13 Здравје на Новата Земја

Сподели го ова:

13. лекција – 27. јуни 2015.

Здравје на Новата Земја

„И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.“ – Откровение 21,4.

„Спасениот народ нема да познава друг закон освен законот на небото. Сите ќе бидат среќно и сложно семејство, облечено во облеки на пофалба и благодарност.“ – Пророци и цареви, 498 (733).

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Пророци и цареви, 491-499.

Недела 21. јуни

1. НЕПОКОЛЕБЛИВА НАДЕЖ

а. Иако мнозина од Божјиот народ починале како резултат на разни болести, каква е сепак надежта на верниците? Јов 19,26.27. Како можеме да стекнеме нова храброст дури и во болест?

„Во личните искуства кај секого од нас постои време на големи разочарувања и крајно обесхрабрување… Кога би можеле во таквите моменти со својот духовен вид да проникнеме во смислата на Божјото провидение, ние би ги виделе ангелите како сакаат да нè спасат од самите нас, стремејќи се да ги постават нашите стапала на темел кој е поцврст од вечните ридови; и тогаш во нас ќе проструи нова вера и нов живот…
Од најголемите длабочини на обесхрабрување и безнадежност, Јов се искачил до безрезервните височини на цврста вера во милоста и спасоносната Божја сила.“ – Мојот живот денес, 358 (328).

б. На што се темели оваа надеж? Јов 19,25; 1 Коринтјаните 15,20.

„Воскресението на Исус претставува пример за конечното воскресение за сите оние кои заспале во Него. Воскреснатото тело на Спасителот, Неговото однесување, Неговиот акцент во говорот, сето тоа им било познато на Неговите следбеници. На сличен начин оние кои заспале во Исуса ќе воскреснат.“ – Коментари на библиските текстови, 681.

Понеделник 22. јуни

2. ТЕМЕЛНА ПРОМЕНА

а. Каква физичка промена ќе искусат верните во последната труба? 1 Коринтјаните 15,51-55.

„Тука над отворените гробови стои воскреснатото мноштво (утрото на воскресението). Последната нивна мисла била за смртта и смртните маки. Последните мисли биле за гробот и погребувањето, но сега тие воскликнуваат: ‘О, смрт, каде ти е осилката? О, смрт, каде ти е победата?’ (1 Коринтјаните 15,55)… Кога ќе се разбудат сета нивна болка исчезнала…
Тука тие, во моментот на воскреснување, конечно ја примаат бесмртноста, и преобразени одат да се сретнат со својот Господ во воздухот. Вратата на Божјиот град се отвораат на нивните златни шарки, а народите кои се одржале во вистината влегуваат внатре.“ – Коментари на библиските текстови, 683.

б. На кои ветувања можеме да ја темелиме нашата надеж кога сме физичките болни? Исаија 35,3-6; Откровение 21,4.

„Оваа земја е место на подготовка за небото. Времето поминато тука претставува зима за христијанинот. Овде студените ветрови на болка удираат врз нас, а брановите на проблемите се превртуваат врз нас. Но, во блиска иднина, кога Христос ќе дојде, тагите и воздишките засекогаш ќе завршат. Тогаш ќе настапи лето за христијанинот. Сите искушенија ќе завршат, и нема да има повеќе болест или смрт.“ – Коментари на библиските текстови, 948.

в. Кога ќе ја земеме во предвид прекрасната надеж која нè очекува на небото, какви мисли треба да го обземат нашиот ум? Филипјаните 4,8.

„Преку гледање ние се менуваме, и ако во мислите постојано се задржуваме на нашиот божествен Модел, ние ќе посакаме целосно да се преобразиме и обновиме во сликата на Неговата чистота. Ќе чувствуваме глад и жед на душата да постанеме слични на Оној кого го обожаваме. Колку повеќе нашите мисли се задржуваат на Христа, толку повеќе ќе зборуваме за Него на другите, и повеќе ќе Го истакнуваме пред светот. Ние сме повикани да излеземе и да бидеме одвоени од светот, за да можеме да бидеме синови и ќерки на Севишниот; и ние сме под света обврска да Го славиме Бога, како Негови деца на земјата. Важно е умот да остане на Христа.“ – Коментари на библиските текстови, 254.
Вторник 23. јуни

3. НОВ ФИЗИЧКИ ЖИВОТ

а. Кои се некои од физичките карактеристики на откупените кога тие ќе станат од своите гробови? 1 Коринтјаните 15,35.42.43. Како оние кои починале пред многу години ќе се разликуваат од оние во подоцнежните генерации? Псалм 90,17.

„Сите излегуваат од своите гробови исти по стас како што биле закопани. Адам, кој е меѓу воскреснатото мноштво, се истакнува по височина и по својот величествен изглед, по раст само малку понизок од Божјиот Син. Неговата става покажува очигледна разлика со луѓето од подоцнежните поколенија; тука се гледа колку човечкиот род се дегенерирал. Но сите стануваат со свежина и сила на вечна младост. Во почетокот човекот бил создаден според Божјиот лик не само по карактерот, туку и по ликот и по изгледот. Гревот ја расипал божествената слика во човекот и речиси ја избришал. Но Христос дошол пак да го возобнови она што е загубено. Тој ќе го преобрази нашето понижено тело и ќе го направи слично на Своето прославено тело. Смртното, распадливо тело, лишено од убавината, некогаш опогането со грев, станува совршено, убаво и бесмртно. Сите мани и недостатоци се оставени во гробот. Бидејќи ќе имаат пристап кон дрвото на животот во одамна загубениот Едем, откупените ќе растат до мерата на висината на човечкиот род во неговата првобитна слава. Ќе бидат отстранети последните преостанати траги од проклетството на гревот, а Христовите верни ќе се појават во убавината на Господа, нашиот Бог, по духот, душата и телото, одразувајќи ја совршената слика на својот Господ. О прекрасен откуп, за кој многу се зборувало, кој долго се очекувал, многу се сакал, но никогаш целосно не бил сфатен!“ – Големата борба, 671 (644.645).

б. Какви средства Бог користел за продолжување на животот пред падот? Битие 2,9. Што укажува на тоа дека Тој повторно ќе ги искористи истите средства и на Новата Земја? Откровение 22,2.14.

„Дрвото на животот ја претставува Христовата заштитна грижа за Неговите деца. Кога Адам и Ева јаделе од ова дрво, тие ја признавале својата зависност од Бога. Дрвото на животот поседувало моќ да го овековечи животот, и сè додека јаделе од него, тие не можеле да умрат. Животот на претпотопните генерации бил долготраен благодарение на животворната сила на ова дрво, која Адам и Ева преку наследство ја пренеле на нив.“ – Коментари на библиските текстови, 949.
Среда 24. јуни

4. НАСОЧУВАЊЕ НА НАШИОТ УМ

а. На што Бог сака да ги насочиме нашите мисли, дури и кога сме болни? 1 Солунјаните 5,18. Зошто? Изреки 17,22.

„Човекот чијшто ум наоѓа мир и задоволство во Бога е на патеката на здравјето.“ – Мојот живот денес, 164 (150).
„Во Писмото постои една физиолошка вистина – вистина на која треба сериозно да обратиме внимание: ‘Веселото срце е благотворно како лек’ (Изреки 17,22).
Вистинските начела на христијанството отвораат пред сите извор на непроценлива среќа.
Ние треба да го поттикнеме духот на пријатното расположение и мирољубивост и секогаш да бидеме полни со надеж, бидејќи од тоа зависи нашето здравје.“ – Мојот живот денес, 165 (151).

б. Кои ветувања можат да го утешат болниот во неговата неволја? Филипјаните 4,6.7; Псалм 103,1-3.

в. Како болните можат да бидат благослов за другите, и каков ефект ќе има ова врз нив самите? Матеј 5,16; Исаија 58,6-8.

„Ако човекот во својот ум е слободен и среќен, бидејќи свесен дека чини добро и наоѓајќи задоволство во тоа што ги усреќува другите, тоа создава расположение кое делува на целиот организам, предизвикувајќи послободна циркулација на крвта и го јакне целото тело.“ – Мојот живот денес, 164 (150).

г. За кои работи болните можат да размислуваат, дури и кога тие не можат веднаш да го видат непосредното излекување? Псалм 77,11.12.

„Христијанинот треба да живее толку блиску до Бога како би можел да го покаже и препорача она што е возвишено ‘плодот на праведноста, кој е преку Исус Христос, за слава и пофалба на Бога’ (Филипјаните 1,11). Неговото срце секогаш треба да биде исполнето со благодарност и пофалби. Тој секогаш треба да биде подготвен да ги признае благословите кои ги добил, сеќавајќи се кој е Тој кој рекол, ‘Кој принесува жртва благодарствена, тој Ме прославува’ (Псалм 50,23)…
Должност на секој е да негува ведрина наместо да размислува за тешкотиите и неволјите.“ – Мојот живот денес, 167 (153).
Четврток 25. јуни

5. ИСКАЖУВАЊЕ НА ВАШАТА РАДОСТ

а. Зошто можеме да бидеме радосни дури и во мачни околности? Исаија 65,17-19; 1 Коринтјаните 2,9.

„Божјите деца треба да се радуваат во сите околности, и во секое време. Кога ќе наидат неволји и тешкотии довербата во Божјото мудро провидение може да ви донесе радост. Не очекувајте чувствата на радост и среќа сами да ви долетаат, туку со вера се фаќајте за Божјите ветувања и подигнете химна на благодарност кон Бога.“ – Во небесните пространства, 123.

б. Што ќе направиме кога своите искушенија ќе ги споредиме со она што Исус го има направено за нас? Псалм 62,5.6; 63,3.4.

„Во Христовите раце можете да најдете целосен одмор. Размислувајте за Неговата голема љубов, и додека размислувате за Неговото самоодрекување и за Неговата бескрајна жртва поднесена заради нас како би поверувале во Него, вашето срце ќе се исполни со света радост, спокоен мир и неопишлива љубов. Додека зборуваме за Христа, и додека Го повикуваме во молитва, нашата доверба во Него како наш личен Спасител ќе зајакне и Неговиот прекрасен лик сè повеќе и повеќе ќе се одразува во нас… Нашиот мир е како надојдена река чии бранови на слава еден по друг се сливаат во нашето срце, и ние навистина вечераме со Христа и Тој со нас. Имаме вистинска претстава за Божјата љубов и во неа го наоѓаме својот мир. Нема јазик кој може ова да го опише. Тоа ја надминува моќта на знаењето. Ние постануваме едно со Христа, и нашиот живот е сокриен со Христа во Бога… Со силна доверба можеме д го наречеме Бога наш Татко.“ – Коментари на библиските текстови, 259.

Петок 26. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Каква надеж можеме да имаме дури и кога сме болни од неизлечиви болести?
2. Опишете ги физичките промени на верните при Христовото второ доаѓање?
3. Каква разлика ќе се види меѓу откупените при воскресението?
4. Каква причина за благодарност кон Господ можеме да имаме дури и во ситуации кои најмногу обесхрабруваат?
5. Зошто не треба да ја криеме нашата радост и надеж која Бог ни ја нуди?

Сподели го ова:

Слични објави