03 Божјата намера за Неговата црква
3. лекција – 16. април 2016.
Божјата намера за Неговата црква
„И да расветлам на сите во што се состои распределбата на тајната, криена од векови во Бога, Кој создаде сè преку Исус Христос, та многуликата мудрост Божја да им се објави сега преку Црквата на началствата и властите небесни, според предвечната одлука, која Тој ја изврши во Христос Исус нашиот Господ.“ – Ефесјаните 3,9-11.
„Црквата е ризница на богатството на Христовата милост и преку неа конечно ќе се открие… крајниот и целосен приказ на Божјата љубов.“ – Делата на апостолите, 7.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Делата на апостолите, 7-12.
Недела 10. април
1. СОЗДАДЕНИ СПОРЕД БОЖЈИОТ ЛИК
а. Што Бог рекол во врска со создавањето на човекот, и на кого Тој тоа му го изговорил? Битие 1,26.27.
„Откако земјата била создадена и животните на неа, Отецот и Синот ја извршиле својата намера, која била сочинета пред падот на сатаната, да направат човек според сопствената слика. Тие заедно работеле во создавањето на земјата и на сите живи суштества на неа. Сега Бог му рекол на својот Син: ‘Да создадеме човек според Нашиот образ’ (Битие 1,26).“ – Lift Him Up, 47.
б. Што значи да се биде создаден според Божјиот образ? Проповедник 7,29.
„Бог човекот го создал добар; му всадил благородни црти во карактерот, без наклоност кон злото. Го надарил со високи способности на разумот….“ – Патријарси и пророци, 24.
„Склоностите му биле чисти; разумот владеел над неговите желби и страсти.“ – Патријарси и пророци, 20.
Понеделник 11. април
2. БОЖЈА СЛАВА
а. Со каква цел Бог го создал човечкиот род? Исаија 43,7.
„Бог одредил човекот – кој е круна на неговото создавање, воздигнат над сите пониски врсти на живи битија – да ја изразува неговата мисла и да ја открива неговата слава. Но човекот не смее да се воздига себеси како Бог.“ – 8 Сведоштво, 283.
„Кога Адам излегол од рацете на Создателот; тој по својата физичка, ментална и духовна природа бил сличен на својот Творец. ‘И Бог го создаде човекот според образот Свој’ (Битие 1,27). Божја намера била во текот на својот живот човекот сѐ поцелосно да го открива овој лик – поцелосно да ја одблеснува славата на Создателот.“ – Воспитување, 10.
б. Како вдахновението ја дефинира Божјата слава? Излез 33,18.19; 34,5-7.
„Божјата слава е неговиот карактер. Додека Мојсеј бил на гората, ревниво залагајќи се пред Бога, тој се молел: ‘Покажи ми ја славата Своја’. Во својот одговор, Бог објавил: ‘Ќе ја покажам пред тебе сета Моја слава, и ќе Го изговорам името Господово пред тебе, и кој е за помилување, ќе го помилувам, и кој е за утешение – ќе го утешам’ (Излез 33,18.19).
Божјата слава – Неговиот карактер – тогаш беше откриена (Излез 34,6.7).“ – Знаци на времето, 3.септември, 1902.
в. Што го формира нашиот карактер? Исаија 55,7-9; Проповедник 8,5; 2 Коринтјаните 10,5.
„Ако мислите се погрешно насочени, такви ќе бидат и чувствата и склоностите, а чувствата и мислите го сочинуваат моралниот карактер. Кога како христијани ќе престанете своите мисли и чувства да не ги ограничувате, сметајќи дека тоа од вас не се бара, вие паѓате под влијанието на злите ангели и просто го повикувате нивното присуство и нивната контрола.“ – 5 Сведоштво, 288.289.
„Никогаш не заборавајте дека мислите управуваат со нашите дела. Повтореното дело станува навика, а навиките го формираат карактерот.“ – The Upward Look, 89.
Вторник 12. април
3. БОЖЈАТА НАМЕРА ОСУЕТЕНА
а. Во што змијата ги искушала нашите прародители и ги довела под власта на гревот? Битие 3,3-6.
„Едно од најсилните искушенија кое го снаоѓа човекот се однесува на апетитот…
Од првото попуштање на апетитот, човештвото сѐ повеќе и повеќе си угодувало себеси, сѐ додека здравјето конечно не било жртвувано на олтарот на апетитот. Жителите на претпотопниот свет биле неумерени во јадењето и пиењето. Тие уживале во месната храна, иако во тоа време Бог на човекот не му дозволил да јаде животинска храна. Тие јаделе и пиеле, задоволувајќи го својот изопачен апетит без граници, додека не станале толку расипани така што Бог повеќе не можел да ги трпи. Чашата на нивното беззаконие била преполна, и Тој со потоп ја исчистил земјата од нејзината морална загаденост.“¬ – Совети за здравјето, 108.109.
б. Колку успешен бил сатаната во наведувањето на луѓето на грев? Битие 6,5; Римјаните 3,10-12.18. Која била неговата цел?
„Намерата на сатаната била да предизвика вечна разделба меѓу Бога и човекот.“ – Копнежот на вековите, 14.
„При создавањето на човекот му биле подарени благородни способности и добро урамнотежен ум. Бил совршен како суштество и во совршена хармонија со Бога. Неговите мисли биле чисти, неговите цели свети. Но непослушноста ги изопачила неговите способности и наместо љубовта, се појавила себичност. Престапот во толкава мера ја ослабел неговата природа, што со своја сила воопшто не можел повеќе да ѝ се спротивстави на силата на злото. Станал роб на сатаната и засекогаш би останал тоа кога не би се вмешал самиот Бог. Искушувачот имал намера да го осуети планот со кој Бог го создал човекот и земјата да ја исполни со тага и очај. Сите тие зла сакал да ги претстави како последица на Божјото дело на создавањето на човекот.“ – Патот кон Христа, 11.
„Гревот ја расипал Божјата слика во човекот, речиси ја избришал. Човековите физички сили ослабнале, неговата ментална способност се намалила и неговата духовна визија се помрачила. Човекот станал подложен на смртта.“ – Воспитување, 11.
Среда 13. април
4. ОБНОВА НА ИЗГУБЕНИОТ ЛИК
а. Откако сатаната успеал да го уништи Божјиот лик во човекот, кој план почнал да се спроведува? Битие 3,15.
„Сатаната ги навел луѓето на грев, па планот на спасението станал делотворен. Четири илјади години Христос се трудел да го издигне човекот, а сатаната да го деградира и да го упропасти.“ – Копнежот на вековите, 662.
„(Битие 3,15). Овде е дадено првото ветување за Спасителот кој ќе застане на бојното поле да се бори против силата на сатаната и да ја надвладее.“ – Одбрани пораки 2, 106.
б. Што Бог намеравал да постигне преку планот на откупението? Римјаните 8,29; 2 Коринтјаните 3,18.
„Сепак, човечкиот род не е оставен без надеж. Бескрајната љубов и милост го создала планот на спасението, и животот на човекот му е подарен како време на проба. Да се обнови сликата на неговиот Создател во човекот, да се врати во состојбата на првично совршенство, да се поттикне развојот на неговото тело, умот и душата, за да биде остварена божествената цел на создавањето – тоа е делото на откупувањето. Тоа е целта на воспитувањето, големата цел на животот.“ – Воспитување, 11.
в. Која од трите божествени личности дошла на овој свет да го обнови Божјиот лик во луѓето? Јован 1,18; Лука 19,10.
„Сатаната ликувал затоа што успеал да ја унижи Божјата слика во човечкиот род. Тогаш Исус дошол да го обнови во човекот ликот на својот Создател. Никој освен Христос не може одново да обликува нов лик кој бил уништен од гревот. Тој дошол да ги истера демоните кои управувале со волјата на човекот. Дошол да нѐ подигне од прав, да го преобликува нашиот нарушен карактер по моделот на неговиот божествен карактер, и да го направи прекрасен со својата слава.“ – God’s Amazing Grace, 11.
„Иако моралниот Божји лик речиси бил уништен од гревот на Адам, тој може да биде обновен преку Христовите заслуги и неговата сила. Човекот може да стои со Божјиот морален лик во својот карактер; бидејќи Христос ќе му го подари.“ – God’s Amazing Grace, 246.
Четврток 14. април
5. КОНЕЧНИОТ ПРИКАЗ НА БОЖЈИОТ КАРАКТЕР
а. Која е Божјата крајна цел за неговата црква? Ефесјаните 3,8-11.
„Божја намера уште од самиот почеток е светот со помош на црквата да го спознае совршенството на неговата добрина, милост и моќ. Верниците на црквата… мораат да ја одразуваат неговата слава.“ – Делата на апостолите, 7.
б. Во каква состојба мора да биде Божјата црква за да ја одразува Неговата полнота и Неговиот лик на светот? Ефесјаните 5,27; Јован 13,34.35. Што ќе се случи кога ќе се постигне оваа состојба? Марко 4,29.
„Сега додека нашиот Поглавар свештенички врши помирување за нас, треба да настојуваме да бидеме совршени во Христа. Дури ниту со една единствена мисла нашиот Спасител не попуштил пред силата на искушението. Сатаната наоѓа во човечките срца некое место што може да го искористи како свое упориште. Се негува по некоја грешна желба во која неговите искушенија ја покажуваат својата сила. Но Христос рекол за себе: ‘Иде кнезот на овој свет и во Мене тој нема ништо’ (Јован 14,30)… Тоа е состојба во која мора да се најдат сите што сакаат да се одржат во времето на големата неволја.“ – Големата борба, 649.
„Христос копнежливо чека да биде откриен во својата црква. Кога Христовиот лик совршено ќе биде репродуциран во неговиот народ, тогаш Тој ќе дојде да ги признае и побара како своја своина.“ – Христовите очигледни поуки, 48.
Петок 15. април
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Дали Бог Отецот сам создал сѐ? Образложи го одговорот.
2. Каква била природата на Адам при создавањето, и што тој бил во состојба да формира?
3. Како сатаната успеал да ја осуети Божјата намера во создавањето на човечкиот род?
4. Која била главната цел на планот на спасението?
5. Која е, според твоето мислење, причината зошто Исус сѐ уште не се вратил?