05 Да се живее според златното правило

Сподели го ова:

5. лекција   Сабота, 29. април 2017

Да се живее според златното правило

„Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; зашто тоа е Законот и пророците.“ – Матеј 7,12.

„Ова златно правило е основа на секоја вистинска љубезност, а негов најверен приказ наоѓаме во Исусовиот живот и карактер.“ – Мисли од гората на блаженството, 135.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 2 Сведоштво, 133-136.
Недела 23. април
1. ДЕФИНИЦИЈА НА ЗЛАТНОТО ПРАВИЛО
а. Што е „златно правило“? Матеј 7,12.

„Евреите постојано мислеле само на она што тие треба да примат, а главна грижа им била да си обезбедат власт, почит и укажување на почести што по нивно мислење им припаѓале. Но Христос поучува да не се грижиме за тоа колку ние ќе примиме, туку колку можеме да дадеме. Стандардот на нашите обврски кон другите е во она што ние самите сметаме дека и тие се должни да ни го дадат.

Во дружењето со другите ставете се на нивно место. Настојувајте да ги сфатите нивните чувства, нивните тешкотии, нивните разочарувања, нивните радости и нивните таги. Изедначете се со нив и правете им онака како што би сакале тие вам да ви прават кога вие би биле на нивното место. Ова е вистинското правило на чесноста.“ – Мисли од гората на блаженството, 135.

б. Која е основата на златното правило? Матеј 22,37-39.

„Во вашиот живот вие треба да покажете што значи да се љуби Бог со сето свое срце, и ближниот како себеси. Ако си поврзан со Богот на мудроста и љубовта, ќе му покажеш на светот дека живееш за она што е вечно, а не за ова временско.“ – That I May Know Him, p. 90.

Понеделник 24. април
2. ГРИЖА ЗА ОНИЕ КОИ НЕ СЕ ОМИЛЕНИ
а. На кого сме должни да ја проповедаме евангелската порака и со поука и со пример? Римјаните 1,14.15.

„Секој кој е направен за управител на оваа многукратна Божја благодат е повикан на душите кои се во темнина и незнаење да им го даде она што и самиот би сакал да му го дадат, кога тој би се наоѓал на нивно место… Сето она што сте го осознале за Божјата љубов, сите дарови на Неговата благодат кои сте ги примиле во поголема мера од некоја необразована и изопачена душа на земјата, должни сте на таа душа да и ги дадете овие дарови.“ – Мисли од гората на блаженството, 135.

б. Кон кого исто така треба да покажеме посебна грижа во овој живот? Јаков 1,27; Јов 29,15.16.

„Што и да поседувате повеќе од своите ближни, тоа ве обврзува да им дадете толку колку што тие имаат помалку од вас. Ако сме богати и ја имаме сета удобност во животот, тогаш пред нас стои свечената должност да се погрижиме за болниот, вдовицата и сирачето, токму онака како што би сакале и тие да се грижат за нас кога и ние би живееле во слични околности.“ – Мисли од гората на блаженството, 136.

„Со нашата љубов и служба за сиромашните (Христови) деца, ние ја докажуваме вистинитоста на нашата љубов кон Него.“ – Здравје и среќа, 205.

в. Зошто Исус не бил прифатен од страна на многу луѓе кога живеел на земјата? Исаија 53,2. Што можеме да научиме од овој библиски запис кога се обидуваме да им помогнеме на другите?

„Наместо да се обидувате да станете нечиј миленик или да му се додворувате на некој кој е високо ценет, побарајте некое лошо дете кое не е ничиј миленик, кон кого никој не покажува некоја особена милост, и направете го објект на ваше несебично внимание. Оние кои се особено привлечни никогаш нема да бидат без пријатели, додека оние кои се помалку пријатни на изглед, кои се срамежливи и тешко склопуваат пријателства, можеби имаат ретки доблести на карактерот и се откупени со Христовата крв.“ – Our High Calling, p. 259.

Вторник 25. април
3. ИСПОЛНУВАЊЕ НА НАЧЕЛАТА НА ЗАКОНОТ
а. Како Исус во Својот живот ги почитувал начелата на законот? Дела 10,38.

„О, со какви благи и прекрасни зраци блескал секојдневниот живот на нашиот Спасител! Каква умилност само се излевала од самото Негово присуство! Истиот дух ќе се открие и во Неговите деца. Оние кои живеат со Исуса, ќе бидат опкружени со божествена атмосфера. Нивните бели облеки на чистота ќе мирисаат со мирисот од Господовата градина. Нивните лица ќе ја рефлектираат Неговата светлина, осветлувајќи ја патеката на уморното стапало кое се препнува.“ – Мисли од гората на блаженството, 135.

б. Што ни е потребно со цел да го следиме Христа во љубовта кон Бога и ближните? Лука 9,23; Галатјаните 2,20.

„Од човек се бара да го сака Бога најмногу од сѐ, со својата сила и умот, и својот ближен како самиот себеси. Тој ова не може да го направи, освен ако целосно не се одрече од самиот себеси. Да се одречеш од себе значи да владееш со духот кога страста се стреми да надвладее; да му одолееш на искушението на осудувачкиот говор и пронаоѓањето на грешки; да бидеш трпелив со дете кое е досадно, и чие однесување е заморно и тешко подносливо; да останеш верен на должноста дури и ако останатите потфрлат; да преземеш одговорност секогаш и секаде каде должноста тоа го бара, не да стекнеш аплаузи, не за политика, туку поради нашиот Учител, кој на секој Свој следбеник му доделил работа која треба да ја изврши со непоколеблива верност. Да се одречеш од себе значи да направиш добро кога склоностите те наведуваат да си угодуваш и служиш себеси. Тоа значи трпеливо и радосно да работиш за доброто на другите, дури и ако изгледа дека твоите напори не се доволно ценети.“ – In Heavenly Places, 223.

в. Како Исус нѐ оспособува да го следиме Неговиот пример? Тит 2,14.

„Сигурноста дека Бог нѐ прима ја наоѓаме единствено во Христа, Неговиот возљубен Син, а добрите дела се само резултат на делувањето на Неговата љубов која ги простува гревовите. Тие не се кредит за нас со кој би се препорачале на Бога, и ние сами по себе немаме ништо врз основа на што би можеле да полагаме некое право на спасение на нашите души. Спасението е незаслужен дар кој Бог – само поради Христа – го подарува на оној кој поверува.“ – Коментари на библиските текстови, 523.

Среда 26. април
4. ЉУБОВ КОН НЕПРИЈАТНИТЕ
а. Како можеме да одиме подалеку од светскиот стандард на добрина? Матеј 5,44-47.

„Тој (Христос) сака ние да ги љубиме оние кои нѐ угнетуваат и сакаат да ни наштетат. Не смееме со зборови и дела да го манифестираме духот кој тие го манифестираат, туку треба да ја искористиме секоја можност да им правиме добро.“ – The Upward Look, 220.

„Оној, кој на гората дал заповед: „Љубете ги своите непријатели,“ и Самиот го спроведувал во дело тој принцип, не враќајќи „зло за зло, ниту навреда за навреда, туку, напротив: благословувајте“ (Матеј 5:44; 1. Петрово 3:9).“ – Копнежот на вековите, 265.

б. Како можеме практично да го живееме стандардот на Христовата љубов? Изреки 20,22; 24,29.17; 25,21.22.

„Спасителот го напуштил својот дом на небото само за да им го донесе лебот на животот на своите непријатели. Иако клетви и прогонства Го следеле од јасли па до гробот, кај Него сето тоа предизвикувало само израз на љубовта која проштева. Тој преку пророкот Исаија вели: „Грбот свој го подметнав на оние што Ме биеја, и образите свои на оние што Ме удираа; лицето Свое не го скрив од подбив и плукање.“ “Он беше измачуван но страдаше доброволно и како што јагнето пред стрижачите свои е безгласно, така и Он не ја отвори устата Своја“ (Исаија 50,6;53,7) Од крстот на Голгота, низ сите векови, допираат зборовите на молитвата која Тој ја изговорил за своите убијци и пораката на надеж упатена на распнатиот злосторник пред умирање.“ – Мисли од гората на блаженството, 71.

в. Што се случува со оние кои се дарежливи кон другите? Матеј 7,2 (последен дел); Лука 6,38.

„Што и да дадеме, повторно ќе го примиме. Земните благослови кои им ги даваме на другите можат да бидат, а често и се враќаат на ист начин. Она што го даваме честопати, во време на потреба, ни се враќа четирикратно. Но, и покрај тоа, сите дарови уште во овој живот се враќаат со поцелосно изливање на Божјата љубов која е збир од сета слава на небото и неговото богатство.“ – Мисли од гората на блаженството, 136.

Четврток 27. април
5. НЕСЕБИЧНА СЛУЖБА
а. Каков став е потребен со цел да го следиме Христовиот пример во несебична служба? Филипјаните 2,4.

„Срцето во кое се негува Христовата љубов ќе има и љубов кон ближниот, љубов која „не го бара своето“ (1. Коринтјаните 13,4.5).“ – Патријарси и пророци, 133.

„Павле имал длабока желба Христовите понижувања да бидат согледани и разбрани. Тој бил убеден дека себичноста ќе исчезне од срцата на луѓето, доколку успееме да ги наведеме да размислуваат за восхитувачката жртва на Величеството на небото.“ – Здравје и среќа, 501.

„Секој кој го прифаќа Христа како личен Спасител ќе копнее за привилегијата да Му служи на Бога. Додека размислува што небото направило за него, неговото срце ќе биде трогнато со бескрајна љубов и восхитена благодарност. Тој е нестрплив да ја покаже својата благодарност вложувајќи ги своите способности во Божјата служба. Тој копнее да ја покаже својата љубов за Христа и за она што таа го откупила. Тој посакува тешка работа, мака, жртва.“ – Здравје и среќа, 502.

б. Што уште треба да имаме на ум додека работиме заедно како црква? Римјаните 12,16.17; 1 Коринтјаните 1,10.

„Силата на Божјиот народ лежи во нивната поврзаност со Бога преку Неговиот Единороден Син, и во нивното меѓусебно единство. Не постојат два листа на дрвото потполно исти, ниту мислите на сите умови работат во иста насока. Но, иако е тоа така, може да постои единство во различноста.“ – Коментари на библиските текстови, 659.

Петок 28. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што значи да се следи златното правило?

2. Како треба да го применуваме златното правило во проповедање на евангелието?

3. На кој начин практично можам да покажам самоодрекување?

4. Како Исус ја покажал својата љубов кон оние кои го малтретирале?

5. Додека размислувам за големата жртва која Исус ја поднел за мене, како можам да покажам љубов кон Него?

Сподели го ова:

Слични објави