01 Божјата црква низ вековите

Сподели го ова:

1. лекција – 2. април 2016.

Божјата црква низ вековите

„Вака вели Господ, Бог Израелов… чујте го гласот Мој и правете што ќе ви заповедам – па ќе бидете Мој народ, и Јас ќе бидам ваш Бог.“ – Еремија 11,3.4.

„Христос имал своја црква во сите времиња.“ – Коментари на библиските текстови, 650.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: 3 Сведоштво, 397-403.

Недела 27. март

1. БОЖЈАТА ЦРКВА – ВЕРНИТЕ

а. Што Бог имал во сите векови, и како Тој тоа го нарекува? Дела 2,47; Еремија 7,23; Римјаните 9,26. Што е доказ за нашата љубов кон Бога? Јован 14,15.

„Бог имал своја црква низ сите векови. Послушноста на Божјите заповеди ни дава за право да уживаме во привилегиите кои ги нуди оваа црква… Ако бидеме во согласност со условите што Бог ги пропишал, ќе го обезбедиме своето место меѓу спасените. Совршената послушност на Божјите заповеди е доказ дека ние го сакаме Бога.“ – Преглед и Гласник, 17. јули, 1900.
„Од самиот почеток, верните души ја сочинувале Божјата црква на земјата. Во секое столетие Господ имал свои стражари кои верно му сведочеле на поколението во кое живееле.“ – Делата на апостолите, 8.

б. Иако Божјата црква на земјата секогаш била несовршена, како Тој гледа на неа? Излез 19,5; 1 Петрово 2,9.

„Колку и да изгледала ослабена и полна со недостатоци, црквата е предмет на посебно Божјо возвишено внимание. Таа е сцена на Неговата милост и Тој со задоволство преку неа ја открива својата моќ која ги преобразува срцата.“ – Делата на апостолите, 7.
Понеделник 28. март

2. БОЖЈАТА ЦРКВА ПРЕД ПОТОПОТ

а. Кој од потомците на Адам го сочувал почитувањето на вистинскиот Бог? Битие 4,25.26.

„Адам добил уште еден син кој требало да биде наследник на божественото ветување, законит наследник на духовното право по раѓање. Името Сит, дадено на овој син, значело ‘именуван’ или ‘дополнителен’, ‘зашто’ – рекла мајка му – ‘Бог ми даде друг син наместо Авел, кого го уби Каин’ (Битие 4,25). Сит по раст бил повисок и поелегантен од Каина и Авела и личел на Адам многу повеќе отколку неговите постари синови. Имал примерен карактер и ги следел стапките на Авел, иако по природа не наследил никакви подобри особини од оние што можел да ги има и Каин… Додека Адам бил создаден безгрешен, според Божјиот лик, Сит, како и неговиот брат Каин, ја наследил грешната природа на своите родители, зашто бил нивна лика. Но тој исто така примил и знаење за Искупителот и поуки за праведноста. Благодарение на божествената милост, можел да му служи на Господа и да го почитува, а се трудел, како што би правел и Авел, да бил жив, луѓето наклонети кон грев да ги врати на послушност и на почит кон својот Творец…
Верните и до тогаш му се молеле на Бога, но кога луѓето почнале да се умножуваат, разликата меѓу тие две групи станувала сѐ поочигледна. На една страна било отворено исповедање на преданост кон Бога, а на друга отворен презир и непослушност.“ – Патријарси и пророци, 60.61.

б. Следејќи го примерот на Авел, каква надеж негувале потомците на Сит? Евреите 11,13.16. Што честопати е потребно со цел да се сочува верата на Божјите деца? 2 Коринтјаните 6,17.18.

„Авел живеел пастирски живот, живеејќи под шатори или под сеници, па и потомците на Сит го следеле неговиот пример, ‘признавајќи дека се гости и дојденци на земјата’ и дека сакаат нешто ‘подобро, односно небесно’ (Евреите 11.13.16).
За извесно време овие две групи меѓусебно не се мешале. Ширејќи се од своето првобитно родно место, потомците на Каин почнале да се населуваат по рамнините и долините каде што живееле синовите на Сит; и овие подоцна, за да се сочуваат од порочното влијание на неверниците, се повлекле во планините и продолжиле таму да живеат. Додека биле одделени; почитувањето на Бога било чисто.“ – Патријарси и пророци, 61.62
Вторник 29. март

3. БОЖЈАТА ЦРКВА ПОСЛЕ ПОТОПОТ

а. Кој од трите сина на Ное го одржал вистинското служење на Бога? Битие 9,18-27. Откако идолопоклонството повторно се распространило , кој од лозата на Сим бил повикан да ги сочува начелата на вистинското богослужение? Битие 12,1-3.

„По напуштањето на Вавилон, идолопоклонството повторно станало речиси сеопшта појава, и Господ закоравените престапници конечно ги пуштил да одат по нивните лоши патишта, а од лозата на Сим го избрал Аврама да биде чувар на Неговиот закон за идните поколенија. Аврам пораснал во средина проникната со суеверие и со незнабоштво. Дури и семејството на татко му, преку кое било сочувано сознанието за Бога, попуштило пред заводливите влијанија што го опкружувале и ‘служеле на други богови’ освен на Јехова.
Но вистинската вера не смеела да се угасне ниту да се уништи. Бог секогаш чувал еден мал остаток на верни кои му служеле. Адам, Сит, Енох, Матусал, Ное и други, непрекинато ги чувале драгоцените откровенија на Неговата волја. Синот на Тара станал наследник на оваа света доверба. Идолопоклонството го мамело од сите страни, но напразно. Верен меѓу неверни, нерасипан со отпадот што сѐ повеќе се засилувал, тој истрајно, непоколебливо и предано му служел на единствениот и вистински Бог. ‘Близу е Господ до сите кои Го бараат, до оние, кои искрено Го призиваат’ (Псалм 145,18). Тој на Аврам му ја соопштил Својата волја и му дал јасно сознание за барањата на Својот закон и за спасението овозможено преку Христа.“ – Патријарси и пророци, 112.

б. Која нација од Аврамовата лоза станала Божја црква во вековите што следеле до доаѓањето на Исус? Излез 3,10; Второзаконие 7,6-8; 14,2; Дела 7,38.

„Бог ги избрал Израелците, создавајќи од нив свој народ, со цел преку нив да им го открие својот карактер и на другите народи. Тој сакал тие за светот да бидат извор на спасение. Ним им биле доверени небесните пророштва, откровенија на Божјата волја… Меѓутоа, Бог во својата милост сепак не ги уништил. Тој сакал повторно да им даде можност да Го запознаат преку неговиот избран народ.“ – Делата на апостолите, 8.
Среда 30. март

4. БОЖЈАТА ЦРКВА ВО НОВИОТ ЗАВЕТ

а. Каков суд Бог изрекол против еврејската црква поради нејзиното отпадништво и отфрлањето на Христа? Матеј 21,42-45; 23,37.38.

„Со неверство и попречување на намерите што небото ги имало за нив, Израелците како народ ја загубиле врската со Бога.“ – Делата на апостолите, 291.
„Меѓутоа, Израел како народ го оставил својот Бог. Природните маслинови гранки се откршиле. Набљудувајќи ја за последен пат внатрешноста на храмот, Исус со длабока болка рекол: ‘Ете, ви се остава пуст вашиот дом…’ (Матеј 23,38). Тој до сега храмот го нарекувал дом на неговиот Татко, но сега, кога Божјиот Син ќе излезе надвор од тие ѕидини, Божјата слава засекогаш ќе се повлече од храмот изграден на Негова слава.“ – Копнежот на вековите, 537.

б. Која важна вистина можеме да ја научиме од Божјото отфрлање на еврејскиот народ? 2 Летописи 15,2; Еремија 18,7-10.

„Во Божјото Слово не постои безусловен избор – еднаш под благодат, секогаш под благодат.“ – The Faith I Live By, 157.
„Сите Божји ветувања се дадени под одредени услови.“ – Faith and Works, 47.
„Кога црквата верно го исполнува Божјото дело кое и е доверено, тогаш Бог повеќе не може да работи со неа, без оглед каква положба зазема и без оглед на тоа колку висок и свет е нејзиниот повик. Тогаш другите се повикани да преземат важни одговорности.“ – The Upward Look, 131.

в. Која црква го зазела местото на еврејската црква? 1 Петрово 2,5-10; Римјаните 11,20-22; Дела 11,26.

„Како нација, Евреите не успеале да ја исполнат Божјата намера, и лозјето било одземено од нив. Привилегиите што ги злоупотребиле, и делото што го омаловажувале, им било доверено на други.“ – Христовите очигледни поуки, 263.

Четврток 31. март

5. ПАГАНСТВОТО ЈА ИЗОПАЧУВА ЦРКВАТА

а. После смртта на апостолите, низ кој тажен настан поминала таканаречената црква? 2 Солунјаните 2,3-8.

„Како последица на овој компромис меѓу незнабошците и христијанството се појавил ‘човекот на гревот’, кој во пророштвото е претскажан како оној што ќе се противи и ќе се издигнува над Бога. Овој огромен систем на лажна религија е ремек дело на сатанската сила – споменик на неговите настојувања да седне на престолот и да управува со земјата по своја волја.“ – Големата борба, 47.

б. Како сатаната успеал да ја изопачи црквата? Јаков 4,4; 1 Јованово 2,15; Амос 3,3.

„Големиот противник сега настојувал со лукавство да го постигне она што не успеал да го постигне со сила. Прогонствата престанале, а на негово место се појавиле опасните привлечности на земната благосостојба и на световните почести. Идолопоклониците… тврделе дека го прифаќаат Исуса како Божји Син… но тие не ги согледувале своите гревови и не чувствувале никаква потреба од покајание или на промена на срцето…
Најпосле повеќето христијани се согласиле во извесна мера да отстапат од своите начела на верата и така настанало соединување помеѓу христијанството и назнабоштвото… Нездравите учења, празноверните обреди и незнабожечките церемонии биле составен дел на нивната вера и богослужение. Кога Христовите следбеници се соединиле со идолопоклониците, христијанската вера се расипала и црквата ја загубила својата чистота и сила.“ – Големата борба, 38.39.

Петок 1. април

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Од библиска перспектива, кој ја сочинува Божјата црква на земјата?
2. Иако и Каин и Сит имале грешна природа, според што Сит се разликувал?
3. Како Аврамовата вера претставувала благослов за неговите ближни?
4. Како Божјата организирана црква паѓа во опасност да ја прекине врската со Него?
5. Како црквата можела да го избегне отпадот и изопачувањето?

Сподели го ова:

Слични објави