06 Христос во центарот на пораката

Сподели го ова:

6. лекција – 7. мај 2016.

Христос во центарот на пораката

„Тој е оној камен што од вас ѕидарите беше отфрлен, Кој стана камен темелник; и во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме.“ – Дела 4,11.12.

„Постои една голема централна вистина која секогаш треба да ја имаме на ум кога го истражуваме Светото Писмо – Христос и тоа распнатиот. Секоја друга вистина е прекриена со влијание и сила во сразмер со нејзината поврзаност со оваа тема.“ – Коментари на библиските текстови, 663.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Евангелизам, 184-193.

Недела 1. мај

1. ЦЕНТРАЛНА ТЕМА НА НАШАТА ПОРАКА

а. Според она што претходно го проучувавме, која е специјалната порака која ние како Реформно движење на Адвентистите на седмиот ден треба да ја пренесеме на светот? Откровение 14,6-12.

б. По угледот на раната црква, која треба да биде централна тема на нашата порака до светот? Дела 5,42; 1 Коринтјаните 2,2.

„Од сите што исповедаат дека се христијани, адвентистите на седмиот ден треба најмногу да го воздигаат Христа пред светот. Објавувањето на третата ангелска порака бара изнесување на вистината за саботата. Оваа вистина, како и другите вклучени во пораката, мора да се објавува; но големиот центар на привлечноста, Исус Христос, не смее да се изостави. На крстот се исполнило пророштвото: ‘Милоста и вистината ќе се сретнат, праведноста и мирот ќе се целиваат’ (Псалм 85,10). Погледот на грешникот мора да биде насочен на Голгота. Тој мора да биде наведен со едноставност на мало дете да има доверба во заслугите на Спасителот, прифаќајќи ја неговата правда и верувајќи во неговата милост.“ – Слуги на евангелието, 141.

Понеделник 2. мај

2. ХРИСТОС ЕДИНСТВЕН СПАСИТЕЛ

а. Бидејќи суштината на Евангелието е Христос (Римјаните 1,1-3), какво знаење треба најпрвин да стекнеме, а потоа да одиме и да го проповедаме на светот? 2 Петрово 3,18; Филипјаните 3,7.8.

„Ниеден човек не може да успее во службата на Бога, освен ако целото негово срце не е во неа и ако не го смета овој свет за губиток во споредба со важното познавање на Христа.“ – Копнежот на вековите, 224.

б. Зошто знаењето за вистинскиот Христос е толку важно? Матеј 24,24. Како лажните Христоси и лажните пророци се појавуваат пред луѓето? 2 Коринтјаните 11,13-15; Матеј 7,15.

„Паднатите ангели на земјата се здружуваат со злите луѓе. Во ова време антихристот ќе се појави како вистински Христос, и тогаш Божјиот закон ќе биде целосно ставен надвор од сила меѓу народите во овој свет. Бунтот против светиот Божји закон целосно ќе созрее. Но вистинскиот водач на оваа побуна е сатаната, облечен во ангел на светлината. Луѓето ќе бидат измамени, и ќе го воздигаат на местото на Бога и ќе го обожаваат.“ – Преглед и Гласник, 12. септември, 1893.

в. Зошто е важно Христос во кого веруваме и кого го проповедаме да биде вистинскиот Христос кого го проповедале и првите апостоли? Јован 14,6; Дела 4,10-12.

„Постои само еден пат до Небото. Мораме да одиме по стапките на Исус, правејќи ги неговите дела, како што Тој ги правел делата на својот Отец. Мораме да ги проучуваме неговите патишта, а не човечките; мораме да ја извршуваме неговата волја, а не својата… Тој е Патот, Вистината и Животот.“ – Our Father Cares, 264.
„Ако сте свесни за своите гревови, немојте да ја трошите својата сила тагувајќи над нив, туку погледнете и живејте. Исус е нашиот Спасител и… никој кој ќе се надева на неговите заслуги нема да биде оставен да пропадне. Кога ќе ја сфатиме нашата беспомошна состојба без Христа, не смееме да паднеме во малодушност; ние мораме да се потпреме на распнатиот и воскреснат Спасител. Сиромашна, обесхрабрена душо, гледај и живеј! Исус го дал својот збор; Тој ќе ги спаси сите кои доаѓаат кај него.“ – Одбрани пораки 1, 338.
Вторник 3. мај

3. ЗНАЦИ НА ВИСТИНСКИОТ ИСУС

а. Како вдахновението го објаснува соединувањето на божествената и човечката природа во Исус Христос? Филипјаните 2,5-8.

„(Творецот на нашето спасение) доброволно ја зел на себе човечката природа. Тоа била негова постапка, со негова согласност. Своето божество Тој го облекол со човечка природа. Тој цело време бил Бог, но не се објавил како Бог. Тој го прекрил откривањето на божеството, кое барало врховна почит и восхит од целиот универзум. Тој бил Бог на земјата, но се одрекол од божествената форма и наместо неа зел форма и изглед на човек. Одел по земјата како човек. Поради нас Тој станал сиромашен, та преку неговата сиромаштија ние да се збогатиме. Ја оставил настрана својата слава и величество. Тој бил Бог, но за некое време се одрекол од блаженството на Божјата форма.“ – Преглед и Гласник, 5 јули, 1887.

б. Кога зборуваме за Христовата човечка природа, колку години имал Исус кога родителите го изгубиле три дена за време на Пасха, а колку имал години кога бил крстен од Јован Крстител? Лука 2,42.43; 3,21-23.

„Ние сакаме да ја разбереме, колку е тоа навистина можно, Христовата човечка природа. Божественото и човечкото биле поврзани во Христа, и двете биле комплетни.“ – Одбрани пораки 3, 135.

в. Што се однесува до Неговото божество, колку далеку во минатото Тој постоел? Михеј 5,2; Јован 17,5.24.

„Христос бил едно со Отецот пред да се поставени темелите на светот…
Христос е пред се, самопостоечки Божји Син… Кога станува збор за неговото постоење, Христос го враќа нашиот ум во вековите на прапочеток. Тој нѐ уверува дека никогаш не постоело време во кое Тој не бил во блиска заедница со вечниот Бог…
Неговиот божествен живот не може да биде сфатен со човечки пресметки. Христовото постоење пред неговото воплотување не се мери со бројки.“ – The Faith I Live By, 46.

Среда 4. мај

4. ЗНАЦИ НА ВИСТИНСКИОТ ИСУС (ПРОДОЛЖЕТОК)

а. Како Исус го објаснил фактот дека Тој бил самопостоечки Бог кој му се открил на Мојсеј на гората Хорив? Јован 8,58 (спореди со Излез 3,14.15).

„Со сериозно достоинство Исус одговорил: ‘Вистина, вистина, ви велам: ЈАС СУМ уште пред да се роди Аврам’… Овој галилејски Учител тврдел дека Божјото име, дадено на Мојсеј да го изрази поимот на вечното Божјо присуство, всушност е неговото име. Тој се прогласил за Оној кој постои вечно, кој му бил ветен на Израел, ‘чијшто искон е од почеток, од вечни времиња’ (Михеј 5,2).“ – Копнежот на вековите, 405.
„Христос бил тој кој од грмушката на планината Хорив му проговорил на Мојсеј: ‘ЈАС СУМ ОНОЈ ШТО Е… Вака ќе им кажеш на синовите Израелови: ЈАС СУМ ме прати кај вас’ (Излез 3,14). Тоа било гаранција за ослободувањето на Израел. Кога дошол ‘како втор Адам’ (Филипјаните 2,7), Тој се претставил како ЈАС СУМ. Детето од Витлеем, кроткиот и понизен Спасител, е Бог кој се ‘јави во тело’ (1 Тимотеј 3,16).“ – Копнежот на вековите, 13.

б. Како Исус ја изрекол вистината дека, бидејќи е божествено битие, Тој има иста божествена природа, суштина и атрибути како и Бог Отецот? Јован 10,27-30; Колосјаните 1,18.19.

„Христос, Речта, единородниот Божји Син, бил едно со вечниот Отец – едно во суштината, во карактерот и во намерите – единствено Суштество кое можело да проникне во сите Божји совети и намери. ‘Името му е: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот’ (Исаија 9,6).“ – Патријарси и пророци, 6.
„(Јован 10,27-30)… Евреите никогаш порано не слушнале такви зборови од човечки усни и нивното осудувачко влијание допрело до нив. Се чинело дека божественото блеснало преку човечкото додека Тој зборувал: ‘Јас и Отецот едно сме’. Христовите зборови биле полни со длабоко значење додека го изговарал тврдењето дека Тој и Отецот се од една супстанција, дека поседуваат исти особини.“ – Знаци на времето, 27. ноември, 1893.

Четврток 5. мај

5. БОЖЕСТВЕН СОТВОРЕЦ СО ОТЕЦОТ

а. Од кого е светот создаден, и зошто е тоа значајно за Христовата преегзистенција? Јован 1,2.3; Ефесјаните 3,9; Колосјаните 1,15-17.

„Ако Христос ги создал сите нешта, Тој постоел пред сите нешта. Зборовите изговорени во однос на ова толку се децидни што никој не треба да се остави во сомнеж. Христос е Бог во суштина и во највисока смисла. Тој бил со Бога од вечноста, Бог над сите, благословен засекогаш.“ – Одбрани пораки 1, 236.

б. Како Бог Отецот го признава Христовото божество, и каква сигурност ова тврдење ни дава? Евреите 1,8-12.

„Исус рекол: ‘Кој верува во Мене, и да умре ќе живее. И секој, кој живее и верува во Мене, нема да умре довека. Веруваш ли ти во тоа?’ Христос овде однапред гледа во времето на своето второ доаѓање. Тогаш умрените праведници ќе станат во нераспадливост, а живите праведници ќе се земат на небото без да вкусат смрт. Чудото, што ќе го стори Христос за неколку мига со воскресението на Лазара од мртвите, ќе го претставува воскресението на сите умрени праведници. Со своите зборови и со своите дела Тој се прогласил себеси за зачетник на воскресението. Тој, кој и самиот набргу ќе умре на крст, стоел со клучевите на смртта како победник над гробот, покажувајќи го своето право и својата сила да даде вечен живот.“ – Копнежот на вековите, 456.

Петок 6. мај

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Што е суштината на пораката која треба да ја однесеме на светот?
2. Како можеме да го препознаеме лажниот Христос, кој тврди дека е вистинскиот Христос?
3. Која личност од Тројството се јавило на Мојсеј на Хорив?
4. Како од Библијата можеме да докажеме дека Исус учествувал со Отецот во создавањето?
5. Ако Исус е нашиот Творец, што ни зборува овој факт за Него?

Сподели го ова:

Слични објави