2. Сеење на семето на вистината

Сподели го ова:

2. лекција Сабота, 14. април 2018.

Сеење на семето на вистината

„Кога правиме добро, тоа нека не ни биде здодевно, зашто во свое време ќе пожнееме, ако не се измориме.“ – Галатјаните, 6:9.

„Додека човекот како сејач го сее семето за да го одржи земниот живот, божествениот Сејач ја засејува душата со семе што ќе донесе свој плод за вечен живот.“ – Христовите очигледни поуки, 89.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очиг. поуки, 62-69;76-89.

Недела 8. април

1. СИЛАТА Е ОД БОГА

а. На кого му го должиме нашето постоење? Дела 17:28; Исаија 44:24.

б. Кои две работи Бог му ги обезбедува на целиот човечки род, со цел да се одржи во живот? Матеј 5:45. Како делува Божјата сила во духовното царство? Исаија 55:10.11.

„Во семето лежи живот, во земјата постои сила; но, ако паралелно со тоа не би дејствувала дење и ноќе бесконечната божествена сила, семето никогаш не би донело плод. Мора да се излеат обилни дождови за да ги наквасат жедните полиња, сонцето треба да прати топлотна енергија за да го разбуди закопаното семе. Единствено Творецот, кој го всадил животот во семето, може и да го поттикне да расте. Секое семе расте, секоја билка се развива, единствено со Божјата сила…
Она што се случува во природата, се случува и при духовното сеење; учителот на вистината треба да се потруди да ја подготви почвата на срцето; тој мора да го посее семето, но силата што произведува живот доаѓа единствено од Бога. Постои граница преку која секој човечки напор е напразен. Иако мораме да го проповедаме Словото, ние не можеме да вдахнеме сила што ќе ја оживее душата и што ќе стори да никне праведност, да се прослави Бог. Заедно со проповедањето на Словото мора да дејствува сила поголема од секоја човечка сила. Единствено со силата на Божјиот Дух Словото ќе стане живо и јако, способно да ја обнови душата за вечен живот.“ – Христовите очигледни поуки, 63.64.

Понеделник 9. април

2. СЕЕЊЕ НА СЕМЕТО

а. Што е претставено со семето во Исусовите параболи? Лука 8:11.

б. Каде треба да го сееме ова семе? Проповедник 11:6; Исаија 32:20.

„Да се сее покрај секоја вода значи да се дава секогаш кога потребите на човештвото бараат наша помош. Тоа нема да нè осиромаши. ‘Кој така скржаво сее, така скржаво ќе жнее!’ (2. Коринтјаните 9:6). Сејачот го умножува своето семе сеејќи (фрлајќи) го. Истото се случува и со оние кои верно и предано ги делат Божјите дарови. Давајќи им на другите, тие ги умножуваат своите благослови. Бог им ветил изобилство за да можат да продолжат да даваат.
Со сеењето и со собирањето на плодот е опфатено многу повеќе. Додека ги делиме Божјите земни благослови, очигледните докази за нашата љубов и сочувство благодарност кон Бога будат и во срцето на оној што ги прима. Почвата на срцето се подготвува да го прими семето на духовната вистина. А оној кој му дал семе на сејачот, ќе стори тоа да никне и да донесе плод за вечен живот.
Ќе биде сочуван оној живот кој доброволно се дава во служба на Бога и на човекот.“ – Воспитување, 109.110.

в. Како треба да го сееме евангелието, и зошто? 2 Коринтјаните 9:6.

„Ние треба да сееме покрај секоја вода, одржувајќи ги нашите души во Божјата љубов, работејќи додека е ден, користејќи ги средствата кои ни се доверени во служба за Учителот. Што и да најдат нашите раце, треба да работиме радосно; без оглед на жртвата која сме повикани да ја направиме, треба да ја направиме радосно. Додека сееме покрај секоја вода ќе ја сфатиме вистината на зборовите: ‘Кој богато сее, богато и ќе жнее’.
Ние и должиме сè на благодатта, на царската благодат. Благодатта го одреди нашето откупување, нашето обновување, нашето посинување и примање во наследство со Исуса Христа. Нека оваа благодат им се открие и на другите.
Спасителот ги зема оние за кои знае дека ќе ги обликува и ќе ги користи за слава на Своето име. Тој користи и материјал кој други го отфрлаат и работи во сите што ќе му се предадат на за Свои деца, Свои агенти во остварувањето на ова дело, и во чиј успех тие ја добиваат својата драгоцена награда веќе во овој живот“. – Reflecting Christ, p. 256.

Вторник 10. април

3. РАСТОТ НА СЕМЕТО

а. Како расте доброто семе во срцето? Захарија 4:6; Осија 14:5.7; Марко 4:26.27.

„Билката расте примајќи го она што го предвидел Бог да го одржи нејзиниот живот. Таа ги пушта своите корења во земјата, ја впива сончевата светлина, росата и дождот, и ги прима животодавните состојки од воздухот. Така и христијанинот треба да расте соработувајќи со божествените сили. Чувствувајќи ја нашата беспомошност, ние треба да ги искористиме сите можности што ни стојат на располагање за да се здобиеме со поцелосно искуство, и како билката што пушта корен во земјата, така и ние мораме длабоко да се вкорениме во Христа. Како билката што ја прима сончевата светлина, росата и дождот, така и ние мораме да го отвориме нашето срце за влијанието на Светиот Дух.“ – Христовите очигледни поуки, 66.67.

б. Како да знаеме дали семето што расте во нашето срце е добро или лошо? Лука 6:45. Што Бог сака да правиме додека во нас расте доброто семе? Лука 6:38.

„Зборовите и делата јасно сведочат што се крие во срцето. Ако суетата и гордоста, самољубјето и љубовта кон облекувањето го исполнуваат срцето, тема на разговорот ќе биде модата, облеката и изгледот, но не и Христос или небесното царство. Ако во срцето живеат завидливи чувства, истите ќе се манифестираат во зборови и дела…
Некои живеат само затоа што ќе јадат, или што ќе пијат, или во што ќе се облечат. Нивните срца се исполнети со такви мисли и тие излегуваат од ‘преполнетото срце’, како овие работи да се нивната голема цел во животот – нивното најголемо достигнување.“ – Our High Calling, p. 283.
„Срцето кое еднаш ја почувствувало Христовата љубов секогаш се стреми за уште подлабоко познавање, и ако им давате на другите, и сами ќе примите уште во поголема мерка… Кога се одрекол од себеси за да го спаси изгубеното човештво, на Исуса Светиот Дух му бил даден без мерка. Тој исто така ќе биде даруван и на секој Христов следбеник кој своето срце целосно ќе му Го предаде на Бога да биде Негов стан.“ – Мисли од гората, 20.21.

в. Во кои области од нашето искуство Бог особено сака да види раст? 2 Петрово 3:18; 2 Солунјаните 1:3.

Среда 11. април

4. ПОУКИ ОД НАЈМАЛОТО СЕМЕ

а. Кои поуки можеме да ги научиме од синаповото семе? Марко 4:30-32.

„Семето од кое израснала оваа џиновска билка (синап) спаѓа меѓу најмалите семиња. Тоа најпрво би пуштило нежен изданок, полн со животна сила, кој бујно би растел сè додека не би ја постигнал својата конечна големина. Така и Христовото царство од почеток изгледало скромно и безначајно. Споредено со световните царства, тоа било помало од сите. За световните управители Христовото тврдење дека е цар било смешно. Па сепак, со силата што ја добиле од Бога Неговите следбеници на ова царство му давале божествен живот, и тоа бргу растело и неговото влијание било силно. Кога Христос го изговорил овој пример, ова царство го претставувале само неколку галилејски работници. Нивното сиромаштво и нивната малобројност луѓето постојано одново ги наведувале како причина зошто не треба да им се приклучат на тие едноставни рибари кои пошле по Исуса. Но синаповото семе морало да расте и да ги шири своите гранки по цел свет. Додека земните царства, чијашто слава во тоа време ги вчудовидувала човечките срца, поминале и исчезнале, Христовото царство сè уште стои како моќна и далекусежна сила.“ – Христовите очигледни поуки, 77.78.

б. Колку во животот се важни работите кои ние ги сметаме за ситници? Дали тоа навистина се ситници? Песна над песните 2:15.

„Едно единствено зрно пченица, умножено со последователни сеидби, би ја покрило целата земја со златни снопови. Така и влијанието на еден единствен живот, дури и на едно единствено дело, може да биде далекусежно.“ – Воспитување, 109.

в. Што знаеме за развојот на растението од семе? Марко 4:26-29. Како овој раст се однесува на нашиот сопствен развој?

„Во првите години од животот на детето, тлото на срцето треба внимателно да се подготви за дождовите на Божјата милост. Потоа треба внимателно да се сее и грижливо да се негува семето на вистината. А Бог, кој го наградува секој труд направен во Негово име, ќе го оживее посеаното семе и најпрво ќе се јави трева, потоа клас и потоа ќе се исполни со пченица во класот.“ – The Adventist Home, p. 201.

Четврток 12. април

5. ЗАКОНОТ НА ПРИЧИНИТЕ И ПОСЛЕДИЦИТЕ

а. Што ќе одлучи што ќе пожнееме при жетвата? Галатјаните 6:7.8; Матеј 7:16.17.

„Според законите кои Бог ги поставил во природата, причината со непогрешлива точност предизвикува последица. Жетвата сведочи за сеидбата. Тука не може да има никаква измама. Луѓето можат да ги измамат своите ближни и да примат пофалба и плата за служба што не ја извршиле. Но во природата не може да има измама. На немарниот земјоделец пресудата му ја изрекува самата жетва. Ова во најголема мерка се однесува и на духовното подрачје. Злото постигнува успех само привидно, а не вистински. Детето кое ја одбегнува наставата во училиштето, момчето кое ги запоставува своите студии, трговскиот помошник или ученикот во стопанството кој не води сметка за интересите на својот работодавец, човекот во било која работа или дејност кој им е неверен на своите највисоки одговорности, може да се занесува дека ужива некакво предимство сѐ додека злото е сокриено. Но не е така; тој се лаже самиот себеси. Жетвата на животот е карактерот, а тој ја одредува судбината и за овој и за животот што ќе дојде.“ – Воспитување, 108.109.

б. Што ќе пожнееме ако Бога го ставиме над сè што е земно? Лука 18:29.30.
Петок 13. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Иако семето има живот во себе, што е потребно тоа да расте? Што е потребно за духовен раст?
2. Каков треба да биде нашиот став во сеењето на семето на евангелието? Како Спасителот ни дал пример во тој поглед?
3. Ако во нашето срце расте добро семе, какви ќе бидат нашите разговори?
4. Како синаповото семе го илустрира растот на Божјото царство?
5. Што треба да сееме за да пожнееме непоминлива жетва?

Сподели го ова:

Слични објави