7.Бунтот на Кореј, Датан и Авирон

Сподели го ова:
  1. лекција                                                  Сабота, 16. мај 2020.

 

Бунтот на Кореј, Датан и Авирон

 

„Востанаа (Кореј, Датан и Авирон) против Мојсеј заедно со двесте и педесет мажи од синовите израелски, началници на народот, претставници во собранието, мажи познати“ (Броеви  16:2).

 

„Поранешните буни биле обични нереди, последици на ненадејни изливи на раздразнетата толпа; но сега е создаден посилен заговор, произлезен од решителни намери да се собори авторитетот на водачите што ги поставил сам Бог.“ – Патријарси и пророци, 395.

 

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:                      Патријарси и пророци, 395-405.

 

Недела                                                                                                              10. мај

 

  1. ЗАГОВОР

 

а.   Каков заговор бил создаден меѓу Израелците додека се бунеле против одлуката на Господ дека мораат да талкаат во пустината четириесет години? Кои биле главните заговорници? Броеви 16:1-3.

 

б.  Каков тест им предложил Мојсеј на заговорниците како би се докажало кој е повикан од Бога? Броеви 16:4-7, 16-18. Зошто народот бил склон да сочувствува со бунтовниците?

 

„За оние кои се во заблуда и кои заслужуваат прекор, ниту малку не е попријатно отколку да им се укаже наклоност и да им се упатува пофалба.“ – Патријарси и пророци, 397.

„Народот мислел дека, ако би ги водел Кореј тој би ги храбрел, истакнувајќи ги нивните праведни дела, наместо постојано да ги потсетува на нивните неуспеси, тие би имале многу мирно и среќно патување; а тој без сомнеж би ги одвел, не назад во пустината, туку во ветената земја. Тие велеле дека пресудата дека не можат да влезат во ветената земја ја изрекол Мојсеј, а не Господ.“ – Spiritual Gifts, vol. 4A, p. 31.

Понеделник                                                                                                     11. мај

 

  1. МОЈСЕЕВИТЕ АПЕЛИ И ПРЕДУПРЕДУВАЊА

 

а.   Како се обидел Мојсеј да разговара со главните бунтовници, и за што тие го обвиниле? Броеви 16:8-15.

„Датан и Авирон не зазеле толку дрзок став, како Кореј, и Мојсеј, надевајќи се дека тие се само вовлечени во заговорот и дека не се наполно расипани, ги повикал кај себе за да ги сослуша нивните обвинувања. Меѓутоа, тие не сакале да дојдат, туку безобѕирно одбиле да го признаат неговиот авторитет…

Значи, ги употребиле истите зборови со кои Бог го опишал ветеното наследство за да ја прикажат земјата на своето робување. Мојсеја го обвинувале дека тврди оти работи под Божјо водство само затоа да го одржи својот авторитет…

Било очигледно дека народот бил на страна на незадоволниците, но Мојсеј не се трудел да се оправда себеси. Во присуство на целиот народен собир се повикувал на Бога како сведок дека неговите намери биле чисти, а ставот исправен и се молел Тој да му биде судија.“ – Патријарси и пророци, 399.

б.  Какви напори направиле Мојсеј и Арон да го спасат соборот од уништување? Броеви 16:22-30. Каков бил резултатот од нивните напори?

 

  „(Мојсеј и Арон) паднале ничкум со молба: ‘Боже, Боже на духовите и на секое тело! Еден човек згреши, а Ти на целиот народ ли се гневиш?’

Кореј истапил од собирот за да се упати кон Датана и Авирона кога Мојсеј со седумдесеттемина старешини се упатил кон тие луѓе кои одбиле да му пристапат за да ги опомене за последен пат. Мноштвото тргнало и Мојсеј, пред да ја упати својата порака, по Божја наредба ги предупредил присутните: ‘Отстапете од шаторите на тие опачни луѓе! Не допирајте ништо што е нивно за да не бидете уништени поради сите нивни гревови’. Народот ја послушал опомената зашто сите биле проникнати со страв од казната што претстоела. Главните бунтовници виделе како ги напуштаат оние што ги измамиле, но останале непоколебливи во својата дрскост. Стоеле со своите семејства пред вратите на своите шатори токму како да и пркосат на Божјата опомена.“ – Патријарси и пророци, 400.

Вторник                                                                                                          12. мај

 

  1. БУНТОВНИЦИТЕ КАЗНЕТИ

 

а.  Каква судбина ги снашла бунтовниците? Броеви 16:31-35.

„Очите на сиот Израел биле насочени кон Мојсеја и со страв очекувале што ќе се случи. А кога Мојсеј престанал да зборува, тврдата почва се расцепила и заговорниците живи пропаднале во утробата на земјата заедно со сѐ што било нивно „и исчезнаа од народот“. Народот се разбегал бидејќи се чувствувал како соучесник во гревовите на осудените.

Но казната уште не била целосна. Од облакот светнала секавица и ги убила оние двесте и педесет кнезови кои принеле свој темјан. Бидејќи не биле зачетници на заговорот, не биле уништени заедно со главните бунтовници. Им било дозволено да го видат нивниот крај и дадена им е можност да се покаат; но тие ги жалеле бунтовниците, па затоа ги снашла иста судбина.“ – Патријарси и пророци, 400,401.

 

б.  Како знаеме дека Бог не казнува неселективно? Кој бил поштеден? Второзаконие 24:16; Броеви 26:9-11; 1. Летописи 9:19. Какви поуки можеме да научиме од ова?

 

„Значи децата не биле осудени поради гревот на родителите; туку откако ја запознале светлината дадена на нивните родители и ја отфрлиле исто така како и светлината која дополнително им била дадена токму на нив, станале соучесници во гревовите на своите родители дополнувајќи ја мерката на нивното беззаконие.“ – Големата борба, 27.

„Израелците можеле да ја избегнат Божјата казна дури и тогаш кога Мојсеј ги молел да се спасат од претстојната пропаст, само кога Кореј и неговата група би се покајале и би побарале проштавање. Меѓутоа, нивната упорна тврдоглавост им ја запечатила судбината. Целиот народен собир бил соучесник во нивната кривица зашто сите, во поголема или помала мера, им биле наклонети. Сепак, Бог во својата голема милост правел разлика меѓу водачите на заговорот и оние што биле само заведени. На народот, кој дозволил да биде заведен, му е дадена можност да се покае. Им биле дадени силни докази дека згрешиле, а дека Мојсеј бил во право. Јасниот показ на Божјата сила отстранил секоја неизвесност.“ – Патријарси и пророци, 401.

 

в.  За што биле употребени кадилниците на бунтовниците? Со каква цел? Броеви 16:36-40.

 

Среда                                                                                                                              13. мај

 

  1. НАРОДОТ БИВА КАЗНЕТ

 

а.   И покрај доказите што му биле дадени на соборот, како соборот следниот ден се поставил кон Мојсеј и Арон? Броеви 16:41.

 

„Тешко можело луѓето да му нанесат на Бога поголема навреда од оваа да ги отфрлат и да ги презрат орудијата што Бог сакал да ги употреби за нивно сопствено спасение. Меѓутоа, Израелците не само што го сториле тоа, туку имале намера и да ги убијат Мојсеја и Арона. Не увидувале колку било потребно да се молат на Бога да им го прости нивниот тежок грев. И таа ноќ на искушение не ја поминале во каење и признавање на своите гревови, туку во планирање како ќе се противстават со докази што ги потврдувале нивните големи гревови. Сѐ уште негувале омраза кон луѓето што ги одбрал Бог и ја собирале сета сила да му се противстават на нивниот авторитет. Сатаната бил готов да им го помати умот и така заслепени да ги турне во пропаст.“ – Патријарси и пророци, 402.

 

б.  На кој начин Господ уште еднаш интервенирал со тешка казна, и што направиле Мојсеј и Арон за да ја спречат пресудата? Броеви 16:44-49.

 

„Дури и откако Бог ја испружил својата рака така што земјата ги проголтала злосторниците, а народот вџашен побегнал во нивните шатори, нивниот бунт сè уште не бил излечен. Длабочината на нивното незадоволство, се покажувала  дури и пред очигледниот Божји суд. Утредента, по уништувањето на Кореј, Датан и Авирон и нивните соучесници, народот дошол кај Мојсеј и Арон велејќи: ‘Вие го уништивте народот Господов’. Поради ова лажно обвинување на Божјите слуги, илјадници биле убиени, бидејќи тоа бил грев на дрско ликување во зло.“ – Коментари на библиските текстови, 82.

„Мојсеј не бил виновен за сторениот грев, па затоа и не се плашел и не заминал веднаш за да не го препушти собирот на пропаст. Не брзајќи да се оддалечи и да се засолни, Мојсеј во таа страшна криза покажал вистинска грижа на пастир за довереното му стадо. Се молел на Бога да не го уништи во гневот одбраниот народ. Со своето посредување ја запрел раката одмаздничка со цел непослушниот и бунтовен Израел да не биде наполно уништен…

 Како се издигнувал мирисот на темјанот, така кон Бога се издигнувале и Мојсеевите молитви од светињата, па поморот запрел; но дури тогаш кога веќе четиринаесет илјади Израелци лежеле мртви како доказ за казната со која биле казнети мрморењето и бунтот.“ – Патријарси и пророци, 402,403.

Четврток                                                                                                        14. мај

 

  1. СВЕДОШТВО ПРОТИВ БУНТОТ

 

а.   Кој тест засекогаш го решил прашањето на свештенството, и каде се чувал како сведоштво Ароновиот жезол? Броеви 17:1-11.

„Сите тие забележителни промени во врска со Ароновиот жезол (кој ‘беше напупил, расцветал и родил бадеми’) се случиле за една ноќ, за да ги убедат дека Господ навистина прави разлика меѓу Арон и останатите синови на Израел.“ – Коментари на библиските текстови, 84.

 

б.  Какво предупредување допира и до нас од тој голем бунт? 1. Коринтјаните 10:10,11.

 

„Зар нема и денеска исти такви зла што лежат во основата на пропаста на Кореја? Гордоста и славољубието широко се распространети; а попуштањето пред тие склоности го отвора патот за завист и борба за превласт; душата се отуѓува од Бога и несвесно преминува во редовите на сатаната. Слично на Кореја и на неговите другари, и денеска мнозина дури и меѓу таканаречените Христови следбеници, размислуваат, планираат и силно се стремат кон самоизвишување; само да си обезбедат себеси истомисленици, тие се подготвени дури и да ја изопачат вистината и да ги оцрнат Господовите слуги, припишувајќи им најниски и најсебични побуди кои всушност ги поттикнуваат нивните сопствени срца. Со постојано повторување на лагата, наспроти Јасните спротивни докази, најпосле и самите почнуваат да веруваат дека тоа е вистина. Трудејќи се да ја уништат довербата на народот во оние луѓе што ги избрал Бог, тие навистина мислат дека прават добро и дека му служат на Бога.“ – Патријарси и пророци, 403.

 

Петок                                                                                                               15. мај

 

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

 

  1. Кој став е угоден на природното срце кога не сме во право?
  2. Кога Датан и Авирон одбиле да дојдат и да разговараат со Мојсеј, што било значајно во тоа што нивните семејства стоеле до нив?
  3. Која лекција можеме да ја научиме од Божјото постапување со децата на Кореј?
  4. После уништувањето на Кореј, Датан и Авирон и нивните сојузници, каков бил одговорот на народот?
  5. Кои ставови кои ги негуваме претставуваат темели на бунт против Бога?
 
Сподели го ова:

Слични објави