13 Свештенството на Христос

Сподели го ова:

13. лекција – 25. јуни 2016.

Свештенството на Христос

„А најважното од ова што го зборуваме, е дека имаме таков Првосвештеник, Кој седна од десната страна на престолот на величието на небесата, и е служител на светилиштето и на вистинската скинија, што ја постави Господ, а не човек.“ – Евреите 8,1.2.

„Христовото посредување за човекот во небесното светилиште е исто толку важно во планот на спасението колку и Неговата смрт на крстот.“ – Големата борба, 505.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Големата борба, 421-446.

Недела 19. јуни

1. СВЕШТЕНИК ПО РЕДОТ НА МЕЛХИСЕДЕК

а. Според кој ред на свештенството Христос бил помазан за свештеник и цар? Евреите 6,20. Што било запишано за Мелхиседек? Евреите 7,1-4; 14,18-20.

„Христос бил Оној кој зборувал преку Мелхиседек, свештеник на севишниот Бог. Мелхиседек не бил Христос, но бил Божји глас во светот, претставник на Отецот.“ – Одбрани пораки 1, 393.

б. Во која светиња Христос влегол да служи, откако е воведен во свештеничка служба по редот на Мелхиседек? Евреите 8,1.2. Што се случило со земното светилиште и нејзината служба? Матеј 27,50.51.

„Раскинувањето на завесата во Храмот покажа дека еврејските жртви и прописи повеќе нема да бидат примени. Големата Жртва била принесена и прифатена и Светиот Дух кој се симна на денот на Педесетница ги посочи умовите на учениците од земното светилиште кон небесното, каде Исус влезе со Својата крв, за да ги излее врз Своите ученици заслугите од Неговото помирување… Небесното светилиште го зазеде местото на земното…“ – Рани списи, 214.
Понеделник 20. јуни

2. ВО БОЖЈО ПРИСУСТВО

а. Која е една од Христовите служби, како наш Првосвештеник? 1 Тимотеј 2,5. Каде Христос мора да биде како би ја извршил својата посредничка служба? Евреите 8,1; Колосјаните 3,1.

б. Каде се наоѓал Божјиот престол кога Јован во визија го видел Христа како врши служба за својот народ набргу по Неговото вознесение? Откровение 4,2.5; 8,3.4.

„Светите места на небесното Светилиште се претставени со помош на две одделенија во Светилиштето на земјата. Кога на апостол Јован во визија му било дозволено да го погледне Божјиот храм на небото, тој видел ‘пред престолот гореа седум огнени светила’ (Откровение 4,5). Видел ангел ‘со златна кадилница и застана пред жртвеникот; и му беше даден многу темјан, та со молитвите на сите светии да го постави на златниот жртвеник што беше пред престолот’ (Откровение 8,3). Тука на пророкот му било дозволено да го види првото одделение на Светилиштето на небото каде што видел ‘седум огнени светила’ и ‘златен жртвеник’, кои биле претставени со златниот светилник и со кадилниот олтар во Светилиштето на Земјата.“ – Големата борба, 427.

в. Како Павле го поткрепува Јовановото сведоштво дека Исус со својата крв влегол во првото одделение, наречено светиња? Евреите 9,8.11.12.

г. Како можеме да знаеме дека кочијата на Божјиот престол не е трајно прикачена за Ковчегот на заветот во светињата над светињите туку дека може да се движи од едно место до друго? Езекиел 1,15-17.24-26.

„Видов како Отецот стана од престолот и на огнени кочии отиде во Светињата над светињите зад завесата, и таму седна. Потоа, од престолот стана и Исус, а повеќето од оние што клечеа станаа со Него.“ – Рани списи, 44.

Вторник 21. јуни

3. „ЗАД ЗАВЕСАТА“

а. Кои други изрази Библијата ги користи за да го опише првото одделение на небесното Светилиштето, каде што Христос влегол по неговото вознесение? Евреите 6,18-20; Броеви 4,25.26.

„Службата на свештеникот во текот на целата година во првото одделение на Светилиштето, во внатрешноста ‘зад завесата’, што служела како врата и го делела Светилиштето од тремот, го претставувала делото што го почнал Христос по Своето вознесување… Така Христос ги изнесува пред Отецот заслугите на својата крв за спасение на грешниците и со скапоцениот темјан на својата сопствена праведност му ги принесува молитвите на покајаните верници. Тоа била службата што се одвивала во првото одделение на небесното Светилиште.“ – Големата борба, 433.

б. Ако свештеникот, доаѓајќи од Светилиштето, влегол ‘зад завесата’ каде што се наоѓал ковчегот, на која завеса се мислело, и на кое одделение се однесувал изразот ‘зад завесата’? Евреите 9,3; Излез 26,31-33; Левит 16,2.15.

„Еднаш годишно, на големиот Ден на чистење… пред вратата на шаторот за состанок биле доведени два јарци. За нив се фрлала ждрепка… Јарецот што би бил одреден за Господа требало да биде принесен за народот како жртва за грев. Свештеникот неговата крв ја внесувал зад завесата и со неа прскал над поклопецот на престолот на милоста и пред него.“ – Големата борба, 431.432.

в. Како вдахновението, исто така, го користи изразот ‘зад завесата’ да го означи Светилиштето во целост, без да се однесува конкретно ниту за првото ниту за второто одделение? Броеви 18,5.7 (Забелешка: ‘жртвеникот и ’светилиштето’ од 5. стих се паралелни со изразите ‘жртвеник’ и ‘зад завесата’ во 7. стих).

„Оние што се подготвени да го земат сето Божјо оружје и секој ден да посветат некое време за побожно размислување, во молитва и во проучување на Светите списи ќе одржуваат постојана врска со небото и ќе шират спасоносно влијание на сите кои се наоѓаат околу нив… Нивните искрени молитви ќе влезат зад завесата.“ – 5 Сведоштво, 105.106.

Среда 22. јуни

4. ЗАКОНОТ ЗАПИШАН ВО СРЦЕТО

а. Како свештеник во небесното светилиште, според кој завет Христос врши посредничка служба за нас? Евреите 8,6; 9,11.

„(Евреите 8,1.2). Овде е откриено Светилиштето на Новиот завет. Светилиштето на првиот завет го направил човек. Него го изградил Мојсеј; а ова, второво, го направил Бог, а не човек. Во првото Светилиште вршеле служба земни свештеници, а во второто служи Христос, нашиот врховен Поглавар свештенички, од десната страна на Бога. Првото Светилиште било на земјата, а второто е на небото.“ – Големата борба, 425.

б. Која божествена намера Христовата служба мора да ја постигне во срцата на оние кои се под новиот завет? Евреите 8,8-11. Што значи да се има законот запишан во срцето? Римјаните 2,14.15; Тит 2,14.

„Оној кој го има Божјиот закон запишан во срцето повеќе ќе се покорува на Бога отколку на луѓето, и побрзо ќе им откаже послушност на луѓето отколку и во најмалку да отстапи од Божјата заповед.“ – 1 Сведоштво, 327.
„Ако Божјиот закон е запишан во срцето тоа ќе биде откриено во чистиот и свет живот… Сите што го љубат Исуса и ги пазат заповедите ќе се обидуваат да избегнат појава на грев… Тие нема да се чувствуваат само-доволни, туку ќе имаат доверба во Бога кој единствен може да ги сочува од секаков грев и нечистотија.“ – Преглед и Гласник, 17. мај, 1887.

в. Во каква состојба Христос мора да ја донесе црквата, ако сака големата борба меѓу него и сатаната да заврши во негова корист? Ефесјаните 4,11-14; 5,25-27.

„Дури ниту со една единствена мисла нашиот Спасител не попуштил пред силата на искушението… Сатаната не можел да најде во Божјиот Син ништо што би му овозможило да извојува победа над него. Исус ги одржал заповедите на својот Отец и кај него немало грев со кој сатаната би можел да се послужи во своја корист. Тоа е состојба во која мора да се најдат сите што сакаат да се одржат во времето на големата неволја.“ – Големата борба, 649.

Четврток 23. јуни

5. ДА СЕ ДОБИЕ ПРОШКА ЗА НЕГОВИОТ НАРОД

а. Кој пред Бога се застапува за нас, и со кој аргумент Тој се служи за да ни обезбеди прошка за нашите гревови? Евреите 9,11-15.22; 7,25.

„Ние имаме воскреснат Господ кој се искачил во висините, кој секогаш живее за да посредува за нас… во присуство на Отецот, принесувајќи ја својата крв за простување на нашите гревови.“ – Преглед и Гласник, 21. септември, 1886.

б. Какво охрабрување им се дава на оние кои се обесхрабрени поради своите гревови и несовршенство на карактерот? 1 Јованово 1,9; 2,1.2; Евреите 12,2.3.

„Верувајте дека Исус ве сака, и ако погрешите во вашите напори да бидете послушни на вистината, немојте да чувствувате дека мора да се грижите и плашите, да се откажете од вашата доверба во Бога, да мислите дека Бог ви е непријател… Вие самите не можете да се исчистите од нечистотијата. Сите ваши товари донесете ги кај Исус. Тој ќе ви помогне. Тој не сака вие да се двоумите и да очекувате дека со вашите добри дела ќе ги помирите гревовите или ќе се направите себеси праведни. Надевајте се во заслугите на крвта на распнатиот и воскреснатиот Спасител.“ – The Upward Look, 376.
„Често ќе мораме да се поклонуваме и плачеме пред Исусовите нозе поради нашите мани и недостатоци, но не треба да се обесхрабриме. Дури и ако непријателот нѐ совлада, ние не сме отфрлени, Бог не нѐ напуштил. Не, Христос е од десната страна на Бога и Тој се застапува за нас.“ – Reflecting Christ, 123.

Петок 24. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Кое било значењето на кинење на завесата во храмот при Христовата смрт на крстот?
2. Како знаеме дека двете одделенија во небесното светилиште одговараат на оние во земното светилиште?
3. Кои се трите значења на поимот ‘зад завесата’ кои што се користат од страна на вдахновените списи?
4. Што значи да се има Божјиот закон запишан во срцето?
5. Какво охрабрување им се дава на заблудените членови на Христовата црква?

Сподели го ова:

Слични објави