06 Облекување за слава на Бога
6. лекција – 9. мај 2015.
Облекување за слава на Бога
„А Господ Бог им направи на Адам и на неговата жена облеки од кожа, и ги облече во нив.“ – Битие 3,21.
„Нашите зборови, нашите постапки и нашиот начин на облекување јасно и недвосмислено зборуваат дали ние собираме со Христа или пак растураме. Тоа не е безначајна ситница преку која можеме лесно и со подбив да преминеме. Прашањето на облекувањето бара сериозно размислување и многу молитва.“ – 4 Сведоштво, 500 (641).
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Порака за младите, 344-360.
Недела 3. мај
1. БОГ СЕ ПОГРИЖИЛ
а. Кога Адам и Ева после падот ја изгубиле својата првобитна облека од светлина и сфатиле дека се голи, со што според сугестијата на сатаната се обиделе да го заменат изгубеното? Псалм 104,2 (прв дел); Битие 1,27; 3,7.
„Светиот пар го опкружувала прекрасна пријатна светлина, Божја светлина. Оваа облека од светлина претставувала симбол на нивната духовна облека на небесната невиност. Кога би Му останале верни на Бога, тие засекогаш би биле обвиени во неа. Меѓутоа, кога згрешиле, ја прекинале својата врска со Бога, и светлината што ги осветлувала, исчезнала. Голи и посрамени, својата небесна облека се обиделе да ја надоместат со облека од смоквини лисја што сами ја направиле.“ – Христовите очигледни поуки, 259 (310.311).
б. Што Господ направил, така што Адам и Ева можеле да ја сочуваат својата пристојност и да бидат заштитени од временските промени? Што укажува дека оваа покривка е многу повеќе од една, мала животинска кожа? Битие 3,21.
„Температурата на воздухот, која до тогаш била рамномерна и блага, сега станала подложна на значителни промени, и Бог милостиво ги обезбедил со облека од кожа да ги штити од преголеми горештини и од студ.“ – Патријарси и пророци, 40 (61).
Понеделник 4. мај
2. ОБЛЕКАТА И ЗДРАВЈЕТО
а. Како нашата облека треба да биде прилагодена на работата со која се занимаваме? Излез 28,2; Матеј 22,11.12.
„Христијанските сестри не треба секогаш да се облекуваат екстравагантно, туку секогаш треба да настојуваат облеката да им биде уредна, пристојна и здрава колку што тоа ја дозволува природата на работата што ја извршуваат.“ – 1 Сведоштво, 352 (465).
б. Како нашата облека треба да биде прилагодена на временските прилики? Изреки 31,21.
„При изборот на нашата облека… треба повеќе да гледаме таа да биде издржлива отколку допадлива. Таа треба да обезбеди топлина и соодветна заштита. Мудрата жена, опишана во Изреки (31,21) ‘Не се плаши од студ за челадта своја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта’.“ – Порака до младите, 351.352.
„Од илјада жени само една ги затоплува своите нозе како што треба… Жените треба да ги покриваат своите екстремитети исто така темелно како и мажите.“ – Одбрани пораки 2, 479.
„Мајките ги облекуваат своите деца со речиси голи раце и нозе, поради што крвта се разладува и скршнува од својот нормален тек и навалува во внатрешните органи; тоа предизвикува нарушување на циркулацијата и разни заболувања.
(Екстремитетите) треба да се толку темелно облечени за да ја привлечат крвта до екстремитетите.“ – 2 Сведоштво, 350 (531.532).
в. Која основна илустрација ја користел ангелот за да му ја пренесе на првосвештеникот нашата потреба за здравјето на душата? Захарија 3,4. Со цел да се сочува нашето физичко здравје, што исто така е неопходно во поглед на нашата облека?
„Нашата облека треба да биде чиста. Нечистотијата на облеката е нездрава, а со тоа ги загадува и телото и душата.“ – Здравје и среќа, 253 (288).
„Бог бара од нас да водиме грижа за организмот кој ни го подарил, за да можеме да му го претставиме своето тело како жива, света и прифатлива жртва… Ако виталните сили на своето тело ги заслабнеме со самозадоволување, со попуштање на апетитот и со облекување според нездравите барања на модата – само за да бидеме во хармонија со светот – ние стануваме непријатели на Бога.“ – 3 Сведоштво, 47 (63)
Вторник 5. мај
3. КОПИРАЊЕ НА СВЕТОТ ВО ПОГЛЕД НА ОБЛЕКАТА
а. Како ние пречесто ја користиме облеката за наша сопствена слава, наместо Божјата слава? Што нè учи Божјото Слово во тој поглед? 1 Петрово 3,3.4; 1 Тимотеј 2,9.
„Суетните и лекоумните љубители на модата можат да тврдат дека се Христови следбеници; но нивниот начин на облекување и нивните разговори покажуваат што го обзема нивниот ум и што е предмет на нивните желби. Нивните животи го откриваат пријателството и склоноста кон светот, и светот со право ги вбројува меѓу свои.“ – Порака до младите, 355.
„Надворешниот изглед често открива што е во умот и ние треба да бидеме внимателни какви знаци даваме со своето облекување, бидејќи светот според тоа суди за нашата вера.“ – Порака до младите, 346.347.
б. Зошто Бог наредил облеката на машкиот и женскиот пол да се разликува? Второзаконие 22,5.
„Постои голема тенденција жените со своето облекување и изглед да бидат што повеќе слични на спротивниот пол, и нивниот начин на облекување да биде што повеќе сличен на машкиот, но Бог вели дека тоа е одвратно во Неговите очи… Бог одредил дека треба да има јасна разлика помеѓу облеката на мажите и жените и дека тоа прашање се смета за мошне важно, така што дал определени насоки во врска со тоа; бидејќи истата облека носена од страна на двата пола ќе предизвика конфузија и голем пораст на беззаконието.“ – Совети за детето, 427.
в. Која е должноста на црквата во поглед на облекувањето на нејзините членови?
„Модата го изопачува умот и ја поткопува духовноста на нашиот народ. Робувањето на модата сè повеќе зема замав меѓу адвентистите на седмиот ден и прави многу повеќе од сè друго за да го одвои нашиот народ од Бога. Покажано ми е дека правилата на нашата црква во тој поглед не се потполни. Секое манифестирање на горделивост во облекувањето, кое е забрането во Божјото Слово, би требало да биде доволна причина за примена на црковна дисциплина. Доколку некоја сестра и покрај сите предупредувања, повици и молби, продолжува да ја спроведува својата изопачена волја, тоа може да се смета за јасен доказ дека нејзиното срце не е обединето со Христа. Јас и само јас станува предмет на обожавање и една таква христијанка може многумина да одврати од Бога.“ – 4 Сведоштво, 505 (647.648).
Среда 6. мај
4. ОБЛЕКУВАЊЕТО И ДУХОВНОСТА
а. Дали начинот на кој се облекуваме има нешто заедничко со нашето христијанско искуство? Наведи некои примери на побожни и безбожни луѓе, и опиши го нивното облекување и надворешниот изглед? 2 Цареви 9,30; Матеј 3,4.
„Во настојувањето да ја разубавите својата надворешност, луѓето со здраво расудување ќе видат доказ за гордо срце и слаб ум. Едноставното, чисто и скромно облекување е препорака за моите сестри. Не постои подобар начин така успешно да им светлите на другите отколку со вашата едноставност во облекувањето и однесувањето. Со тоа на сите можете да им покажете дека задоволството на овој свет правилно го цените во споредба со вечните вредности.“ – Порака до младите, 348.
„Ние судиме за карактерот на некоја личност според стилот на нејзиното облекување. Скромната, побожна жена ќе се облекува скромно. Префинетиот вкус и образованиот ум ќе се откријат во изборот на едноставна и соодветна облека.“ – Порака до младите, 353.
„Нашите зборови, нашите постапки и нашиот начин на облекување јасно и недвосмислено зборуваат дали ние собираме со Христа или пак растураме.“ – 4 Сведоштво, 500 (641).
б. Што исто така можеме да научиме од Божјата заповед во поглед на нашата облека? Броеви 15,38-40.
„Овде Господ јасно заповедал Израеловите синови да носат сосем едноставно подготвена облека, за да се разликуваат од идолските народи околу нив. И секогаш кога погледот ќе им се задржал на таа нивна особеност во облекувањето, тие требало да се потсетат дека се народ што ги држи Божјите заповеди… Припадниците на израелскиот народ секој можел да ги препознае штом ќе ги види, бидејќи со ова едноставно обележје Бог ги издвоил како Негови…
Наредбата дадена од Бога, синовите на Израел да носат сина лента на своите облеки, немала никакво директно влијание врз нивното здравје. Божјите благослови биле условени единствено со нивната послушност, а лентата само ги потсетувала на високите барања на Јехова и ги спречувала да не се мешаат со другите народи и да не присуствуваат на нивните гозби и пијанки каде се јадело свинско месо и други богати јадења штетни за здравјето.“ – 1 Свед., 396 (524.525).
в. Кој симбол се користи во Библијата за правдата? Откровение 19,8.
Четврток 7. мај
5. ИДЕАЛНИ ОБУВКИ
а. Кој квалитет треба да го имаат нашите обувки за да бидат здрави?
„Ако било кој дел од телото треба да биде потпомогнат со дополнителна покривка, тоа треба да бидат екстремитетите и стапалата, кои најмногу се оддалечени од големото тркало на животот, кое испраќа крв низ целиот организам. Екстремитетите треба да бидат облечени со топла облека за да се заштитат од ладното струење на воздухот… Ако при изборот на топли обувки, со соодветна големина и дебелина на ѓонот, повеќе се води сметка за удобноста отколку за модата, нозете секогаш ќе бидат топли и циркулацијата на крвта слободно ќе допира во рацете, нозете и стапалата како и во сите други делови од телото.“ – Здрав живот, 124.
б. Што во Библијата се вели за нозете на оние кои се вклучени во ширењето на Евангелието? Исаија 52,7; Ефесјаните 6,15. Освен непрактичниот и нездравиот карактер на обувките со висока штикла во ширењето на Евангелието, како Библијата ги опишува жените и девојките кои ‘чекорат со ситни чекори’ поради носењето на високи потпетици? Исаија 3,16.17.
„Обувајќи ги нозете со обувките на евангелието, треба да бидеме подготвени да тргнеме во секој момент.“ – 9 Сведоштво, 44 (48).
„Предочено ми е дека пророштвото од третото поглавје од книгата на пророкот Исаија, каде е упатен укор до ќерките на Сион кои мислат само на облекувањето и својот надворешен изглед, може да се примени на овие последни денови.“ – 1 Сведоштво, 205 (270).
„Реформата во облекувањето е од суштинско значење и за физичкото и за менталното здравје. Божјиот народ, во голема мера, ја изгубил својата особеност; почнал постепено да се прилагодува на припадниците на останатиот свет и да се дружат со нив, така што во многу аспекти станале како нив. Ова не е според Божјата волја.“ – 1 Сведоштво, 397 (525).
Петок 8. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. Каква покривка Бог предвидел за луѓето после падот, и зошто?
2. Кои се некои од здравствените фактори кои треба да се земат во предвид при изборот на нашата облека?
3. Зошто Бог прави разлика помеѓу машката и женската облека?
4. Објаснете ја поврзаноста помеѓу облекувањето и духовноста?
5. Кои се некои од последиците од носењето на несоодветни обувки?