2.Заветот прекршен

Сподели го ова:
  1. лекција                                            Сабота, 11. април 2020.

 

Заветот прекршен

 

„И му рече Господ на Мојсеј: „Оди поскоро и слези долу, зашто народот твој, кого го изведе од земјата египетска, појде по пат на беззаконие“ (Излез 32:7).

 

„Чувствувајќи се беспомошни во отсуство на својот водач, тие се вратиле на своето старо суеверие. ‘Светината’ прва станала нестрплива и почнала да негодува; тие што му се придружиле на Израел и се помешале со него предводеле во отпадот што уследил.“­­ – Патријарси и пророци, 315,316.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:                     Патријарси и пророци, 315-319.

 

Недела                                                                                                            5. април

 

  1. НАРОДОТ ВЕТУВА ПОСЛУШНОСТ

 

а.   По објавувањето на законот, кој бил повикан на гората, и на кого единствено му било речено да се приближи до Господа? Излез 24:1,2.

 

б.    Кога народот ги слушнал сите зборови на Господ кои им ги пренел Мојсеј, што тие едногласно одговориле? Што направил тогаш Мојсеј? Излез 24:3,4.

 

„Заслепен и понижен со ропството и со незнабоштвото, народот не бил приготвен во целост и правилно да ги сфати далекусежните начела на десетте Божји заповеди. За подобро да се сфати задолжителноста на овие заповеди и истите да се применуваат дадени се и други прописи кои појасно ја прикажале нивната примена. Тие прописи се наречени закони поради тоа што и нив ги составила безграничната Мудрост и Праведност и што судиите требало да судат според нив. За разлика од десетте заповеди, нив ги примил само Мојсеј и тој имал задача да му ги пренесе на народот.“­­ – Патријарси и пророци, 310.

„Кога слегол од гората,’Мојсеј дојде и му ги повтори на народот сите Божји зборови и сите заповеди. И сиот народ одговори во еден глас, и рече: Сите зборови што ги кажал Господ ќе ги помнеме и ќе ги слушаме’. Тој завет, заедно со Господовите зборови што ги обврзувале да ја исполнат дадената обврска, Мојсеј ги напишал во книга.“­­ – Патријарси и пророци, 312.

Понеделник                                                                                                     6. април

      

  1. ИЗРАЕЛ ВЛЕГУВА ВО ЗАВЕТ СО БОГА

 

а.   Кога Мојсеј ја зел книгата на заветот и ја прочитал на народот, што тој повторно ветил? Излез 24:7.

 

„Ако Израелците ги почитувале Божјите барања, тие би биле практични христијани. Тие би биле среќен народ; бидејќи, наместо да се поведуваат по природните склоности на необратеното срце, тие би оделе по патиштата Господови. За да не ги сфатат погрешно Божјите зборови или погрешно ги применат Неговите барања, Мојсеј сите зборови ги напишал во книга за да можат подоцна да се повикуваат на тоа. Сето тоа тој го запишал на гората онака како што самиот Христос му диктирал.

Израелците храбро ги изговориле зборовите кои ги обврзувале на послушност на Господа, откако пред целиот збор им бил прочитан текстот на заветот. Тие рекоа: ‘Сè, што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни’. Тогаш нивниот завет со Господа бил запечатен, и Му принеле жртви на Господа. Со дел од крвта на жртвата бил попрскан олтарот. Ова значело дека народот го посветил – телото, душата и духот – на Бога. Со преостанатиот дел од крвта бил попрскан самиот народ. Ова значело дека со прскањето на Христовата крв Бог милостиво ги примил како свое посебно богатство. Така Израелците свечено стапиле во заветен однос со Бога.“ – Коментари на библиските текстови, 65,66.

б.  Што Израелците не успеале да сфатат во својата одлучност да склучат завет со Бога? Римјаните 7:18; Јован 15:5.

„Бог… им го дал (на Израелците) својот закон и, под услов да бидат послушни, им ветил големи благослови: ‘Па сега, ако го слушате гласот Мој и го пазите заветот Мој… ќе ми бидете царство на свештеници и народ свет’ (Излез 19:5,6). Меѓутоа, тие не ја увидувале грешноста на своето сопствено срце и фактот дека без Христа не е можно да се држи Божјиот закон. Затоа биле готови веднаш и без премислување да склучат сојуз (завет) со Бога. Уверени дека можат сами ‘да ја утврдат својата правда’, изјавиле: ‘Сѐ што рекол Господ, ќе правиме и ќе бидеме послушни’ (Излез 24:7).“­­ – Патријарси и пророци, 371,372.

 

в.   Со што Мојсеј се послужил за да го ратификува заветот направен на Синај? Излез 24:8.

Вторник                                                                                                                7. април

 

  1. МОЈСЕЈ НА ГОРАТА

 

а.   Со која цел Мојсеј повторно бил повикан на гората? Излез 24:12; 25:8,9,40.

 

„Додека престојувал на гората, Мојсеј примил упатство за градење на светиња во која Божјото присуство требало да се открие на посебен начин. „Нека ми направат светиња за да престојувам меѓу нив!“ (Излез 25:8) гласела Божјата наредба…

Од тогаш народот требало да биде почестен со постојано присуство на својот Цар. ‘Ќе пребивам меѓу синовите Израелови и ќе им бидам Бог’. ‘И ќе се освети тоа место со славата Моја’ (Излез 29:45,43), гласело уверувањето дадено на Мојсеја. Како симбол на Божјиот авторитет и олицетворение на неговата волја, на Мојсеја му бил предаден препис на заповедите напишан со Божји прст на камени плочи (Второзаконие 9:10; Излез 32:15,16), со цел да се чуваат во свет заветен ковчег во светињата која требало да претставува видлив центар на националното богослужение.“­­ – Патријарси и пророци, 313,314.

б.  Што можело да се види на гората Синај? Излез 24:15-17.

 

в.  Колку долго Мојсеј бил на гората со Бога? Излез 24:18. На кој начин Господ сакал да го просветли светот преку Израел? Како ова може да се примени на нас денес?

 

„Израелците од племиња на робови биле издигнати над сите други со цел на Царот над царевите да му бидат посебно ‘богатство меѓу сите народи’. По Божјо провидение тие биле изделени од светот за да може да им се укаже света доверба. Бог ги сторил чувари на својот закон и имал намера преку нив да го сочува меѓу луѓето знаењето за себе. Така требало на светот, обвиен во темнина и мрак да му засвети небесна светлина и да се слушне глас кој сите народи ќе ги повика да ги напуштат своите идоли и да му служат на живиот Бог. Кога Израелците би му останале верни и кога би ја оправдале светата доверба што им била укажана, би станале голема сила во светот. Бог би бил нивни заштитник и одбрана и би ги издигнал над сите други народи. Преку нив на светот би му се откривала неговата светлина и вистина, и тие, под негова мудра и света управа, би претставувале очигледен пример за тоа колку служењето на Бога е повозвишено од секој вид на идолопоклонството.“­­ – Патријарси и пророци, 314.

Среда                                                                                                                  8. април

 

  1. ЗЛАТНОТО ТЕЛЕ

 

а.   Кога народот видел дека Мојсеј веќе долго време не слегува од гората, што рекол тој  додека се собирал околу Арон? Излез 32:1.

 

„Во тој период на чекање имале време да размислуваат за тукушто објавениот Божји закон и да ги приготвуваат своите срца за примање на нови откровенија што можеле да им бидат дадени. За тоа дело не им преостанало премногу време; и кога би настојувале појасно да ги сфатат Божјите барања и би ги понизиле своите срца пред него, би биле сочувани од искушението. Но тие не постапиле така, па набргу станале безгрижни, невнимателни и наклонети кон беззаконие. Тоа посебно се однесувало на таканаречената ‘светина’… Некои предлагале да се вратат во Египет; но, било да се оди назад во Египет, или да се продолжи во Ханан, мнозинството на народот решиле Мојсеја да не го чекаат веќе.“­­ – Патријарси и пророци, 315.

б.  На кој начин Арон ја открил својата слабост? Што направил народот? Излез 32:2-6, Псалм 106:19,20.

 

„Тие малубројни кои се осмелиле предложениот кип да го прогласат за идолопоклонство биле свирепо малтретирани и во настанатата возбуда и хистерија конечно го загубиле животот.

Наместо благородно да издржи во одбрана на Божјата чест, Арон, плашејќи се за својата сопствена безбедност, попуштил пред навалувањето на народот.“­­ – Патријарси и пророци, 316,317.

 

в.  Какво предупредување содржи ова искуство за нас? 1. Коринтјаните 10:7.

 

„Ние го повторуваме гревот на Арон, ако покажуваме дух на попуштање и помирливост тогаш кога погледот треба да биде јасен за да се открие злото и да се каже јасно, дури и ако со укорот на неисправните се ставиме во непријатна положба, затоа што нашите побуди можат да бидат погрешно сфатени. Не смееме да го трпиме злото на братот или на било која душа со која сме поврзани. Ароновиот грев се состоел токму во тоа што одлучно не се заложил за вистината. Кога тој јасно би ја зборувал вистината, златното теле никогаш не би било направено.“ – Коментари на библиските текстови, 70.

Четврток                                                                                                     9. април

 

  1. МОЈСЕЈ СЕ МОЛИ ЗА НАРОДОТ

 

а.   Раскажете го разговорот помеѓу Господ и Мојсеј во врска со отпадот во логорот. Излез 32:7-14.

„Кога Мојсеј во својата молитва се заземал за Израелците, неговата плашливост потполно исчезнала во длабокото интересирање и љубов за оние за кои толку многу сторил како орудие во Божјите раце. Бог го ислушал неговото пекање и ја примил неговата несебична молитва. Тој го проверувал својот слуга; сакал да види колкава е неговата верност и љубов кон заблудениот и неблагодарен народ, и Мојсеј благородно ја издржал проверката. Неговото залагање за Израелците немало ништо себично во себе. Благосостојбата и напредокот на Божјиот избран народ му биле помили од личната чест.“ – Патријарси и пророци, 319.

 

б.  Што сака Бог да правиме кога ќе се соочиме со отпадништво денес? 2. Тимотеј 4:2.

 

„Од сите гревови што ќе ги казни Бог, ниеден во неговите очи не е потежок од оној со кој други се храбрат и се поттикнуваат да прават зло. Бог сака неговите слуги да ја докажат својата верност со тоа што престапот решително ќе го осудат, без оглед колку болно тоа им паѓа. Оние што се почестени со божествен налог не смеат да бидат слаби, повивајќи се како ветерот дува. Тие не смеат да се стремат кон извишување себеси ниту пак да ги избегнуваат непријатните должности, туку мораат со непоколеблива верност да го извршуваат Божјото дело.“ – Патријарси и пророци, 323,324.

 

Петок                                                                                                           10. април

 

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

 

  1. На кој начин дополнителните прописи што им биле дадени на Израелците се однесуваат на Десетте заповеди?
  2. Како можам да бидам „практичен христијанин“? Дали тоа ќе ме направи несреќен?
  3. Како можам да помогнам да се сочува знаењето за Бога во овој свет?
  4. Зошто понекогаш не успеваме да се залагаме за она што е право? Какви последици може да има ова?
  5. Што можам да научам од ставот на Мојсеј кон оние кои покажале целосна непослушност и другите кои биле непостојани во верата?
 
Сподели го ова:

Слични објави