01 Создателот и Неговото создавање
1. лекција Сабота, 1. април 2017
Создателот и Неговото создавање
„Потоа Бог рече: „Да создадеме човек според Нашиот образ (и) според Нашето подобие како што сме Ние, кој ќе биде господар над морските риби, над небеските птици, (над ѕверовите) и над добитокот – над целата земја и над сите гадинки што лазат по земјата!”.“ – Битие 1,26.
„Кога била создадена земјата со сето изобилство на животинскиот и растителниот свет, на сцената е изведен човекот – круна на Божјото создавање, суштество на кое земјата со сиот свој сјај и му била наменета.“ – Патријарси и пророци, 44.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патријарси и пророци, 33-51.
Недела 26. март
1. РАДОСТА НА СОЗДАВАЊЕТО
а. Како Библијата го опишува сето она што Бог го создал? Битие 1,31.
„Кога земјата излегла од рацете на својот Творец, била совршено убава. Нејзината површина била украсена со гори, со ритчиња и со рамнини… прекрасни реки и… пријатни езера… Каде и да се запрел погледот, прекрасни грмушки и милно цвеќе го пречекувале со поздрав… Севкупната слика на земјата го надминувала по својата убавина секој, и најубаво уреден парк. Војските ангели со восхит ја посматрале оваа глетка и му се радувале на прекрасното Божјо дело.“ – Патријарси и пророци, 44.
б. Што треба да нѐ наведе да го славиме Бога? Псалм 139,14.
„Вистинскиот доказ за живиот Бог, не е само во теоријата; туку во уверувањето кое Бог го запишал во нашето срце и го осветлил и објаснил со Своето Слово. Тоа се наоѓа во животната сила на Неговите создадени дела, ако се гледаат со очи просветлени од страна на Светиот Дух.“ – 8 Сведоштво, 325.
Понеделник 27. март
2. ЦЕЛТА НА СОЗДАВАЊЕТО НА НАШИОТ СВЕТ
а. Што учи Библијата за потеклото на сите создадени нешта? Битие 2,4; Колосјаните 1,16.
„Господарот на вселената во својот добротворен потфат не бил сам. Тој имал Соработник кој мoжел правилно да ги сфати Неговите намери и заедно со Него да се радува затоа што создадените суштества се направени среќни… Отецот дејствувал преку Христа и кога ги создавал небесните суштества “ – Патријарси и пророци, 34.
„Бог зборувал, а Неговите зборови ги создавале Неговите дела во светот на природата. Божјото создавање е резервоар на средства подготвени за Него, да може да ги употреби веднаш кога Му е угодно.“ – Lift Him Up, p. 66.
б. Со која цел Бог го создал светот? Исаија 45,18; Откровение 4,11.
„Бог ја создал Земјата да биде престојувалиште на свети, среќни битија. Оваа цел ќе се исполни кога обновена со Божјата сила и ослободена од гревот и страдањето, таа ќе стане вечен дом на спасените.“ – Темели на среќниот дом, 540.
в. Како Адам и Ева биле создадени, и каков план Бог имал за нив? Битие 1,26; Псалм 8,5.6.
„Создадени да бидат “обличје и слава Божја” (1. Коринтјаните 11:7), Адам и Ева примиле дарови достојни за својата висока одредба. Складни и сразмерни по обликот, со правилни и убави црти на лицето, со појава која дишела со здравје и зрачела со радост и надеж, тие со својата надворешност биле слични на ликот на својот Создател. Оваа сличност не се откривала само во нивната физичка природа. Секоја нивна духовна и душевна способност ја одразувала славата на Создателот. Надарени со високи душевни и духовни дарови, Адам и Ева биле создадени “само малку подолу од ангелите” (Евреите 2:7), за да можат да ги забележуваат не само чудесата на видливата вселена туку и да ги разберат своите морални одговорности и обврски.“ – Воспитување, 20.
Вторник 28. март
3. ЈЕХОВА, ВИСТИНСКИ И ЖИВ БОГ
а. Како Господ, вистинскиот Бог, се разликува од другите богови? Еремија 10,11.12.
„На секој лист во шумата и на секој камен во планината, на секоја блескотна ѕвезда, на земјата, во воздухот и на небесниот свод, за нив било напишано Божјето име. Поредокот и хармонијата на сѐ што е создадено им зборувале за бесконечната мудрост и сила.“ – Патријарси и пророци, 51.
б. Зошто Бог, повеќе од кој било друг, ја заслужува нашата целосна послушност и почит? Исаија 42,5; 45,5; Псалм 139,13.15.16.
„Вечниот, жив и недосеглив Јехова, кој нема ниту почеток ниту крај, кој не е некое создадено суштество, е единствен Извор на животот и Творец на сѐ што е создадено, Оној кој сѐ одржува и само Нему треба да му се поклонуваме и да го обожаваме. На луѓето им е забрането на кого било или на што било друго да му даваат прво место во својата наклоност или служба. Ако цениме или сакаме што било друго што на некој начин води кон намалување на нашата љубов кон Бога или оди на штета на службата што му ја должиме Нему, тогаш веќе од тоа си создаваме себеси друг бог.“ – Патријарси и пророци, 305.
в. Што можеме да научиме од ставот кој ангелите го имаат кон Бога? Исаија 6,1-3; Псалм 96,8.4.
„Однесувањето на сите оние што излегуваат пред Бога треба да ги краси понизност и страхопочит. Во Исусово име ние можеме да излеземе пред Него со полна доверба, но не смееме да Му се приближиме со дрска вообразба како Тој да е еднаков со нас. Има и такви кои на семожниот и свет Бог, кој се наоѓа во недосеглива светлина, Му се обраќаат така како што би ословиле некој на себеси рамен или дури на понизок од себе. Има такви кои во своето однесување во Неговиот дом се чувствуваат послободни отколку што би се осмелиле да бидат во приемната просторија на некој земен властодржец. Тие би требало да имаат на ум дека се наоѓаат во присуство на Оној на кого му се клањаат серафими и пред кого ангелите ги засолнуваат своите лица. На Бога му припаѓа највисока почит и сите што навистина го чувствуваат Неговото присуство, понизно пред Него ќе се поклонат.“ – Патријарси и пророци, 252.
„Секој маж и жена, кој е вистински следбеник на Исус, ќе покаже дека го љуби Бога над сѐ друго… Ние сме Негови созданија, дело на Неговите раце, и Тој со право бара почит, чест и љубов.“ – The Signs of the Times, March 4, 1897.
Среда 29. март
4. БОГ КОЈ ДАВА ЖИВОТ
а. Како Бог му дал живот на првиот човек? Битие 2,7. Поради Неговата способност да дава живот, како Бог е опишан? Псалм 36,9.
„Кога Бог го создал човекот според Својот лик, човечката форма била совршена во сè, но немала живот. Тогаш лично, само-постоечкиот Бог, вдахнал во таа форма животен здив и човекот станал живо, интелигентно битие. Сите делови на човечкиот организам почнале да работат.“ – Здравје и среќа, 415.
„Срцето што отчукува, пулсот што бие, секој нерв и мускул во живиот организам се одржува во ред и активност со силата на секогаш присутниот Бог.“ – Здравје и среќа, 417.
б. Што Аврам верувал за Божјата способност да го поврати животот? Евреите 11,19.
„Кога (таткото и синот) пристигнале на местото, кое Бог му го покажал на Аврам, тој подигнал таму жртвеник и поставил на него дрвја, подготвувајќи сѐ за жртвата, а потоа го информирал Исак дека според Божјата заповед треба да го принесе како жртва сепаленица. Му го повторил ветувањето кое Бог неколку пати му го дал, дека преку Исак, од него, ќе настане голем народ и дека Бог, иако издал заповед да го принесе на жртва, сепак преку него ќе го исполни Своето ветување, бидејќи Тој е во состојба да го воскресне од мртвите.“ – The Story of Redemption, p. 82.
в. Како оваа сила ќе се манифестира во иднина? Римјаните 8,11; 1 Коринтјаните 15,51-54.
„Земјата страшно се тресе додека Синот Божји ги повикува светиите коишто спијат. Тие одговорија на повикот и излегоа облечени со славна бесмртност… Тогаш живите свети и воскреснатите ги подигаат своите гласови, долго и занесно воскликуваат во слава на победата. Верниците чии тела беа положени во гробот носејќи белег на болест и смрт, излегуваат од гробот во бесмртно здравје и сила. Живите свети се преобразуваат одеднаш, ‘за еден миг на око’и заедно со воскреснатите, се вознесуваат во воздухот, каде го среќаваат својот Господ.“ – Рани списи, 287.
Четврток 30. март
5. СОЗДАДЕНИ КАКО ДЕЛ ОД БОЖЈОТО СЕМЕЈСТВО
а. Како е опишан односот на Адам со Бога? Битие 1,27; Лука 3,38. Каква била неговата природа пред падот?
„На човекот му било доделено да биде Божја слика и според надворешниот изглед и според карактерот. Единствено Христос е „сјај на славата” (Евреите 1,3) на битието на Отецот, додека човекот е создаден според Божјиот лик. Неговата природа била во целосна хармонија со Божјата волја. Неговиот ум бил во состојба да го сфати она што е божествено. Склоностите му биле чисти; разумот владеел над неговите желби и страсти. Чувствувал среќа и светиња во тоа што на себе го носел Божјиот лик и што живеел во полна хармонија со Неговата волја.
Кога излегол од рацете на својот Творец, Адам имал висока става и совршени размери. Лицето му било румено, оддавајќи здравје и озарено од светлина на живот и радост. Бил многу повисок од луѓето што живеат денеска на земјата. Ева била малку пониска, но сепак со величествена става и многу убава.“ – Патријарси и пророци, 45.
б. Каква слобода Бог и дава на секоја душа? Римјаните 14,12,5 (последен дел).
„Бидејќи законот на љубовта е основа на Божјото владеење, среќата на сите со разум надарени суштества зависи од нивната целосна согласност со Неговите големи начела на правдата. Бог сака сите Негови созданија да Му служат од љубов, нивната служба да произлегува од нивната почит кон Неговиот карактер. Нему не му е мила изнудена послушност и затоа на сите им дава слобода и право доброволно да Му служат.“ – Патријарси и пророци, 34.
Петок 31. март
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Какво подлабокото разбирање на Бога влијае на нашиот однос со Него?
2. Која била Божјата намера при создавањето?
3. Како послушноста на Бога и Неговата волја ќе ни помогнат да Го почитуваме?
4. Како нашето постоење зависи од Јехова?
5. Зошто Бог ни дал слобода на избор во нашиот однос со Него?