10 Погрешни методи на лекување
10. лекција – 6. јуни 2015.
Погрешни методи на лекување
„Зашто ќе се појават лажни христоси и лажни пророци, и ќе покажат големи знаци и чуда, за да ги прелажат, ако е можно, дури и избраните.“ – Матеј 24,24.
„Нашиот ум мора да се потпре на Бога, и не треба да плашиме како овој свет, плашејќи се од она од што тие се плашат и почитувајќи го она што тие го почитуваат, туку да бидеме храбри и смели за вистината.“ – Рани списи, 48 (60).
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Патр. и пр., 719-726 (683-689).
Рани списи, 47.48 (59.60).
Недела 31. мај
1. ЖЕЛБА ДА ЈА ЗНАЕМЕ ИДНИНАТА
а. Кога и зошто некои цареви се обраќале кон сатанските медиуми за совет? 2 Цареви 1,2; 1 Самуил 28,6-8. Што би се случило кога и ние би го правеле истото?
„Господ никогаш не одбил ниту една душа која дошла кај Него со искрено и со понизно срце. Тогаш зошто не му одговорил на Саула? Царот сам со своите постапки ги проиграл сите можности за обраќање на Бога. Го отфрлил советот на пророкот Самоил; го протерал Божјиот избраник Давид, и ги убил Господовите свештеници. Зарем тогаш можел да очекува одговор од Бога кога самиот ги прекинал сите канали на комуникација што небото ги одредило… Кај Бога можел да се врати само со покајание и понизност. Меѓутоа, горделивиот цар во својата болка и очај решил да побара помош од друг извор.“ – Патријарси и пророци, 715 (676).
„Ако зависиме од луѓе кои не го љубат Бога и не ги исполнуваат Неговите заповеди, сигурно ќе бидеме доведени во многу тешка ситуација. Оние кои не се поврзани со Бога поврзани се со непријателот на Бога, а непријателот ќе работи преку нив да нè заведе на погрешен пат. Ние не го почитуваме Бога, како единствен вистински Бог, кога покрај Него одиме да се распрашуваме за богот на Акарон.“ – Коментари на библиските текстови, 193.
б. Какво предупредување имаме во поглед на лажните пророци? Второзаконие 13,1-3.
Понеделник 1. јуни
2. ЗАВЕДЕНИ ПОРАДИ ЉУБОПИТНОСТ
а. Што ги навело Адам и Ева да бидат измамени од сатаната? Битие 3,1-6.
„Од век во век, љубопитноста ги доведува луѓето да го бараат дрвото на знаењето; и најчесто кога мислат дека го набрале плодот и го откриле она што е суштински најважно, тие како и Соломон во своето истражување – согледуваат дека тоа е само суета и ништо во споредба со вистинската наука за светост, наука која би им ги отворила вратата на Божјиот град. Амбицијата ги наведува луѓето да бараат таков вид на знаење кое ќе им донесе слава, самовозвишување и надмоќност. На таков начин Адам и Ева биле изработени од сатаната сè додека Божјото ограничување не било раскинато, и нивното воспитување почнало да се формира под влијание на учителот на лагата, со цел да стекнат знаење кое Бог во Својата милост им го скратил – знаење за последиците од престапот.“ – Коментари на библиските текстови, 14.
б. Како можеме да ги избегнеме овие стапици на сатаната? Исаија 8,19; Ефесјаните 6,13.16.
„Зарем оние што го имаат светиот Бог, кој е бесконечен во мудроста и силата, ќе одат кај маѓепсници, чиешто знаење доаѓа од интимноста со непријателот на нашиот Господ? Бог е светлина на Своите луѓе; Тој ги повикува со вера да го насочат погледот кон славата која е скриена за човечкиот поглед. Сонцето на правдата ги праќа своите светли зраци во нивните срца; тие добиваат светлина од небесниот престол и немаат желба да се свртат од изворот на светлината и да им се обраќаат на гласниците на сатаната.“ – Патријарси и пророци, 726 (687.688).
„Ова време (кога на модерниот спиритизам ќе му биде дозволено да го имитира Божјото дело) брзо ќе дојде, и ние ќе треба цврсто да се држиме за моќната рака на Јехова, бидејќи сите тие големи знаци и моќни чуда на ѓаволот се дизајнирани да го измамат Божјиот народ и да го соборат… Кога би можеле нашите очи да се отворат, би ги виделе злите чети на ангели насекаде околу нас, кои настојуваат да пронајдат некој нов начин за да нè мачат и да нè уништат. Исто така би виделе и Божји ангели како нè штитат од нивната моќ, затоа што Божјото будно око секогаш бдее над Израел; Тој ќе го заштити и ќе го спаси Својот народ, ако во целост му се предаде Нему. Кога непријателот ќе навали како поплава, Господовиот Дух ќе подигне знаме против него.
Ангелот рече: ‘Не заборавај, ти се наоѓаш на маѓепсана земја’. Видов дека мораме будно да стражариме, имајќи го на себе сето оружје Божјо, земајќи го штитот на верата; тогаш ќе бидеме во состојба да се одржиме и огнените стрели на нечестивиот нема да ни наштетат.“ – Рани списи, 48 (60).
Вторник 2. јуни
3. ЛАЖНИ ИСЦЕЛУВАЊА
а. Кога ќе се чинат чудесни лекувања, како можеме да знаеме дали тие биле извршени од страна на Божјите слуги или сатанските агенти? Матеј 7,20-23; 1 Јованово 2,3.
„Сатаната им ја дава својата власт на оние кои му помагаат во неговите измами; затоа оние кои тврдат дека имаат голема Божја сила можат да се препознаат само со помош на големиот детектор, Божјиот закон. Господ ни вели дека тој ќе се обиде да ги измами ‘ако е можно и избраните’.“ – Коментари на библиските текстови, 450.
б. Зошто чудата не треба да ја формираат основата на нашата вера? На што нашата вера треба да биде цврсто втемелена? Лука 24,27; Јован 5,39.
„На Господовото доаѓање ќе му претходи ‘дејство на сатаната, со секаква сила и знаци и лажни чудеса’ (2 Солунјаните 2,9). А апостол Јован, опишувајќи ја чудотворната сила што ќе се појави во последните денови, кажува: ‘И правеше големи чуда, па дури и оган симнуваше од небото на земјата пред луѓето. И ги мамеше земните жители со чудата што му беа дадени да ги врши’ (Откровение 13,13.14). Овде не станува збор за обични измами. Луѓето ќе бидат измамени со чуда што ќе можат да ги прават сатанските орудија вистински, а не привидно.“ – Големата борба, 574 (553).
„Сакал (Христос) да го просветли нивниот ум и да ја утврди нивната вера во ‘најсигурното пророчко Слово’. Сакал вистината да фати поцврст корен во нивното срце не само затоа што е потпрена со Неговото лично сведоштво, туку и поради сигурниот доказ што се наоѓал во симболите и во сенките на обредниот закон, како и во пророштвата на Стариот завет. На Христовите следбеници им било потребно да имаат разумна вера не само заради самите нив, туку и на светот да можат да му ги објават спознанијата за Христа. Како прв чекор при објавувањето на овие спознанија Исус учениците ги упатил на Мојсеј и на пророците. Тоа е сведоштво што го дал воскреснатиот Спасител за вредноста и важноста на книгите на Стариот завет.“ – Големата борба, 358 (349).
Среда 3. јуни
4. МЕТОДИ ОД САТАНСКО ПОТЕКЛО
а. Како сатаната ќе се обидува да го имитира Божјото дело? Дела 19,13.
„Пред Бог да ги излее Своите судови на земјата, меѓу Неговиот народ ќе се јави такво будење на вистинска побожност, какво што не се видело од времето на апостолите. Врз Божјите деца ќе се излее Неговиот Дух и Неговата сила. Во тоа време мнозина ќе ги напуштат црквите во кои љубовта кон светот го зазела местото на љубовта кон Бога и кон Неговото Слово. Многу проповедници и верници со радост ќе ги прифатат оние големи вистини што Бог ќе ги даде да се објавуваат во тоа време за да го приготват народот за второто Христово доаѓање. Непријателот на душите ќе сака да го спречи ова дело; и пред да настапи времето на тоа движење, ќе се обиде да го осуети со подигање на свои лажни движења. Во оние цркви во кои сатаната ќе може да ја покажува својата лажна моќ ќе предизвика уверување дека врз нив е излеан посебен Божји благослов; во нив ќе се покаже навидум големо религиозно будење. Мнозина ќе ликуваат што Бог работи толку чудесно за нив, а всушност тоа дело потекнува од сосем друг дух. Сатаната ќе се обидува под плаштот на религијата да го прошири своето влијание врз целиот христијански свет.“ – Големата борба, 413.
„Момчињата и девојките ќе се подигнат сметајќи се дека се избрани и чудесно повикани да направат нешто големо. Многумина ќе се обратат после особениот налог, но тие нема да носат божествен потпис. Во тоа ќе има неморал и екстравагантност, и многумина ќе доживеат бродолом на верата.“ – Мараната, 168.
б. Кои други методи сатаната ги користи да ги зароби душите?
„Апостолите на речиси сите форми на спиритизмот тврделе дека имаат моќ да лекуваат болни. Таа сила тие ја припишувале на електрицитетот, магнетизмот, на таканареченото сочувствително лекување или на скриените сили во човечкиот ум. И не е мал бројот на оние кои… одат по овие исцелители, наместо да веруваат во моќта на живиот Бог и во знаењето на добро квалификуваните христијански лекари. Мајката, гледајќи на постелата на своето болно дете, извикува: ’Не можам да направам ништо повеќе! Зарем нема лекар кој може да го излекува моето дете!’ Потоа, однекаде слуша дека некој видовит човек или магнетен исцелител на чудесен начин исцелувал луѓе, па му го доверува своето дете, ставајќи го на таков начин точно во рацете на сатаната, како тој да стои пред неа. Во многу случаи идниот живот на детето е под контрола на сатанската сила, која се чини дека е невозможно да се пробие.“ – Евангелизам, 606.
Четврток 4. јуни
5. СИЛНА И ЦВРСТА НАДЕЖ
а. Која е единствената сигурна надеж за верниците? Дали Бог секогаш им го обновува здравјето на болните? Јован 6,68.69; Псалм 62,1.2.
„Постојат случаи кога Бог одлучно ја манифестира Својата божествена моќ, враќајќи му го здравјето на болниот. Сепак не се сите болни излекувани. Мнозина заспиваат во Христа. На островот Патмос, на Јован му било заповедано да напише: ‘Блажени се мртвите, кои отсега умираат во Господа! Да, вели Духот – нека се одморат од својот труд, зашто нивните дела ги следат (Откровение 14,13). Оттука гледаме дека не треба да ги сметаме за слаби во верата оние на кои не им е дадено да ја преживеат својата болест.“ – Здравје и среќа, 174 (230).
„Постои сигурен лек за малодушните, а тоа се: вера, молитва и работа. Верата и работата му даваат на човекот сигурност и задоволство кое се зголемува од ден во ден. Дали лесно подлегнувате на мрачни чувства и малодушност? Немојте да се плашите ниту во најцрните денови кога сè изгледа изгубено. Имајте вера во Бога. Нему му се познати сите ваши потреби. Тој е семоќен. Неговата безгранична љубов и сочувство никогаш не се исцрпени. Немојте да се плашите дека нема да го исполни Своето ветување. Тој е вечна вистина. Тој никогаш нема да го измени заветот кој го направил со оние кои Го љубат. Бог им дава на Своите верни слуги онолку сила колку што им е потребно.“ – Пророци и цареви, 109 (164.165).
б. Кога се во искушение да прибегнат кон методи на лекување инспирирани од сатаната, како верните болни ќе одговорат? Псалм 43,5; 121,1.2.
Петок 5. јуни
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Кога бараме совет од Господа, каква треба да биде состојбата на нашето срце?
2. Како сатаната работи за да ги измами душите, и како можеме да му се спротивставиме?
3. Како чудесните исцелувања извршени од страна на Божјите слуги можеме да ги разликуваме од оние извршени од страна на сатанските агенти?
4. Кои се некои од модерните методи на сатанските лекувања кои се користат од страна на сатанските агенти?
5. Каков е, и каков секогаш ќе биде, ставот на вистинските верници кога поминуваат низ разни искушенија и кога иднината изгледа неизвесна?