03 Светиот Дух – нашиот божествен водич

Сподели го ова:

3. лекција   Сабота, 15. април 2017

Светиот Дух – нашиот божествен водич

„Ако свртите надесно, ако свртите налево, ушите ваши ќе го слушаат словото, кое говори зад вас – ете го патот, врвете по него.“ – Исаија, 30,21.

„Божеството било поттикнато со жал за човечкиот род, и Отецот, Синот и Светиот Дух сесрдно се дале на остварување на планот на спасението.“ – God’s Amazing Grace, p. 190.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 47-56; Our High Calling, pp. 150–154.
Недела 9. април
1. ТРЕТОТО ЛИЦЕ НА БОЖЕСТВОТО
а. Како знаеме дека Светиот Дух е личност? 1 Коринтјаните 2,11; Римјаните 8,16.26.

„Светиот Дух има личност, инаку Тој не би можел да им сведочи на нашите духови и со нашиот дух дека сме Божји деца. Тој, исто така, мора да биде и божествена личност, инаку не би можел да ги испитува тајните кои се сокриени во Божјиот ум.“ – Евангелизам, 617.

„Треба да сфатиме дека Светиот Дух, кој е личност како што Бог е личност, оди по ова тло (од говорот пред студентите во училиштето Avdonale).“ – Евангелизам, 616.

б. Во кои три имиња човекот треба да биде крстен, и зошто? Матеј 28,19.

„Постојат три живи личности на небесното трио; во името на овие три големи сили, Отецот, Синот и Светиот Дух, се крштеваат оние кои го примаат Христа со жива вера; а овие сили ќе соработуваат со послушните поданици на небото во нивните напори да живеат нов живот во Христа.“ – Евангелизам, 615.

Понеделник 10. април
2. НЕБЕСЕН УЧИТЕЛ
а. Како уште се нарекува Светиот Дух во Библијата, и што Тој чини за нас? Јован 14,16.26.

“Утешителот се нарекува ‘Духот на вистината’. Негова задача е да ја дефинира и да ја воспостави вистината. Тој прво се настанува во срцето како Духот на вистината и на тој начин станува Утешител. Утеха и мир се наоѓаат во вистината, зашто вистински мир и утеха не можат да се најдат во лагата. Сатаната го заробува умот со лажни теории и преданија. Насочувајќи ги луѓето кон лажни мерила, тој го расипува карактерот. Светиот Дух му зборува на умот преку Светото писмо и ја врежува вистината во срцето. Така, Тој ја открива заблудата и ја истерува од душата. Со Духот на вистината, кој дејствува преку Божјата реч, Христос го придобива Својот избран народ кај Себе.“ – Копнежот на вековите, 671.

б. На кој начин Светиот Дух исто така е водич за нас? Јован 16,13.

„Ако луѓето се подготвени да бидат обликувани, Духот ќе изврши посветување на целото битие. Во душата на човекот Духот ќе го втисне божественото. Со Неговата сила патот ќе стане толку јасен, да никој не мора да заталка.“ – Делата на апостолите, 53.

„Колку сериозно треба да се молиме така што Оној кој ги ‘испитува дури и Божјите длабочини’ и чија служба е да го потсетува Божјиот народ на сѐ што Бог рекол и да го упатува во секоја вистина, да биде со нас во истражувањето на Неговите свети Зборови.“ – Testimonies to Ministers, p. 111.

в. Кој е еден од начините на кој Светиот Дух ја втиснува вистината во нашиот ум? Лука 24,32.

„Ветениот Свет Дух, којшто Тој го испратил откако се вознел кај Неговиот Отец, постојано настојува да го привлече вниманието на големата свечена жртва на крстот на Голгота, и на светот да му ја открие Божјата љубов кон човекот, и да ги отвори на осудената душа драгоцените работи во Писмото.“ – Reflecting Christ, p. 132.

Вторник 11. април
3. ФАКТОР КОЈ ДОВЕДУВА ДО ПРЕПОРОД
а. Опишете го делувањето на Духот. Јован 3,8.

„Иако не можеме да го видиме Божјиот Дух, ние сепак знаеме дека Тој со своето влијание ги осведочува и обраќа луѓето кои биле мртви во престапите и гревовите. Оние кои биле непромислени и своеволни, станале сериозни. Закоравените се каат поради своите гревови, а оние што немале вера, сега веруваат. Коцкарите, пијаниците, развратните, стануваат стабилни, трезвени и чисти. Бунтовните и тврдоглавите стануваат кротки и слични на Христа. Кога ќе ги видиме овие промени во карактерот, можеме да бидеме сигурни дека Божјата сила која ги обраќа срцата го преобразува целиот човек. Светиот Дух не сме го виделе, но видовме докази за Неговото делување на променетиот карактер на оние кои биле утврдени и упорни грешници. Како што ветерот со својата сила ги удира високите дрвја и ги соборува, така и Светиот Дух работи на човечките срца. Ниеден смртен човек не може да го опише Божјото делување.“ – Евангелизам, 288.

б. Како Духот делува на срцето? Јован 16,8.

„Вистината ќе ја разбуди совеста и ќе го промени животот само ако до срцето допре со посредство на Светиот Дух. Проповедникот може да биде во состојба цитатите од Божјата Реч да ги каже напамет, тој може да биде добро запознаен со сите нејзини барања и ветувања; сепак неговото сеење на семето на Евангелието нема да биде успешно, освен ако ова семе не е оживеано со роса од небото. Без соработка на Светиот Дух, никакво образование ниту способности, колку и да се големи, не можат да станат успешни канали на светлина.“ – Gospel Workers, p. 284.

„Кој освен Светиот Дух ќе му ги објави на умот моралните стандарди на правдата и ќе го осведочи за гревот, и ќе предизвика жалост која е по Бога и која донесува покајание за кое не треба да се каеме, покајание кое ја поттикнува верата во Оној, кој единствен може да спаси од секаков грев.“ – Reflecting Christ, p. 132.

„Од каква корист би ни било тоа што Единородниот Божји Син се понижил, ги претрпел искушенијата на лукавиот непријател, и се борел со него за време на Неговиот живот на земјата и умрел, Праведниот за неправедните за да не пропадне човештвото, ако Светиот Дух не ни е даден како постојана, делотворна и обновувачка сила која направила во секој поединечен случај да се оствари она што Откупителот на светот го постигнал?“ – Selected Messages, bk. 3, p. 137.

Среда 12. април
4. ДЕЛУВАЊЕТО НА ДУХОТ НА СРЦЕТО
а. Како Светиот Дух нѐ наведува да го правиме она што е правилно? Исаија 30,21.

„Оној кој ја извршува Божјата волја, кој оди по патеката што Бог ја означил, не може да се сопне и да падне. Светлината на Божјиот Дух кој води му дава јасна претстава за неговите должности, и го води по правиот пат до завршувањето на неговото дело.“ – Копнежот на вековите, 527.

„Но, оние кои сакаат да бидат верни на Христа ќе го слушаат гласот кој вели: ‘Ете го патот, врвете по него’ (Исаија 30,21). Тие ќе одлучат да тргнат по патот на праведните, иако е потешко да се оди по него и поболно да се следи, отколку патот на сопственото срце.“ – That I May Know Him, 251.

б. Како Духот ни помага во нашите слабости? Римјаните 8,26.

„Христос, нашиот Посредник, и Светиот Дух постојано се залагаат во корист на човекот, но Духот не посредува така како што тоа го чини Христос, кој се повикува на Неговата крв, пролеана од постанокот на светот. Духот делува врз нашите срца, поттикнувајќи нѐ на молитва и покајание, пофалби и благодарност. Благодарноста која тече од нашите усни е резултат на делувањето на Духот кој, допирајќи ги струните на светите спомени во нашата душа, ја буди музиката на срцето.“ – Коментари на библиските текстови, 648.

в. Каква улога игра Духот во нашето обратување? Езекиел 36,25-27.

„Луѓето можат да бидат членови на Црквата, наизглед можат и да работат вредно, од година во година да ги извршуваат своите должности, а сепак да бидат необратени… Но, кога вистината е примена како вистина од страна на срцето, таа ја проникнува совеста, ја окупира душата со своите чисти начела. Светиот Дух ја става во срцето, ја открива нејзината убавина на умот, така што нејзината преобразувачка моќ може да се види во карактерот.“ – Reflecting Christ, p. 217.

Четврток 13. април
5. НЕМА ОСУДА
а. Што е запишано за нашата положба пред Бога, кога сме водени од Светиот Дух? Римјаните 8,1.

„Затоа не сте свои; купени сте скапо. „Вие не сте откупени со пропадливо сребро и злато … туку со скапоцената крв на Христа како невино и пречисто Јагне“ (1.Петрово 1,18.19). Со овој едноставен чин, верувајќи му на Бога, Светиот Дух зачнал нов живот во вашето срце. Вие како дете сте се родиле во Божјото семејство и Тој ве сака, како што го сака Својот Син.

Сега кога сте му се предале на Исус, не повлекувајте се, не заминувајте од Него, туку од ден на ден говорете: „Јас сум Христов; јас му се предадов Нему!“ Молете Го да ви го подари Својот Дух и да ве поддржува со Својата благодат. И како што сте станале Негово дете, предавајќи се себеси на Бога и верувајќи во Него, така и треба да живеете во Него. Апостолот вели: „Како што го примивте Господа Исуса Христа, онака и живејте во Него!“ (Колосјаните 2,6).“ – Патот кон Христа, 51.52.

б. Колку блиска тогаш ќе биде нашата врска со Исуса? Матеј 10,20.

„И тогаш, кога Христос работи во вас, вие ќе покажете ист дух и ќе правите исти дела – дела на праведност и послушност…

Единствена основа на нашата надеж е Христовата праведност што ни е дадена, и тоа што Неговиот Дух го прави во нас и преку нас.“ – Патот кон Христа, 63.

Петок 14. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Во каков однос е Светиот Дух со Отецот и Синот?

2. Како Светиот Дух работи да ја втисне вистината во умот?

3. Како знаеме дека Светиот Дух делува во нечиј живот?

4. Како Светиот Дух посредува за нас?

5. Како што Светиот Дух раѓа нов живот во срцето, што ќе нѐ наведе да правиме секој ден?

Сподели го ова:

Слични објави