04 Лично одење со Бога
4. лекција Сабота, 22. април 2017
Лично одење со Бога
“Вкусете и ќе видите, колку е добар Господ! Блажен е оној човек, кој кај Него прибегнува.“ – Псалм 34,8.
„Бог сака да го обнови Својот лик во тебе. Верувај дека Тој е твојот помошник. Донеси одлука да се запознаеш со Него. Додека Му се приближуваш во признавање и покајание, Тој ќе ти се приближи во милост и простување.“ – The Review and Herald, February 15, 1912.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Воспитување, 253–261.
Недела 16. април
1. ПРОМЕНА НА СРЦЕТО
а. Какво е нашето природно срце, и што Бог сака да ни даде во замена за него? Еремија 17,9; Езекиел 36,26.
„Кога Исус зборува за ново срце, Тој мисли на умот, на животот, на целото битие. Да се доживее промена на срцето значи на светот да му ја скратиме својата наклонетост и да се поврземе со Христа. Да се има ново срце значи да се има нов ум, нови цели, нови мотиви. По што се препознава новото срце? По изменетиот начин на живот! По тоа што секојдневно, од час во час, умираме за себичноста и гордоста.“ – God’s Amazing Grace, p. 100.
б. Какво искуство Бог сака да имаме откако ќе добиеме ново срце? Јов 22,21; Еремија 24,7.
„Без оглед на правецот на истражувањето се кое се занимаваме во искрената намера да ја дознаеме вистината, доаѓаме во допир со невидливиот, моќниот Ум кој делува во сѐ и преку сѐ. Умот на човекот доаѓа во врска со Божјиот ум, ограничениот со Неограничениот. Влијанието на таквата врска на телото, умот и душата не е можно да се процени.
Токму во таквата поврзаност се наоѓа највисокото образование.“ – My Life Today, p. 264.
Понеделник 17. април
2. ДОВЕРБА ВО БОГА КАКО НАШ ТАТКО
а. Кои примери од Библијата ни покажуваат што значи врвна доверба? Лука 23,46; Битие 22,7-9.
„Среде страшната темнина, привидно напуштен од Бога, Христос ги испил последните капки од чашата на човечката болка. Во тие ужасни часови Тој се потпирал на доказите кои Таткото дотогаш му ги дал за тоа дека Го прифаќа. Тој го познавал карактерот на Својот Татко. Ја разбирал Неговата правда, милост и Неговата голема љубов. Со вера се потпирал на Бога, кого секогаш со радост го слушал. Кога покорно се предал на Бога, исчезнало она чувство дека ја изгубил наклонетоста на Таткото. Со вера, Христос станал победник.“ – Копнежот на вековите, 756.
б. Што довербата во Бога вклучува? Изреки 3,5.6.
„Ако, драги браќа, се потпрете само на вашиот разум, и ако одите по вашите патишта низ животот, ќе жнеете жалост и разочарување. Надевајте се во Господа со сето ваше срце, и Тој мудро ќе управува со вашите чекори и вашите интереси ќе бидат безбедни на овој и за идниот свет.“ – 5 Сведоштво, 427.
в. На кого по природа сме склони да веруваме, и каков совет во врска со ова ни дава Бог? Псалм 118,8.9; Изреки 29,25.
„Каква и да е положбата што ја заземаме во животот, каква и да е нашата професија, секогаш мораме да бидеме доволно понизни и да чувствуваме потреба од помош. Ние мораме да се потпреме на учењето на Божјата Реч, прифаќајќи го секогаш Неговото провидение, и да бидеме верни во излевањето на нашите души во молитва.“ – 5 Сведоштво, 427.
„Секој поединец во искрена молитва мора да бара да ја разбере Божјата Реч лично за себе, и потоа да ја извршува… Сите ваши бремиња, јавни или тајни, донесете ги пред Бога и чекајте на Него. Тогаш ќе имате лично искуство, убедување во Неговото присуство и подготвеност да ја слушне вашата молитва за мудрост и за упатства, и тоа ќе ви влее сигурност и доверба во Божјата подготвеност да ви помогне во вашата збунетост.“ This Day With God, p. 82.
Вторник 18. април
3. ПОМИНУВАЊЕ НА ВРЕМЕТО СО СЛОВОТО
а. Какво искуство Господ сака да имаме во нашето лично проучување на Библијата? Еремија 15,16; Псалм 34,8.
„Божјиот Дух ќе ја оживее секоја способност на душата која се храни со лебот на животот.“ – 6 Сведоштво, 153.
„Секој треба да го присвои благословот за својата душа, или нема да биде нахранет… Вие знаете дека нема да се нахраните со гледање во обилно поставената маса или другите како јадат. Ние ќе умреме од глад ако не земаме телесна храна, и ќе ја изгубиме нашата духовна сила и виталност, ако не се храниме со духовен леб…
Оние кои го јадат и го варат ова Слово, дозволувајќи тоа да го проникне секое дело и секоја карактерна особина, се развиваат во Божјата сила. Тоа на душата и дава бесмртна сила, усовршување на искуството, и донесува радост која вечно останува.“ – The Faith I Live By, p. 22.
б. Што прво треба да се направи со цел да бидете во можност да разговарате со другите за големите Божји дела? Псалм 119,27.
в. Кои други благослови ќе дојдат на нас додека го поминуваме времето во проучување на Божјото Слово? Псалм 17,4; 119,11.93; Римјаните 10,17.
„Светиот Дух ужива да им се обраќа на младите и да им ги открива ризниците и убавините на Божјата реч. Ветувањата што ги изговорил големиот Учител ги восхитуваат чувствата и ја оживуваат душата со духовната сила што потекнува од Бога. Плодоносниот ум на младите се повеќе се запознава со духовните вредности кои како планина се испречуваат пред искушенијата.
Зборовите на вистината ќе ни стануваат се поважни, ќе добиваат широчина и целосно значење за кое пред тоа не сме ни сонувале. Убавината и богатството на Речта ќе имаат трансформирачко влијание врз умот и карактерот. Светлината на небесната љубов ќе го осветли срцето со силата на вдахновението.“ – Христовите очигледни поуки, 132.
„Срцето кое ги складира драгоцените вистини на Божјото Слово е зајакнато против искушенијата на сатаната, против нечистите мисли и несветите постапки.“ – My Life Today, p. 28.
Среда 19. април
4. РАЗГОВОР СО БОГА
а. Што никогаш не треба да заборавиме кога ги упатуваме нашите молитви на Бога? Филипјаните 4,6.
„’Па развесели се потоа за сите добра, што Господ, твојот Бог, ти ги даде тебе и на домот твој – ти и левитот и придојдениот, што е кај тебе’ (Повторени закони 26,11). На Бога треба да му се изрече благодарност и слава за временските благослови и сите погодности кои ни ги дава. Бог сака секое семејство кое се подготвува за престој во вечните небески дворови да Го слави поради богатите ризници на Неговата милост.“ – Child Guidance, p. 148.
„Ако постојано го имаме пред себе Господа, ако му дозволуваме на нашето срце да му се обраќа со пофалба и благодарност, нашиот верски живот постојано ќе се освежува. Нашите молитви ќе добијат форма на разговор со Бога, како што се разговара со пријател. Тој сам ќе ни ги открива своите тајни. Мошне често ќе уживаме радост што произлегува од свеста за Исусовото присуство.“ – Христовите очигледни поуки, 129.
б. Како Христос комуницирал со Отецот додека бил на земјата? Лука 6,12.
„Спасителот бил неуморен работник. Тој својата работа не ја мерел со часови. Своето време, своето срце и сите свои сили, Тој ги посветил во работата за доброто на човештвото. Цели денови посветувал на работа, а цели ноќи поминувал во молитва, за да се поткрепи и подготвено го сретне подмолниот непријател и целокупното негово измамничко делување, за да зајакне за работа на делото за издигнување и преобразување на човештвото.“ – 9 Сведоштво, 45.
в. Колку често треба да се молиме? Псалм 5,3; 55,17; 1 Солунјаните 5,17.
„За да изградиме карактер кој Бог може да го прифати, мора да формираме правилни навики во нашиот верски живот. Секојдневната молитва е од суштинско значење за раст во милоста и за духовниот живот, како што храната е потребна за телесното здравје. Ние треба да се навикнеме често да ги издигаме своите мисли кон Бога во молитва. Ако умот лута, мора да го вратиме; со истраен напор, навика, тоа конечно ќе биде лесно.“ – Messages to Young People, pp. 114, 115.
Четврток 20. април
5. КОГА БОГ СЛУША?
а. Под кои услови Бог ги слуша молитвите и одговара на нив? Исаија 57,15; Матеј 21,22.
„Молитвата е од небото одредено средство за успех во борбата против гревот и во развојот на христијанскиот карактер. Божественото влијание, што се јавува како одговор на молитвата упатена со вера, во душата на молителот го остварува сѐ она за што се моли. Можеме да се молиме за проштавање на гревот, за Светиот Дух, за карактерот сличен на Христовиот, за мудрост и сила да го извршиме Неговото дело, за секој дар што го ветил, зашто Неговото ветување гласи: ‘Барајте и ќе добиете’.“ – Делата на апостолите, 564.
„Барајте од Бога да ви го направи она што вие не можете да го направите за себе. Кажете му сè на Исуса, откријте му ги тајните на своето срце; Неговиот поглед ги испитува најскриените длабочини на душата и ги чита вашите мисли како отворена книга. Ако сте го барале она што е потребно за доброто на вашата душа, верувајте дека ќе примите и ќе добиете.“ – Темели на среќниот дом, 299.
б. Кога Бог единствено не ги слуша нашите молитви? Псалм 66,18.
„Намерно да се чини некој грев, значи да се замолкне гласот на Духот и да се одвои душата од Бога… Бог ќе ги почитува само оние кои Него го почитуваат.“ – Messages to Young People, p. 114.
Петок 21. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Што значи да се има ново срце?
2. Како Исус покажал доверба во својот Отец, дури и кога страдал под чувството дека ја изгубил Неговата наклонетост?
3. Кога својот ум ќе го храниме со Божјото Слово, какво ќе биде нашето христијанско искуство?
4. Како нашите молитви можат да станат разговори со Бога?
5. Што сѐ можеме да му кажеме на Бога во молитва, и како тоа влијае на нашиот однос со Него?