7. Смоквино дрво

Сподели го ова:

7. лекција Сабота, 19. мај 2018.

 Смоквино дрво

„Не, ви велам: но ако не се покаете, сите така ќе изгинете.“ – Лука 13:5.

„Господ не сака никој да загине, туку сите да дојдат кај Него и да бидат спасени. Но, наместо Неговата нежна добрина да ја омекне и потчини нивната душа, мнозина на кои Тој им укажува љубов и милост се охрабруваат на уште посилен отпор. О, кога луѓето би се сетиле дека Божјото трпение има граници!“ – The Review and Herald, December 7, 1897.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очиг. поуки, 212-218.

Недела 13. мај

1. ПОВОД ЗА ОВАА ПАРАБОЛА

а. Кој настан, кој штотуку се случил во Ерусалим, бил повод за изнесување на параболата за смоквата? Лука 13:1.

„Слушателите го известиле Исуса за настан кој штотуку предизвикал голема возбуда кај народот. Некои мерки на гувернерот на Јудеја, Понтие Пилат, го навредиле народот. Избувнало народно востание во Ерусалим и Пилат се обидел да го задуши со сила. Еднаш неговите војници дури провалиле на подрачјето на храмот и убиле неколку галилејски поклоници кои штотуку принесувале жртви.“ – Христовите очигледни поуки, 212.213.

б. Што покажува дека Евреите несреќата ја сметале како казна за грев? Лука 13:2.4.

„Евреите оваа несреќа ја сметале како казна за некој грев, и известувачите што донеле информации за споменатото насилство тоа го правеле со потајно задоволство, сметајќи дека тие самите се многу подобри од споменатите Галилејци и дека уживаат поголема Божја наклоност.“ – Христовите очигледни поуки, 213.

Понеделник 14. мај

2. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ И АПЕЛ

а. Какво предупредување и апел Исус изрекол во својот одговор? Лука 13:3-5.

„Додека разговарал со учениците и со мноштвото, Исус со пророчко око гледал во иднината и го видел Ерусалим опколен со војска, ги чул тупотите од чекорите на странците кои марширале против избраниот град и видел како безброј илјадници гинат во текот на опсадата. Многу Евреи, слично на оние Галилејци, биле убиени во предворјето на храмот, токму во миговите кога принесувале жртви. Несреќата што ги снашла споменатите Галилејци претставувала Божја опомена за целиот народ кој бил толку виновен. Исус рекол: ‘Ако не се покаете, сите така ќе загинете!’ Уште малку ќе се одложува мигот на проверка за сите нив. Уште имаат време да го дознаат она што е важно за нивниот мир.“ – Христовите очигледни поуки, 213.214.

б. Што Исус во Своето учење поврзувал со предупредувањето за судот? Лука 9:56; Јован 3:17.

„Во Своето учење Христос предупредувањето за судот го поврзал со повиците на милоста.“ – Христовите очигледни поуки, 212.

в. Какви повици Бог ни упатува денес? Езекиел 18:31; 33:11.

„Препород е единствениот пат со кој можеме да стигнеме до светиот град. Тој пат е тесен, и портата преку која влегуваме е тесна, но само по тој пат мораме да ги водиме мажите, жените и децата учејќи ги дека мораат да имаат ново срце и нов дух за да бидат спасени. Потребно е да ги совладаме старите, наследени црти на карактерот. Мораат да се изменат старите наследни карактеристики на карактерот. Мораат да се изменат природните желби на душата. Мора да се отфрли секаква измама, лага и оговарање. Мораме да живееме нов живот кој луѓето ќе ги направи слични на Христа. Мораме да пливаме против струјата на злото.“ – This Day With God, p. 108.
„Господ сака да спасува, а не да уништува. Тој се радува на спасението на грешникот. ‘Животот ми мој, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот’ (Езекиел 33:11). Тој ги опоменува и преколнува заталканите да престанат да чинат зло, да се обратат кон Него и да живеат.“ – Пророци и цареви, 105.

Вторник 15. мај

3. ДРВОТО КАКО СИМБОЛ

а. За да го поткрепи Своето предупредување и апел, која парабола Исус им ја кажал на слушателите? Лука 13:6.7. Во која смисла неплодната смоква го претставува еврејскиот народ? Осија 10:1.

„Народот во Христово време покажувал поголема надворешна побожност од Евреите во поранешните времиња, но во многу поголема мера од нив бил лишен од благородните доблести на Божјиот Дух…
Преку својот Син Бог барал плод, но не го нашол. За жал, Израел само и пречел на земјата. Неговото постоење се претворило во клетва, зашто заземал место во лозјето што можело да го заземе некое плодно дрво. Тој на светот му ги скусувал благословите што сакал Бог да му ги даде. Израелците погрешно го претставувале Бога пред околните народи. Не само што биле бесполезни, туку претставувале и вистинска пречка. Нивната религија во толкава мера била изопачена што, наместо благослов и спасение, таа на светот му носела само пропаст.“ – Христовите очигледни поуки, 215.

б. Што покажува дека вината за нивниот неуспех лежела на нивните сопствени порти? Дела 7:51-53.

в. На кој начин можеме и ние да бидеме како неплодната смоква? Јован 15:4.5.

„Слично на вообразеното смоквино дрво, и ние можеме да бидеме покриени со лисја – но без плодови. Иако знаеме дека вистината што ја поседуваме е цврста како вечните планини, колку се оние кои се задоволуваат само со теоријата на вистината, немајќи доказ дека се во Христа и дека Христос е во нив. Колкумина се оние кои живеат ден за ден, а да не го чувствуваат посветувачкото влијание на вистината врз срцето, кое води до добри дела?
Ние не треба да владееме со вистината, туку да дозволиме таа да владее над нас; на тој начин вистината ќе биде во нас и ние ќе бидеме во вистината. И ако тоа се случи, нашиот живот и карактерот ќе сведочат за тоа дека вистината нешто чини за нас – дека нè посветува и дека нè прави морално подесни за друштво на небесните ангели во царството на славата. Вистината што ја имаме е од небесно потекло; кога ќе се всели во срцето, таа ќе го започне своето дело на чистење и облагородување.“ – The Signs of the Times, May 9, 1878.

Среда 16. мај

4. ДОДАТНО ВРЕМЕ НА ПРОБА

а. Како лозарот се залагал за лозјето кај господарот? Лука 13:8.

б. Каква паралела може да се направи помеѓу деновите пред уништувањето на Ерусалим и деновите пред крајот на човечката историја? 2 Петрово 3:9.10.

„О, колку е драгоцена долготрпеливоста на нашиот милостив Спасител! О, кога сите драги млади луѓе би можеле правилно да ја ценат вредноста на душата која била платена по толку голема цена на Голгота! О, кога секој би можел правилно да направи соодветна проценка на способностите што му се дадени од Бога! Преку Христа можете да се искачите по скалилата на напредокот и да ја ставите секоја способност под контрола на Исус… Во духот, во мислите, во зборовите, во делата, вие можете да покажете дека ве поттикнува Христовиот Дух, а вашиот живот може силно да влијае на многу други луѓе.
Ние живееме во премногу свечен период од светската историја за да бидеме безгрижни и невнимателни… Морате да се молите, да верувате и да бидете послушни. Во своја сила ништо не можете да направите, но во благодатта на Исуса Христа можете да ги употребите своите сили на таков начин што ќе и донесат најголема животна корист на вашата душа и најголем благослов за душите на вашите ближни. Фатете се за Исуса и марливо ќе ги чините Христовите дела и, конечно, ќе примите вечна награда.“ – Sons and Daughters of God, p. 118.

в. Како Исус, како заклучок, покажал дека тие, како народ, морале да одлучат за сопствената судбина? Лука 13:9.

„Во параболата Исус не кажал што постигнал лозарот со својот труд. На тоа место сторијата се прекинува. Нејзиниот крај му бил препуштен на поколението што ги слушало Неговите зборови. Ним им била упатена и свечена опомена: ‘Можеби ќе роди идната година, ако не, пресечи ја!’ Од нив зависело дали ќе биде искажана неотповиклива осуда. Денот на гневот наближувал. Со неволјите што веќе го снашле Израел, сопственикот на лозјето милостиво однапред ги потсетувал луѓето на уништувањето на неплодното дрво.“ – Христовите очигледни поуки, 216.

Четврток 17. мај

5. ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА НАС ДЕНЕС

а. Кое предупредување, оние кои веруваат во тројната порака, треба да го извлечат од оваа парабола? Кои напори Господ сè уште ги прави за нас? Исаија 27:2-4; Осија 11:8 (прв дел).

„Оваа опомена се одгласува низ времето сè до нашите денови. Дали ти, о безгрижно срце, си неплодно дрво во Господовото лозје? Дали поради тоа истата осуда ќе биде изречена и над тебе? Колку долго веќе ги примаш Неговите дарови? Колку долго Тој бдее и чека да му возвратиш со љубов? Колкави предности си уживал посаден во Неговото лозје, под будното око на лозарот! Колку често нежната порака на евангелието го одушевувала твоето срце! Го носиш Христовото име, навидум си припадник на црквата која е Негово тело, а сепак си свесен дека немаш никакви живи врски со големото срце на љубовта! Низ тебе не тече реката на Неговиот живот. Во твојот живот не се гледаат пријатните особини на Неговиот карактер, ‘плодовите на Духот.’“ – Христовите очигледни поуки, 216.

б. Која пресуда конечно ќе мора да биде изречена врз оние кои не одговараат на Божјата грижа и делото кое го прави за нив? Осија 4:17; Откровение 3:16.

„Срцето кое не одговара на божествените повици сè повеќе се стврднува и конечно станува нечувствително за влијанието на Светиот Дух. И тогаш неотповикливо се изговараат зборовите: ‘Пресечи ја; зошто само да ја испостува земјата!’“ – Христовите очигледни поуки, 218.

Петок 18. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто Евреите зборувале за несреќата со тајно задоволство?
2. Каква промена треба да доживееме за да бидеме обновено, плодно дрво во Божјата градина?
3. Кога не донесуваме род во својот живот, како тоа влијае на нашата околина? Како тоа се одразува и на нашата вера?
4. Како начинот на кој се користиме со силата дадена од Бога влијае на плодовите кои ги донесуваме во животот?
5. Иако можеби сме членови на црквата, како можеме да бидеме неплодно дрво во Божјото лозје?

Сподели го ова:

Слични објави