13. Нашата должност кон властите
Нашата должност кон властите
„Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога.“ – Матеј 22,21.
„Вистинското христијанско влијание, кое се врши за остварување на делото кое Бог го одредил, е драгоцено орудие, и тоа не смее да биде обединето со политиката, ниту на кој било начин поврзано со неверниците. Бог треба да биде центар на привлечноста.“ – Fundamentals of Christian Education, pp. 483, 484.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 6 Сведоштво, 394-397. 9 Сведоштво, 232-244.
Недела 18. јуни
1. ХРИСТИЈАНИНОТ И ДРЖАВАТА
а. Каков треба да биде односот на Божјиот народ кон Граѓанската власт? Римјаните 13,1-4; 1 Петрово 2,13.14.17; Тит 3,1. Што треба да правиме кога владетелите на овој свет не го почитуваат Божјиот закон? Дела 4,19.
„Според она што ми е покажано, наша должност е во сѐ да се покоруваме на законите на нашата земја, освен кога тоа е во спротивност со повисоките заповеди што Бог ги изговорил со јасен глас на планината Синај, а потоа со Својот прст ги врежал на камен.“ – 1 Сведоштво, 361.
б. Каква би била состојбата во нашето општество кога би биле под ограничувачката сила на Божјиот закон? Исаија 48,18, 32,17.
„Во прилагодувањето на божествените барања лежи моќта на преобразувањето, која донесува мир и добра волја. Кога науката на Божјото Слово би управувала со животот на секој маж и жена, кога умот и срцето би се потчиниле на нејзината сила, злата кои денес постојат во општествениот и друштвениот живот нема да имаат место.“ – Пророци и цареви, 192.
Понеделник 19. јуни
2. ДА СЕ БИДЕ ДЕЛ ОД БОЖЈОТО ЦАРСТВО
а. Иако сме, како граѓани на оваа земја потчинети на владетелите кои самиот Бог ги поставил, кое е нашето примарно државјанство? Филипјаните 3,20. Што рекол Исус за Неговото царство? Јован 18,36; Лука 17,21.
„Божјото царство започнува во срцето.“ – Копнежот на вековите, 506.
б. Како ние како христијани треба да живееме според принципите на Божјото царство, додека сме тука на земјата? Јован 3,5; 1,12.13; Марко 1,14.15.
„Христовото царство не може да се воспостави со одлука на судовите, советите или законодавните собранија, ниту под покровителство на големите луѓе на овој свет, туку со вградување на Христовата природа во човечките синови, преку дејството на Светиот Дух. „А на сите што го примија, им даде власт да станат Божји синови – на оние кои веруваат во Неговото име, кои не се родени од крв, ниту од похота телесна, ниту од човечка волја – туку од Бога“ (Јован 1:12,13) Тоа е единствената сила што може да го воздигне човештвото. А човековото учество во остварувањето на тоа дело се состои во проповедање и практикување на Божјите зборови.“ – Копнежот на вековите, 509.510.
в. Што уште знаеме за природата на Божјото царство? Псалм 145,13; 2 Петрово 1,11. Како ова влијае на начинот на кој Исус се однесувал кон земните власти?
„Власта под која живеел Исус била изопачена и угнетувачка; секаде можеле да се видат ужасни злоупотреби – изнудување, нетрпеливост и груба суровост. Сепак, Спасителот не се обидувал да спроведе граѓански реформи. Тој не ги нападнал националните злоупотреби, ниту ги осудувал непријателите на народот. Тој не се мешал во надлежноста или управувањето на оние кои се наоѓале на власт. Тој, кој бил наш пример, не се мешал во земните власти, не затоа што бил рамнодушен кон човечките страдања, туку затоа што лекот не се наоѓал во човечките и надворешните мерки сами по себе. За да биде успешно, лекувањето мора да биде поединечно и срцето мора да се препороди.“ – Копнежот на вековите, 509.
Вторник 20. јуни
3. ХРИСТИЈАНИНОТ, ПРИМЕРЕН ГРАЃАНИН
а. Кои зборови на Исус понекогаш погрешно се толкуваат како да се однесуваат на полагање на заклетва? Матеј 5,34-37. За што, тогаш, Исус всушност зборува?
„Покажано ми е дека зборовите на Христос: ‘Не колнете се никако’, не се однесуваат на заклетва пред суд. ‘Вашиот збор нека биде: да, да; не, не; а сѐ што е повеќе од тоа од лукавиот е’. Ова се однесува на секојдневен разговор. Некои претеруваат во своите изјави; се колнат со сопствениот живот, а некои и со својата глава: Се колнам во животот, во мојата глава. Некои ги земаат небото и земјата за сведоци дека она што го кажале е навистина така. Некои пак велат: ‘Бог нека ме убие ако не ја зборувам вистината’. Исус ги предупредил учениците против таквите заколнувања во вообичаените и секојдневни разговори…
Покажано ми е дека како Божји деца не го престапуваме Неговото Слово кога постои вистинска потреба и кога сме повикани, на законски пропишаниот начин, свечено да го повикаме Бога за сведок дека она што го изјавуваме е вистина и само вистина.“ – 1 Сведоштво, 201.202.
б. Каков треба да биде нашиот став кон учеството во политиката? Зошто? 1 Тимотеј 2,1-3; Евреите 11,13. Зошто не можеме да гласаме за политичките партии?
„Господ сака Неговиот народ да ги закопа политичките прашања. На овие теми молчењето е елоквентност… Ние не можеме со сигурност да гласаме за политичките партии; бидејќи не знаеме за кого гласаме. Ние не можеме безбедно да учествуваме во какви било политички планови.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 475.
в. Зошто треба да плаќаме даноци? Матеј 22,21; Римјаните 13,7.
„Држејќи во раката кована монета на која бил ликот и името на Цезарот, Тој (Христос) изјавил дека, бидејќи живеат под заштита на римската сила, тие треба на таа сила да ѝ даваат потпора која се барала од нив, сè додека тоа не се судри со повозвишената должност. Меѓутоа, додека мирољубиво се покорувале на земните закони, на прво место требало да им биде лојалност на Бога.“ – Копнежот на вековите, 602.
Среда 21. јуни
4. МИРНИ ГРАЃАНИ ПОСЛУШНИ НА ЗАКОНОТ
а. До кој степен треба да негуваме мир со другите? Матеј 5,9; Римјаните 12,18.
„Не е мудро да се изнаоѓаат грешки во она што го прават државните раководители. Не е наша должност да напаѓаме поединци или установи… Наша должност е подготвување на народот за да може да опстане во големиот Божји ден…
Од нашите написи и говори мораме да го искорениме секој израз кој сам по себе може да биде погрешно сметан како противење на законот и поредокот. За сè мора грижливо да се води сметка, за другите да не се поттикнуваат на нелојалност кон својата земја и нејзините закони. Од нас не се бара да се инаетиме на властите. Ќе дојде време кога кон нас ќе се постапува како кон предавници, затоа што ја застапуваме библиската вистина. Меѓутоа, не треба да го забрзуваме доаѓањето на тој момент со непромислени постапки кои поттикнуваат непријателство и кавга.“ – 6 Сведоштво, 394.
б. На кој начин Христовите следбеници можат да поттикнуваат на мир? Римјаните 12,19-21; 1 Петрово 3,8-11. Какво треба да биде нашето однесување кон нашите браќа и сестри? Матеј 7,12.
„Над сѐ негувајте почит кон правдата и вистината, а одвратност кон секоја свирепост и репресија. Постапувајте со другите онака како би сакале и тие со вас да постапуваат. Бог со право бара од вас да не и попуштате на својата себичност на штета на другите.“ – Коментари на библиските текстови, 836.
в. Поради кои други причини ние не одиме во војна? Јован 18,36; Матеј 26,51.52; Лука 9,56. Каков став е откриен на Божјиот гласник во однос на американската граѓанска војна?
„Покажано ми е дека припадниците на Божјиот народ, кои претставуваат Негово посебно богатство, не можат да учествуваат во оваа кобна војна, бидејќи тоа е во спротивност со сите начела на нивната вера. Тие за време на својата служба во војската не можат во исто време да се покоруваат на вистината и на наредбите на своите претпоставени. Тие во тој случај би морале постојано да ја газат својата совест. Луѓето од овој свет се водат според принципите на светот. Тие не ги уважуваат, ниту можат исправно да ги сфатат другите. Светската политика и јавното мислење се начела според кои тие се раководат во своите постапки… Но, припадниците на Божјиот народ не можат да се раководат од таквите побуди.“ – 1 Сведоштво, 361.
Четврток 22. јуни
5. КАКО ДА СЕ СООЧИМЕ СО НЕПРАВДАТА?
а. Како треба да се однесуваме кон оние кои со нас постапуваат неправедно, дури и ако се тоа припадниците на власта? Римјаните 12,19; Колосјаните 4,6; Ефесјаните 4,29.
„Надлежноста за осудување на надлежните органи и влади треба
потполно да му се препушти на Бога. Како верни стражари да ги браниме во кротост и љубов начела на вистината каква што е во Исуса.“ – 6 Сведоштво, 397.
„Кога Христос и небото се тема на размислување, разговорот ќе сведочи за тоа. Говорот ќе биде зачинет со благодат, а говорникот ќе покаже дека знаењето го добивал во школото на божествениот Учител.“ – Counsels to Parents, Teachers, and Students, p. 443.
„Љубезните зборови се како роса и благи дождови за душата.“ – Gospel Workers, p. 122.
б. Како треба да го следиме примерот на Исус во служење на другите кога ќе се соочиме со законите кои од нас бараат да ја празнуваме неделата? Дела 10,38.
„Ако неделата ја посветиме за мисионерска работа, ќе го земеме камшикот од рацете на самоволните фанатици кои би се радувале да ги понижат адвентистите на седмиот ден. Кога ќе видат дека ние во недела ги посетуваме луѓето и им го толкуваме Светото Писмо, тие ќе сфатат дека целосно е бескорисен нивниот обид да ја спречат нашата работа со пропишување на закон за празнување на неделата.“ – 9 Сведоштво, 232.233.
Петок 23. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Каква е нашата должност во однос на законите на нашата земја?
2. Зошто Исус се држел настрана од световните власти?
3. Зошто треба да се воздржиме од гласањето?
4. Зошто не треба да ги критикуваме властодршците?
5. Како со нашиот начин на говор можеме позитивно да сведочиме? Како ова премногу често се прави во негативна смисла?