12 Верни во работењето

Сподели го ова:
12. лекција Сабота, 17. јуни 2017

Верни во работењето

„Си видел ли вешт и искусен човек во својата работа? Тој ќе служи на цареви, нема да остане меѓу простите.“ – Изреки, 22,29.

„Религијата треба да стане нашата најголема животна задача. Сѐ друго треба да се подреди на ова. Во христијанската борба мораат да се вклучат сите сили на духот, душата и телото. Мораме да се свртиме кон Христа за сила и милост, и ќе стекнеме победа исто толку сигурно како што е сигурно дека Исус умрел за нас.“ – The Sanctified Life, p. 93.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 135-145.
Недела 11. јуни
1. СЛЕДЕТЕ ГО ОБРАЗЕЦОТ
а. Како треба да управуваме со сите наши работни потфати? Евреите 8,5; Матеј 5,48.

„Размислувањето за вечниот живот треба да биде вткаено во сѐ за што еден христијанин ќе се прифати. Ако неговата работа спаѓа во рамките на земјоделството или механиката, таа и понатаму може да биде извршувана по угледот на небесниот пример… Преку Христовата милост е обезбедено сѐ што ни е потребно за усовршување на карактер сличен на Христовиот, и Бог се прославува кога Неговиот народ во сите негови социјални и бизнис зделки ги открива принципите на небото.“ – In Heavenly Places, p. 154.

б. Каков бил Исус во Неговиот работен живот пред да ја започне својата служба? Лука 2,52.

„Во својата работа, Исус внесувал ведрина и такт. Потребно е многу трпение и духовна сила, за да се внесе библиската вера во домашниот живот и во работилницата, за да се издржи притисокот на земните работи и истовремено секогаш да се има во предвид единствено Божјата слава. Во тоа Христос може да ни помогне. Тој никогаш не бил толку исполнет со земни грижи, за да нема време да размислува за небесните вистини.“ – Копнежот на вековите, 73.

Понеделник 12. јуни
2. НЕПОКОЛЕБЛИВА ЧЕСНОСТ
а. Што Господ мери на небесните мерила? 1 Самоилова 2,3; Исаија 26,7; Псалм 62,9.

„Бог ги одмерува мотивите, намерите и карактерот. Сите луѓе се мерат на мерилата на светилиштето и Бог сака сите луѓе да го сфатат овој факт…

Не постои мотив во длабочините на срцето, нема тајна во нас, нема план со кој Бог не е целосно запознаен… Бог го бара целото срце, умот, душата и силата, но и да го љубиме својот ближен како себеси. Сето ова е ставено на едната страна на вагата, додека секој поединечен карактер, кој мора да го помине испитот на мерењето, е ставен на другата страна од вагата…

Ако се најдете лесни во Божјиот ден, тоа ќе биде страшно; затоа внимателно испитајте ги своите мотиви и дела со помош на Божјиот свет закон, и да се покаеме за секој престап и како грешници да се фатиме за заслугите на Исус Христос за да ги надоместиме своите недостатоци. Христовата крв ќе го направи тоа.“ – Our High Calling, p. 139.

б. Како Бог сака да се однесуваме во сите наши деловни контакти со другите луѓе? Римјаните 12,17; Јов 31,6.

„Вистински чесен човек никогаш нема да искористи нечија слабост или неспособност за да го пополни својот паричник. Тој прима вистинска противвредност за она што продава. Ако артиклот што го продава има некој недостаток, тој искрено му го кажува тоа на својот брат или својот сосед, иако на тој начин тој работи против своите финансиски интереси.

Во сите подробности од животот треба да се одржуваат најстрогите принципи на чесност. Овие принципи не се почитуваат во овој свет каде господари сатаната кој измамува, лаже и угнетува, а неговите поданици го следат во тоа остварувајќи ги неговите цели. Меѓутоа, христијаните служат на поинаков Господар, и нивните постапки мораат да бидат извршени во Бога, не гледајќи на никаква себична добивка.“ – My Life Today, p. 330.

в. Што им ветува Бог на оние што се верни? Филипјаните 4,19.

„Без оглед на работата за која се оспособуваш, никогаш немој да се занимаваш со идејата дека не можеш да постигнеш успех ако не ги жртвуваш принципите.“ The Review and Herald, August 19, 1884.

Вторник 13. јуни
3. ХРИСТИЈАНИТЕ КАКО ДЕЛОВНИ ЛУЃЕ
а. Што биле принудени да признаат непријателите на Даниел во поглед на неговата работа? Даниел 6,4. Што можеме да научиме од неговото искуство?

„Луѓето кои се занимаваат со деловни прашања мораат да ги преземат сите мерки на претпазливост, за да не западнат во заблуда среде лошите начела или методи. Нивниот живот би можел да биде како животот на Даниел во дворовите на Вавилон. Кога сите негови деловни трансакции биле грижливо испитани, во нив не можела да се најде ниту една грешка. Записот за неговиот деловен живот, иако нецелосен, содржи поуки кои се вредни за проучување. Тој го открива фактот дека деловниот човек (бизнисмен) не мора да биде сплеткар, подмолен, туку може да биде човек кого Бог го поучува на секој чекор. Иако бил премиер во вавилонското царство, Даниел бил Божји пророк кој добивал светлина од небесното вдахновение. Неговиот живот покажува каков треба да биде секој христијанин во деловниот живот.“ – 7 Сведоштво, 248.

б. Што можеме да научиме од Аврам во врска со начинот како да го водиме нашиот бизнис? Битие 23,7-16.

„Посматрајте го (Аврам) како благородно се ангажира во деловна трансакција со синовите Хетеови, купувајќи погребно место за Сара. Во неговата тага, тој не заборава да биде љубезен. Тој се поклонува пред нив, иако е Божји благородник. Аврам знаел што е вистинска учтивост и како треба да се однесува кон своите ближни.

Ние треба да заборавиме на себе… барајќи можности да ги расположиме другите и да ги олесниме нивните јадови и товари со нежна милост и мали дела на љубовта. Со овие внимателни постапки на љубезност кои, почнувајќи најпрвин во семејството, ќе се прошират и надвор од кругот на семејството, можеме да го комплетираме збирот на поединостите кои го прават животот среќен.“ – My Life Today, p. 192.

в. Каков пример Исус ни дал? Ефесјаните 5,2.

„Ти укажувам на Исусовиот живот како на совршен пример. Неговиот живот бил обележен со несебична добрина… Каква жртва поднел за нас нашиот драг Спасител за да не пропаднеме, туку да имаме вечен живот! Ако го стекнеме небото со тоа што ќе се откажеме од своите себични интереси, тогаш тоа е навистина евтино.“ – 4 Сведоштво, 218.

Среда 14. јуни
4. ИЗМАМИ ВО ТРГОВИЈАТА
а. Наведете пример во Библијата на некој кој бил нечесен во своите деловни практики? Лука 19,2-7.

„’Началникот на цариниците,’ Закхеј, бил Евреин, од кого се гнаселе неговите сонародници. Неговата положба и богатство биле награда за повикот кој Евреите го презирале и го сметале за симбол на неправдата и изнудувањето. Сепак, богатиот царински службеник ни најмалку не бил целосно закоравен светски човек како што изгледал. Под изгледот на световност и гордост се наоѓало срце чувствително на божествените влијанија.“ – Копнежот на вековите, 552.553.

б. Што тој бил наведен да направи? Лука 19,8.

„Како Закхеј, секој обратен човек покажува дека Христос влегол во неговото срце со тоа што ги напушта неправедните постапки, кои дотогаш го обележувале неговиот живот. Слично на началникот на цариниците, таквиот човек ќе даде доказ за својата искреност со тоа што ќе ја надомести нанесената штета. Господ вели: „Ако грешникот го врати залогот, ако го плати она што го грабнал и ако почне да живее според одредбите на животот, не правејќи беззаконија… сите негови гревови што ги сторил нема да му бидат споменати… тој сигурно ќе живее.“ (Езекиел 33:15, 16).

Ако сме ги оштетиле другите со некоја неправедна бизнис трансакција, ако сме прелажале некого во трговијата или сме измамиле некој човек, дури и ако тоа било во рамките на законот, треба да ја признаеме својата грешка и да ја надоместиме создадената штета колку што е тоа во наша моќ. Праведно би било да го вратиме не само она што сме го зеле, туку и сè она што со текот на времето би се акумулирало со правилна и мудра употреба на тие средства додека биле во наша сопственост.“ – Копнежот на вековите, 556.

в. Кој бил нечесен деловен човек? Зошто? Јован 12,4-6.

„Јуда извршувал должност на благајник меѓу учениците, па од нивните мали резерви тајно земал за себе, поради што нивните средства толку се намалиле, така што едвај се издржувале… Јуда немал срце за сиромашните. Кога мирото на Марија би било продадено и кога парите би дошле во негово владение, сиромашните не би имале никаква корист.“ – Копнежот на вековите, 559.

Четврток 15. јуни
5. ПРАКТИЧНИ СОВЕТИ
а. Какви совети ни се дадени во врска со стапување во деловни партнерства со неверниците? Амос 3,3; 2 Коринтјаните 6,14.15.

„Некои од нашите браќа вклучени во работните потфати (бизнисот) не ја држеле саботата, според заповедта. Некои биле во партнерство со неверниците, и влијанието на овие соработници кои ја кршеле саботата имало свое влијание врз нив. Некои биле толку заслепени што не можеле да ја препознаат опасноста од таквите врски, а таа опасност станувала сѐ поголема бидејќи не била препознаена.“ – Historical Sketches, p. 215.

б. Како ние треба да го водиме нашиот бизнис, знаејќи дека Исус наскоро доаѓа? Изреки 22,29.

„Верувањето во скорото доаѓање на Синот човечки на небесните облаци нема да го направи вистинскиот христијанин немарен и безгрижен во своите секојдневни работи. Оние кои го очекуваат скорото Христово доаѓање нема да бидат мрзливи, туку напротив трудољубиви во своите работи. Својата работа тие нема да ја извршуваат безгрижно и нечесно, туку совесно, брзо и темелно. Оние кои си ласкаат себеси дека нивната немарност и незаинтересираност за секојдневните животни должности е доказ за духовноста и одвоеноста од светот, се во голема измама. Нивната чесност и верност се проверуваат токму во секојдневните работи. Ако се верни во малку, ќе бидат верни и во многу.“ – 4 Сведоштво, 309.

Петок 16. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Која мисла треба нѐ проткајува во сѐ што правиме?

2. Што никогаш не треба да мислиме во поглед на успехот на нашиот бизнис?

3. Што можеме да научиме од работните навики на Даниел, додека работел во незнабожечка земја?

4. Која е нашата должност ако откриеме дека сме измамиле некој?

5. Како треба да ги извршуваме нашите работи, со оглед на Христовото доаѓање ?

Сподели го ова:

Слични објави