05 Улогата на природата во зачувување на здравјето
5. лекција – 2. мај 2015.
Улогата на природата во зачувување на здравјето
„И Господ Бог го создаде човекот од земен прав и му дувна во лицето дух животен; и човекот стана жива душа.“ – Битие 2,7.
„Божјите лекови се едноставните природни средства кои не го разоруваат или ослабуваат организмот со своето силно дејство.“ – 5 Сведоштво, 305 (443).
ПРЕДЛАГАМЕ ДА ПРОЧИТАТЕ: Здравје и среќа, 210-214 (272-276). Совети за животот и исхр., 419.420.
Недела 26. април
1. ВОЗДУХОТ И ЗДИВОТ НА ЖИВОТОТ
а. Кога првиот човек станал жива душа, и од што човечкиот живот во суштина зависи? Битие 2,7; Јов 34,14.
„Во Господ ние живееме, се движиме и постоиме. Секое отчукување на срцето, секој здив е инспирација на Оној кој во ноздрите на Адам вдахнал животен здив – инспирација на сеприсутниот Бог, големиот Јас сум.“ – РХ, 8. ноември,1898.
б. Зошто е толку важно да имаме чист и свеж воздух и како можеме да го вдишуваме на здрав начин?
„Поучувајте ги (пациентите) да дишат длабоко и да ги користат стомачните мускули при дишењето и зборувањето.“ – Здравје и среќа, 204 (264.265).
„Мнозина се разболеле затоа што не дозволувале во нивните соби да влезе чист ноќен воздух. Слободниот, чист воздух е еден од најголемите благослови на небото кој можеме да го уживаме.“ – 2 Сведоштво, 348 (528).
„Занемарувањето на соодветното проветрување е многу одговорно за зголемената сонливост и слабото внимание, кои го уништуваат ефектот на многуте проповеди и ја прават работата на учителот напорна и неефикасна.“ – Здравје и среќа, 212 (274).
Понеделник 27. април
2. ВОДАТА – СУШТИНСКИ ЕЛЕМЕНТ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА ЖИВОТОТ
а. Зошто водата е толку важна за одржување на животот на земјата? Судии 15,18.19.
„И во здравје и во болест, чистата вода е еден од најголемите небесни благослови. Правилната употреба на истата го обновува здравјето. Таа е пијалак, кој Бог го предвидел да ја задоволи жедта на животните и човекот. Пијте ја слободно, таа помага да се обезбедат потребите на организмот, и да и помогне на природата да се спротивстави на болеста.“ – Здравје и среќа, 179 (237).
б. Кои квалитети водата треба да ги има како би била здрава за пиење и корисна за здравјето? Излез 15,23.25. Како водата може да се користи во лекувањето на болеста? Евреите 10,22.
„Надворешната употреба на водата е едно од најлесните и најповолните средства за регулирање на крвотокот. Ладниот или освежувачкиот туш, претставува одличен тоник. Топлата бања ги отвора порите и на тој начин потпомага во отстранувањето на нечистотиите. Наизменичната употреба на топла и млака вода ги смирува нервите и ја изедначува циркулацијата…
Постојат многу начини на кои водата може да се примени за ублажување на болките и спречување на болеста. Сите треба да бидат упатени во примената на едноставното домашно лекување со вода.“ – Здравје и среќа, 179 (237).
в. Со што сатаната ја заменува водата со цел да го ослаби човекот и физичко и духовно – и што не е во ред со нив? Исаија 55,2; Изреки 23,31.
„Здравјето во никој случај не се подобрува со употреба на она што за извесно време стимулира, но потоа предизвикува реакција која телото го остава послабо отколку порано. Чајот и кафето, додека дејствуваат, ги поттикнуваат ослабените сили, но кога нивното моментално влијание ќе помине, останува само чувството на депресија како последица…
Употребата на чајот и кафето претставува грев, штетно уживање кое, како и останатите зла, и нанесува штета на душата.“ – Совети за животот и исхраната, 425.
„Никогаш не земајте чај, кафе, пиво, вино или било каков алкохолен пијалак. Водата е најдобрата течност која може да ги очисти ткивата на организмот.“ – Совети за животот и исхраната, 421.
Вторник 28. април
3. ПОВЕЌЕ ЗА ВОДАТА И НЕЈЗИНОТО ВЛИЈАНИЕ НА ЖИВОТОТ
а. Што секогаш треба да имаме на ум кога пиеме чиста вода? Проповедник 3,1.
„Многумина прават грешка пиејќи ладна вода со своите оброци. Земена во текот на оброкот, водата го намалува лачењето на плунковните жлезди. Колку што е постудена водата, толку е поштетна за желудникот. Водата или лимонадата со мраз, ако се пие за време на оброкот, го стопира варењето сè додека телото не обезбеди доволно топлина во желудникот за да може повторно да ја продолжи својата работа… Храната во желудникот не треба да се исплакнува и затоа не е потребен никаков пијалак за време на оброкот… Колку повеќе се зема течност во желудникот за време на оброкот, толку потешко се вари храната; бидејќи течноста мора прво да се апсорбира. Не јадете многу сол, откажете се од киселите туршии, не внесувајте во својот желудник луто зачинета храна, јадете овошје со останатото јадење и иритацијата која бара многу течност ќе престане да постои. Но, ако нешто е потребно за да се угаси жедта, тоа е само чистата вода која треба да ја пиете малку пред или по оброкот. Тоа е сето она што природата го бара.“ – Совети за животот и исхраната, 420.
б. Кои придобивки ги добиваме од чистата вода, “дарот од Бога“? Псалм 104,10-14. Што можеме да научиме од другите живи нешта кои Бог ги создал?
„Материјалниот свет се наоѓа под Божја контрола. Природата им се покорува на природните закони. Сè во неа ја изговара и ја слуша волјата на Творецот. Облаците и сонцето, росата и дождот, ветерот и бурата, сè е под надзор на Бога и немо се покорува на Неговите заповеди. Покорувајќи им се на Божјите закони, никулецот од земјата донесува ‘најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот’ (Марко 4,28). Сето тоа Бог го прави во соодветно време затоа што природните појави не се спротивставуваат на Неговото дејствување. Може ли тогаш човекот, создаден според Божјиот лик, надарен со разум и говор, да биде единственото битие кое не ги цени Неговите дарови и кое не се покорува на Неговата волја? Зарем само разумните битија предизвикуваат конфузија во нашиот свет?“ – Христовите очигледни поуки, 55 (81.82).
в. Што вели Библијата за водата во небесното царство? Откровение 22,1; 21,6.
Среда 29. април
4. ДУХОВНОТО ЗНАЧЕЊЕ НА ВОДАТА
а. Кои два верски обреда ја користат водата како главно средство? Матеј 3,5.6; Јован 13,3-5.
б. Кое е значењето на секој од овие обреди, и што симболизира водата и во едниот и во другиот обред? 1 Петрово 3,21; Јован 13,8.
„Крштевањето претставува најсвечено одрекување од светот. Оние кои се крстени во тројното име на Таткото, Синот и Светиот Дух јавно изјавуваат на самото влегување во својот христијански живот дека се откажале од службата на сатаната и дека станале членови на царското семејство, деца на небесниот Цар.“ – 6 Сведоштво, 65 (91).
„Примерот на миење на нозете на Своите ученици Христос го дал за доброто на сите кои треба да поверуваат во Него. Тој бара од нив да го следат Неговиот пример. Овој обред на понизност не е само наменет за тестирање на нивната понизност и верност, туку и постојано да ги потсетува дека спасението било стекнато под услов на понизност и постојана послушност која е и нивен дел.“ – Духот на пророштвото 1, 202
в. Дали водата при обредот на миење на нозете нè чисти од гревот? Зошто да или зошто не? Лука 22,3-6; Јован 13,10.11.
„Христос на Своите ученици им дал до знаење дека миењето на нозете не е чистење и отстранување на гревот, туку со таа служба на понизност само се проверува чистењето на срцето. Ако срцето е чисто, суштината на овој обред е само да го открие тој факт. Тој му ги измил и нозете на Јуда, но рекол: ‘Не сте сите чисти’. Јуда кон оваа свеченост пристапил со предавничко срце, и Христос на сите им открил дека во него го препознал Својот предавник, и дека обредот на миење на нозете за него не значел чистење на душата од неговата морална изопаченост…“ – Коментари на библиските текстови, 557.
„И ние имаме во Неговиот пример поука дека обредот на миење на нозете не треба да се одлага затоа што му присуствуваат и некои таканаречени верници кои не се исчистени од своите гревови.“ – Коментари на библиските текстови, 558.
Четврток 30. април
5. ПРИДОБИВКИ ОД СОНЧЕВАТА СВЕТЛИНА
а. Какви благослови Бог ни дава преку сонцето? Проповедник 11,7; Второзаконие 33,14 (прв дел). Која аналогија укажува на тоа дека сонцето го поттикнува и телесното и духовното здравје? Малахија 4,2.
„Сонцето е од Бога даден лекар.“ – Објавени ракописи XX, 25.
„Убедете се дека физичката активност, сончевата светлина и воздухот се благослови кои небото ги предвидело за болните да оздрават, а здравите да го сочуваат своето здравје. Бог не ве лишува од тие бесплатни благодати кои небото ги дарува, туку вие сами себе сте се казниле затворајќи ја својата врата пред нив. Правилно искористени, овие едноставни, но моќни средства ќе и помогнат на природата да ги совлада реалните тешкотии, ако постојат такви, и ќе и дадат сила на умот и телото.“ – 2 Сведоштво, 352 (535).
б. Кои се некои од ризиците од прекумерното изложување на сонцето? Јона 4,8; Матеј 13,6 (иако ова се однесува на растенијата тоа може дословно да се примени и на нас). Каква заштита Бог им обезбедил на Израелците во пустината? Псалм 105,39.
в. Како Библијата ја прикажува совршената рамнотежа на природата на новата земја и вистинскиот извор на тамошната светлина? Исаија 49,10; Откровение 21,23.
Петок 1. мај
ЛИЧЕН ПРЕГЛЕД НА ПРАШАЊАТА
1. На кој начин можеме да имаме корист од свежиот воздух?
2. Каква улога има водата во одржувањето на здравјето и на внатрешното и на надворешното?
3. Зошто не треба да се пие вода за време на јадењето?
4. Иако обредите на крштевањето и миењето на нозете не можат сами по себе да нè очистат од гревот, зошто сè уште се потребни?
5. Како можеме да имаме корист од сончевата светлина, како физичка така и духовна корист?