02 Божјата црква во последните денови

Сподели го ова:

2. лекција – 9. април 2016.

Божјата црква во последните денови

„И се разлути змевот на жената и отиде да војува со другите од семето нејзино што ги пазат Божјите заповеди и го имаат сведоштвото на Исус Христос.“ – Откровение 12,17.

„Иако Божјиот закон речиси насекаде ќе биде невалиден во светот, ќе постои остаток на праведници кои ќе бидат послушни на Божјите барања.“ – Знаци на времето, 22, април, 1889.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Сведоштво за проповедници, 27-42.

Недела 3. април

1. РЕФОРМАТОРСКА ЦРКВА

а. Како Бог гледа на сојузот помеѓу христијанството и паганството? Излез 20,4.5; Езекиел 23,37.

„Интимниот и свет однос меѓу Бога и неговиот народ е претставен со симболот на брачната врска. Бидејќи идолопоклонството всушност е духовна прељуба, Божјото незадоволство и негодување против тоа погодно се прикажани како ревнување или љубомора.“ – Патријарси и пророци, 311.

б. Бидејќи водството на отпаднатата црква одбило да се покае (Откровение 2,21), кое начело го следеле верните членови? 2 Коринтјаните 6,17; Лука 6,22.

„Кога реформаторите ј проповедале Божјата реч, тие не мислеле да се одвојат од веќе постојната црква, но верските водачи не ја поднесувале светлината, па оние што ја носеле била принудени да побараат други групи на луѓе кои копнееле за вистината.“ – Копнежот на вековите, 185.
„По долга и жестока борба, верното малцинство решило да прекине секаква врска со отпаднатата црква, доколку таа и понатаму одбива да се ослободи од заблудата и идолопоклонството. Тие увиделе дека мораат да се одвојат ако сакаат да се покоруваат на Божјото Слово.“ – Големата борба, 41.
Понеделник 4. април

2. РЕФОРМАТОРСКА ЦРКВА (продолжеток)

а. Како отпаднатата црква се однесувала кон реформаторите кои одбиле да ги подржуваат нејзините изопачени обичаи? Откровение 12,13.15. Колку долго траело таквото однесување? Откровение 6,14.

„Во шестиот век папството веќе силно се зацврстило. Престолот на неговата моќ бил поставен во царскиот град и римскиот бискуп е прогласен за глава на целата црква. Незнабоштвото му го отстапило местото на папството. Змевот му ја дал на ѕверот ‘силата своја, и престолот свој, и голема власт’ (Откровение 13,2). Сега почнале оние илјада двесте и шеесет години на папското насилство претскажано во Даниеловото пророштво и во Откровението (Даниел 7,25; Откровение 13,5-7). Христијаните биле принудени да бираат дали ќе ги напуштат своите начела и ќе ги прифатат папските церемонии и папското богослужение, или својот живот ќе го завршат во затвори, на справи за растегање, на клади, или да им биде пресечена главата на гилотина. Сега се исполниле Христовите зборови: ‘Ќе бидете предадени исто така и од родители, и од браќа, и од роднини и од пријатели, а некои од вас ќе бидат и убиени; и ќе бидете намразени од сите, заради Моето име’ (Лука 21,16.17). Почнало свирепо прогонство против верните, пострашно од кога и да е порано, и светот станал огромно бојно поле. Во текот на стотици години Христовата црква наоѓала прибежиште во изолација и повлеченост.“ – Големата борба, 51.52.

б. Како вистинската Божја црква ги преживеала овие прогонства во мрачниот среден век? Откровение 12,16. Каков ефект ваквите искушенија имаат на верниците? Римјаните 5,3.4.

„Римската црква упорно ги обвинува протестантите поради ‘кривоверство’, и им префрла дека намерно се одвоиле од вистинската црква. Но ова обвинување прво може да се примени на самата Римска црква. Таа го обесчестила Христовото знаме и отстапила од вистинската вера ‘која им е дадена на светиите еднаш засекогаш’ (Јуда 3).“ – Големата борба, 48.
„За време на најмрачните векови на отпад имало валденжани кои ја отфрлале врховната власт на Рим, одбивале да се поклонуваат пред слики, сметајќи го тоа за идолопоклонство, и ја држеле вистинската сабота. Во најтешките бури на непријателство ја одржале својата вера…
Зад високите горски тврдини – прибежиште на гонетите и угнетените во сите векови – валденжаните нашле добри засолништа. Тука горела светлината на вистината среде мракот на средниот век. Овде во текот на илјада години сведоците на вистината ја чувале својата стара вера.“ – Големата борба, 63.64.
Вторник 5. април

3. РЕФОРМАТОРСКАТА ЦРКВА СТАНУВА ВАВИЛОН

а. Според Божјата изјава, што ќе се случи со периодите на прогонство на реформаторската црква, и зошто? Матеј 24,21.22.

„Прогонството на Божјата црква не траело до крај на временскиот отсек од 1260 години. Од милост кон својот народ, Бог го скратил времето на неговото страшно искушение… Благодарение на влијанието на реформацијата, прогонството престанало малку пред 1798. година.“ – Големата борба, 272.

б. Кое пророштво почнало да се исполнува по завршетокот на средниот век, и кој настан на небото е најавен во врска со проповедањето на Евангелието? Откровение 14,6.7.

„Пророштвото што го наоѓаме во 14. глава на Откровението претставува појава на едно силно верско будење како резултат на проповедањето на веста за скорешното Христово доаѓање. Јован гледа ангел ‘како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: „Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори (Откровение 14,6.7).“ – Големата борба, 364.

в. Како реформаторската црква одговорила на првата ангелска вест и како тоа влијаело на нејзината положба пред Бога? Откровение 14,8.

„Кога црквите го отфрлиле Божјиот совет, така што ја отфрлиле адвентната вест, Господ ги отфрлил. Првиот ангел бил проследен од вториот, објавувајќи: ‘Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство’ (Откровение 14,8). Оваа вест била разбрана од адвентистите како објава на моралниот пад на црквите како последица на отфрлањето на првата порака. Веста ‘Падна, падна Вавилон’ била дадена во текот на летото во 1844. година, а како резултат на тоа, околу педесет илјади души ги напуштиле овие цркви.“ – Духот на пророштвото 4, 232.

Среда 6. април

4. ЦРКВАТА НА ОСТАТОКОТ

а. По падот на протестантските цркви, која црква Бог ја подигнал да изврши особено дело на обнова? Исаија 58,8-14.

(Исаија 61,4; 58,12) „Пророкот со овие зборови го опишува народот кој во време на општото отпадништво од вистината и правдата се труди да ги обнови начелата на кои е засновано Божјото царство. Тој народ ги поправа урнатините направени во Божјиот закон – ѕидовите кои Тој ги подигнал да ги заштити своите избраници. Покорноста на прописите на правдата и чистотата ќе биде нивната заштита.“ – Пророци и цареви, 462.
(Исаија 58,12). „Пророкот овде зборува за урнатините во Божјиот закон настанати поради рушење на саботата од четвртата заповед. Човекот на беззаконието го обезвреднил ова начело; а таканаречениот христијански свет прифатил да го празнува денот кој тој го воспоставил како замена за посветената сабота Господова. Дали и ние ќе бидеме меѓу оние кои ги поправаат урнатините направени во Божјиот закон? Или ќе бидеме во бројот на оние кои го примаат жигот на ѕверот, почитувајќи ја човечката институција повеќе од божествената, негувајќи го на тој начин детето на папството?“ – Знаци на времето, 28,мај, 1878.

б. Кое пророштво од Откровението се совпаѓа со пророштвото од Исаија 58,8-14? Откровение 14,9-12.

„Како што некогаш го повикал древниот Израел, така Бог и денес ја повикува својата црква да биде светлина на земјата. Со моќниот меч на вистината – со пораките на првиот, вториот и третиот ангел – Тој ја одвоил од останатите цркви и од овој свет и ја довел во своја света близина. Тој ја направил чувар на својот закон и нејзе и ги доверил големите вистини на пророштвата за ова време. Како што на стариот Израел му била доверена света доверба, исто така и овие свети вистини треба да се објават на светот. Тројцата ангели од Откровение 14 го претставуваат Божјиот народ кој ја примил Неговата порака и како Негов застапник почнал да ја објавува опомената низ целиот свет… Не смееме да дозволиме ништо да го спречи ова дело. Тоа е најважното дело на сите времиња. Тоа е далекусежно како вечноста. Љубовта што Исус ја покажал за човечките суштества со жртвата која ја поднел за нивен откуп треба да ги поттикне сите негови следбеници.“ – 5 Сведоштво, 314.

Четврток 7. април

5. ПРЕПОЗНАТЛИВИ ЗНАЦИ НА ЦРКВАТА НА ОСТАТОКОТ

а. Како Библијата ги нарекува оние што го извршуваат претскажаното дело на обнова и ја проповедаат тројната ангелска порака? Откровение 12,17 (среден дел).

„При завршетокот н историјата на светот ќе се обноват сите божествени институции. Ќе се поправат сите урнатини што ги направил човекот престапувајќи ја саботата. Остатокот на Божјиот народ кој како реформатор стои пред светот, мора да покаже дека Божјиот закон е основа на секоја трајна реформа и дека саботата, од четвртата заповед, мора да се истакне како постојан спомен на создавањето и Божјата сила. Тој мора со јасни и разбирливи зборови да укажува на обврската од држењето на сите десет заповеди. Поттикнат од Христовата љубов тој мора да соработува со Него, ѕидајќи ги урнатините. Тој мора да ‘гради врз стари урнатини и да гради патишта за населби’.“ – Пророци и цареви, 462.463.

б. Кои се двете најважни карактеристики на остатокот на Божјиот народ во овие последни денови? Откровение 12,17 (последен дел).

„(Откровение 12,17). Ова пророштво јасно наведува дека црквата на остатокот ќе го признае Бога и Неговиот закон и го има дарот на пророштвото. Послушноста на Божјиот закон и Духот на пророштвото отсекогаш биле обележје на вистинскиот Божји народ, и тие обично се ставаат на проба врз основа на актуелните манифестации.“ – Пораки од Лома Линда, 33.

Петок 8. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Дури и како христијани, како можеме евентуално да бидеме виновни за духовна прељуба?
2. Кога е погрешно, а кога правилно да се одвоиме од Божјата организирана црква?
3. Кој се одвоил од вистинската црква во текот на мрачниот среден век? Објасни го својот одговор?
4. Објаснете што значи да се биде оној кој ги поправа урнатините во Божјиот закон?
5. Наведи некои од карактеристичните обележја на црквата на остатокот во последните денови?

Сподели го ова:

Слични објави