04 Мисија на црквата

Сподели го ова:

4. лекција – 23. април 2016.

Мисија на црквата

„Па (Исус) им рече (на учениците): „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание.“ – Марко 16,15.

„Црквата е орудие кое Бог го наменил за спасување на луѓето. Таа е организирана заради служба и нејзината мисија е да го објавува Евангелието на светот.“ ¬– Делата на апостолите, 7.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Christian Service, 7-29.

Недела 17. април

1. МИСИЈАТА НА ЦРКВАТА

а. Која голема мисија и била дадена на црквата, на која и била потребна темелна организација, како би ја исполнила таа мисија? Матеј 28,18-20.

„Мисијата на Христовата црква е спасување на грешниците кои пропаѓаат. Нејзина мисија е знаењето за Божјата љубов да го пренесува на луѓето и преку силата на таа љубов да ги приведува кај Христа. Вистината за наше време мора да се пренесе и до најмрачните делови од светот, и оваа работа треба да започне во домот.“ – 3 Сведоштво, 353.

б. Кои биле првите чекори што Христос ги презел во организирање на својата новозаветна црква? Марко 3,13.14. Кој нареден чекор во врска со организацијата на црквата го направиле апостолите, со цел да го унапредат Евангелието? Дела 6,1-6.

„Со ракополагањето на дванаесеттемина ученици направен е првиот чекор во организирањето на црквата која, по Христовото заминување, ќе го продолжи неговото дело на земјата.
Преку тие нејаки претставници, со својата реч и со својот Дух, Тој имал намера спасението да го направи достапно за сите.“ Делата на апостолите, 14.

Понеделник 18. април

2. НАЛОГОТ ГИ ОПФАЌА СИТЕ ВЕРНИЦИ

а. Во кои два наврати е даден евангелскиот налог? Марко 16,14.15; Матеј 28,16-20; 1 Коринтјаните 15,6. Што можеме да научиме од оваа постапка?

„Налогот им е даден на дванаесетте кога Христос се состанал со нив во горната соба, но сега е даден на еден поголем број на присутни. Сите верници што можеле да бидат повикани се состанале на една гора во Галилеја. Самиот Христос пред својата смрт го одредил времето и местото на овој состанок…
Тоа бил единствениот разговор што го имал Исус со мноштвото верници по своето воскресение. Дошол и им рекол: ‘Ми се даде секаква власт на небото и на земјата.’ (Матеј 28,18)…
Облечен во безграничен авторитет, им дал налог на учениците: ‘Одете и научете ги сите народи’ (стих 19).“ – Копнежот на вековите, 708.709.
„Налогот на Спасителот ги опфаќа сите верници. Тој до крајот на времето ги опфаќа сите што веруваат во Христа. Судбоносна е грешката да се мисли дека делото на спасувањето на душите зависи само од ракоположениот проповедник… Сите што го примаат Христовиот живот се одредени да работат врз спасување на своите ближни. Црквата е основана за таква работа и сите што преземаат врз себе свет завет се обврзуваат да станат Христови соработници.“ – Копнежот на вековите, 712.

б. Каде Христос ги упатил своите ученици да отпочнат со проповедање на Евангелието? Лука 24,47. Како ова може да се примени и на нас?

„Учениците биле повикани да го почнат своето дело таму каде што се наоѓале. Не смееле да го заобиколат најтврдото поле како и она што најмалку ветувало. Исто така и секој од Христовите работници треба да почне да работи таму каде што се наоѓа. Можеби во нашите сопствени семејства се наоѓаат души што жеднеат за сочувство, умирајќи од глад во недостиг од леб на животот. Можеби постојат деца што треба да се одгледуваат за Христа. Постојат незнабошци крај самите наши врати. Да ја извршуваме верно работата што ни е најблиска. Потоа нашите напори нека се прошират сѐ дотаму додека нѐ води Божјата рака. Работата на мнозина може да се чини ограничена со околностите; но без оглед каде се врши, ако се врши со вера и трудољубиво, таа ќе се почувствува до најоддалечените делови на светот.“ – Копнежот на вековите, 713.
Вторник 19. април

3. ДОСЕГАЊЕ ДО СИТЕ ДРУШТВЕНИ СЛОЕВИ

а. Како знаеме дека Бог не гледа кој е кој? Римјаните 2,11; Матеј 5,45; 1 Јованово 2,2.

„Христос не признавал никакви разлики во однос на националноста, сталежот или верувањата. Книжевниците и фарисеите сакале да ги ограничат небесните дарови само на едно место и една националност, ускратувајќи им ги на другите членови на Божјото семејство во светот. Но Христос дошол да го урне секој ѕид на поделба. Тој дошол да покаже дека дарот на неговата милост е неограничен исто како и воздухот, сончевата светлина или дождот што ја освежува земјата.“ – Здравје и среќа, 12.

б. Како Исус со начело и пример нѐ поучил дека Евангелието треба да се проповеда и на пониските друштвени слоеви, на сиромашните, болните и отфрлените? Јован 4,5-9; Матеј 9,10-13; 10,7.8.

„Христос седел како почитуван гостин на трпезата на цариниците, покажувајќи со својата друштвеност и љубезност дека го признава достоинството на човекот, па луѓето копнееле да бидат удостоени со неговата доверба…
Иако бил Евреин, Исус слободно се дружел со Самарјаните, не осврнувајќи се на фарисејските обичаи на својот народ. Наспроти нивните предрасуди, Тој го прифаќал гостопримството на овој презрен народ. Спиел под ист покрив со нив, јадел со нив на нивната трпеза – земајќи храна, која била подготвена и поставена со нивните раце – поучувал по нивните улици и кон нив се однесувал со најголема љубезност и добрина. И додека ги придобивал нивните срца преку човечкото сочувство, неговата божествена благодат им го донела спасението што Евреите го отфрлиле.“ – Здравје и среќа, 13.14.

в. Како знаеме дека Исус исто така сведочел и на средната и на високата класа? Јован 3,1-3; Матеј 8,5-10; Лука 19,1-5.

„Христос го проповедал евангелието на сиромашните, но во својата работа не се ограничувал само на оваа класа. Тој работел за сите оние кои сакале да ја слушаат неговата реч – не само за цариниците и отпадниците, туку и за богатите и образувани фарисеи, еврејските благородници, капетанот и римскиот управител. Тоа е работата која секогаш сум гледала дека треба да се направи.“ – Евангелизам, 413.
Среда 20. април

4. ПРЕДУСЛОВИ ЗА ИСУСОВОТО ДОАЃАЊЕ

а. Кое дело црквата мора да го доврши пред да дојде крајот? Матеј 24,14; Откровение 14,6.7. На каков ‘крај’ овде се мисли и со кој величествен настан тој е поврзан? Матеј 24,3.

„Според пророштвото (Откровение 14,6.7), после ова предупредување за судот и вестите поврзани со него, следува доаѓањето на Синот човечки на небесните облаци. Објавувањето на судот е најава на второто Христово доаѓање. Оваа објава се нарекува вечното Евангелие. Така и проповедањето на второто Христово доаѓање и објавувањето на неговата близина го чинат суштинскиот дел на евангелската порака.“ – Христовите очигледни поуки, 227.

б. Кому му е доверено делото на објавување на последната порака на милост на светот? Откровение 3,14.

„Во посебна смисла адвентистите на седмиот ден се поставени во светот како стражари и светлоносци. Ним им е доверено објавувањето на последното предупредување на светот кој пропаѓа. Нив ги осветлува чудесна светлина од Божјата Реч и доверена им е најзначајната задача – да ги објавуваат вестите на првиот, вториот и третиот ангел. Не постои друго дело со толку големо значење. Тие не смеат да дозволат ништо друго да го привлече нивното внимание.“ – 9 Сведоштво, 13.

в. Каков треба да биде копнежот на срцето на денешната Божја црква на остатокот, која ова дело ќе го приведе кон крајот? Псалм 119,125-127.

„Овде се дадени карактеристиките на оние кои ќе бидат реформатори и кои ќе го носат знамето на третата ангелска порака; тоа се оние кои пред очите на целата вселена се познати како народ кој ги држи Божјите заповеди, ја брани честа на неговото име, и најсрдечно се бори да ги подигне и поправи ‘старите урнатини’. Кој е тој што ги повикува да ги соѕидаат ‘урнатините да го подготват патот за населбите’? Тоа е самиот Господ. Тие во небото се регистрирани како реформатори, обновители, како оние што ги подигнуваат ‘темелите’ кои ќе стојат од колено до колено.“ – Коментари на библиските текстови, 341.
Четврток 21. април

5. ЗАЈАКНУВАЊЕ НЕОПХОДНО ЗА ДА СЕ ЗАВРШИ ДЕЛОТО

а. Што постигнала раната црква од првиот век, и како таа била оспособена за ова дело? Римјаните 10,18; Колосјаните 1,23; Дела 1,8.

б. Додека настојуваме во денешно време да го евангелизираме светот од речиси 7 милијарди жители, што како реформатори секогаш треба да имаме на ум? Захарија 4,6; Лука 18,27; 1 Самуил 14,6.

„Човечката сила е слабост, човечката мудрост е лудост. Нашиот успех во ширењето на вистината не зависи од нашите таленти или од нашата ученост, туку од непрекинатата и жива поврзаност со Бога.“ – 5 Сведоштво, 147.

в. Кое искуство членовите на црквата најпрвин мораат да го стекнат, пред да бидат во состојба успешно да го проповедаат Евангелието во светот? Дела 3,19.20. За што поради тоа тие треба да се молат? Захарија 10,1.

„Големото дело на Евангелието нема да се заврши со помала манифестација на Божјата сила од онаа што го одбележала неговиот почеток. Пророштвата што се исполниле со излевањето на раниот дожд во почетокот на Евангелието пак ќе се исполнат со позниот дожд и при неговото завршување.“ – Големата борба, 637.

Петок 22. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Која мисија Христос и ја доверил на својата организирана црква?
2. Дали налогот за проповедање на Евангелието е даден само на ракоположените проповедници?
3. Во кое дело вистинските припадници на Адвентистите на седмиот ден ќе бидат вклучени во денешно време?
4. Со која сила Божјото дело на земјата ќе биде успешно завршено?
5. Кое важно дело треба да го извршите за да се подготвите за освежување?

Сподели го ова:

Слични објави