06 Закон и сведоштво

Сподели го ова:

6. лекција – 11. август 2012.

Закон и сведоштво

“Покрај Законот! Покрај сведоштвата! Ако не зборуваат според ова слово, нема светлина во нив.“ – Исаија 8,20.

“Напушти ги мислењата на луѓето и обрати се на законот и сведоштвото. Отфрли ги сите светски размислувања. Одлучи се за вечноста.“ – 2 Сведоштво, 553.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патр. и пророци, 374-385.

Недела 5. август

1. СВЕТ ПРЕПИС

а. Од древни времиња, која била основата на светиот Божји завет со Неговиот народ? 1 Мојс. 17,7; 5 Мојс. 4,9-13.

“Божјиот закон е свет исто толку колку и Бог што е свет. Тој ја открива Неговата волја и претставува препис на Неговиот карактер – израз на божествената љубов и мудрост. Хармонијата на сѐ што е создадено зависи од совршеното потчинување на сите суштества, на сѐ што живее, и на мртвата природа, на непроменливиот закон на Творецот. Бог поставил закони според кои треба да се управуваат не само живите суштества, туку и сите појави во природата. Сѐ е потчинето на одредени закони кои не можат да се пренебрегнуваат. Меѓутоа, додека во природата сѐ е потчинето само на природните закони, единствено човекот, меѓу сите созданија на земјата, е одговорен и пред моралниот закон. На човекот, како круна на сѐ што е создадено, Бог му дал разум и моќ да ги сфати Неговите барања, Неговата праведност и благотворноста на Неговиот закон и на Неговите свети прописи; и од човекот бара непоколеблива послушност.“ – Патријарси и пророци, 27.

б. Како Христос за време на својата земна мисија повторно ја потврдил светоста на светиот Божји закон? Мат. 19,16.17; 22,36-40; Јован 14,15.

Понеделник 6. август

2. МОЌЕН КРИТЕРИУМ

а. Како Библијата го опишува вечниот, непроменлив Божји закон? Псалм 119,142; 89,34; Лука 16,17.

“Божјиот закон постоел уште пред да биде создаден човекот. Тој бил приспособен според условите во кои живеат светите и непаднати битија; дури и ангелите се управуваат според законот…
“По падот, начелата на овие заповеди не биле сменети, туку биле дадени дополнителни закони кои се прилагодени за човекот во неговата падната состојба.“ – Библиски коментари, 58.59.

б. Објасни како Божјиот план на откупувањето и Неговиот свет закон заедно делуваат моќно? Пс. 19,7; Рим. 7,7-12; 8,3.4.

“Наша должност е почитувањето на овој закон да претставува суштина на оваа последна порака на милост кон светот. Божјиот закон не е нешто ново. Тој не создава светост, туку светоста ја чини позната. Тој е кодекс на начела и прописи во кои е изразена милоста, добрината и љубовта. Тој го прикажува Божјиот карактер на паднатиот човечки род, и на човекот јасно и целосно му ги прикажува неговите должности.“ – Библиски коментари, 60.
“Десетте заповеди од која секоја содржи по еден налог или пак забрана, доколку во послушност им се потчиниме како на закон кој владее со целиот универзум, за нас претставуваат и десет ветувања…“ – Библиски коментари, 60.
“Овој закон на најголема љубов која можела да му се прикаже на човекот од десет заповеди го претставува Божјиот глас кој од небото ѝ зборува на човечката душа со ветување: ’Чини така, и нема да дојдеш под власта и контролата на сатаната‘. Во тој закон нема ништо негативно, иако можеби изгледа дека има. Тој значи: ЧИНИ ТАКА и ќе бидеш ЖИВ.“ – Библиски коментари, 61
“Бог ни ги дал своите свети прописи затоа што го љуби човештвото. За да нѐ заштити од последиците на престапот, Тој ни ги открива начелата на правдата. Законот е израз на Божјата мисла; кога е примен во Христа, тој станува наша мисла. Законот нѐ издигнува над силата на вродените желби и склоности, над искушенијата што водат кон грев. Бог сака да бидеме среќни и затоа Тој ни ги дал начелата на законот, кои ако ги почитуваме можеме да имаме радост.“ – Копнежот на вековите, 225.
“Во Христовиот живот јасно се прикажани начелата на законот и додека Божјиот Свет Дух влијае на срцето, додека Христовата светлина им открива на луѓето дека им е потребна Неговата крв која прочистува и Неговата праведност која оправдува, законот сѐ уште претставува сила, која нѐ доведува кон Христа, за да се оправдаме преку вера.“ – Копнежот на вековите, 226.
Вторник 7. август

3. ПЛОД НА ВИСТИНСКО ОБРАТУВАЊЕ

а. Објаснете ја смислата ’стар‘ и ’нов‘ Завет. 2 Мојс. 24,7.8; Евр. 8,6-12; 2 Кор. 3,3.

“Истиот закон, кој бил врежан на камени плочи, Светиот Дух ги напишал на плочите на срцето. Наместо празното настојување да ’утврдиме‘ наша сопствена правда, треба да ја прифатиме Христовата правда. Неговата крв е помирување за нашите гревови. Неговата послушност е прифатена за нас. Тогаш срцето, обновено од страна на Светиот Дух, донесува ’духовен плод‘. Благодарение на Христовата благодат, ќе успееме да живееме со послушност кон Божјиот закон напишан во нашето срце.“ – Патријарси и пророци, 384.

б. Како Бог направил послушноста на Неговиот закон да претставува задоволство? Езек. 36,26.27; Пс. 40,8; 1 Јов. 2,3.4.

“Помеѓу оние што му се лојални на Бога и оние што го презираат Неговиот закон ќе дојде до жесток судир. Страхопочита кон Божјиот закон е поткопана. Верските водачи го учат народот на човечки науки и заповеди. Како што било во деновите на стариот Израел, така е и денес во светот. Но, дали тие што го почитуваат Божјиот закон, денес треба помалку да го почитуваат затоа што нелојалноста и престапот се распространети? Зарем и тие ќе се обединат со земните сили за да го прогласат тој закон за неважечки? Струјата на злото нема да ги однесе и верните со себе. Тие нема да го презираат тоа што Бог го прогласил за свето.“ – 8 Сведоштво, 130.
“Божјиот закон е основа но и темел на секоја трајна реформа.“ – Пророци и цареви, 463.

“Господ ги изобличува и поправа оние кои тврдат дека го држат Неговиот закон. Тој им укажува на нивните гревови и ги открива нивните беззаконија, бидејќи сака тие да се откажат од секој грев и безбожието за да ја творат Божјата волја.“ – 2 Сведоштво, 504.

Среда 8. август

4. СВЕДОШТВА НА БОЖЈИОТ ДУХ

а. Како Бог го дефинира ’Исусовото сведоштво‘ меѓу остатокот на Неговиот народ и го потврдува вдахновението и целта на истото? Откр. 12,17; 19,10 (посл. дел).

“Мораме да ги следиме упатствата дадени преку Духот на пророштвото. Мораме да ја љубиме вистината за ова време и да ѝ се покоруваме. Тогаш ќе бидеме заштитени од влијанието на силните заблуди. Со посредство на Својата Реч запишана во сведоштвата за црквата, како и преку книги кои ни помогнаа да ни биде појасна нашата сегашна должност и ставот кој треба да го заземеме – ни зборува самиот Бог. Предупредувањата кои овде ни се дадени ’заповед по заповед, правило по правило‘, треба да се послушаат. Ако ги игнорираме, како ќе се оправдаме.“ – Слуги на евангелието, 277.

б. Зошто е толку потребно со сето срце да го цениме Духот на пророштвото? 2 Летописи 20,20 (посл. дел); Осија 12,13.

“Вие повикувавте кон Бога за нова светлина во агонија на својата душа. Бог ме овласти да ви кажам дека ниту еден зрак на светлина нема преку сведоштвата да ја осветли вашата патека, сѐ додека во животот не ја примените светлината која веќе ви е дадена. Бог ве огради со светлина, но вие не ја ценевте туку ја фрливте под нозе. Додека некои ја презираа светлината, други ја занемаруваа или рамнодушно одеа по неа..
“Некои преку сведоштвата примија посебни предупредувања, но веќе за неколку седмици заборавија на укорите кои им беа дадени. На некои сведоштвата им беа повторени по неколку пати, но тие не ги сметаа за толку важни за да мораат да им се покоруваат. Ги сметаа за бесмислени приказни. Да одеа според светлината која им беше дадена, би избегнале многу загуби и искушенија кои им изгледаат мачни и строги. Но само себеси можат да си префрлаат поради тоа. Го земаа на себе јаремот и сега им е тешко да го носат. Христос не го ставил тој јарем на нив. Бог ја покажал својата грижа и љубов кон нив, но нивните себични, зли и неверни души не беа во состојба да ја согледаат Неговата добрина и милост… Ако ги прифатите зраците на светлината кои Бог ви ги даде во минатото, тогаш Тој ќе ви испрати поголема светлина.“ – 2 Сведоштво, 682. 683.

Четврток 9. август

5. ВО ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ

а. Од сите духовни дарови – вклучувајќи го и Духот на пророштвото – која крајна цел треба целосно да се реализира? Ефес. 4,11-13; 1 Кор. 1,5-8.

б. Кои предупредувања се дадени со цел да се сочува верата на оние кои веруваат во дарот на пророштвото во овие последни денови? Дела 20,30.31; 1 Јов. 4,1; Ис. 8,20.

“Наскоро ќе се вложуваат сите можни напори за да се обезвредни и изопачи вистината за Сведоштвата на Божјиот Дух..
“Оние кои некогаш биле со нас обединети во верата, ќе трагаат по нови, необични учења, по нешто чудно и сензационално за да го изнесат пред народот. Ќе ги изнесуваат сите можни заблуди и ќе ги претстават како нешто што доаѓа од сестра Вајт, за да можат да ги измамат душите.“ – Одбрани пораки 1, 41.
“Сега би сакала да им кажам на сите оние кои копнеат за вистината: Немојте да им верувате на несигурните извештаи за тоа што направила, кажала или напишала сестра Вајт. Ако сакате да дознаете што открил Господ преку неа, читајте ги нејзините книги. Немојте желно да ги примате и пренесувате гласовите за тоа што кажала таа за некое интересно прашање, ако таа за тоа ништо не напишала.“ – 5 Сведоштво, 653.
“Ќе има лажни соништа и лажни визии, кои содржат некои вистини, но водат далеку од првобитната вера… Ако тие го омаловажуваат законот на Бога, ако не обрнуваат внимание на Неговата волја откриена во сведоштвата на Неговиот Дух, тие се измамници…
“Имајте на ум дека искушенија од ваков карактер (како заблудите и измамите) ќе доаѓаат на нас, не само однадвор, туку однатре од нашите сопствени редови.“ – Библиски коментари, 861.

Петок 10. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кое знаење му е доверено на човечкиот род?
2. Како Божјиот закон се доведува во врска со планот на спасението?
3. Што воспоставил Христос во Новиот завет?
4. Објасни што се подразбира под ’Исусовото сведоштво‘?
5. Наведи една од лукаво поставените стапици за да се измамат токму избраните во последните денови?

Сподели го ова:

Слични објави