11 Совет за медицинските мисионери

Сподели го ова:

11. лекција – 13. јуни 2015.

Совет за медицинските мисионери

„Исус не му дозволи, но му рече (на човекот кој бил опседнат): „Оди дома кај своите, па раскажи им што стори Господ за тебе и како те помилува.“ – Марко 5,19.

„Со Господовата промисла можам да видам дека медицинско мисионерската работа треба да биде голем пробоен клин преку кој ќе може да се допре до заболените души.“ – Совети за животот и исхраната, 76.

ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Здравје и среќа, 94-112 (139-160).

Недела 7. јуни

1. СУШТИНСКА КОМПОНЕНТА НА МИСИОНЕРСКАТА РАБОТА

а. Зошто физичкото лекување е особено важен дел од делото на духовното ослободување направено од Исус и Неговите ученици? Лука 4,18; Матеј 10,1.

„Телото е најважниот посредник преку кој се развиваат разумот и душата и така се изградува карактерот. Токму заради тоа непријателот на душата ги насочува своите искушенија на ослабување и уништување на физичките сили. Неговиот успех во тој поглед често пати значи покорување на целото битие на злото. Склоностите на телесната природа, ако не се под власта на повисока сила, неизбежно водат во пропаст и смрт.“ – Пророци и цареви, 332 (488.489).

б. Зошто Исус им дава толку многу внимание на физичките потреби на луѓето? Јован 3,16. Зошто гранките на мисионерската, медицинската и воспитно образовната работа се неразделни? Матеј 9,35.

„Неговата (Христовата) мисија била да им донесе на луѓето целосно обновување; Тој дошол да им даде здравје, мир и совршенство на карактерот.“ – Здравје и среќа, 8 (17).
Понеделник 8. јуни

2. ПРОБОЕН КЛИН

а. Зошто здравствено медицинската работа мора да претходи на мисионерската работа? Наведете примери. Јован 5,6-8.14.

„Медицинско мисионерската работа треба да биде голем пробоен клин преку кој ќе може да се допре до заболените души.“ – Совети за животот и исхраната, 76.
„Само доколку се примени Христовиот метод за допирање до луѓето може да се постигне вистински успех. Спасителот се дружел со луѓето како Оној, кој им посакува добро. Тој ја покажувал Својата симпатија кон нив, им служел на нивните потреби и ја придобивал нивната доверба. Потоа ги повикувал: ‘Врвете по Мене’…
Бог честопати ги допира нивните срца преку нашите напори да им ги олесниме физичките страдања“ – Здравје и среќа, 97 (143.144).

б. Каков ефект здравствено мисионерската работа има на искрените души? Матеј 8,28-34. Што бива со оние кои се закоравени во гревот и во предрасудите? Марко 5,16.17.

„Злите духови биле принудени да ги ослободат своите жртви и кај опседнатите настанала прекрасна промена. Разумот им се просветлил, а очите им зрачеле со интелигенција. Изразот на нивните лица, толку долго демонски изобличен, одеднаш станал благ, крвавењето на нивните раце престанало и тие ги подигнале своите гласови во благодарност на Бога.
Но, луѓето што ја виделе оваа чудесна сцена не се радувале. За нив загубата на свињите била од поголемо значење, отколку ослободувањето на овие затвореници од ропството на сатаната. Тие во страв се собрале околу Христа, молејќи го да си замине од нив. Тој тоа и го сторил; се качил на бродот и отпловил на спротивниот брег.“ – Здравје и среќа, 58 (97).

в. Каква е Божјата намера во лекувањето или во продолжување на животот? Псалм 71,18.

„Нашето признавање на Божјата верност е средство одредено од небото за откривање на Христа на светот. Ние треба да ја признаваме Неговата благодат откриена на светите луѓе во минатото; но она што ќе има најголем ефект е сведочењето за сопственото искуство. Ние сме сведоци за Бога, тогаш кога во себе го откриваме дејството на една сила која е божествена.“ – Здравје и среќа, 60 (100).
Вторник 9. јуни

3. ГОЛЕМА ОПАСНОСТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО МИСИОНЕРСКИТЕ РАБОТНИЦИ

а. Која опасна црта на карактерот може да влијае на здравствено мисионерскиот работник? Јаков 4,6.

„Ништо не е толку навредливо за Бога, ништо толку опасно за човечката душа, како горделивоста и самодоволноста. Од сите гревови, тој е најбезнадежен и најтешко се лекува.“ – Христовите очигледни поуки, 117 (154).
„Борбата за превласт го открива духот кој, ако се негува, на крајот ќе ги исклучи од Божјото царство оние кои го негуваат. Христовиот мир не може да пребива во умот и срцето на работникот кој критикува и наоѓа мана кај друг работник, само затоа што не ги применува методите кои тој ги смета за најдобри, или затоа што смета дека овој не го почитува. Господ никогаш не го благословува оној кој ги критикува и обвинува своите браќа, зашто тоа е работа на сатаната.“ – Евангелизам, 102.
„Гордоста на позицијата е длабоко вкоренето зло кое упропастило илјадници… бидејќи таквите го изгубиле од вид начелото.“ – Одбрани пораки 2, 184.185.

б. Како можеме да ја избегнеме оваа опасност? Јаков 4,10; 1 Коринтјаните 10,12.

„При изборот на мажи и жени за Својата служба, Бог не прашува дали тие поседуваат световно богатство, ученост или говорнички дар. Тој прашува: ‘Дали тие одат во таква понизност, што ќе можам да ги научам на Моите патишта? Можам ли да ставам Свои зборови во нивната уста? Дали тие ќе ме претставуваат Мене?“ – Здравје и среќа, 21 (37).
„Во такви случаи на болка, каде што сатаната има контрола на умот, пред да биде упатена молитва треба да се спроведе длабоко самоиспитување и да се види дали постојат гревови кои треба да се покаат, исповедаат и остават. Неопходна е длабока понизност на душата пред Бога и цврсто потпирање само на Христовата пролиена крв. Постот и молитвата нема да помогнат ништо сè додека од срцето не се отстрани погрешната навика“ – Здрав живот, 236.237.
„Оној кој најдобро се познава самиот себеси секогаш ќе биде понизен. Нема да се однесува гордо. Тој ја носи тежината на одговорноста додека ги гледа проблемите на луѓето што страдаат, и тој нема да го земе човечкиот живот во негова рака за да се справува дури и со телата на луѓето без поврзување со искусниот Лекар, сметајќи Го како Татко, а себеси како дете кое треба да се обучува и исправува ако погреши.“ – Здрав живот, 258.259.

Среда 10. јуни

4. ЕДУЦИРАЊЕ НА УЧЕНИЦИТЕ

а. Кој треба да биде еден од најважните приоритети на мисионерските работници? Матеј 28,19 (прв дел).

„Секоја црква треба да биде училиште за обука на христијански работници. Нејзините членови треба да бидат поучени како да даваат библиски часови, како да раководат со саботната школа и да ги поучуваат другите како да им помогнат на сиромашните и да се грижат за болните и како да работат за необратените. Треба да се формираат училишта и курсеви за обучување и пракса во негата на здравјето, во умешноста на готвење и разни други видови на христијанска помош. Но не е доволно само поучување, туку потребна е и практична работа под надзор на искусни инструктори…
Сите треба да ги развијат своите физички и ментални сили до највисок степен на лична способност, за да можат да работат за Бога, онаму каде што Неговото провидение ќе ги повика.“ – Здравје и среќа, 101 (149).

б. Зошто е толку важно да се обучуваат учениците? Наведете еден пример. Излез 33,11; Броеви 27,18.

„Образованите работници, кои се посветени на Бога, можат да послужат на многу разновидни начини и да вршат многу поопсежно дело од оние што не се образовани. Дисциплината што тие ја поседуваат е она што нив ги става во поповолна положба.“ – Здравје и среќа, 102 (150).

в. Во обучување на учениците, каков практичен пример Исус им дал, зајакнувајќи ја двојната природа на нивната работа? Лука 9,6.

„(Христос) додека поминувал правејќи добро, учејќи ги неуките и исцелувајќи ги болните, Тој својата сила над болните не ја покажувал само со исцелување од болеста, туку во срцето им ги всадувал божествените начела на љубов и добрина. Така треба да работат и Неговите следбеници. Христос не е повеќе лично на овој свет, но Тој нè овластил да ја продолжиме здравствено мисионерската работа која Тој ја започнал, и во ова дело треба да го дадеме најдоброто.“ – Совети за здравјето, 249.

Четврток 11. јуни

5. ПОСЛЕДНО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ

а. Кој дел од здравствено мисионерската работа ќе ја одигра последната улога во предупредувачката порака која му се упатува на светот за време на Гласниот вик? Зошто е тоа толку важно? Дела 24,25.

„Делото на здравствената реформа е Господово средство за намалување на страдањата во нашиот свет и за прочистување на Неговата црква.“ – 9 Сведоштво, 113.
„Принципите на здравствената реформа се наоѓаат во Божјото Слово. Евангелието за здравјето треба цврсто да се поврзе со проповедање на речта. Божја намера е обновувачкото влијание на здравствената реформа да биде дел од последниот голем напор во објавување на евангелската порака. Нашите лекари треба да бидат Божји работници. Тие треба да бидат мажи, чии сили се посветени и преобразени со Христовата милост. Нивното влијание треба да биде цврсто поврзано со вистината во нејзиното објавување на светот. Во совршеното и целосното единство со службата на Евангелието, делото на здравствената реформа ќе ја открие својата од Бога дадена моќ. Под влијание на евангелието ќе бидат направени големи реформи во здравствено мисионерската работа.“ – Medical ministry, 259.

б. Каков треба да биде нашиот став кон здравствената реформа како што се приближуваме кон крајот? Изреки 4,18.

„Што повеќе се приближуваме кон крајот на времето, мораме сè повеќе и повеќе да се издигнуваме во поглед на здравствената реформа и христијанската умереност и сè поодредено и поодлучно да проповедаме. Мораме постојано да се стремиме да ги едуцираме луѓето, не само со нашите зборови, туку и со нашата практика. Поуката остава најдлабок впечаток кога ќе се поткрепи со пример.“ – 6 Сведоштво, 82 (112).

Петок 12. јуни

ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА

1. Зошто толку многу време треба да се посвети на здравјето на своето тело?
2. Како здравствено мисионерската работа ни помага во ширење на Евангелието?
3. Која опасност постои за успех на здравствено мисионерскиот работник?
4. Која е исклучително важната должност на секој работник? Зошто?
5. Кој дел од здравствено мисионерската работа ќе одигра посебна улога во последната предупредувачка порака до светот?

Сподели го ова:

Слични објави