4.Неверни свештеници

Сподели го ова:
  1. лекција                                     Сабота, 25. април 2020.

 

Неверни свештеници

 

„Тие треба да го учат Мојот народ да разликува свештено од несвештено и да им објаснуваат што е нечисто, а што е чисто“ (Езекиел 44:23).

 

„Мораме да се откажеме од секоја постапка која би можела да ја заведе совеста на другите и да ги доведе во искушение. Не смееме да отвориме ниедна врата преку која сатаната би можел да добие пристап кон битијата создадени според Божјото обличје.“ ­– 5. Сведоштво, 360.

 

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:                     Патријарси и пророци, 359–362.

 

Недела                                                                                                               19. април

 

  1. ПОСВЕТУВАЊЕТО НА АРОН И НЕГОВИТЕ СИНОВИ

 

а.   Опишете ја накратко церемонијата на посветувањето на Арон и неговите синови за служба во светилиштето. Левитска 8:1-9,12,13,24,30,33.

 

„Сѐ било сторено онака како што наредил Господ, и Тој ја примил жртвата и на необичен начин ја покажал својата слава; оган дошол од Господа и ја запалил жртвата на олтарот. Народот со страхопочит и со жив интерес ја посматрал оваа чудесна манифестација на Божјата сила. Тие во тоа виделе знак на Божјата слава и негово одобрување и, искажувајќи благодарност и обожавање, паднале ничкум како да се наоѓаат во непосредно присуство на Јехова.“ Патријарси и пророци, 359.

б.  Што се барало од оние кои биле повикани да служат во Божјо присуство? Излез 19:22. Што ги дисквалификувало луѓето за светите одговорности?

„Ако некој нема жива врска со Бога, ќе преовладува неговиот телесен дух и чувства. А тоа со други зборови може да се претстави како принесување на туѓ оган на Божјиот олтар.“ – Testimonies to Ministers, p. 371.

 

Понеделник                                                                                                 20. април

 

  1. НАДАВ И АВИЈУД ЗАГИНАЛЕ

 

а.   Кое дело на Надав и Авијуд покажува дека тие не биле квалификувани за светата служба што им била дадена? Левитска 10:1. Како таканаречените христијани денес користат „туѓ оган“?

 

„Божјата преобразувачката сила мора да се спушти врз оние кои управуваат со свети работи, но сепак, кои не се способни, поради причина која добро му е позната на Бога, да направат разлика помеѓу светиот оган кој Бог го запалил и туѓиот оган, кои тие го пренесуваат. Туѓиот оган го обесчестува Бога, како што тоа беше прикажано во случајот на Надав и Авијуд. Светиот оган на Божјата љубов ќе ги направи луѓето нежни, љубезни и сочувствителни кон оние што се во опасност. Оние кои себеси си дозволуваат остри, арогантни зборови, навистина велат: ‘Јас сум посвет од тебе! Зарем не ја гледаш мојата возвишена позиција?“ – Testimonies to Ministers, p. 356.

„Потребни се обратени луѓе – луѓе кои ќе го сакаат и почитуваат Бога, плашејќи се да одат во своја мудрост, сфаќајќи дека нивните напори можат да се покажат успешни само ако се признати од Него, без чиј благослов нема напредок. Секој миг божествената сила мора да биде обединета со човечките напори, инаку ќе биде принесен туѓ оган наместо свет…

Ние го навредуваме  Бога ако со светите работи ракуваме како што ракуваме со обичните; свето е сѐ она што Бог го одвоил за однесување на светлината на светот. Оние кои на било кој начин учествуваат во Божјото дело не треба да одат во суетата на сопствената мудрост, туку во Божјата мудрост; или ќе бидат во опасност да ги изедначат светите работи со обичните и на тој начин да се одвојат од Бога.“ – The Review and Herald, September 8, 1896.

б.  Како било казнето нивното безбожно однесување? Левитска 10:2.

 

„За време на богослужението додека народот му упатувал на Бога молитви и похвали двајца Аронови синови зеле кадилници и ‘ставија во нив оган и врз огнот темјан’, па излегле пред Господа да кадат. Но тие ја прекршиле неговата заповед, ставајќи во кадилниците ‘туѓ оган’. За да го запалат темјанот, зеле обичен, наместо свет оган, што го запалил лично Бог и изрично го одредил за таа цел. Поради тој грев е пуштен оган од небото и ги спалил пред очите на сиот народ.“ – Патријарси и пророци, 359.

Вторник                                                                                              21. април

 

  1. ПОСЛЕДИЦИ ОД ПОГРЕШНОТО ВОСПИТУВАЊЕ

 

а.   Бидејќи Мојсеј веднаш ја видел причината за несреќата, што му рекол на Арон? Левитска 10:3. Што го направило гревот на Надав и Авијуд уште потежок во Божјите очи?

 

„Покрај Мојсеја и Арона, Надав и Авијуд заземале највисоки положби во Израел. Биле посебно почестени од Господа со тоа што, покрај седумдесетмина старешини, им било дозволено да ја видат неговата слава на гората. Затоа за нивниот престап немало изговор ниту преку тоа можело да се помине лесно. Сето тоа нивната вина ја правело уште потешка.“ – Патријарси и пророци, 359.

 

б.  Кои принципи требало да ги знае Арон во воспитувањето на своите синови? Изреки 22:6; 29:21. Во кој аспект тој погрешил?

„Надав и Авијуд во својата младост не навикнале на самосовладување. Попустливата природа на нивниот татко и неговиот недостиг од цврстина за праведната работа, сториле тој да го занемари дисциплинирањето на своите деца. Ги пуштил синовите да се поведуваат по нивните склоности. Долго повторуваните навики да им попуштаат на своите желби во толкава мера загосподариле над нив, што дури ниту одговорноста пред најсветата служба немала сила да ги совлада. Тие не научиле да го почитуваат авторитетот на својот татко и затоа не увидувале колку е неопходно Божјите барања да се извршуваат со најголема точност.“ – Патријарси и пророци, 360.

„Не може да му се посвети преголема важност на раното воспитување на детето. Поуките научени и навиките стекнати во годините на раното и подоцнежното детство, имаат многу поголема врска со формирањето на карактерот и управувањето на животот, отколку сето поучување и воспитување во подоцнежните години.“ – Здравје и среќа, 380. 

 

в.  Каква поука и предупредување му дал Мојсеј на Арон и неговите преживеани синови? Зошто? Левитска 10:6,7.   

„(Арон) не се осмелувал да ја покаже својата болка за да не изгледа дека соучествува во нивниот грев. Народот не смеел да биде наведен да се жали против Бога.“ – Патријарси и пророци, 361.

Среда                                                                                                                 22. април

 

  1. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА НАС ДЕНЕС

 

а.   Какво предупредување ни дал Господ против употребата на алкохолните пијалаци? Левитска 10:8-11. Дали ова предупредување важи и за нас денес? Излез 19:5,6.

 

„Со употреба на алкохолните пијалаци телото слабее, умот се затемнува и моралните сили се понижуваат. Под влијание на алкохолот луѓето не ја сфаќаат светоста на она што е свето ниту задолжителноста на Божјите барања. Сите што заземаат положби на висока и света одговорност треба да бидат строго умерени со цел разумот да им биде бистар за да можат да ја разликуваат правдата од неправдата и да имаат цврсти начела и мудрост да делат правда и да укажуваат милост.“ – Патријарси и пророци, 361.

 

б.  Кои библиски принципи ни покажуваат дека виното кое Исус го поделил на свадбената свеченост всушност било непревриен сок од грозје? Изреки 20:1; 23:32.

 

„Некои тврдат дека Исус подржувал умерена употреба на ферментирано вино, и во прилог на тоа тврдење го наведуваат Неговото чудо на претворање на водата во вино. Меѓутоа, ние тврдиме дека Исус никогаш не правел опојно вино; таквиот чин би бил спротивен на сите учења и примери во Неговиот живот.“ – The Health Reformer, July 1, 1878.

 

в.   Што ќе прават оние кои се стремат кон совршенство во христијанскиот живот? 1. Коринтјаните 9:25.

 

„Вистинската умереност нѐ учи целосно да се воздржуваме од сѐ што е штетно, и разумно да го користиме она што е здраво.“ – Умереност, 138.

„Единствениот безбеден курс е да не допираме, да не вкусиме, и да не употребуваме чај, кафе, вино, тутун, опиум и алкохолни пијалаци…

Никогаш да не земаме ниту чаша алкохолен пијалак. Не допирајте го никогаш.“ – Умереност, 163.

„Младите и децата треба да разберат дека алкохолот, тутунот и другите слични отрови со своето влијание го разоруваат телото, го затемнуваат умот и духот го прават телесен. Мора да се објасни дека секој што ги употребува овие отрови не може долго да ја задржи полната сила на своите физички, ментални и морални способности.“ – Воспитување, 202.

Четврток                                                                                                        23. април

 

  1. „СВЕТО Е И СТРАШНО НЕГОВОТО ИМЕ“

 

а.   Зошто бил запишан гревот на Надав и Авијуд? Римјаните 15:4. Што можеме да научиме од овој инцидент?

 

„Бог сакал да го поучи својот народ да му пристапува со најголема страхопочит и тоа само на начин што го утврдил Тој. Тој не може да прифати само делумна послушност. Не било доволно при тоа свечено богослужение ‘речиси’ сѐ да се стори онака како што одредил Тој. Тој изрекол проклетство над оние кои отстапуваат од неговите заповеди, не правејќи разлика меѓу светото и несветото.“ – Патријарси и пророци, 360.

 

б.  Какви луѓе Господ повикува да ја заземат позиции на света одговорност? 1. Петрово 1:15,16; 2:9.

 

„Христовиот проповедник треба да биде неизвалкан во разговорите и во постапките; и секогаш треба да има на ум дека нему му е доверено да се моли и да се заложува кај Исуса како што Тој кај Отецот се заложува за сите нас. Укажано ми е на Израелевите синови во старо време, за тоа колку чисти и свети морале да бидат оние кои вршеле служба во светилиштето, затоа што таа служба ги доведувала во тесна врска со Бога. Оние кои вршат света служба мораат да бидат свети, чисти и беспрекорни, или Бог ќе ги уништи. Бог не се променил.“ – Рани списи, 102.

Петок                                                                                                      24. април

 

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

 

  1. Зошто понекогаш ги внесуваме своите лични мислења и себични идеи во Божјото дело?
  2. Што е потребно со цел да не ги изедначуваме светите и вообичаени работи на исто ниво?
  3. Кога треба да се научиме на самосовладување? Зошто?
  4. Зошто Бог сака денес да бидам строго умерен?
  5. Зошто почитта е толку важна? Од каде започнува? Како?
 
Сподели го ова:

Similar Posts