07 Се женеа и се мажеа

Сподели го ова:
7. лекција Сабота, 13. мај 2017

Се женеа и се мажеа

„Зашто, како што во деновите пред потопот јадеа и пиеја, се женеа и се мажеа до оној ден кога Ное влезе во ковчегот.“ – Матеј 24,38.

„Нерамна е и стрмна патеката која води во вечен живот. Не земај на себе непотребен товар кој може да го забави твоето напредување.“ – Messages to Young People, p. 441.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Темели на среќниот дом, 94-120.
Недела 7. мај
1. ВО ДЕНОВИТЕ НА НОЕ
а. Какви грешни избори Божјиот народ правел во деновите на Ное? Битие 6,1.2.

„Големиот престап во склопување на бракови во деновите на Ное бил овој; Божјите синови формирале сојузи со ќерките човечки. Оние кои тврделе дека го признаваат и почитуваат Бога се поврзувале со оние кои биле расипани во срцето; и без воздржување се венчавале со кого сакале.“ – Messages to Young People, p. 441.

б. Каква ќе биде ситуацијата непосредно пред Христовото доаѓање? Матеј 24,37.38.

„Мнозина денес, кои немаат подлабоко религиозно искуство, ги прават истите работи кои се правеле во деновите на Ное; се женат и мажат без сериозно размислување, без молитва. Мнозина ја преземаат врз себе свечената брачна обврска толку лесно како да е во прашање некаква обична бизнис трансакција. Вистинската љубов не е мотивот на нивната врска.“ – Messages to Young People, p. 441.

„Јадењето и пиењето, женењето и мажењето сами по себе не се грев… Меѓутоа, во Ноево време луѓето основале брачна заедница, не грижејќи се за Божјиот совет и Неговото водство.“ – Темели на среќниот дом, 121.

Понеделник 8. мај
2. СЛЕДЕТЕ ГО ПРИМЕРОТ НА ИСАК
а. Кој важен услов Аврам му го поставил на својот доверлив слуга при изборот на жена за Исак? Битие 24,3; 2 Коринтјаните 6,14.

„Божјиот народ никогаш не треба да оди на забрането подрачје. Бог забранува бракови помеѓу верните и неверните. Меѓутоа, необратеното срце често ги следи своите желби и така се склучуваат бракови кои Бог не може да ги одобри…

Оние кои ја признаваат вистината ја газат Божјата волја кога во бракот се врзуваат со неверници; тие ја губат Неговата наклонетост и еден ден горко ќе се каат. Неверната страна може да има извонреден морален карактер; но фактот дека не ги слуша Божјите барања и го одбива големото спасение е доволна причина да не се стапи во таков брак. Карактерот на неверниот може да биде сличен на карактерот на она момче на кое Исус му ги упатил зборовите: „Уште едно ти недостасува.“ А тоа едно било мошне потребно.“ – Темели на среќниот дом, 121.

б. На кого слугата го доверил изборот, и низ каков тест морало да се помине? Битие 24,12-14.

„Споменувајќи си за зборовите на Аврама дека Бог ќе прати пред него свој ангел, се помолил (Елиезер) искрено и побарал упатство. Во семејството на својот господар бил навикнат на постојана љубезност и гостољубивост, па се молел според таквото учтиво и благородно однесување да ја препознае и девојката што ја избрал Бог.

Одговорот на неговата молитва стигнал пред таа до крај да биде изговорена. Меѓу жените што доаѓале на изворот се нашла една чиешто учтиво однесување го привлекло неговото внимание. Кога се враќала од изворот, странецот излегол пред неа и побарал да се напие од стомната што ја носела на рамо. Мошне љубезно му ја исполнила молбата и понудила да налее вода и за неговите камили; било вообичаено таква услуга дури и кнежевските ќерки да им прават на стадата на своите татковци. Со тоа бараниот знак бил добиен. Девојката била мошне убава, а нејзината подготвеност така љубезно да биде услужна го осведочила за добротата и нежноста на срцето и за нејзината енергична природа.“ – Патријарси и пророци, 172.173.

в. Како желбите на Ревека биле испочитувани? Битие 24,58.

Вторник 9. мај
3. БОЖЈА НАМЕРА ЗА БРАКОТ
а. Зошто Бог избрал „еден помошник за човекот“, и како е опишана добрата жена? Битие 2,18; Изреки 18,22; 19,14.

„Самиот Бог му дал на Адам сопатник. Тој му обезбедил ‘соодветен помошник’ – помошник кој му одговарал на него, некој кој му одговарал да биде негов придружник, и кој може да биде едно со него во љубовта и сочувството. Ева е создадена од ребро земено од Адамовите гради, што значи дека таа не треба да го надгледува како господар, ниту да биде згазена под нозете како подредена, туку да стои покрај него како еднаква, да биде сакана и заштитена од него. Како дел од човекот, коска од неговите коски, месо од неговото месо, таа била неговото второ јас покажувајќи тесно заедништво и нежна приврзаност која требало да постои во тој однос. ‘Зашто никој никогаш не го намразил телото свое, туку го храни и го стоплува, како и Господ Црквата’ (Ефесјаните 5,29).“ – The Faith I Live By, p. 251.

„Бог од човекот направил жена за да му биде другар и помошник, да биде едно со него, да го бодри, храбри и да му биде на благослов, а тој да ѝ биде нејзина поткрепа. Сите оние кои со света намера стапуваат во брачната заедница – мажот да стекне чиста љубов од срцето на жената, а жената да го омекнува и усовршува карактерот на својот маж – ја исполнуваат Божјата намера.“ – Темели на среќниот дом, 99.

б. Каква одредба Бог дал во рамките на семејството, после падот во грев? Битие 3,16 (последен дел); Колосјаните 3,18.19; Ефесјаните 5,22.25.

„При создавањето, Бог ја (Ева) изедначил со Адам. Да останале послушни на Бога – во согласност со Неговиот голем закон на љубовта – тие засекогаш би останале во склад еден со друг; но гревот внел раздор и нивната заедница можела да се одржи и сочува само ако едниот се покори на другиот. Ева прва згрешила и паднала во искушение затоа што се одвоила од својот партнер што било против Божјото упатство. Адам паднал во грев поради нејзиното наговарање и затоа таа е ставена под власт на својот сопруг. Доколку отпаднатиот човечки род ги почитувал начелата кои ги содржи Божјиот закон, оваа пресуда, иако била последица на гревот, би била благослов за луѓето. Меѓутоа, злоупотребата на првенството кое мажот го добил често ја правело несреќна судбината на жената, а нејзиниот живот тежок.“ – Темели на среќниот дом, 115.

Среда 10. мај
4. ДА ГО СЛЕДИМЕ БОЖЈИОТ ОБРАЗЕЦ
а. Како мажите и жените треба да го копираат примерот на односот помеѓу Христа и Неговиот Отец? Јован 5,20 (прв дел); 8,29.

„Нека секој дава љубов, наместо да ја бара. Негувајте го она што е најблагородно во вас и бидете секогаш подготвени да ги признаете добрите квалитети кај другиот. Свеста дека сте ценети е прекрасен поттик и големо задоволство. Наклонетоста и почитта го поттикнуваат стремежот за усовршување, и љубовта се зголемува кога поттикнува на благородни цели.

Ниту мажот ниту жената не треба да ја претопат својата личност во личноста на другиот. Секој има свој личен однос со Бога. Секој треба да праша за себе: „Што е правилно?“, “Што е погрешно?“, „Како најдобро да ја исполнам целта во животот?“ Дозволете им на вашите најдлабоки чувства да потечат кон Оној, кој го дал Својот живот за вас. Христос нека ви биде прв и последен и најдобар во сè. И вашата љубов ќе станува почиста и посилна со зајакнување и продлабочување на љубовта кон Христа.“ – Здравје и среќа, 361.

б. Која друга важна особина беше прикажана во Исусовиот однос со Отецот? Јован 10,30; Ефесјаните 4,3.

„Без заедничко трпение и љубов нема сила на Земјата која тебе и твојот сопруг би можела да ве задржи во врската на христијанското единство. Вашата заедница во бракот треба да биде тесна и нежна, света и возвишена. Таа во вашиот живот треба да зрачи со духовна сила, за да бидете еден на друг сето она што го бара Божјата реч. Кога ќе го постигнете нивото кое Господ сака да го постигнете, ќе најдете Небо на Земјата, а Бога во својот живот.“ – Темели на среќниот дом, 112.

„Сè што може да го помати мирот и единството во семејството треба одлучно да се отстрани, а да се воздигнат љубезноста и љубовта. Оној кој ќе покаже дух на нежност, трпение и љубов, ќе почувствува дека му се возвраќа со истиот дух. Таму каде што владее Божјиот Дух, нема да се зборува за нескладност на брачната заедница. Ако Христос, надеж на славата, се насели во нас, во домот ќе владее единство и љубов. Христос кој живее во срцето на сопругата целосно ќе се согласува со Христос кој живее во срцето на сопругот. Тие заедно ќе се борат за домовите, кои ги подготвува Христос за оние кои Го љубат.“ – Темели на среќниот дом, 120.

Четврток 11. мај
5. СПРАВУВАЊЕ СО КОНФЛИКТИТЕ
а. Каков дух треба да манифестираат мажот и жената, особено кога постојат проблеми? Јаков 4,6.7.10.

„Тешко е да се совладаат семејните тешкотии дури и тогаш кога сопружниците се обидуваат праведно да ги поделат своите различни должности, ако не го покорат своето срце на Бога.“ – Темели на среќниот дом, 119.

„Иако може да се појават тешкотии, неволји и обесхрабрувања, ниту сопругот ниту сопругата нека не и дадат место на помислата дека нивната заедница е грешка или разочарување. Направете сè што е можно да бидете еден до друг. Постојано нека ви биде на прво место партнерот. Трудете се еден со друг да се охрабрувате во војувањето на животните борби. Проучувајте како ќе ја зголемите среќата еден на друг. Негувајте ја меѓусебната љубов и попустливост. Тогаш бракот, наместо да биде крај на љубовта, ќе стане нејзин почеток. Топлината на вистинското пријателство, љубовта која го врзува срцето за срце, е предвкус на небесната радост.

Сите треба да го негуваат трпението, вежбајќи се во трпеливост. Кога сте љубезни и трпеливи, вистинската љубов ќе ја задржи топлината во вашето срце и ќе ги развиете особините кои Небото ги одобрува.“ – Темели на среќниот дом, 106.

б. Опишете ја љубовта која Христос сака да ја имаме еден кон друг, особено кога работите не одат според нашиот план. Јован 15,12; 1 Коринтјаните 13,4-7.

„Вистинската љубов ќе покрие многу слабости; љубовта нема да ги забележува.“ – Темели на среќниот дом, 106.

Петок 12. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Зошто повеќето бракови во времето на Ное се сметаат за грешни?

2. Зошто не е во ред да се влезе во брак со некој кој има добар морал, но едноставно не е верник?

3. Која е Божјата света цел за бракот?

4. Што можеме да направиме за да охрабриме некој да живее поблагороден живот?

5. Што ни е потребно да ги решиме семејните проблеми?

Сподели го ова:

Слични објави