1. Сејач

Сподели го ова:

1. лекција Сабота, 7. април 2018.

 Сејач

„Зашто вака им вели Господ на луѓето од Јудеја и од Ерусалим: изорајте си нови ниви и не сејте меѓу трње.“ – Еремија 4:3.

„Градината на срцето мора да се обработува. Почвата мора да се подготви со длабоко покајание за гревовите. Отровните сатански билки мора да се искоренат. Почвата, обрасната со трње, може да се поправи само со трудољубива работа. Така и лошите склоности на непрероденото срце можат да се совладаат само со сериозни напори во Исусово име и со Негова сила“. – Христовите очигледни поуки, 56.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Христовите очигледни поуки, 33-61.

Недела 1. април

1. ПОУЧУВАЊЕ ВО ПАРАБОЛИ

а. Кои околности што постоеле меѓу Божјиот народ за време на Христовата служба, ја направиле употребата на параболите неопходна? Матеј 13:10-13.

„Христовото евангелие станало камен на сопнување (за еврејскиот народ) затоа што барале знаци наместо Спасител. Тие очекувале Месијата да ги докаже Своите тврдења со моќни дела на освојување за да го воспостави Своето царство врз урнатините на земните царства. На овие очекувања Спасителот одговорил со параболата за сејачот. Божјото царство нема да победи ниту со силата на оружјето, ниту со насилно наметнување, туку со всадување на ново начело во човечките срца“. – Христовите очигледни поуки, 35.

б. Со кое пророштво Исус го поврзал Своето поучување во параболите? Исаија 6:9; Матеј 13:14.15.

„На умовите кои биле отворени за влијанието на Светиот Дух, значењето на поуките на Спасителот им станувале сè појасни. Тајните се разјаснувале и она што било тешко да се разбере станувало јасно.“ – Христовите очигледни поуки, 21.

Понеделник 2. април

2. ПАРАБОЛА ЗА СЕЈАЧОТ

а. За што зборувала параболата за сејачот? Матеј 13:3-8.

„Параболата за сејачот првенствено се занимава со влијанието што го има врз растот на семето почвата на која било посеано… Прашање од најголемо значење за вас е: ‘Како се однесувате кон мојата порака’? Вашата вечна судбина зависи од тоа дали ќе ја прифатите или ќе ја отфрлите пораката“. – Христовите очигледни поуки, 43.44.

б. Што претставува семето посеано покрај патот? Матеј 13:19.

„Семето посеано покрај патот го претставува Божјото слово кое паѓа врз срцето на невнимателниот слушател. Срцето кое станало широка сообраќајница за телесните уживања, за гревовите и световните склоности, е слично на тврд разгазен пат. Окупирана со себични цели и со грешни уживања, душата е закоравена од ‘измамата на гревот’ (Евреите 3:13). Духовните способности се парализирани. Луѓето го слушаат словото, но не го разбираат. Не сфаќаат дека тоа се однесува на нив. Не се свесни за своите потреби ниту за опасноста што им се заканува. Не ја забележуваат Христовата љубов, поминуваат покрај пораките на Неговата милост како покрај нешто што не се однесува на нив“. – Христовите очигледни поуки, 44.

в. Како Бог гледа на оние кои сеат раздор во црквата? Изреки 6:16-19. Како оваа пракса му помага на сатаната во неговото дело? Лука 8:11.12.

„Мнозина кои тврдат дека се христијани му помагаат на искушувачот да го собере семето на вистината од срцата на другите луѓе. Мнозина што го слушаат проповедањето на Божјото слово, истото во своите домови го критикуваат… Пораката што треба да ја сметаат за Божја порака упатена до нив ја разгледуваат со несериозни и саркастични коментари. Опширно расправаат за карактерот на проповедникот, за неговите побуди и постапки и за однесувањето на другите верници во црквата. Искажуваат остри судови, повторуваат озборувања и критики, и сето тоа пред ушите на необратените. Често вакви расправи родителите водат во присуство на своите деца. На тој начин тие го уништуваат угледот на Божјите гласници и почитта на нивната порака. Мнозина излагањето на Божјото слово го слушаат со омаловажување“. – Христовите очигледни поуки, 45.46.

Вторник 3. април

3. НЕПОДГОТВЕНИ НА ЖРТВА

а. Што се случило со семето што паднало на каменито место? Матеј 13:20.21.

„Мнозина од оние кои ја прифатиле религијата се луѓе со камени срца. Како што под тенкиот слој на земја се крие неплодна карпа, така под почвата на нивните добри желби и копнежи се крие себичноста на нивното телесно срце. Љубовта кон сопственото ‘јас’ не е победена. Тие не ја увиделе прекумерната грешност на гревот и нивното срце уште не се понизило, сфаќајќи ја својата вина. Таквите луѓе лесно можат да се убедат, па дури и да изгледаат дека се преобратени, но тие имаат само површна религија.
Тоа не е затоа што луѓето веднаш го прифатиле Божјото слово, или затоа што го примаат со радост… (Тие) не пресметале колку тоа ќе ги чини. Тие не земаат во обѕир што бара од нив Божјото слово; тие не ги прилагодуваат своите животни навики на неговите начела и не се потчинуваат целосно под негова контрола“. – Христовите очигледни поуки, 46.47.

б. Како богатиот млад законик покажал дека е слушател чие срце претставувало каменито место? Матеј 19:22. Како и ние можеме да го покажеме истиот став? Јован 6:60.

„Мнозина го прифаќаат евангелието за да ги одбегнат страдањата, наместо да се ослободат од гревот. Се радуваат извесно време, зашто се надеваат дека религијата ќе ги ослободи од тешкотиите и неволјите. Додека нивниот живот се одвива без тешкотии, можеби изгледаат како доследни христијани, но паѓаат на жешката проверка на искушенијата. Не се способни да поднесат укор заради Христа. Кога Божјото слово ќе им укаже на некој омилен грев и кога од нив бара самооткажување или жртва, тие се чувствуваат навредени, и се чини дека треба да вложат премногу големи напори за да создадат коренита промена во својот живот. Гледаат на сегашните неугодности и неволји и ги забораваат вечните вредности.“ – Христовите очигледни поуки, 47.48.

в. Што бара Бог од нас, и каков пример ни оставил Исус? Лука 9:23; Римјаните 12:1; 5:6-8.

„Христос дал сè за нас и сите што го прифаќаат Него ќе бидат подготвени да жртвуваат сè за својот Спасител. Неговата слава и чест тие ќе ја стават на прво место.“ – Христовите очигледни поуки, 49.

Среда 4. април

4. ЗАДУШЕНО ОД ТРЊЕТО НА СВЕТОВНОСТА

а. Што претставува трњето кое го гуши доброто семе? Марко 4:18.19; Лука 8:14.

б. Што треба да запомниме за да ги спречиме грижите на овој свет да го задушат доброто семе на вистината? Матеј 6:25-32; Псалм 55:22.

„Ние мораме да работиме за да можеме да им дадеме на сиромасите. Христијаните мора да работат, мора да бидат активни, но не мораат заради тоа да упаѓаат во грев. Меѓутоа, мнозина на тој начин се преокупирани со работа и немаат веќе време за молитва, немаат време за проучување на Библијата, немаат време да го бараат Бога и да му служат. Понекогаш во нивната душа сè уште се јавува стремеж за светост и за небото, но немаат веќе време да се одвратат од бучавата на овој свет и да ги слушнат величествените и авторитативни зборови на Божјиот Дух. Вечното станува споредно, а световното доминантно. Семето на Словото не може веќе да донесе плод, зашто силите на душата се насочени кон негување на трњето на световноста.“ – Христовите очигледни поуки, 51.52.

в. Кој став покажува дека доброто семе е задушено од световното богатство? Второзаконие 8:17.

„Љубовта кон богатството има некаква измамлива, заслепувачка моќ. Оние што имаат световно богатство премногу често забораваат дека Бог им дал сила да го заработат тоа богатство… Наместо богатството да го сметаат за талант што мора да се употреби на Божја слава и на издигање на човештвото, тие го прогласуваат за средство да се издигнат себеси.“ – Христовите очигледни поуки, 53.

г. Како можеме да ги спречиме „другите желби“ да го задушат Словото? Марко 4:19; Матеј 6:33.34.

„И други желби“ (Марко 4:19). Ова не мора да бидат желби, грешни сами по себе, туку сè она што го цениме повеќе од Божјото царство. Сè што ни ги одвлекува мислите од Бога, сè што на Христа му ја скусува нашата љубов, станува непријател на нашата душа.“ – Христовите очигледни поуки, 53.

Четврток 5. април

5. СЕМЕТО ПОСЕАНО НА ДОБРА ЗЕМЈА

а. Ако нашите срца се како добра земја, како ќе го примиме Божјото Слово? 1 Солунјаните 2:13; Еремија 15:16.

„Само оној што го прифаќа Писмото како Божји глас е вистински ученик… Божјото слово често се судрува со човековите наследени и усвоени карактерни црти или животни навики. Но слушателите споредени со добра земја, кога го примаат Словото, ги прифаќаат и сите негови услови и барања. Своите навики, обичаи и постапки тие му ги подложуваат на Божјото слово. Во нивните очи заповедите на смртниот, заблуден човек, стануваат безначајни кога ќе се соочат со Словото на бесконечниот Бог.“ – Христовите очигледни поуки, 59.60.

б. Колку е важно личното обработување на срцето? Еремија 4:3.4.

„Со примерот за сејачот Исус прикажува дека различните резултати од сеењето зависат од почвата. Во секој прикажан случај станува збор за ист сејач и за исто семе. Всушност Исус сака да ни покаже дека, ако Божјото слово не успее да ја постигне својата цел во нашето срце, во нашиот живот, причините треба да ги бараме кај нас. Меѓутоа, резултатот не е надвор од нашата контрола. Вистина, ние не можеме да се измениме себеси, но силата да бираме е во наши раце, и до нас стои да решиме што ќе бидеме. Слушателите, кои се споредени со почва крај пат, со каменлива почва и со почва полна со трње, не мора да останат такви. Божјиот Дух постојано се труди да ја разбие волшебната заслепеност која луѓето ги врзува за земните работи и се труди кај нив да разбуди желба за вечното богатство.“ – Христовите очигледни поуки, 56.

Петок 6. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кој единствено е способен да ги разбере Христовите поуки?
2. Како можеме да му помогнеме на слушателот?
3. Некои лесно ја прифаќаат вистината, но не прават проценка колку тоа ќе ги чини. Колкава е цената на сето тоа?
4. Како нешто што е добро може да го задуши драгоценото семе на вистината?
5. Што ќе забележиме во поглед на некои свои навики и карактерни црти додека го проучуваме Божјото Слово? Што треба да направиме со нив?

Сподели го ова:

Слични објави