09 Живот со нашите роднини

Сподели го ова:
9. лекција Сабота, 27. мај 2017

Живот со нашите роднини

„Никој нека не ја презира твојата младост, туку на верните да им служиш како пример во слово, поведение, љубов, дух, вера и чистота.“ – 1 Тимотеј 4,12.

„Не попуштај во своите верски обврски и не ја жртвувај својата верска предност за да ги задоволиш желбите на непосветените пријатели и роднини. Ти си повикан да се залагаш за вистината дури и тогаш кога поради тоа мораш да се спротивставиш на мислењето на своите најблиски.“ 4 Сведоштво, 117.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 5 Сведоштво, 542-549.
Sons and Daughters of God, pp. 51, 52.
Недела 21. мај
1. СТАВАЊЕ НА БОГА НА ПРВО МЕСТО
а. Кое место Бог треба да го има во нашиот живот? А што е со другите наши односи? Матеј 22,37-39.

„Кога Божјиот Дух е во човекот, тој го ослободува наместо да создава страдање… Ние треба да се грижиме за секој кој страда и се гледа себеси како Божјо орудие за укажување помош на сиромашните, вложувајќи ги сите свои сили до крајни граници од своите можности… Има некои кои покажуваат голема љубов кон своите роднини, кон своите пријатели и кон луѓе кои им се мили, а кои сепак пропуштаат да покажат љубезност и обѕир и кон оние на кои им е потребно нежно сочувство, на кои им е потребна добрина и љубов.“ – Sons and Daughters of God, p. 52.

б. Какво ветување ни е дадено кога ќе го поставиме Бога пред секоја човечка врска? Матеј 19,29; Евреите 13,5 (втор дел).

„Ако морате да ги оставите таткото, мајката, сестрите, браќата, жената и децата заради Христа, тоа е жртва, но нема да останете без пријатели. Бог ве прима во Неговото семејство, вие станувате членови на царското домаќинство, синови и ќерки на Царот кој владее со небото и небесата.“ – 1 Сведоштво, 510.

Понеделник 22. мај
2. ПОМАГАЊЕ НА НАШИТЕ СЕМЕЈСТВА И НА ДРУГИТЕ
а. Каде треба да започне нашата работа за Христа? Изреки 22,6; Исаија 8,18.

„Воспоставувајќи однос со Христа, обновениот човек само се враќа кон односот со Бога кој му бил одреден… Неговите должности се насекаде околу него, близу и далеку. Негова прва должност се неговите деца и неговите најблиски роднини. Со ништо не може да се изговори ако го запостави овој внатрешен круг поради ширење на надворешниот круг…

Кога родителите верно ја вршат својата должност во семејството, ограничувајќи, поправајќи, советувајќи, насочувајќи, водејќи – таткото како свештеник на семејството, а мајката како домашен мисионер – тие покриваат подрачје кое Бог сака да го покријат. Извршувајќи ја верно својата должност во домот, тие ги умножуваат силите за правење добро надвор од домот. Тие стануваат подобро подготвени за работа во Црквата. Преку претпазлива обука на нивното мало стадо, врзувајќи ги своите деца за себе и Бога, татковците и мајките стануваат Божји соработници.“ – Sons and Daughters of God, p. 223.

б. Ако Христос живее во нас, како ние ќе се однесуваме кон другите? Исаија 50,4.

„Оној кој е навистина христијанин секогаш ќе има добри зборови за неговите роднини и соработници. Тој ќе биде љубезен, учтив, полн со љубов, разбирање, подготвувајќи се на тој начин за престој во небесното семејство.“ – My Life Today, p. 196.

в. Кога сме во искушение целото наше внимание да го фокусираме на сопственото семејство, што можеме да научиме од примерот на Исус во службата за другите? Лука 19,10.

„Мораме да се ослободиме од својата себичност и да покажеме таква пожртвуваност и несебична добрина каква што Исус ја манифестирал додека бил на земјата. Сите треба да имаат интерес за своите роднини, но не смеат да се ограничат само на нив како да се тоа единствените луѓе кои Христос дошол да ги спаси.“ – 2 Сведоштво, 77.

Вторник 23. мај
3. ДА НЕ СЕ СПУШТААТ КРИТЕРИУМИТЕ
а. Поради што ние денес сме здравствени реформатори? 1 Коринтјаните 6,19.20; 2 Тимотеј 1,7; Исаија 7,15. Зошто кога ќе се сретнеме со нашите роднини и пријатели нема да ги менуваме нашите здравствени навики?

„Оние кои ги воздигаат стандардите колку што е можно поблиску до Божјата наредба, во согласност со светлината која Бог им ја дал преку Неговата Реч и сведоштвата на Неговиот Дух, нема да го променат нивниот начин на делување за да им угодат на желбите на своите пријатели или роднини, било да се тоа еден, двајца или цело мноштво кои живеат во спротивност со Божјите мудри одредби. Доколку напредуваме во овој поглед во согласност со начелата, доколку строго се придржуваме до правилната исхрана, доколку како христијани ги воспитуваме своите вкусови според Божјиот план, ние ќе извршиме влијание кое ќе ја исполни Божјата цел. Прашањето е: „Дали сме подготвени да бидеме вистински здравствени реформатори?“ – Совети за животот и исхраната, 35.36.

б. Како треба да го живееме нашиот христијански живот? 1 Јованово 3,18; Матеј 5,16; 1 Солунјаните 2,12. Со каква опасност се соочуваме кога ќе ги промениме нашите навики со цел да им угодиме на нашите безбожни роднини?

„Некои мислат дека тие мора да направат некои отстапки на нивните неверни роднини и пријатели за да им угодат. Сигурно, овде не е секогаш лесно да се повлече граница; една отстапка го подготвува патот за друга, и наскоро оние кои некогаш биле вистински Христови следбеници својот живот и карактерот ќе го прилагодат со светските обичаи. Врската со Бога е прекината. Тие се христијани само по име.“ – Messages to Young People, p. 432.

в. Како Бог нѐ повикува да се однесуваме кога сме надвор од црквата? 1 Тимотеј 4,12; 2 Коринтјаните 6,17.18; Тит 2,14.

„Причината зошто имавме толку слабо влијание врз неверните роднини и пријатели е што не манифестиравме одлучна и јасна разлика помеѓу нашите практики и нивните световни навики.“ – Fundamentals of Christian Education, p. 289.

„Во присуство на твоите роднини и пријатели, во сите твои деловни односи, во твоето дружење со светот, секаде и секогаш, во сите околности, држи се до Исуса.“ – 5 Сведоштво, 341.

Среда 24. мај
4. ТВРДИ ВО НАШИТЕ ОДЛУКИ
а. Наместо световните роднини и пријатели да влијаат на нас, како ние треба да ги донесуваме своите одлуки? 1 Коринтјаните 11,1; Јаков 1,5; Псалм 119,105; Галатјаните 5,24.

„Ти дозволуваш зборовите на твоите роднини и лични пријатели да влијаат на твоите планови и одлуки. Премногу им веруваш и нивните мислења и ставови ги прифаќаш како свои, и поради тоа многу често се наоѓаш на погрешен пат… Со твоето расудување, со твоите чувства и со твоите ставови ти силно влијаеш врз нив, но исто толку силно и тие од своја страна влијаат на тебе и тоа ќе ве одвлече како силна струја во погрешна насока, освен ако сите не се понизите заедно и целосно му се предадете на Бога.“ – 3 Сведоштво, 506.

„Драгоценото време на животот не ни е дадено да под влијание на неверните роднини се оддаваме на задоволување на телесните желби, туку да го поминуваме на начин кој Бог може да го одобри.“ – 4 Сведоштво, 236.

б. Каква одговорност им е дадена на родителите во поглед на нивните деца? Изреки 22,6. Како пријателите и роднините можат да го спречат ова дело?

„Бидете внимателни кога го препуштате негувањето на вашите деца на другите. Никој не може да ве ослободи од вашата од Бога дадена одговорност… Мажите и жените треба во секоја смисла да ги почитуваат своите родители; но во поглед на воспитувањето на сопствените деца тие не смеат да дозволат мешање, туку треба да ги држат уздите на власта во свои раце.“ – Child Guidance, p. 288.

в. Кое предупредување им се дава на оние кои не се придржуваат до своите христијански принципи таму каде ќе се затечат? Јаков 1,6 (последен дел), 8.

„Нека Господ Бог му даде на секој човек чувство на лична немоќ да го насочи својот брод директно и безбедно во пристаништето. Христовата благодат ни е потребна секој ден. Само Неговата неспоредлива благодат може да ги сочува нашите нозе од паѓање.“ – Библиски коментари, 717.

„Никогаш немојте да ја жртвувате вистината за да му угодите некому. Бидете одлучни, бидете цврсти, бидете утврдени и со непоколеблив дух.“ – Spiritual Gifts, vol. 2, p. 266.

Четврток 25. мај
5. ПОСЕБНО ДЕЛО
а. Какво дело треба да извршат оние кои живеат во поделени домови? 1 Коринтјаните 7,12-14.16.

„Добиваме многу писма во кои се бара совет. Една мајка вели дека нејзиниот сопруг е неверник. Таа има деца, кои таткото ги учи да не ја почитуваат мајката. Длабоко е загрижена за своите деца. Не знае како да се однесува. Таа потоа изразува јасна желба нешто да работи во Божјото дело, и прашува дали според моето мислење треба да го напушти нејзиното семејство, доколку е убедена дека таа повеќе ништо добро не може да стори за нив.

„Јас ќе одговорам: сестро моја, јас не можам да видам како можеш да бидеш правилна пред Бога доколку го напуштиш твојот сопруг и твоите деца. Не можам да замислам дека можеш да помислиш тоа да го направиш… Сигурна сум дека твоја должност е да се грижиш за твоите деца. Тоа е твоето подрачје и тука е твојата работа…

Бидејќи сатаната го користи таткото на твоите деца да се спротивстави на твоето дело, не се обесхрабрувај; не се откажувај од борба. Направи им го она што би сакала тие тебе да ти го направат. Однесувај се кон твојот сопруг љубезно во секое време и во сите прилики, врзи ги срцата на твоите деца со твоето срце со врски на љубовта…

Ова ќе направи твоето настојување да постане јасно, твојата светлина да заблеска во домот во кој сатаната настојува твоите деца да ги привлече на негова страна… Немој да бараш сочувство ниту од децата ниту од твојот сопруг, туку едноставно живеј со христијански живот. Со зборови, со духот, со карактерот, со кротоста, со трпение и поднесување, со ведрина, биди патоказ укажувајќи им на патеката, на патот кој води кон Небото.“ – Testimonies on Sexual Behavior, pp. 44, 45.

Петок 26. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Ако го сакаме Бога најмногу од сѐ, како ние ќе се однесуваме кон другите? Кого ќе се трудиме да не го занемариме?

2. Кон кои луѓе имаме најголема обврска? Дали е ова нашата единствена должност?

3. Како можеме да имаме позитивно влијание врз нашите неверни роднини?

4. Кој треба да ги држи уздите на власта врз децата? Зошто?

5. Кое мисионерско дело го очекува родителот кој живее во поделен дом?

Сподели го ова:

Слични објави