08 Христијанско семејство

Сподели го ова:
8. лекција Сабота, 20. мај 2017

Христијанско семејство

„Вие, деца, бидете им послушни на родителите свои, во името на Господ, зашто тоа е праведно… И вие, татковците, не дразнете ги децата свои, туку подигнувајте ги во воспитанието и науката на Господ.“ – Ефесјаните 6,1.4.

„Најдобар тест на христијанството на еден дом е карактерот кој е развиен под негово влијание. Прва задача која родителите треба да ја извршат е да се погрижат да обезбедат благослов од Бога во нивните срца, а потоа тој благослов да го внесат во своите домови.“ – The Bible Echo, October 15, 1894.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Темели на среќниот дом, 181–208.
Недела 14. мај
1. НАШИОТ ПРИМАРЕН ФОКУС
а. Со каква цел треба да работиме за нашите домаќинства? Исаија 8,18.

„Родители, Бог сака да го направите вашето семејство слично на небесното семејство. Чувајте ги вашите деца. Бидете љубезни и нежни со нив… Едно добро средено и добро дисциплинирано семејство, има поголема моќ во демонстрирање на делотворноста на христијанството од сите проповеди во светот. Кога татковците и мајките ќе сфатат како нивните деца ги копираат во сѐ, тие внимателно и будно ќе го одмеруваат секој збор и секој гест.“ – Коментари на библиските текстови, 740.

б. Што е најважно во процесот на воспитувањето на нашите деца? Ефесјаните 6,4.

„Меѓутоа, најголем број од родителите го запоставиле делото кое Бог им го доверил и го изоставиле воспитувањето и подготовката на своите деца да го познаваат и сакаат Исуса Христа, почнувајќи од првите денови на развојот на детскиот ум. Со сериозен труд родителите треба да го следат и воочат почетокот на отворањето на детскиот ум; во животот и домот сè останато нека биде на второ место, освен позитивните должности кои им се доверени од Бога – да ги воспитуваат своите деца во Господовата наука и со совет.“ – Темели на среќниот дом, 147.148.

Понеделник 15. мај
2. РЕЛИГИЈА ВО ДОМОТ
а. Каков однос родителите треба да остваруваат со своите деца? Ефесјаните 4,2.32.

„Во вашите семејни односи настојувајте да зборувате пријатни, љубезни зборови, зборови кои ќе утешат и охрабрат. Не заборавајте малите дела на добрина кои многу му помагаат на членот на семејството во борбата против слабостите кои никој освен него не може да ги разбере.

Не се исплаќа да се биде упорен во својата тврдоглавост, да се биде неподготвен да се попушти во мали нешта кои не донесуваат значајни последици, и со тоа внесуваат горчина и гнев во домот. Животот е прекраток и преполн со страдања. Немаме време за ранување на веќе болното, искушано срце.

Секој нека биде љубезен и внимателен кон другите. Никогаш немојте да дозволите сонцето да зајде во вашиот гнев. Никогаш немојте да ги затворите очите во сон без претходно да не сте ги решиле ситните, чувствителни тешкотии кои ја рануваат и повредуваат душата.“ – This Day With God, 225.

б. На кој начин треба да покажеме љубов во домот? Римјаните 12,9.10.

„Во многу семејства постои голем недостаток од изразување на меѓусебна љубов. Иако претерана чувствителност не е потребна, сепак е потребно љубовта и нежноста да се искажуваат на убав, чист и достоинствен начин. За жал, многумина негуваат тврдо срце, а со зборовите и постапките ја откриваат сатанската страна на својот карактер. Помеѓу мажот и жената, родителите и децата, браќата и сестрите, секогаш треба да се негува нежна љубов. Не изговарајте остар збор и чувајте се од недостаток на љубов. Должност на секој член на семејството е да биде пријатен, изговарајќи љубезни зборови.

Негувајте љубезна нежност, чувствителност и љубов, која треба да се види во малите љубезности, во говорот, во грижливото внимание.“ – Темели на среќниот дом, 198.

„Нека сочувството и милоста кои Христос ги покажувал во својот живот бидат пример и за нас како да постапуваме со своите ближни… Мнозина кои во големата животна борба станале малодушни и обесхрабрени, еден благ и љубезно изговорен збор би можел да ги охрабри и зајакне до победа… Ние не можеме да кажеме колку далекусежни можат да бидат нашите зборови на сочувство и љубезност, нашите христијански напори да олесниме нечиј товар. Заблудените не можат да се вратат на вистинскиот пат на ниту еден начин, освен во духот на кротост, благост и нежна љубов.“ – My Life Today, p. 235.

Вторник 16. мај
3. ЧЕСТ И ПОЧИТ ВО ДОМОТ
а. Како гласи петтата заповед, и што е значајно во врска со оваа заповед? Излез 20,12; Ефесјаните 6,2. Како децата можеме најдобро да ги научиме да ја почитуваат оваа заповед?

„Родителите имаат право на љубов и почитување кое не му припаѓа на никој друг. Сам Бог кој им дал одговорност за душите кои им се доверени, одредил во текот на првите години од живот на децата тие да ги насочуваат наместо Бог. Оној кој одбива да го признае законскиот авторитет на своите родители, одбива да го признае Божјиот авторитет. Петтата заповед им налага на децата не само да ги почитуваат своите родители, да им се покоруваат и да ги слушаат, туку да им пружат љубов и нежност, да ги олеснат нивните грижи, да го чуваат нивниот углед и во старост да им пружат помош и утеха…

Ако тие не ги почитуваат и не ги ценат своите земни родители, нема да го почитуваат ниту да го сакаат својот Создател.“ – Темели на среќниот дом, 293.

„Најдобар начин на воспитување на децата за да ги почитуваат таткото и мајката е можноста да видат како таткото љубезно постапува со мајката, а мајката му укажува љубов и почит на таткото. Набљудувајќи ја љубовта помеѓу родителите, децата можат да се наведат да ја послушаат петтата заповед и да го прифатат советот: „Деца, слушајте ги своите родители како Господа, затоа што тоа е добро“.“ – Темели на среќниот дом, 198.199.

б. Кого уште треба да почитуваме? Левитска 19,32; Изреки 16,31.

„Треба да се покаже стравопочит и кон Божјите претставници – кон проповедниците, учителите и родителите кои се повикани да зборуваат и дејствуваат во Негово име. Почитувајќи ги нив, Му укажуваме чест на Бога.

Бог особено бара укажување на нежна почит кон остарените. Тој вели: “Седите коси се венец на слава; доколку се наоѓаат на патот на праведноста” (Изреки 16:31). Таа говори за битките кои се водени, и за победите кои се постигнати; за носените бремиња и совладаните искушенија. Таа говори за изморените стапки кои се приближуваат кон одморот, за местата кои наскоро ќе бидат празни. Помогнете им на децата да мислат на тоа и тие ќе им го разубават патот на старите со својата пристојност и почит и ќе внесат милност и убавина во својот млад живот.“ – Воспитување, 244.

Среда 17. мај
4. СЕМЕЈНА ФИРМА
а. Која извонредна карактеристика ќе биде откриена од страна на секое вистинско христијанско семејство? 1 Коринтјаните 14,40. Како сите можат да учествуваат во одржување на ред во домот?

„ Секој член на семејството би требало да сфати дека е должен од своја страна да даде свој придонес за удобен, уреден и правилен живот на семејството. Никој не треба да работи против друг. Сите би требало сложно да работат на тоа да зборуваат со тивок, благ глас, да одбегнуваат неред и да настојуваат што повеќе да го олеснат товарот на мајката. Не смее да има немарност и бегање од одговорноста. Никој не смее да дозволи други да го работат она што би требало и би можел сам да го направи. Ова можеби се ситници, но ако тие ситници се наталожат, се создава голем неред и се навлекува Божјиот гнев. Занемарувањето на малите и ситни работи ја уништува среќата во животот. Совесното вршење на малите должности претставува збир на среќа која може да се оствари во животот. Оној кој е верен во малку, верен е и во многу.“ – 2 Сведоштво, 699.700.

б. Кои се некои од благодетите на работата? Колосјаните 3,23.24; Проповедник 5,12. На што треба да ги учиме нашите деца во врска со придобивките од редовната работа?

„Работата Бог ја определил за човекот, и таа за него претставува вистинска благодат: го занимава, му ги обзема мислите, го зајакнува телото и ги развива способностите… Само работливите мажи и жени наоѓаат вистинска животна радост.“ – Патријарси и пророци, 50.

„Младите треба да научат дека животот значи сериозна работа, одговорност и грижа. Потребна им е обука која ќе им даде практично знаење – од нив ќе направи мажи и жени кои можат да се соочат со тешкотиите. Тие треба да научат дека дисциплината на систематската, добро организирана работа е неопходна, не само како заштита од ненадејни, непредвидени промени во животот, туку и како помош во сестраниот развој.“ – Child Guidance, p. 347.

„Доколку децата ја делат работата со мајката, тие ќе научат да ја ценат корисната работа, што е неопходна за среќата и што облагородува, а не деградира.“ – Child Guidance, p. 349.

Четврток 18. мај
5. СЛУЖЕЊЕ ВО ДОМОТ
а. Што можеме да ги научиме нашите деца со цел да се подготват да му служат на Господарот? Галатјаните 5,13 (последен дел); Изреки 15,33; 1 Петрово 5,5.

„Детето треба многу рано да се научи да помага. Штом силата и разумот ќе бидат доволно развиени, треба да му се одредат некои домашни обврски што ќе ги извршува. Треба да се охрабри детето во неговата желба да им помогне на своите родители, да се научи на самооткажување и како да се контролира себеси, среќата и удобноста на другите да ги стави пред својата, да не пропушта можности да ги развесели и да им помага на своите браќа, сестри, другари во игра, како и да биде љубезен кон старите, болните и несреќните. Колку е поцелосно проткаен духот на вистинска служба во домот, толку повеќе ќе се развие во животот на децата. Тие ќе научат да најдат задоволство во службата и пожртвуваност за доброто на другите.“ – Child Guidance, p. 36.

б. Што може да го спречи нашето христијанско сведочење, ако не сме доволно внимателни? 1 Коринтјаните 15,33.

„Не е безбедно за христијаните да го бираат друштвото на оние кои немаат никаква врска со Бога и не живеат според Неговата волја… Мнозина покануваат во своите домови роднини кое се суетни, безначајни и безбожни; често примерот и влијанието на овие неверни гости остава трајни впечатоци врз умот на децата во домот.“ – Messages to Young People, p. 432.

Петок 19. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Колку е важно за родителите да ги обучат своите деца да го познаваат и љубат Христа?

2. Што се случува кога инсистираме во некои помалку важни работи сѐ да биде според нашата замисла?

3. Како родителите можат да ги научат своите деца да ги почитуваат?

4. Кои се некои од придобивките на работата?

5. Каде можеме, служејќи вистински, да научиме да најдеме радост?

Сподели го ова:

Слични објави