10 Црковно семејство

Сподели го ова:
10. лекција   Сабота, 3. јуни 2017

Црковно семејство

„Взаемната љубов нека пребива меѓу вас.“ – Евреите 13,1.

„Сите се подложни на грешки. Никој не е совршен. Господ Исус умрел за грешниците за да може да им биде простено. Наша задача не е да осудуваме. Христос не дошол да осуди, туку да спаси.“ – In Heavenly Places, p. 292.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 2 Сведоштво, 73-77.
Недела 28. мај
1. ПОМАГАЊЕ НА ОНИЕ КОИ СЕ ОКОЛУ НАС
а. За која група на луѓе треба да покажеме особена грижа? Галатјаните 6,10. Зошто? Матеј 12,50.

„Во блиското христијанско сродство со Својата црква, Бог во своето провидение доведува и вдовици, сирачиња, слепи, глуви, сакати, глувонеми и на разни начини унесреќени лица – за да ја испита верноста на својот народ, давајќи им на сите прилики да развиваат вистински христијански карактер. Божјите ангели будно внимаваат како ние се однесуваме кон таквите на кои навистина им е потребно нашето сочувство, љубов и несебично добродетелство. На тој начин Бог го проверува нашиот карактер. Ако имаме вистинска библиска вера, ние ќе чувствуваме дека навистина должиме љубов, наклонетост и сесрден интерес на Христа во лицето на Неговите браќа и само со манифестирање на длабоко внимание и љубов кон оние на кои среќата им е помалку наклонета отколку нам, можеме да ја покажеме својата благодарност за неизмерната љубов која ни ја укажал додека сѐ уште бевме грешници недостојни за Неговата милост.“ – 3 Сведоштво, 511.

б. Ако имаме чиста вера, која должност ќе ја исполниме? Јаков 1,27; Марко 14,7.

„Секаде кога ќе наидеме на човечка потреба и страдање, тука се наоѓа и поле за мисионерска работа.“ – Welfare Ministry, p. 35.

Понеделник 29. мај
2. НЕГУВАЊЕ НА БРАТСКА ЉУБОВ
а. Како Бог ја покажал својата љубов кон нас? Под каква обврска нѐ става таа љубов? 1 Јованово 4,9.11; Јован 3,16.

„Кога грешникот го гледа својот Спасител како умира на крстот под проклетството на гревот наместо него, кога ја посматра Неговата љубов која простува, во неговото срце се буди љубов. Грешникот го љуби Христа бидејќи Христос прв го возљубил.“ – Selected Messages, bk. 1, p. 374.

„Христос кој пребива во една душа нема да се кара со Христа во друга душа. Мораме да се научиме да се носиме со специфичностите на оние околу нас. Ако нашата волја е под контрола на Христовата волја, како тогаш можеме да бидеме во спротивност со нашите браќа? Ако сме во несклад, можеме да бидеме сигурни дека тоа е затоа што нашето ‘јас’ треба да биде распнато. Оној кого Христос навистина го ослободил, навистина е слободен. Ние не сме целосно во Христа доколку не се сакаме едни со други онака како што Христос нѐ сакал нас. Кога ова ќе го правиме, како што Христос ни заповедал, тоа ќе биде доказ дека ние сме целосно во Него.“ – This Day With God, p. 262.

б. Каков однос треба да имаме со Бога пред да можеме да ги сакаме нашите браќа и сестри? 1 Јованово 4,7.12.

„Сите оние што се родени во небесното семејство се во една посебна смисла Христови браќа. Христовата љубов ги поврзува меѓусебно членовите на Неговото семејство и секаде каде што се манифестира таквата љубов, се открива и божественото сродство.“ – Копнежот на вековите, 638.

„Наша должност е да живееме во атмосферата на Христовата љубов, да ја вдишуваме длабоко Неговата љубов, и да ја одразуваме нејзината топлина околу нас.“ – Our High Calling, p. 175.

в. Како треба да се љубиме едни со други? 1 Петрово 1,22.23.

„Единствено Бог може да нѐ наведе така да ја препознаеме Неговата милост, љубов и трпение така што ќе имаме вера која работи со љубов и ја прочистува душата. Тоа е дар од Бога.“ – Lift Him Up, p. 252.

„Ние треба да негуваме љубов во нашите срца. Треба да бидеме подготвени да не мислиме зло за нашите браќа. Не смееме да донесуваме свој суд и избрзани заклучоци за она што тие кажуваат или прават. Мораме да бидеме библиски христијани.“ – This Day With God, p. 83.

Вторник 30. мај
3. РАСТЕЊЕ ВО НАШЕТО ЛИЧНО ИСКУСТВО
а. Каков избор можеме вие и јас да направиме со цел да растеме во нашето христијанско искуство? Ефесјаните 4,21-24.

„Обратувањето е дело кое повеќето луѓе не го ценат. Не е мала работа да се трансформира земниот ум, кој го љуби гревот, и да му се помогне да ја сфати неискажливата Христова љубов, привлечноста на Неговата благодат и Божјата возвишеност, така што душата ќе биде исполнета со божествената љубов и заробена со небесните тајни. Кога човекот ќе ја сфати оваа вистина, поранешниот живот му се чини одвратен и омразен. Тој го мрази гревот и кршејќи го своето срце пред Бога, тој го прифаќа Христа како живот и радост на душата. Се откажува од поранешните задоволства. Тој има нов ум, нови чувства, нови интереси, нова волја; неговите таги, желби и љубовта се нови… Божјата Реч, која му била досадна и неинтересна, сега ја избира за проучување и како советник. Таа е како писмо напишано од Бога, со потпис на Вечниот. Неговите мисли, зборови и неговите дела ги ускладува со ова правило и ги проверува. Тој трепери пред заповедите и предупредувањата кои Божјата Реч ги содржи додека цврсто се држи до нејзините ветувања и ја зајакнува својата душа присвојувајќи ги за себе.“ – The Faith I Live By, p. 139.

б. На кој начин треба духовно да растеме? 2 Петрово 3,18.

„Храбрејќи ги и зајакнувајќи ги другите, христијанинот и самиот станува посилен. ‘Кој напојува други, и тој самиот ќе биде напоен’. Ова не е само ветување, ова е божествен закон, закон со кој Бог сака потоците на добродушност, како речните текови, преку постојано кружење секогаш да се враќаат кон својот извор. Во покорувањето на овој закон се наоѓа тајната на духовното растење…

Како можеме да растеме и напредуваме во благодатта? Тоа е можно само ако од нашето срце целосно ја исфрлиме себичноста и му дозволиме на небото да го обликува според божествениот Модел… Ако соодветно ги цениме Божјите благослови, ќе бидеме во можност во поголема мера ја да примаме Неговата благодат.“ – Коментари на библиските текстови, 848.849.

„Ние сѐ повеќе и повеќе ќе се запознаваме со Исуса ако со длабок интерес ги истражуваме Писмата, ако потоа одиме по патот на вистината и правдата кои во Него ни се откриени. Оние кои постојано растат во благодатта ќе бидат цврсти во верата и постојано ќе напредуваат.“ – Messages to Young People, 121.

Среда 31. мај
4. ПОСТАПУВАЊЕ СО ЗАБЛУДЕНИТЕ
а. Во нашите комуникации со нашите браќа и сестри, што секогаш треба да имаме на ум? Лука 21,19; Јован 15,12.

„Дајте им љубов на оние на кои им е најпотребна. На најнесреќните, на оние со најнепријатен карактер, потребна им е нашата љубов, нашата нежност, нашето сочувство. На оние кои го искушуваат нашето трпение им треба најмногу љубов.“ – Fundamentals of Christian Education, 281.

„Она што нам ни е потребно не е обидот да се љубиме еден со друг, туку Христовата љубов во срцето. Кога нашето ‘јас’ исчезнало во Христа, вистинската љубов спонтано ќе извира.“ – Слуги на евангелието, 497.

„Потребно е да имаме христијанско трпение и љубов кон грешникот, но постои опасност да покажеме преголема толеранција кон неговите грешки и тоа да го наведе на заклучок дека воопшто не заслужува укор и поради тоа истиот ќе го отфрли како незаслужен и неправеден.“ – Делата на апостолите, 504.

„Меѓутоа, треба да им помогнете на оние на кои помошта им е најпотребна – кои се наоѓаат во неповолна положба, грешат и живеат во заблуда, кои можеби ве навредиле и го злоупотребиле вашето трпение до крајни можни граници. Токму кон таквите Исус покажува сожалување, бидејќи сатаната над нив има многу поголема власт, постојано се користи со нивните слабости и ги погодува со своите стрели таму каде што се најмалку заштитени.“ – 2 Сведоштво, 75.

б. Ако некој брат некого навреди, а ние дознаеме за тоа, кој е првиот чекор кој треба да го преземеме? Матеј 18,15; Левитска 19,16.

„Не слушајте ги извештаите против некој брат или сестра… Прашајте го оној кој го донесува обвинението, дали го послушал Божјото Слово во однос на ова прашање. Христос ни оставил јасни упатства како треба да постапиме. Оди кај својот брат и во четири очи објасни му ја неговата вина…

Без оглед дали ти имаш проблем со обвинетиот или не, Христовиот налог е ист. На твојот брат му е потребна помош. Кажи му нему, а не на некој друг, дека за него кружат извештаи. Дај му можност тоа да го објасни. Можно е тие извештаи да се лажни и дека тешкотиите можат да се решат со едноставно објаснување. Така треба да се однесуваме кон секој за кого претпоставуваме дека е во заблуда.“ – Heavenly Places, p. 292.

Четврток 1. јуни
5. ПОТТИКНУВАЊЕ НА ДУХОВНА ОБНОВА
а. Каков треба да биде нашиот став кон заблудените? Која треба да биде нашата цел? Галатјаните 6,1.2; 1 Петрово 4,8; Тит 3,2.

„Имајте на ум дека делото на обнова претставува наша задача. Тоа дело не може да се врши на горделив, несоодветен и заповеднички начин…

Оној кој ги игнорира очајните потреби на својот брат, со Божјо провидение ќе биде доведен во иста ситуација низ која во неволја и тага минувал тој негов брат; и од лично горко искуство ќе мора да учи дека и самиот е исто толку беспомошен и дека му е потребна помош, како што тоа било случај со страдалникот кого тој го отфрлил.“ – 6 Сведоштво, 398.399.

б. Што често го попречува делото на духовна обнова на заблудените? Изреки 11,13; 18,8.

„Оговарањето, прераскажувањето, откривањето на тајните и претресувањето на туѓите грешки, ги оддалечува душите од Бога. Тоа е смрт за духовноста и за благото верско влијание…

Христијаните треба да внимаваат на своите зборови. Тие не смеат никогаш да пренесуваат непријатни вести кога еден нивен пријател би ги изговорил за некој друг, особено ако се свесни дека не се во добри односи. Сурово е да се прават разни навестувања и да се дава на знаење дека знаете многу нешта за ова или она, или за овој или оној пријател или познаник што другите не го знаат. Таквите навестувања одат понатаму и оставаат многу полош впечаток отколку што би имало едно отворено изнесување на факти без претерување. Колку само Христовата црква страдала заради ова!“ – 2 Сведоштво, 185.186.

Петок 2. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како ќе покажеме дека нашата религија е вистинската библиска религија?

2. Како библиските христијани се однесуваат кон своите браќа и сестри во вера?

3. Како можеме да станеме посилни христијани?

4. Како можеме да се љубиме еден со друг? Кон кого особено треба да покажуваме љубов?

5. Ако ние одбиеме да помогнеме во духовната обнова на нашиот заблудени брат или сестра, што ќе се случи со нас?

Сподели го ова:

Слични објави