збогати нашите мигови кои ги поминуваме во мир со Бога?