11 Црквата: Светлината на светот

Сподели го ова:
11. лекција Сабота, 10. јуни 2017

Црквата: Светлината на светот

„Вие сте светлината на светот.“ – Матеј 5,14.

„Она што Бог сакал да го направи за светот преку Израел, својот избран народ, ќе го изврши тоа преку својата денешна црква на земјата.“ – Пророци и цареви, 713.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 9-24.
Недела 4. јуни
1. НАРОД КОЈ ЌЕ ГО ОТКРИЕ БОЖЈИОТ КАРАКТЕР
а. Која цел треба да се постигне преку црквата? Ефесјаните 3,9-11; 2 Коринтјаните 4,6; 1 Петрово 2,9.

„Божјиот план уште од почетокот е светот со помош на црквата да го спознае совршенството на Неговата добрина, милост и моќ. Членовите на црквата, кои Тој ги повикал од темнината ‘кон своето чудесно видело’, мора да ја одразуваат Неговата слава. Црквата е ризница на богатството на Христовата милост и преку неа Божјата љубов конечно ќе им се открие дури и на ‘началствата и властите небесни’ (Ефесјаните 3,10).“ – Делата на апостолите, 9.

б. Каква служба Бог ни доделил, и на кој начин ние сме соучесници во оваа служба? 2 Коринтјаните 5,18.19; Јован 20,21.

„Гревот толку го понижил човекот, што самиот тој во никој случај не можел да се помири и да се усогласи со Оној чија природа е само чистота и добрина. Меѓутоа, Христос, ослободувајќи ги луѓето од законската клетва, можел да им подари божествена сила за да ја здружат со своите човечки напори. Така, со покајание пред Бога и со вера во Христа, паднатите Адамови потомци повторно можеле да станат „Божји деца“ (1. Јованово 3,2).“ – Патријарси и пророци, 64.

Понеделник 5. јуни
2. РАБОТЕЊЕ ВО ЗАЕДНИЦА И ЕДИНСТВО СО ХРИСТА
а. Што Исус барал од Отецот во име на учениците, како би имале моќ да му сведочат на светот? Јован 17,20.21.

„Овие први ученици (кои Исус ги избрал) осетно се разликувале меѓу себе. Тие требало да бидат учители во светот и тие претставувале мошне различни видови карактери. За да можат успешно да го извршат делото за кое биле повикани, овие луѓе, различни по природните особини и во животните навики, морале да постигнат единство во чувствата, во мислите и во дејствувањето. Христова цел била да го осигури ова единство. Во таа смисла настојувал да ги обедини со Себе.“ – Делата на апостолите, 20.

„Ретко ќе најдеме две потполно исти личности. Меѓу луѓето, како и меѓу работите во светот на природата, постои разновидност. Единство во различноста меѓу Божјите деца – манифестација на љубов и трпение, и покрај разликите во темпераментот – тоа е сведоштво дека Бог го испратил Својот Син во светот да ги спаси грешниците…

Колку поблиску е нашата заедница со Христа, толку поблиску ќе биде и нашата меѓусебна заедница.“ –Sons and Daughters of God, p. 286.

б. Какво однесување на членовите на црквата е силно сведоштво на другите за вистината во која ние тврдиме дека веруваме? Ефесјаните 4,1-3.31.32.

„Ние треба да негуваме карактер, но тоа треба да биде Христовиот карактер… Христос во нас ќе се сретне со Христa во нашите браќа, и Светиот Дух ќе образува заедница на срца и делување кое ќе сведочи дека сме Божји деца.“ – God’s Amazing Grace, p. 211.

„Учи од Големиот Учител. Зборови на љубезност и сочувство се секогаш добредојдени, и на душата која тагува и очајува делуваат како мелем. Познавањето на Божјата Реч внесено во практичниот живот има лекувачка и смирувачка моќ.“ – Gospel Workers, p. 163.

„Мнозина кои во големата животна борба станале малодушни и обесхрабрени, еден благ и љубезно изговорен збор би можел да ги охрабри и зајакне до победа… Ние не можеме да кажеме колку далекусежни можат да бидат нашите зборови на сочувство и љубезност, нашите христијански напори да олесниме нечиј товар. Заблудените не можат да се вратат на вистинскиот пат на ниту еден начин, освен во духот на кротост, благост и нежна љубов.“ – My Life Today, p. 235.

Вторник 6. јуни
3. ОТКРИВАЊЕ НА БОЖЈАТА ЉУБОВ НА ДРУГИТЕ
а. Како треба да се однесуваме кон нашите браќа и сестри во верата? Филипјаните 2,3. Зошто треба да имаме скромно мислење за самите себе? Матеј 23,8; 1 Коринтјаните 4,7; 2 Коринтјаните 10,12.

„Оние кои, во духот и љубовта на Исус, ќе станат едно со Него, ќе воспостават и тесна заедница еден со друг, поврзана со свилени нишки на љубовта.“ – Sons and Daughters of God, p. 300.

„Распнете се себеси; почитувајте ги другите повеќе од самите себе. На тој начин ќе станете едно со Христа. Пред небесниот универзум, пред црквата и пред светот, вие ќе давате непобитни докази дека сте Божји синови и ќерки. Со својот пример вие ќе го славите Бога.“ – 9 Сведоштво, 188.

б. Кое правило треба да го следиме, во поглед на различните убедувања, таму каде нема отворено кршење на начелата? Римјаните 14,10.13.

„Постојат права кои му припаѓаат на секој поединец. Ние имаме индивидуалност и идентитет кој е само наш. Никој не може да го претопи неговиот идентитет во која било друга личност. Секој мора да делува за себе, според диктатот на својата совест.“ – Medical Ministry, p. 422.

„Никогаш не треба да дозволиме гласот и влијанието на било кој човек да станат преовладувачка сила.“ – Medical Ministry, p. 165.

в. Кој услов треба да го исполниме ако сакаме да имаме вистинска заедница со нашите браќа и сестри? Какво тогаш ќе биде нашето искуство? 1 Јованово 1,7.

„Бог ќе го прими сите кои ќе Му пријдат со целосна доверба во заслугите на распнатиот Спасител. Тогаш љубовта ќе извира од срцето. Можеби нема да има чувство на восхитеност, но ќе владее трајна, мирна доверба. Секој товар ќе биде лесен бидејќи бремето кое Христос го става е лесно. Должноста станува радост, а жртвата задоволство. Патот кој порано изгледал обвиткан во темнина, станува осветлен со зраците од Сонцето на правдата. Ова значи да се оди во светлината како што е Христос во светлината.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 354.

Среда 7. јуни
4. РАБОТЕЊЕ ВО ХАРМОНИЈА
а. Како искуството и преобратувањето на Павле на патот за Дамаск го откриваат Божјиот план да ги употреби членовите на црквата за спасение на грешниците? Дела 9,6.10.11.15.

„Во Павловото обратување ни се дадени значајни принципи на вистината кои секогаш треба да ги имаме на ум. Во прашањата за верата Откупителот на светот не го одобрува она што се прави независно од Неговата организирана црква, секаде каде што постои таква црква.

Многумина мислат дека за светлината и искуствата кои ги имаат во верата Му должат само на Христа, независно од Неговите признати следбеници во светот. Но Христос го осудува тоа во Своето учење и во примерите и фактите кои ни се дадени за наша поука. Еден од таквите примери е токму Павле, човекот кој самиот Христос го избрал за посебно дело, да биде Негов „избран сад“ и на кој Тој му се открил на толку чудесен начин. Но на Павловото прашање: „Што сакаш да правам?“ Спасителот не му дал директен одговор туку го довел во врска со Својата црква. Во неа ќе му се каже сѐ што треба да прави.“ – 3 Сведоштво, 432.433.

б. Каква меѓусебна поврзаност постои помеѓу нас, црковното тело, и Христа? Ефесјаните 4,14-16.

„Иако во друштвото на христијани обединети во црковна заедница немаат сите исти таленти, но сепак должноста на сите е да работат. Талентите се разликуваат, но на секој човек му е доверена неговата работа. Сите зависат преку Христа од Бога. Тој е славна Глава за сите нивоа и класи на луѓе поврзани преку верата во Божјото Слово. Поврзани со заедничко верување во небесните принципи, сите тие зависат од Него, Авторот и Свршителот на нивната вера. Тој ги создал принципите кои произведуваат универзално единство, универзална љубов. Неговите следбеници треба да размислуваат за Неговата љубов. Тие не треба да престанат додека не го достигнат стандардот поставен пред нив. Ако се живее според принципите на христијанството, тогаш тие произведуваат универзална хармонија и совршен мир. Кога срцето е проткаено со Христовиот Дух, нема карање, стремеж за надмоќ ниту стремеж да господари со другите.“ – The Upward Look, p. 104.

Четврток 8. јуни
5. ОРГАНИЗИРАНА ДА СЛУЖИ
а. Како треба да ја манифестираме нашата љубов кон нашите браќа и сестри? 1 Јованово 3,18.

„Сите оние што се родени во небесното семејство се во една посебна смисла Христови браќа. Христовата љубов ги поврзува меѓусебно членовите на Неговото семејство и секаде каде што се манифестира таква љубов, се открива и божественото сродство. „Секој кој љуби од Бога е роден и Го познава Бога“ (1. Јованово 4:7).

Оние кои Христос ќе ги пофали на судниот ден можеби многу малку знаат за теологијата, но се придржувале за Неговите начела. Под влијание на Божествениот Дух тие биле благослов за својата околина.“ – Копнежот на вековите, 638.

б. Како Исус покажал дека животот на служба е поврзан со вистинската големина? Марко 9,35; Матеј 20,25-28.

„Животот на Спасителот на оваа земја не бил исполнет со безделничење и угодување на себеси; Тој вложувал постојани, сериозни и неуморни напори за да го спаси загубеното човештво. Од јаслите па до Голгота, Тој одел по патот на самооткажување, и не барал да биде ослободен од мачните задачи, тешките патувања, исцрпувачките грижи и работата. Тој рекол: „Синот човечки не дојде да му служат, туку да служи и да ја даде својата душа за откуп на мнозина“ (Матеј 20,28). Тоа било највозвишената цел на Неговиот живот. Сè друго било помалку важно и му било подредено на тоа. Негова храна и пијалок било да ја исполни Божјата волја и да ја заврши Неговата работа. Во својата работа не се истакнувал Себеси и не барал лична полза од тоа.“ – Патот кон Христа, 78.

Петок 9. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што црквата треба да му открие на светот?

2. Како можеме да покажеме вистинско единство во црквата?

3. Како можеме да имаме љубов кон другите која ги надминува чувствата?

4. Што е тоа што ни е заедничко и што нѐ обединува со нашите браќа и сестри?

5. Ако го следиме Христовиот пример на служење на другите, што ќе бидеме подготвени да направиме?

Сподели го ова:

Слични објави