07 Божји методи на лекување
7. лекција – 16. мај 2015.
Божји методи на лекување
„И ете, видете сега дека тоа сум Јас; Јас сум и нема друг Бог, освен Мене: Јас уништувам и Јас оживувам, Јас ранувам и Јас лекувам, и нема таков кој може да избави од раката Моја.“ – Второзаконие 32,39.
„Божјата исцелителна сила ја проткајува целата природа. Ако дрвото е повредено, ако човечкото битие е рането или скршило коска, природата веднаш почнува да ја поправува штетата. Дури и пред да се појави потреба, исцелителните сили се во готовност; и штом еден дел од телото е повреден, сите сили се посветуваат во делото на обнова. Така е тоа и во духовната сфера. Уште пред гревот да создаде потреба од тоа, Бог се погрижил за лекот.“ – Воспитување, 113.
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Здравје и среќа, 70-80 (112-124).
Недела 10. мај
1. ИЗВОРОТ НА СЕКОЕ ВИСТИНСКО ЛЕКУВАЊЕ
а. Кој е единствениот извор на исцелување за било која болест? Осија 6,1; Јов 5,18.
„Во извршувањето на Своите чуда Спасителот ја откривал онаа сила која постојано делува во корист на човекот, притоа одржувајќи му ги и здравјето и животот. Бог работи секој ден, секој час, секој миг, преку силите на природата за да нè одржи во живот, да нè изгради и обнови. Кога е повреден некој дел од телото, процесот на исцелување започнува веднаш; природата почнува да делува за да се поврати нарушеното здравје. Но силата што работи преку природата е Божјата сила. Секоја животворна сила доаѓа од Него. Кога некој ќе оздрави од која и да е болест, Бог е Тој кој го исцелил.
Болеста, страдањата и смртта претставуваат дело на непријателската сила. Сатаната е уништувачот; Бог е обновителот.“ – Здравје и среќа, 71 (112.113).
б. Кој е најважниот чекор за да дојде до целосно оздравување? Матеј 9,1.6.
Понеделник 11. мај
2. ВАЖНА МИСИОНЕРСКА ЗАДАЧА
а. Кој е еден од најважните делови од мисионерската работа? Матеј 10,8. Како Бог ќе ги благослови оние кои ќе ја прифатат оваа работа?
„Болниот треба да се лекува преку заедничките човечки и божествени напори. Секој дар и секоја сила која Христос им ја ветил на Своите ученици, Тој им ја дава на оние кои верно ќе Му служат.
Гревот донесува физичка и духовна болест и слабост. Христос ни дава можност да се ослободиме од тоа проклетство. Со посредство на вистината Господ ветува исцелување на душата. Сите оние кои се подготвени да бидат едуцирани, Светиот Дух ќе ги оспособи да ја пренесуваат Неговата вистина со сила. Тоа ќе го обнови секој орган на телото, така што работата на Божјите слуги ќе може да биде прифатлива и успешна. Под влијанието на Светиот Дух животните сили се зголемуваат. Ајде, тогаш, со оваа сила да се воздигнеме во повисока и посвета атмосфера, како би можеле успешно да ја извршиме задачата која ни е наменета.“ – Medical ministry, 12.
„Библиската вера не е штетна ниту за телесното ниту за умното здравје. Влијанието на Божјиот Дух е најдобриот лек кој заболените мажи и жени можат да го примат. Небото е извор на здравје во секој поглед и доколку болниот кој верува е поподложен на небесното влијание, дотолку е посигурно неговото оздравување.“ – 3 Сведоштво, 133 (172).
б. Како Исус го поминувал поголемиот дел од своето време во текот на својата земна служба? Лука 7,21.22. Зошто?
„Во текот на Својата служба, Исус посветил повеќе време во исцелување на болните, отколку во проповедање…“ – Здравје и среќа, 9 (19).
„Секое дело на исцелување Спасителот го користел како можност да всади Божји принципи во умот и душата на луѓето. Тоа била целта на Неговото дело. Делел земни благослови за да ги придобие срцата на луѓето да го прифатат Евангелието на Неговата благодат и милост.“ – Здравје и среќа, 10 (20).
„Дошол да го отстрани бремето на болестите, јадот, неволјите и гревот. Неговата мисија била да им донесе на луѓето целосно обновување; Тој дошол да им даде здравје, мир и совршенство на карактерот. Околностите и потребите на оние кои ја барале Неговата помош, многу се разликувале, но ниту еден, кој дошол кај Него, не заминал без да му се помогне. Од Него течел поток на исцелителна сила која го враќала здравјето не само на телото, туку и на умот и душата на луѓето.“ – Здравје и среќа, 8 (17).
Вторник 12. мај
3. ОТКРИВАЊЕ И ОТСТРАНУВАЊЕ НА ПРИЧИНАТА
а. Како Библијата покажува дека без отстранување на причината на болеста, лекувањето е само привремено? Јован 5,14; 2 Тимотеј 2,19.
„Кога Христос ги исцелувал болните, Тој на мнозина од нив им го нагласувал предупредувањето: ‘Ете, сега си здрав и не греши веќе, за да не те снајде нешто полошо’ (Јован 5,14). Со тоа, Тој ги поучувал дека тие ја навлекле болеста поради престапувањето на Божјите закони и дека здравјето може да биде сочувано единствено преку послушност. Лекарот… знае дека природните закони спаѓаат во Божјите прописи, исто како и заповедите од Декалогот и дека единствено со нивното почитување здравјето може да биде обновено или сочувано. Тој гледа многу страдалници кои заболеле заради своите штетни навики и кои би можеле да оздрават, кога би имале волја да го сторат она што можат да го сторат за своето сопствено оздравување. Таквите треба да бидат поучени дека секоја практика која ги нарушува и слабее физичките, менталните или духовните сили претставува грев и дека здравјето може да се запази само со почитување на законите кои Бог ги воспоставил за доброто на целото човештво.“ – Здравје и среќа, 71 (113).
„Кога лекарот гледа дека пациентот страда од болест предизвикана поради неправилна исхрана или други погрешни навики, но занемарува да му укаже на тоа, тој му нанесува неправда на својот ближен… Дали е тој добронамерен и милостив доколку на своите пациенти не им препорачува строга умереност како лек за болеста?“ – Здравје и среќа, 72 (114).
б. Бидејќи и лажните пророци можат да чинат знаци и чуда (вклучувајќи го и исцелувањето), како ќе можеме да направиме разлика помеѓу исцелувањето извршено од страна на Божјите слуги од она што го чинат сатанските агенти? Матеј 24,24; 7,15.16.
„Да се учат луѓето од Бога да бараат исцелување за своите болести, а да не се упатат да ги отфрлат погрешните навики, претставува потполно промашување.“ – Здрав живот, 236.
„Бог нема да направи чудо да ги промени природните последици кои вие можете да ги контролирате.“ – Здрав живот, 238.
„Начинот на кој Христос работел бил да ја проповеда речта, како и да ги намали страдањата преку чудесните дела на лекување. Меѓутоа, мене ми е укажано дека ние не можеме сега да работиме на таков начин; бидејќи и сатаната ќе ја покажува својата моќ со посредство на чуда. Божјите слуги денес не можат да работат со помош на чуда, бидејќи и за лажните дела на исцелување ќе се тврди дека се од божествено потекло.“ – Medical ministry, 14.
Среда 13. мај
4. ЛУЃЕ СПЕЦИЈАЛИЗИРАНИ ЗА МЕДИЦИНСКА РАБОТА
а. Дали има потреба луѓето посебно да бидат обучувани за лекување на болните? Зошто? Лука 5,31; Колосјаните 4,14.
„Посветениот лекар носи двојна одговорност; во него се обединети квалификациите на лекар со оние на проповедник на Евангелието. Тоа е голема, света и мошне потребна работа.“ – Кресова колекција, 138.
„Никој не треба да слуша сугестии дека само со вера сите наши слабости ќе бидат отстранети, па според тоа нема потреба од основање на здравствени установи. Верата и делата се неразделно поврзани.“ – 6 Сведоштво, 332 (441).
„Лука, писателот на Евангелието што го носи неговото име, бил здравствен мисионер. Тој во Библијата е наречен ‘возљубениот лекар’ (Колосјаните 4,14). Апостол Павле слушнал за неговата вештина како лекар и го издвоил како еден од оние на кои Господ им доверил специјална задача. Тој се погрижил да соработува со него, па извесно време Лука го придружувал на неговите патувања од место во место.“ – Здравје и среќа, 95 (140.141).
б. Како младите луѓе треба да се подготвуваат за медицинската работа? 1 Коринтјаните 10,31; Михеј 6,8.
„Додека се стреми да се подготви за својата животна задача, студентот по медицина треба да се охрабри да го постигне највисокиот можен развој на сите свои сили и способности. Со своите студии, колку и да ги цени, тој не мора да го поткопува своето физичко здравје, ниту да го намалува својот интерес за духовните работи. Во текот на своите студии, тој постојано треба да расте во благодатта и во познавањето на вистината, а во исто време може постојано да собира знаење кое ќе го направи мудар практичар.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 394.
„Во секој оддел каде што (студентите по медицина) треба да работат, тие треба да поседуваат добра волја, искрен дух и срдечна несебична ревност во обидот да им направат добро на другите. Тогаш нема само да внимаваат како да го заштитат своето достоинство, туку со мисловност и внимание ќе стекнат репутација за темелноста и прецизноста, а со пријателското однесување ќе ги придобијат срцата на оние за кои се залагаат.“ – Совети за родителите, учителите и студентите, 396.
Четврток 14. мај
5. БОЖЈИТЕ МЕТОДИ: ВИСТИНСКО НАСПРОТИ ЛАЖНОТО
а. Кои методи во поглед на лекувањето биле користени од страна на Исус и Неговите пророци? Јован 9,6.7; Исаија 38,21.
„Исцелувањето можело да биде извршено само со посредство на силата од Големиот Исцелител, но сепак, Христос употребил едноставни природни средства. Иако не бил за употреба на наркотици и медикаменти, Тој ја одобрувал примената на едноставни природни средства.“ – Здравје и среќа, 175 (233).
б. Кои методи на лекување се забранети од Бога? 2 Цареви 1,2.3. Зошто?
„Наркотиците и медикаментите, коишто вообичаено се практикуваат, претставуваат проклетство. Стојте подалеку од нив. Користете ги сè помалку и помалку, и повеќе зависете од хигиенските средства.“ – Одбрани пораки 2, 281.
„Кога докторката А дошла во санаториумот таа го запоставила своето знаење и праксата од хигиената, и речиси во секоја болест применувала мали дози на хомеопатски методи на лекување. Ова беше спротивно на светлината што Бог ми ја даде.“ – Одбрани пораки 2, 282.
„Отфрлете од себе сè што мириса на хипнотизирање, наука со која се користат сатанските агенти.“ – Одбрани пораки 2, 350.
„Апостолите на речиси сите форми на спиритизмот тврделе дека имаат моќ да лекуваат болни. Таа сила тие ја припишувале на електрицитетот, магнетизмот, на таканареченото сочувствително лекување или на скриените сили во човечкиот ум. И не е мал бројот на оние кои, дури и во оваа христијанска ера, одат кај овие исцелители, наместо да веруваат во моќта на живиот Бог и во знаењето на добро квалификуваните христијански лекари.“ – Евангелизам, 606.
Петок 15. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Од кого доаѓа секое вистинско исцелување, и како тоа се постигнува?
2. Која треба да биде нашата цел во помагањето на другите да оздрават?
3. Ако сакаме да го подобриме своето здравје, што треба да разгледаме?
4. Како еден лекар може да работи за Бога?
5. Зошто се одрекуваме од нашата вера ако прифатиме третмани од лекари кои користат т.н. биоенергија, магнетизам, хипноза и слични методи?