05 Страхопочит кон Божјата Реч

Сподели го ова:

5. лекција – 4. август 2012.

Страхопочит кон Божјата Реч

“Кнезовите ме прогонуваат без причина, но моето срце трепери само пред Твоите зборови.“ – Псалм 119,161.

“Ние треба да пристапиме со страхопочит кон проучување на Библијата, со чувство дека ние се наоѓаме во присуство на Бога. Секоја површност и несериозност треба да се остават настрана.“ – Сведоштво за проповедници, 107.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 5 Сведоштво, 656-668. 6 Сведоштво, 119-126

Недела 29. јули

1. ХРАНА ЗА ДУШАТА

а. Како Господ настојувал на Израелците во свеста да им го втисне чувството за нивната духовна потреба? 5 Мојс. 8,2.3. Како оваа поука има примена и на духовниот Израел денес? 1 Кор. 10,11.12.

б. Каква претстава стекнуваме од животворната храна добиена при општењето со Бога и Неговата Реч? Пс. 63,1-5 (прв дел); Ис. 55,1,2; Јован 6,51-53.

“Творечката сила, која ги создала световите, се наоѓа во Божјата Реч. Таа Реч дава сила; таа раѓа живот. Секоја заповед е и ветување. Прифатена од страна на волјата, примена во душата, таа со себе го донесува животот на Бесконечниот. Таа ја преобразува природата и повторно ја создава душата според Божјиот лик.
“Животот даден на ваков начин, на ист начин и се одржува. Човекот ќе живее ’од секој збор, што излегува од устата на Бога‘ (Матеј 4,4).“ – Воспитување, 126.
“Во Библијата се изложува вистината со едноставност и со совршено прилагодување на потребите и копнежите на човечкото срце, што ги изненадува и импресионира и најобразованите умови, додека истовремено им овозможува на скромните и необразованите да го запознаат патот на спасението.“ – 5 Сведоштво, 657.
Понеделник 30. јули

2. МОЌТА НА БОЖЕСТВЕНОТО ВДАХНОВЕНИЕ

а. Како Исус го потврдил светото вдахновение на Стариот завет? Марко 12,24; Лука 16,29.31; Јован 5,39.46.47.

“Денес, мнозина таканаречени христијани го отфрлаат Стариот завет тврдејќи дека тој нема никаква вредност. Меѓутоа, тоа не било Христовото учење…
“Стариот завет јасно го открива Спасителот исто како и Новиот завет. Светлината од пророчкото минато го осветлува јасно и убаво Христовиот живот и учењето на Новиот завет.“ – Копнежот на вековите, 776.

б. На каков начин се прикажани Стариот и Новиот завет? Откр. 11,3.4.

“Овие двајца сведоци ги претставуваат списите на Стариот и Новиот завет. И едниот и другиот претставуваат значајно сведоштво за потеклото и вечното траење на Божјиот закон. И двата сведочат за планот на спасението. Симболите, жртвите и пророштвата на Стариот завет упатуваат на Спасителот кој требало да дојде. Евангелијата и посланијата на Новиот завет зборуваат за Спасителот кој дошол токму онака како што во споменатите симболи и пророштва бил најавен.“ – Големата борба, 238.

ц. Во исполнувањето на Библиските пророштва постои сила? Како тоа треба да влијае на нашата вера? 2 Кор. 5,7.

“(Библиските) едноставно искажани вистини опфаќаат предмети кои се толку возвишени, далекосежни и бескрајно над моќта на човечкото сфаќање, така што можеме да ги прифатиме само затоа што Бог ги објавил… Меѓутоа, под овие вистини, така лесно разбирливи, лежат тајни кои ја сокриваат Неговата слава – тајни кои го совладуваат умот на оној кој се обидува да ги објасни, додека искрениот истражувач на вистината го инспирираат со страхопочит и вера…
“Оние кои се подготвени на тој начин да го прифатат живото сведоштво за Божјиот авторитет, благословени се со најјасна светлина. Ако се побара од нив да објаснат некои цитати, тие само ќе одговорат: ’Така пишува во Светото Писмо‘… Бидејќи Бог така одредил, откриваме дека сме принудени некои работи да ги прифатиме само со вера.“ – 5 Сведоштво, 658.

Вторник 31. јули

3. МОЌНО СРЕДСТВО

а. Како Божјата Реч, слично на хируршкиот скалпел, отсекува сѐ што е зафатено со духовна болест? Евреите 4,12.

“Вистината практично мора да се внесе во животот. Божјата Реч, како остар меч со две острици, мора да ги отсече и последните остатоци од себичноста и сопственото ’јас‘ кои сѐ уште се наоѓаат во нашиот карактер.
“Речта ги прави гордите смерни, изопачените кротки и понизни, а непослушните послушни. Грешните навики во човекот се природно вткаени во неговите секојдневни постапки. Но Речта ги сече и искоренува телесните желби. Таа им суди на мислите и намерите на умот; и навлегува до разделување на зглобовите и мозокот, ги искоренува телесните желби и ги први луѓето спремни да пострадаат за својот Господ. “ – Библиски коментари, 805.
“Оставете ја Божјата Реч онаква каква што е. Нека човечката мудрост не се осмелува да ја намали силата на ниедна изјава на Светото Писмо.“ – 5 Сведоштво, 667.

б. Како моќната Божја Реч може да стане опасно духовно оружје кога погрешно се користи? 2 Петр. 3,16 (посл. дел); Лука 11,52.

“Мнозина ја читаат Библијата, но немаат никаква корист од тоа, и во многу случаи само штета. Ако Божјата Реч ја отвораме без страхопочит и без молитва, ако мислите и љубовта не се насочени кон Бога и не се во согласност со Неговата волја, умот е замаглен со сомнеж и таквото проучување на Библијата уште повеќе ќе го зајакне скептицизмот. На тој начин непријателот зема контрола над мислите и укажува на толкувања кои не се правилни.“ – 5 Сведоштво, 661.
“Секој истражувач кој ја отвора Библијата, треба да побара просветлување од Светиот Дух, а ветувањето е сигурно дека тоа ќе му биде дадено.
“Духот со кој приоѓате во истражувањето на Писмото ќе одреди кој ќе ви биде помошник во тоа истражување. Ангелите од светот на светлината ќе бидат со оние кои со понизност во срцето бараат божествени упатства. Но, ако Библијата се отвора со непочитување, со чувство на самозадоволство, ако срцето е исполнето со предрасуди, тогаш сатаната е до вас и тој обичните извештаи на Божјата Реч ќе ги изнесе во изопачена светлина.“ – Сведоштво за проповедници, 86.
Среда 1. август

4. НАЈГОЛЕМ ВОСПИТУВАЧ

а. Кои зборови на претпазливост се однесуваат на некои световни учења па дури и во верските училишта? 1 Тим. 6,20.21; 2 Тим. 3,7; 4,4. Како мнозина го следат примерот на Јуда во извртување на Писмото?

“(Предавникот Јуда) истакнувал од Светите списи текстови што немале никаква врска со вистините кои Христос ги презентирал. Овие текстови, издвоени од целината на својот контекст, создавале кај учениците забуна и ја зголемувале малодушноста која постојано ги притискала. Меѓутоа, Јуда го правел сето ова на таков начин што изгледало дека тој бил совесен човек. И додека учениците барале докази што ќе ги потврдат зборовите на големиот Учител, Јуда речиси незабележано ги водел на друг пат. Така, на многу религиозен и привидно мудар начин, Јуда ги прикажувал вистините во поинаква светлина од онаа во која Христос ги изнел и на Неговите зборови им припишувал значење какво што Тој не им дал.“ – Копнежот на вековите, 556.
“Тие што ја читаат Библијата за во неа да пронајдат противречности немаат духовен увид. Нивниот поглед е изопачен и затоа наоѓаат причини за сомнеж и неверување во работи кои се потполно јасни и разбирливи. Додека оние што со страхопочит ѝ пристапуваат на Библијата и се трудат да ја дознаат Неговата волја за да ја вршат, сето тоа го гледаат во сосема друга светлина. Тие ќе се исполнат со страхопочит и восхит размислувајќи за чистотата и возвишеното совршенство на откриените вистини.“ – 5 Свед., 662.

б. Зошто Светото Писмо, кога му се пристапува со страхопочит, е соодветно да биде главен учебник во поглед на воспитувањето? Псалм 12,6; 119,105.130; Изреки 9,10.

“Вистинската наука не може да содржи ништо што е спротивно на учењето на Божјата Реч, бидејќи и двете имаат ист Автор. Правилното разбирање на науката и Божјата Реч секогаш покажува дека тие се во потполна хармонија.“ – 8 Сведоштво, 276.
“Библијата го содржи сето она што е потребно за спасение на душата, и во исто време таа е подесна за зајакнување и дисциплинирање на умот. Употребена како учебник во нашите училишта, таа ќе се покаже далеку поефикасна од било која друга книга во мудро насочување во земните работи, како и во помагање на душата да се искачи на скалата која допира до небото. На вистинскиот истражувач Библијата му овозможува напредок во вежбањето на умните сили; и по секое размислување за божествените вистини неговите умни способности излегуваат збогатени со нови сознанија.“ – Совети за родит., учителите, и студентите, 371.
Четврток 2. август

5. НЕ Е ОБИЧНА КНИГА

а. Каква почит кон Божјата Реч покажале некои поединци, откако долго време биле лишени од нејзиното благотворно влијание? 2 Лет. 34,14-21; Немија 8,9 (посл. дел).

б. Како и зошто ние треба да ја цениме Божјата Реч, особено во овие последни денови? Пс. 119,161; Амос 8,11.12; Јован 12,48.

“Библијата е Божји глас кој ни зборува, точно така, како да го слушаме со своите уши. Ако го сфатиме ова, тогаш со каква страхопочит ќе ја отвораме Божјата Реч и со каква срдечност ќе ги пребаруваме Нејзините прописи. Кога го читаме Светото Писмо и размислуваме за тоа ќе се чувствуваме како да се наоѓаме во одајата за прием кај Бесконечниот…
“Кога го цитирате Писмото, никогаш тоа не го правете несериозно или на лекомислен начин. Секој пат кога ќе ја земете Библијата во своите раце, имајте на ум дека стоите на света земја.“ – Мојот живот денес 310.
“Кога ќе се разбуди вистинска љубов кон Библијата, и кога оној што ја проучува ќе почне да согледува колку е широко нејзиното поле и колку се скапоцени нејзините богатства, тој ќе посака да ја искористи секоја можност да се запознае со Божјата Реч. Проучувањето на Библијата нема да биде ограничено на некое посебно време или место. И ова континуирано проучување е едно од најдобрите средства за негување на љубов кон Писмото. Ученикот секогаш треба да ја има со себе својата Библија. Кога имате можност, читајте и размислувајте за она што сте го прочитале. Додека шетате по улиците, чекате на железничка станица, додека чекате некого, искористете ја можноста да извлечете некои драгоцени мисли од сокровиштето на вистината.“ – Воспитување, 191.

Петок 3. август

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Опишете ја моќта на Божјата Реч?
2. Зошто Стариот завет е толку важен?
3. Како Јуда ги искривувал Светите списи за да ги збуни Христовите ученици?
4. Какво место Библијата треба да има во нашите училишта?
5. Објасни зошто страхопочита е толку важна во ракувањето со Божјата Реч?

Сподели го ова:

Слични објави