12 Христовото вознесение
12. лекција – 18. јуни 2016.
Христовото вознесение
„И ги изведе надвор до Витанија, па кога ги подигна рацете, ги благослови. И додека ги благословуваше, се оддели од нив и се вознесе на небото.“ – Лука 24,50.51.
„Истиот Исус кого тие го виделе како се вознесува на небото треба повторно да дојде на сличен начин како што се вознел. Ова сигурност отсекогаш била, и ќе биде до крајот на времето, надеж и радост за сите оние кои искрено го љубат Бога.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 3, 254.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 720- 725.
Недела 12. јуни
1. КРАТКА ПОСЕТА НА ОТЕЦОТ
а. Што ѝ рекол Исус на Марија Магдалена кога таа прва го препознала по неговото воскресение? Јован 20,14-17.
б. Врз основа на неговиот одговор на Марија, што укажува на тоа дека Исус подоцна се вознел на небото во недела наутро и се вратил истиот ден? Јован 20,19-27; Матеј 28,18.
„Исус одбил да прими почест од својот народ додека на добил гаранција дека Отецот ја прифаќа неговата жртва. Тој се вознел на небесните дворови и лично од Бога добил уверување дека неговата жртва на помирување за гревовите на луѓето е доволна, дека со неговата крв сите ќе можат да добијат вечен живот. Отецот го потврдил заветот што му го дал на Христа дека ќе ги прифати луѓето што се каат и што се послушни и дека ќе ги сака онака како што го сака својот Син. Христос требало да го заврши своето дело и да го исполни својот завет ‘човекот да вреди повеќе од претопено злато, повеќе од злато офирско’ (Исаија 13,12). Сета власт на небото и на земјата му е дадена на Кнезот на животот, а Тој, се вратил кај своите следбеници во светот на гревот за да може да им ја подари својата сила и слава.“ – Копнежот на вековите, 686.
Понеделник 13. јуни
2. ХРИСТОВИТЕ ПОСЛЕДНИ ДЕНОВИ НА ЗЕМЈАТА
а. Колку долго Исус останал на земјата после своето воскресение, и кои се некои од работите што ги направил со неговите следбеници во текот на тој период? Дела 1,1-3; Лука 24,45.46.
„Уште четириесет дена Христос останал на земјата, подготвувајќи ги учениците за делото што стоело пред нив и објаснувајќи им го она што до тогаш не можеле да го сфатат. Им зборувал за пророштвата што се однесувале на неговото прво доаѓање, за тоа како Евреите го отфрлиле, како и за својата смрт, укажувајќи им дека секоја подробност на тие пророштва буквално се исполнила. Им објаснил дека тоа исполнување на пророштвата мораат да го сметаат како доказ за силата што ќе ги придружува во нивната идна работа…
Во текот на тие денови што Христос ги поминал со своите ученици, тие се здобиле со ново искуство. Кога нивниот сакан Учител им го објаснувал Писмото во светлината на сето она што се случило, нивната вера во него наполно се утврдила.“ – Делата на апостолите, 20.
б. Пред да се вознесе на небото, каков налог Исус им дал на своите ученици, и колку далекусежно е тоа дело? Марко 16,15; Матеј 28,19.20. Каде требало да започне нивното дело на проповедање, и зошто? Дела 1,8.
„Пред да се вознесе на небото, Христос им одредил задача и им дал налог на своите ученици… ‘Вие бевте сведоци на мојот самопрегорен живот за добро на светот’, им рекол. Ги видовте моите заложби за Израел. И покрај тоа што мојот народ… ме отфрли, сепак, уште еднаш ќе им дадам можност да го примат Божјиот Син. Видовте дека со задоволство ги примам сите што доаѓаат кај мене и што ги признаваат своите гревови. Јас никогаш нема да го отфрлам оној што ќе дојде кај мене. Вие сте мои ученици и вам ви ја доверувам оваа порака на милост. Тоа морате да им го пренесете и на Евреите и на незнабошците. Одете прво кај Израел, а потоа кај сите племиња, јазици и народи.“ – Делата на апостолите, 20.21.
„Во Ерусалим мнозина тајно верувале дека Исус од Назарет е Месија, а мнозина биле измамени од страна на свештениците и поглаварите. Ним требало да им се објави евангелието и да се повикаат на покајание. Морала јасно да се објави чудесната вистина дека проштавање на гревовите може да се добие само преку Христа. И токму тогаш, додека цел Ерусалим бил возбуден со потресните настани од минатите неколку седмици, проповедањето на учениците требало да остави најдлабок впечаток.“ – Делата на апост., 23. 24.
Вторник 14. јуни
3. ХРИСТОС ПО ВТОРПАТ СЕ ВОЗНЕСУВА НА НЕБОТО
а. Кое конкретно место во Витанија Исус го избрал како место за неговото вознесение на небото? Лука 24,50.51. Кои други искуства го направиле ова место незаборавно за Христа?
„Како место за своето вознесение Исус го одбрал местото што толку често било посветено со неговото присуство додека престојувал меѓу луѓето… Шумичките и долинките на оваа гора биле посветени со неговите молитви и солзи. Од нејзините брегови одекнувале победоносните извици на мноштвото што го прогласило за цар. На нејзините коси падини нашол дом кај Лазар во Витанија. Во Гетсиманската градина, на нејзиното подножје, Тој сам се молел и страдал. Од оваа гора требало да се вознесе на небото.“ – Копнежот на вековите, 720.
б. Како ангелите ги утешиле учениците при Исусовото вознесување? Дела 1,9-11.
„Она што на учениците им било најдрагоцено во врска со Исусовото вознесение е фактот дека Тој од нив отишол во физички облик на нивниот божествен Учител. Истиот оној Исус кој одел, разговарал и се молел со нив; кој го кршел лебот со нив; кој бил со нив во нивните чамци на езерото; кој со нив барал спокој во шумите; и кој истиот тој ден се качувал со нив по стрмните ридови на Маслинската Гора – се вознел на небото во човечки облик.“ – The Spirit of Prophecy, vol. 3, 254.
в. Зошто било полезно Исус да оди на небото? Јован 16,7; 14,16.26.
„Светиот Дух е Христов претставник, но лишен од човечки лик, и независен од него. Оптоварен со човечка природа, Христос не можел да биде лично на секое место. Затоа во нивен интерес било Тој да се врати кај Отецот, а Светиот Дух да биде Негов наследник на земјата. Тогаш никој нема да има било каква предност поради неговата локација или неговиот личен допир со Христа. Со посредство на Духот, Спасителот ќе биде достапен до сите и на секое место. Во оваа смисла Тој ќе биде поблиску за нив отколку да не се вознел на небото.“ – Копнежот на вековите, 583.
Среда 15. јуни
4. СЛАВНО ВЛЕГУВАЊЕ ВО БОЖЈИОТ ГРАД
а. Кој уште се вознел со Христа на небото, и каков бил приемот пред да влезат во Божјиот град? Матеј 27,52.53; Ефесјаните 4,8; Псалм 24,7-10.
„Додека (Спасителот) се вознесувал Тој го предводел патот, а мноштво на заробеници, кои Тој ги воскреснал од мртвите во моментот кога Тој излегол од гробот, го следело. Небесна војска го придружувала со песни на радост и триумф.“ – Знаци на времето, 31. октомври, 1895.
„Тогаш вратата на Божјиот град се отворила ширум и мноштво ангели поминало низ портата придружувано со звуци на величествена музика…
Тука се заповедниците на небесната војска и Божјите синови, претставници на безгрешните светови. Небесниот совет, пред кој Луцифер го обвинил Бога и неговиот Син, претставници на оние безгрешни царства над кои сатаната планирал да го основа своето владеење – сите се наоѓале овде да го поздрават Откупителот со добредојде. Тие се желни да ја поздрават неговата победа и да го издигнат како свој Цар.“ – Копнежот на вековите, 724.
б. Што Исус барал за своите ученици, и што Отецот изјавил за нив? Јован 17,24; Ефесјаните 1,6.
„Пред да бидат поставени темелите на Земјата, Отецот и Синот… си ги стегнале рацете и свечено се заветувале дека Христос ќе стане гаранција за човечкиот род. Христос го исполнил ова свечено ветување. Кога на крстот извикал: ‘Се сврши’, му се обратил на Отецот. Спогодбата во целост е исполнета. Сега изјавил: Оче, свршено е. Ја исполнив твојата волја, Боже мој. Го извршив откупот. Ако е твојата праведност задоволена ‘сакам оние што ми ги даде да бидат со мене каде што сум јас’ (Јован 19,30; 17,24).
Се слушнал Божјиот глас како објавува дека правдата е задоволена. Сатаната е победен. Христовите следбеници, кои се мачеле и се бореле на земјата, се прифатени во ‘Возљубениот’ (Ефесјаните 1,6). Пред небесните ангели и пред претставниците на непаднатите светови се прогласени за оправдани… Рацете на Отецот го прегрнале Синот и издадена е заповед ‘да му се поклонат сите Божји ангели’ (Евреите 1,6)“ – Копнежот на вековите, 724.725.
Четврток 16. јуни
5. ХРИСТОВОТО УСТОЛИЧУВАЊЕ
а. Со кои зборови небесните ангели го фалеле Исуса? Откровение 5,12.
„Со неискажлива радост кнезовите, поглаварите и силите ја признале врховната власт на Кнезот на животот. Небесните војски паднале ничкум пред него, додека низ небесните дворови се ореле триумфални извици: ‘Достојно е Јагнето, кое беше заклано, да прими моќ, богатство, мудрост, сила, чест, слава и благослов’ (Откровение 5,12).“ – Копнежот на вековите, 725.
б. Која церемонија била изведена за Христа, и кое ветување за неговите ученици веднаш се исполнило штом тој ритуал бил завршен? Јован 16,7-13; Дела 1,8; 2,1-4.
„Христовото вознесување на небото претставувало знак дека неговите следбеници ќе го добијат ветениот благослов. Токму тоа тие и го очекувале пред да пристапат кон своето дело. Враќајќи се повторно на небото, Христос бил свечено устоличен со најдлабока почит и обожавање од страна на сите ангели. Штом завршил овој обред, Светиот Дух слегол во обилни млазеви врз учениците и Христос навистина е прославен со славата што ја имал со Отецот од создавањето на светот. Излевањето на Светиот Дух на денот Педесетница, претставувало небесно соопштение дека е извршено крунисување на Откупителот. Според даденото ветување, Тој им го пратил од небото на своите следбеници Утешителот како знак дека Тој, во својство на свештеник и цар, ја примил сета власт на небото и на земјата и дека овде навистина бил Помазаник над својот народ.“ – Делата на апостолите, 28.29.
Петок 17. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Како Исус можел да провери дали неговата жртва за гревот е прифатена од страна на Отецот?
2. Како можеме, како и учениците, да бидеме сведоци за Исуса во проповедањето на Евангелието?
3. Кој посебен благослов Утешителот го донесува на целиот човечки род?
4. Кој присуствувал на церемонијата на Христовото устоличување?
5. На која положба е поставен Христос при неговото устоличување на небото?