11 Христовото воскресение

Сподели го ова:

11. лекција – 11. јуни 2016.

Христовото воскресение

„Браќа, ви напоменувам за Евангелието, Кое ви го проповедав… дека Христос умре за нашите гревови, според Писмата; дека Тој беше погребан и дека на третиот ден воскресна, според Писмата.“ – 1 Коринтјаните 15,1.3.4.

„Исусовото воскресение било слика на конечното воскресение на сите оние што починале во Него. Ликот на воскреснатиот Спасител, неговото однесување, неговиот говор, сето тоа им било познато на учениците. Како што Исус станал од мртвите, така и оние кои спијат во него повторно ќе станат.“ – Настани на последното време, 230.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Копнежот на вековите, 678-689.

Недела 5. јуни

1. ХРИСТОС ГО НАЈАВУВА СВОЕТО ВОСКРЕСЕНИЕ

а. Како Христос ја претскажал својата смрт и воскресението? Матеј 20,18.19.

б. Што еврејските водачи правеле во сабота за да го спречат исполнувањето на Христовите зборови во поглед на неговото воскресение? Матеј 27,62-66. Што можеме да научиме од жените кои подготвиле мириси за Исуса? Лука 23,55.56.

„Свештениците дале упатства за обезбедување на гробот. Пред отворот е поставен голем камен. Преку овој камен поставиле јаже, ги прицврстиле краиштата за карпата и ги запечатиле со римски печат. Каменот не можел да се помести без да се скрши печатот. Стражата од стотина војници, поставена околу гробот, лесно можела да спречи секој непознат да се матка околу него. Свештениците сториле сѐ што можеле да го задржат Христовото тело таму каде што било положено. Тој бил толку сигурно запечатен во својот гроб, како да требало така да остане за сите времиња.“ – Копнежот на вековите, 677.

Понеделник 6. јуни

2. ПРИЗОР НА ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ

а. Според сведочењето на апостолите, кој го воскреснал Исуса? Дела 2,32; 13,33. Кого Отецот го пратил да го повика Исуса назад во живот? Матеј 28,1-3.

„Овој гласник ја заземал положбата од која паднал сатаната… Војниците го гледаат како го отстранува каменот како некое каменче и го слушаат како извикнува: ‘Сине Божји, те вика твојот Отец, стани!’ Го гледаат Исуса како излегува од гробот и ја слушаат неговата објава над разурнатиот гроб: ‘Јас сум воскресение и живот!’ Додека излегува во величество и слава, ангелските војски длабоко се поклонуваат пред Откупителот и го поздравуваат со добредојде со песна и фалба.“ – Копнежот на вековите, 678.

б. Кој дел од божеството на Синот Божји делувал во воскреснувањето на Неговото човечко тело? Јован 2,19-22; 10,17.18.

„Кога се слушнал гласот на моќниот ангел крај Христовиот гроб како зборува: ‘Те вика твојот Отец’, Спасителот излегол од гробот со животот што се наоѓал во него самиот… Сега се исполнило пророштвото што го кажал пред свештениците и поглаварите: ‘Урнете го овој храм и за три дни ќе го подигнам’ (Јован 2,19).“ – Копнежот на вековите, 681.682.

в. Како римските стражари и злите ангели кои го чувале гробот реагирале кога го виделе Христа како воскреснува? Матеј 28,4; Во што сатаната се уверил при Христовото воскресение?

„Римските стражари ги опфатил ужасен страв. Каде е сега нивната сила да го задржат Христовото тело во гробот? Веќе не мислеле ниту на својата должност ниту на можноста учениците да го украдат Исусовото тело. Кога ги осветлила светлината на ангелите, посветла од светлината на сонцето, римските стражари паднале како мртви на земјата…
Пред блескавата и продорна светлина на небесните ангели, ангелите на сатаната биле принудени да побегнат… На сатаната му било потполно јасно дека и тој, тогаш кога ќе му дојде времето, ќе мора да умре, а неговото царство ќе му биде вратено на Оној кому со право и му припаѓа. Плачел од бес што и покрај сите негови напори не успеал да го победи Исуса, и што сега на човекот му е отворен патот на спасението по кој секој може да оди и да се спаси.“ – Рани списи, 150.151.
Вторник 7. јуни

3. ПОДИГНАТ НА ВЕЧЕН ЖИВОТ

а. Како Исус им објаснил на своите ученици дека Тој воскреснал како човечко битие, со физичко тело, а не како духовно битие, како ангелите? Лука 24,36-40. Кога тие се посомневале во тоа, што Тој сторил за да ги отстрани нивните сомнежи? Лука 24,41-43.

б. Како Библијата го опишува воскреснатото тело на Христос? Филипјаните 3,21. Во што Христовото воскреснато тело се разликува од нашето сегашно смртно тело? Римјаните 6,9.10; Евреите 7,16.

в. Каков план сатаната направил за да го уништи влијанието на Христовото воскресение, и на кој начин тој е спроведен во дело? Матеј 28,11-15.

„Сатаната им наредил (на злите ангели) да одат кај свештениците и старешините, велејќи им: ‘Успеавме да ги измамиме, заслепувајќи им ги очите и стврднувајќи им ги срцата да не го примат Христа. Ги наведовме да Го сметаат за измамник. Римските стражари ја пренесоа оваа лоша вест за Христовото воскресение. Ние успеавме свештениците и старешините да ги наведеме да го мразат и да го убијат Исуса. Сега предочете им дека народот, доколку дознае дека воскреснал Исус, ќе ги каменува затоа што предале на смрт невин човек…
Затоа одлучиле да ги поткупат римските војници никому да не му кажуваат за тоа. На стражарите им понудиле голема сума на пари… А кога стражарите прашале што ќе се случи со нив затоа што спиеле на стражарско место, еврејските водачи им ветиле дека тие ќе го средат тоа со Пилат и дека нема да има никакви негативности по нив. Римските стражари својата чест и искреност ги продале за пари, и се согласиле да го следат советот на свештениците и старешините.“ – Рани списи, 151.152.
„Тогаш на војниците им е речено да шират лажен извештај… Овде свештениците се измамиле. Како можат војниците да кажат дека учениците го украле телото додека спиеле? Кога би спиеле, како би можеле да го знаат тоа? А кога би се докажала кражбата на Христовото тело, зар свештениците не би биле први што би ги осудиле? Или, ако стражата спиела крај гробот, зар свештениците не би биле први да ги обвинат кај Пилата?.“ – Копнежот на вековите, 680.

Среда 8. јуни

4. ТРОФЕИ НА ХРИСТОВАТА ПОБЕДА

а. Кои противмерки Бог однапред ги испланирал за да го отфрли прикривањето што сатаната го осмислил? Матеј 27,50-53.

„Кога Исус висејќи на крстот извикал: ‘Се сврши’, земјата се затресла, карпите се расцепиле и се отвориле некои гробови. Кога Тој станал како победник над смртта и гробот… многу изумрени праведници, послушни на неговиот повик станале од своите гробови за да бидат сведоци на неговото воскресение. Овие посебно почестени светци, излегле од своите гробови облечени во слава. Тоа биле избрани светии од сите времиња, почнувајќи од создавањето па сѐ до Христовото време. И додека еврејските старешини се обидувале да ја прикријат вистината за Христовото воскресение, Бог ја воскреснал оваа група праведници за да посведочат за Христовото воскресение и да ја објавата неговата слава…
Оние кои по Христовото воскресение биле подигнати од мртвите, им се појавиле на мнозина и им посведочиле за тоа дека жртвата за човекот е завршена и дека Исус, кој беше распнат од Евреите, воскреснал од мртвите и како непобитен доказ за вистинитоста на своето тврдење тие изјавиле: ‘И ние воскреснавме со Него’. Посведочиле дека со помош на неговата моќна сила тие биле повикани да излезат од своите гробови.“ – Рани списи, 152.153.

б. Кое старозаветно пророштво го исполниле луѓето што биле подигнати при Христовото воскресение? Исаија 26,19. Според што овие воскреснати светци се разликувале од оние кои воскреснале пред Неговата смрт? Јован 11,43.44; Лука 7,11-15.

„Исус за време на својата служба дигал мртви во живот. Тој го воскреснал синот на вдовицата од Наин, ќерката на поглаварот и Лазара. Но тие не биле облечени во бесмртност. Иако воскреснале, сѐ уште биле подложни на смртта. Но оние што излегле од гробот при Христовото воскресение, станале во вечен живот. Тие се вознеле со него како знак на неговата победа над смртта и гробот. Овие, рекол Христос, не се повеќе заробеници на сатаната. Јас ги откупив. Јас ги изведов од гробот како првина на мојата сила, да бидат со мене каде што сум Јас, за никогаш повеќе да не видат смрт или да вкусат болка.“ – Копнежот на вековите, 682.
Четврток 9. јуни

5. ЗНАЧЕЊЕТО НА ХРИСТОВОТО ВОСКРЕСЕНИЕ

а. Која надеж на верниците е осигурена со Христовото воскресение? 1 Коринтјаните 15,20-23; Јован 6,40; 1 Солунјаните 4,14-17.

б. Какво тело ќе имаат воскреснатите христијани, и зошто преобразувањето во бесмртност е неопходно? 1 Коринтјаните 15,50-53.

„Воскреснатото тело на Спасителот, неговото однесување, акцентот на неговиот говор, сето тоа им било познато на неговите следбеници. На сличен начин оние што спијат во Исуса ќе воскреснат. Ќе ги препознаеме нашите пријатели, како што учениците го препознале Исуса. Иако можеби биле деформирани или болни во овој смртен живот, сепак во своето воскреснато и прославено тело нивниот идентитет ќе биде совршено сочуван, и ние, во лицата осветлени со светлината која сјае од Исусовото лице, ќе ги препознаеме цртите на оние што ги сакаме.“ – The Faith I Live By, 180.

в. Која симболична старозаветна церемонија е претслика на Христовото воскресение? Левит 23,10-12; 1 Коринтјаните 15,20.

„Христос станал од мртвите, како прв плод на оние кои заспале. Тој бил остварување на старозаветниот симбол за вртениот сноп и неговото воскресение се случило токму оној ден кога пред Господа требало да се принесе тој сноп… Неговото воскресение е симбол и залог за воскресението на сите мртви праведници.“ – Копнежот на вековите, 765.

Петок 10. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто еврејските водачи презеле толку опсежни мерки како би го обезбедиле Христовото тело?
2. Кој, всушност, го воскреснал Исусовото тело?
3. Што потврдило Христовото воскресение во врска со судбината на сатаната?
4. Што ги одликувало оние кои воскреснале со Христа?
5. Што е тоа ‘крв и тело’, кое не може да го наследи Божјото царство?

Сподели го ова:

Слични објави