11.Победа над Сихон и Ог

Сподели го ова:
  1. лекција                                              Сабота, 13. јуни 2020.

 

Победа над Сихон и Ог

 

Довери Му го патот свој на Господ и во Него верувај и Тој ќе делува“ (Псалм 37:5).

 

„Непоколебливата вера на нивниот водач го вдахнувала целиот народ со доверба во Бога. Сите се потпреле врз неговата семожна рака и таа не ги напуштала. Пред Војводата на Господовата војска не можеле да се одржат ниту силните џинови, ниту со бедеми опашаните градови, ниту вооружената војска, ниту планинските тврдини.“ – Патријарси и пророци, 436.

 

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ:                                 Патријарси и пророци, 433–437.

 

Недела                                                                                                              7. јуни

 

  1. НА ИЗРАЕЛ МУ СЕ ЗАКАНУВА УНИШТУВАЊЕ

 

а.   Какви упатства добиле Израелците во врска со Моавците и Аморејците? Второзаконие 2:9,19.

 

б.  Кога Израелците стигнале во земјата на Аморејците, каква порака му испратил Мојсеј на Сион, нивниот цар, и каков бил неговиот одговор? Второзаконие 2:26-30, Броеви 21:21-23.

 

„Одговорот (Сионов) бил решително одбиен; а сите аморејски чети биле повикани да му се спротивстават на навлегувањето на странците. Израелците многу се исплашиле од таа силна војска, бидејќи биле неподготвени за судир со добро вооружените и извежбани сили. Во врска со воената вештина, нивните непријатели уживале предимство. И, според сите човечки проценки, Израелците бргу морале да го дочекаат својот крај.

Но Мојсеј постојано го насочувал погледот кон столбот од облак и постојано го храбрел народот велејќи дека знакот на Божјото присуство е сѐ уште со нив. Истовремено им советувал да сторат сѐ што е во човечката моќ да се приготват за војна. Нивните непријатели желно го очекувале почетокот на битката, убедени дека неприготвените Израелци ќе ги збришат од лицето на земјата.“ – Патријарси и пророци, 433,434.

Понеделник                                                                                                  8. јуни

 

  1. АМОРЕЈЦИТЕ БИВААТ ПОБЕДЕНИ

 

а.   Какво упатство дошло од Сопственикот на целата земја  до водачот на Израел? Второзаконие 2:31.

 

б.  Што е пророкувано за Аморејците во времето на Аврам? Создавање 15:16.

„Иако Аморејците биле идолопоклоници и поради своето големо беззаконие заслужиле праведна казна, Бог сепак ги штедел четиристотини години за да им даде несомнени докази за тоа дека Тој е единствен вистински Бог, Творец на небото и земјата. Сите негови чуда што ги сторил изведувајќи ги Израелците од Египет, ним им биле познати. Имале доволно докази и можеле да ја запознаат вистината само кога би сакале да се одвратат од своето идолопоклонство. Но тие ја отфрлиле светлината и им се предале на своите идоли.

Кога Господ по вторпат го довел својот народ до границите на Ханан, на тие незнабожечки народи им се дадени нови докази за неговата моќ. Дека Бог бил со Израелците се видело уште по тоа што го победиле царот Арад и Хананците, како и врз основа на чудото сторено со цел да ги спаси оние што умирале од нападот на змиите отровници… Тие во својот премин и задржување покрај границите на Едом, Моав и Амон не пројавувале дух на непријателство, на луѓето не им нанесувале никаква штета ниту пак им правеле некакво зло. Кога стигнале до аморејските граници, замолиле да им дозволат само да преминат низ нивната земја, ветувајќи дека ќе ги почитуваат истите оние правила кон кои се придржувале во својот контакт со другите народи покрај чиишто граници поминувале. Меѓутоа, кога царот на Аморејците ја одбил оваа учтива молба и пркосно собрал војска за борба, чашата на нивното беззаконие се преполнила и Господ ја употребил својата сила да ги уништи.“ – Патријарси и пророци, 434,435.

 

в.   Каков бил исходот на битката? Второзаконие 2:32-35; Броеви 21:24.

 

„Израелците ја преминале реката Арнон и напредувале кон непријателот. Настанал вооружен судир од кој Израелците излегле како победници. Користејќи го тоа предимство, тие набргу ја запоседнале целата аморејска земја. Непријателите на Господовиот народ всушност ги победувал Војводата на Господовата војска; Тој тоа можел да го стори пред триесет и осум години само кога Израел би имал доверба во Него.“ – Патријарси и пророци, 435.

Вторник                                                                                                        9. јуни

   

  1. ДА СЕ ИМА ДОВЕРБА ВО БОГА

    

а.   Како Давид прикладно го опишува Мојсеевиот став кога слушнал за големата хананска војска? Псалм 112:7,8.

 

 „Помош и милост, доволна во сите околности, му ветува Оној чијшто збор е вечна вистина. Неговите, секогаш сигурни раце, цврсто ја држат во своите прегратки душата која му се обраќа за помош. Свесни за Неговата грижа за нас, можеме да бидеме сигурни и спокојно да кажеме. ‘Во денот кога страв ме обзеде, јас тебе ти се доверувам’ (Псалм 56:3). На сите што се надеваат во Него, Бог им ги исполнува своите ветувања.“ – Делата на апостолите, 467.

 

б.  Што Мојсеј со сигурност можел да каже откако го победил хешбонскиот цар Сион? Второзаконие 2:36. Како народот бил охрабрен?

 

„Во таа пригода Евреите си спомнале како нивната војска, кога еднаш тргнала во бој, била поразена и илјадници загинале. Но тогаш постапиле сосема спротивно на Божјата наредба. Оделе без Мојсеја, од Бога одредениот водач, без столбот од облак, знакот на Божјото присуство, и без ковчегот на заветот. А сега Мојсеј бил меѓу нив и им ги засилувал срцата со зборови на вера и надеж. Обвиен во столб од облак, пред нив одел Божјиот Син, а светиот ковчег ја придружувал војската.“ – Патријарси и пророци, 437.

 

в.   Во што можеме да бидеме сигурни додека патуваме низ животот на оваа земја? Филипјаните 1:6.

 

„Оние што живеат среде опасностите на последните денови, треба да сфатат дека исто како и на почетокот на своето искуство, вистината ги обединила со Спасителот, па така и Оној кој е почеток и завршеток на нивната вера, ќе го усоврши делото што го започнал во нив. Бог е верен, преку кого сме повикани на заедништво со неговиот Син. Кога мажите и жените соработуваат со Бога во извршувањето на делото што им го дал, тие одат напред од сила во уште поголема сила. Додека покажуваат едноставна вера, верувајќи од ден на ден дека Бог ќе ги утврди во Христа, Тој им зборува како што некогаш му зборувал на стариот Израел: ‘Зашто ти си свет народ на Господ, твојот Бог; тебе те избра Господ, твојот Бог, за да бидеш негов сопствен народ меѓу сите народи, што се на земјата’“ (Второзаконие 7:6). – Our High Calling, p. 24.

Среда                                                                                                               10. јуни

 

  1. ПОБЕДА НАД ОГ, ЦАРОТ НА ВАСАН

 

а.   Која биле следната цел на Израелците, по победата над Сион? Второзаконие 3:1. Опишете ја земјата на васанскиот народ.

 

„Војската на Израелците се упатила понатаму, полна со надеж и храброст. Одејќи постојано кон север, наишле на една земја која претставувала вистинска проверка за нивната храброст и доверба во Бога. Пред нив се простирало моќното и густо населено царство Васан, полно со големи утврдени градови кои и денеска предизвикуваат восхит кај светот: ‘Шеесет градови… утврдени со високи ѕидови, порти и довратници, освен други многубројни места без ѕидови’ (Второзаконие 3:4,5).“ – Патријарси и пророци, 435.

 

б.  Каква порака му испратил Бог на Мојсеј во врска со Ог и неговата војска, и каков бил исходот од битката? Броеви 21:34,35; Второзаконие 3:2-7.

 

„Пред Војводата на Господовата војска не можеле да се одржат ниту силните џинови, ниту со бедеми опашаните градови, ниту вооружената војска, ниту планинските тврдини. Господ ја водел својата војска и Господ го разбивал непријателот; Господ победувал во полза на Израел. Горостасниот цар бил уништен заедно со својата војска, а Израелците ја зазеле целата негова земја. Така Господ го истребил од земјата тој чуден народ кој се предал на безбоштво и на гнасотиите на идолопоклонството.“ – Патријарси и пророци, 436.

в.   Како Господ му помогнал на својот народ во војната против двајцата аморејски цареви, Сион и Ог? Исус Навин 24:12. Како новата генерација на Израелците ги виделе грешките на нивните татковци?

 

„При освојувањето на Галад и Васан, многу Израелци си спомнале за настаните од пред четириесет години што се одиграле во Кадис и поради кои Израелците биле осудени на долго талкање низ пустината. Сега увидувале дека извештајот на извидниците за ветената земја во голема мера бил точен. Градовите биле опашани со многу високи ѕидови, а ги чувале џинови спрема кои Евреите изгледале како вистински џуџиња. Сега можеле да се уверат дека кобната грешка на нивните татковци се состоела во тоа што немале доверба во Божјата сила. Само тоа ги спречило веднаш да влезат во ветената земја.“ – Патријарси и пророци, 436.

Четврток                                                                                                     11. јуни

 

  1. ПОУКА ЗА НАС

 

а.   Каква поука можеме да извлечеме кога ќе видиме како Израел, иако малуброен од човечка гледна точка, триумфирал над своите непријатели? Захарија 4:6.

 

„Кога ќе се спореди со безбројните милиони жители на светот, Божјиот народ, како и секогаш, е едно малечко стадо. Меѓутоа, ако биде постојан во вистината како што е откриена во неговата Реч, Бог ќе биде негово прибежиште. Секогаш ќе се наоѓа под сигурна заштита и под закрила на Семоќниот.“ – Делата на апостолите, 590.

„Зарем Бог не е мнозинство? Ако сме на страната на Бога кој ги создал небото и земјата, зарем не сме на страната на мнозинството? Ние на своја страна имаме ангели кои се ненадминливи во сила.“ – Умереност, 258.

 

б.  На што нѐ учи овој настан? Псалм 37:1-3,5.

 

„Тоа искуство содржи поука и за нас. Силниот Израелов Бог е и наш Бог. Во него можеме да имаме доверба и ако ги држиме неговите заповеди, Тој ќе работи за нас исто толку очигледно како и некогаш што работел за својот народ. Секој што настојува да оди по патеката на должноста, понекогаш ќе се соочува со сомневање и неверување. Повремено на патот ќе се појават навидум непремостливи пречки така што срцето на оние што ќе паднат во малодушност ќе се обесхрабри, но ним Бог им порачува: Само напред! Вршете ја својата должност по секоја цена. Тешкотиите што изгледаат толку страшни и ја исполнуваат вашата душа со страв, ќе исчезнат штом ќе тргнете напред по патеката на послушноста, понизно надевајќи се во Бога.“ – Патријарси и пророци, 437.

 

Петок                                                                                                             12. јуни

 

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

 

  1. Во подготовката за војна против Аморејците, како Израелците покажале делотворна вера?
  2. Зошто Бог сѐ уште ги штеди злите жители на овој свет денес?
  3. Исто како што сакал да го утврди Израел во Ханан, во што сака да нѐ утврди денес?
  4. Што сфатила следната генерација на Израелците во врска со фокусот на нивните татковци?
  5. Што ќе се случи кога ќе ја извршиме нашата должност без оглед на пречките на патот?
 
Сподели го ова:

Слични објави